ЗЕЛЕНИ ОЧИ
Веќе долго време сакав да напишам нешто со овој наслов. Сега кога ми се укажа можност, го напишав со големи букви на првиот лист хартија, па ќе го пуштам перото да ми се движи како сака.
Сигурен сум и сум видел очи како оние што ги опишав во оваа приказна. Не знам дали е нешто што сум го сонувал, ама сум ги видел. Никогаш нема да можам да ги опишам точно какви беа: светли и проѕирни, како капки дожд што паѓаат од шумските лисја, по летна бура. Поради тоа, ќе сметам на фантазијата на моите читатели за да им помогне во објаснувањето на она што се смета „груб нацрт“ на приказна што ќе ја напишам некој ден.
I
– Еленот е ранет… дефинитивно е ранет. Таму, му се гледаат капките крв меѓу гранките и тука, каде што пробал да ја прескокне гранкава, може да се види дека нозете му ослабеле.. Нашиот млад господар тргнува, таму каде што другите завршуваат… Во сиве четириесет години како ловам, никогаш не сум видел подобар стрелец… Ама, жими свети Сатурио, патронот на Сорија! Пресечи му го патот на еленот пред да стигне до крајот на густежот; пушти ги загарите, свири со роговите додека не помодриш во лицето и зари си ги мамузите во страните на коњите. Нели гледаш дека ќе стигне до изворот на Лос Аламос. И ако стигне дотаму пред да умре, го загубивме?
Звукот на роговите се слушаше преку падините на планината Монкајо, загарите ги пуштија и гласовите на ловџиите се ширеа со нов бес додека комбинираната чета од мажи, коњи и кучиња што ја водеше Ињиго, главниот ловец на маркизот од Алменар, се одлучи да му го пресече бегањето на ранетиот елен.
Но сите напори му беа попусти. Додека најбрзиот загар да стигне до густежот забревтан, со вилиците полни со пена, еленот, кој беше брз како стрела, веќе си заминал оттаму и излегол на патот што води кон потокот.
– Стојте!… Сите застанете! викаше Ињиго. Божја волја било што избегал.
Процесијата коњаници сопре, роговите престанаа да свират и викањето на ловџиите, желната глутница загари исто така престанаа да ја следат трагата.
Во тој миг на групата ù се придружи Фернандо де Архенсола, најстариот син на грофот од Алменар, кој беше главниот на експедицијата.
– Што правите? викна и му се сврти на главниот ловџија со побеснет израз насликан врз лицето, а очите му гореа од бес. – Идиоту ниеден, што направи? Нели гледаш дека животното е тешко рането – првото што успеав да го погодам – а сега сакаш да го пуштам за да цркне во шумата. Мислиш дека дојдов на лов на елени за да им дадам храна на волците?
– Господару, Ињиго шепотеше тивко, невозможно е да одиме преку овој предел.
– Невозможно! А зошто?
– Поради трагата, продолжи главниот ловџија, води до изворот Лос Аламос: изворот Лос Аламос во чии води има зол дух. Кој и да се обиде да влезе во тоа место, скапо ќе си ја плати храброста. Еленот веќе ја поминал границата. Како ќе го сопрете без да предизвикате ужасна несреќа на своја глава? Ние, ловџиите, сме кралеви на планината Монкајо, ама кралеви што плаќаме цена. И кое и да е животно што ќе може да се приближи до чудниот извор мора да се смета како загубен случај.
– Загубен случај! Попрво би си ја загубил титулата на семејството; попрво би му платил со сопствената душа на сатаната наместо да дозволам да избега еленот, зашто тоа е единствениот што го погоди мојот лак и тоа на мојата прва ловџиска експедиција… Гледајте таму, се гледа… Уште се гледа; нозете му слабеат и забавува, па пуштете ме… само пуштете ме… Пуштете ми ги уздите или ќе ве соборам од коњот… Можеби уште ќе го фатам пред да стигне до изворот. И ако стигне, ѓаволот нека го носи во водите со злите жители. Одиме Релампаго! Ајде коњче! Ако го фатиш, ќе наредам да ти стават дијаманти на златните узди.
Коњот и коњаникот се стрчаа во експлозија на движење. Ињиго ги следеше со очите сè додека не исчезнаа меѓу дрвјата; им се сврти на другите и виде дека и тие се згрчени и без збор.
Конечно главниот ловџија им кажа на другите:
– Луѓе, видовте; за малку ќе умрев под копитата на неговиот пастув за да го спречам да не оди. Направив што можев. Ништо добро не излегува од судир со ѓаволот. Ловџијата може дотука да дојде со лакот, ама за да се продолжи понатаму, треба свештеник со литри света вода.
II
– Не ми изгледате многу добро денес, мрачен сте и вознемирен. Што ви е? Од судбоносниот ден, што секогаш ќе го жалам, кога отидовте во изворот Лос Аламос по ранетиот елен, изгледате како некоја зла вештерка да ви фрлила некоја магија. Никогаш не одите во шумата со вашите загари, ниту звукот на вашиот рог не се слуша низ дрвјата. Секое утро, натоварен со товарот што како да ве притиска, влегувате во шумата со лакот и останувате таму дури не зајде сонцето. Потоа кога ќе падне ноќ, се враќате во замокот блед и исцрпен, но не сум видел да носите дивеч дома. Што правите во долгите часови кога сте подалеку од оние што ве љубат?
Кога зборуваше Ињиго, Фернандо беше загубен во мислите, механички вадеше раски од абоносово дрво со ножот за лов.
По долга тишина, што ја прекинуваше само звукот на сечивото што го кастреше полираното дрво, младиот господар му се сврти на слугата и како да не слушнал ни еден збор, му рече:
– Ињиго, тука си долго време; ги знаеш сите опседнати места на планината Монкајо; си ги поминал падините во потрага по дивеч и за време на многуте ловишта си стигнал до врвот повеќе од еднаш. Кажи ми: случајно, да не си сретнал жена што живее меѓу камењата?
– Жена? викна Ињиго, загледан во него зачудено.
– Да, одговори младиот господар. „Имав многу чудно искуство… Многу чудно… Мислев дека тајнава ќе ја чувам засекогаш, но сега гледам дека не е можно. Ми го истура срцето и се гледа во однесувањето. Па, ќе ти кажам… И се надевам дека ќе ми помогнеш да ја решам мистеријата околу ова суштество, што изгледа дека е реално само за мене и никој друг не ја видел, ниту некој може да ми каже нешто за неа.
Без да каже збор и без да ги тргне очите од Фернандо, Ињиго го тргна столчето каде што седеше за да се сврти кон столчето на својот господар. Другиот, откако си ги прибра мислите, продолжи да зборува.
– Од денот кога и покрај твоите злокобни предвидувања отидов до изворот Лос Аламос и јавнав во неговите води за да го фатам еленот што ти со твоето суеверие дозволи да избега, душата ми ја обзеде желба за самотија.
Немаш поим какво е местото. Капки вода течат од еден отвор во камењата, поминуваат низ лисјата на растенијата што растат околу неа. Кога паѓаат, капките сјаат како злато и светкаат како прекрасни музички ноти; потоа, водата создава канал што се врти околу камењата по нејзиниот пат сè додека не се вее во едно езерце. Капките вода паѓаат во езерото и прават звук што не може да се опише… Стенкање, зборови, имиња, песни… Не знам што беше кога го слушнав, кога сам и натажен, седнав на работ на камењата веднаш до местото каде што паѓаше водата на овој мистериозен извор, сè додека не ја исполни областа чија тивка површина скоро никогаш не е вознемирена од попладневното ветре.
Сè изгледа огромно. Самотијата, со милионите ситни, мистериозни звуци се шират низ просторот, го трујат духот со неизречива меланхолија. Во сребрените ливчиња на тополите, во дупките меѓу камењата, во брановите на водата, изгледа како невидливите духови на природата да ни зборуваат и тие препознаваат сроден дух во бесмртната човечка душа.
Кога ме виде како се поклонувам пред да настапи муграта и како влегов во шумата, никогаш не ми беше намерата да ловам дивеч, не; секогаш одев за да седам на работ на изворот и во неговите бранови да барам… Не знам што… Некое лудило! На денот кога дојавав со мојот Релампаго, мислев дека видов нешто чудно во водата… Нешто многу чудно… Очи на една жена.
Можеби беше само сончев зрак што сјаеше на површината; или можеби ова беше едно од цвеќињата што лебдат на водата чии ливчиња изгледаат како смарагди…; којзнае; но мислев дека овие очи се фиксирани на мене; тогаш еден апсурден, невозможен сон ми се разбуди во срцето: да ја најдам личноста со таквите очи. Заради тоа се враќав ден по ден, зашто се надевав дека ќе ги најдам.
Конечно едно попладне… Мислев дека беше сон… Ама не, вистина беше. Ù зборував неколкупати, како што ти зборувам тебе сега… Едно попладне, седнат онаму каде што вообичаено седев, облечен во облеката што достигнуваше до водата и пловеше по површината, најдов една неверојатно убава жена. Косата ù беше како злато; трепките ù светкаа како снопови светлина и меѓу овие снопови трепкаа истите очи што ги видов… Да, зашто очите на оваа жена беа оние што ми се фиксираа во умот, очите со боја што беше неверојатна; очите што беа…
– Зелени! викна Ињиго ужаснато, стана од местото каде што седеше.
Фернандо го погледна изненадено и го праша со мешавина на нервоза и среќа:
– Ја знаеш ли?
– Никако! се бунеше ловџијата, -Бог да чува да ја знам. Но кога моите родители ми забранија да одам во тоа место, ми кажаа неколкупати дека духот, натемаго, ѓаволот или жената што живееше во тие води, имала очи со таа боја. Ве заколнувам во најмилото што го сакате на светов, не враќајте се кај изворот на Лос Аламос. Порано или подоцна неговата ужасна клетва сигурно ќе ве фати, а вие ќе загинете во проклетите води.
-Жими најмилото… мрмореше младичот со тажна насмевка.
-Да, инсистираше постариот, -живи родителите, живи семејството, живи душата на онаа што Небесата ја определила да биде ваша сопруга, живи слугата што го посведочи вашето раѓање.
– Знаеш ли што сакам најмногу во светов? Знаеш ли за што би ја жртвувал љубовта на татко ми, бакнежите на онаа што ми дала живот и сета љубов што жените на светов можат да ми ја дадат? За само еден поглед, за само еден поглед од тие очи… Како ли да не продолжам да ги барам?
Фернандо го кажа ова со толкав интензитет што страв му се појави во окото на Ињиго, а потоа му се слеа по образот, зашто кажа со еден претскажувачки тон:
– Нека биде волјата Божја!
III
-Која си? Од кај си? Каде живееш? Скоро секој ден доаѓам тука и никогаш не гледам коњ или друг начин на превоз што може да те донесе тука. Те молам тргни го велот на мистеријата што те опколува како најтемната ноќ. Те љубам и аристократ или плебеец, ќе бидам твој, твој засекогаш.
Сонцето помина зад врвот на планината и сенките се ширеа по падините. Ветерот свиркаше низ тополите и маглата постепено се дигаше над водата и ги покриваше камењата на работ.
На еден од овие камења што како да ќе ја нурнеше во длабочините на водата, чија затреперена површина му го одразуваше ликот, беше наследникот на Алменар, кој се одмораше на колената кај нозете на мистериозната љубена, додека попусто се трудеше да ја научи тајната на нејзиното чудно постоење.
Беше прекрасна, прекрасна и бледа, како алабастерна статуа. Еден пламен од косата ù падна врз рамото и беше скриена во наборите на нејзиниот вел како зрак светлина што се губи во облак и во еден круг на нејзините руси трепки нејзините зелени очи светеа како два смарагда вгнездени во злато.
Кога младичот престана да зборува, нејзините усни се одвоија како да ќе кажеше нешто, ама тие тогаш само воздивнаа, воздишка што беше слаба и колеблива, како шумолење што го турка ветрето, сè додека не се загубило меѓу навалата.
-Зошто не ми одговориш? ја молеше Фернандо, кога виде дека надежите му ги снема. -Сакаш да верувам во сето тоа што го велат за тебе? Ама не, никогаш тоа… Зборувај ми; сакам да знам дали ме љубиш; сакам да знам дали можам да те љубам, ако си жена…
-Или можеби демон… А ако сум?
Младичот се помисли некој миг, додека ладна пот му го облеа целото тело; очите му се отворија повеќе од тоа што сакаше, фасциниран од нејзиниот фосфорен сјај. Скоро полуден, извика во изблик на љубов:
-Ако си… пак би те љубел… би те љубел и тогаш, како што те љубам сега, како што ми е судбина да те љубам дури и повеќе од овој живот, ако има нешто повеќе.
-Фернандо, рече прекрасната жена со глас што звучеше како музика -те љубам повеќе отколку што ме љубиш; јас сум вистински дух, се претворив во смртник. Не сум жена како оние што постојат на Земјата; јас сум жена која е достојна за тебе, ти кој си поголем од останатите мажи. Живеам тука во длабочините на овие води и сум втелесена, минлива и проѕирна, како и нив: зборувам со нивниот глас и се движам во нивните шумоли. Не го казнувам оној што се осмелува да ги вознемири водите каде што живеам; наместо тоа, ќе го наградам со својата љубов, како смртник што е имун на обични суеверија, како љубовник што е способен да ми ја вреднува мојата ретка и мистериозна љубов.
Додека зборуваше, Фернандо се загуби во нејзините размислувања за нејзината несфатлива убавина и како да ја привлекла мистериозна моќ, се приближуваше сè поблиску и поблиску до работ на водата. Зеленооката жена продолжи да зборува:
-Види, можеш ли да го видиш јасното дно на ова езерце? Можеш ли да ги видиш сите растенија со долгите зелени листови што се нишаат на дното?… Тие ќе ни направат смарагден и корален кревет… А јас… Јас ќе ти дадам безимена радост, радоста што си ја сонувал за време на твоите мигови на восхит, среќа што ниедна друга жена не може да ти ја даде… Дојди, маглата нè прекрива како ленено ќебе… Брановите нè викаат со нивниот несфатлив глас и сега ветерот ја шушка во тополите љубовната химна. Ајде дојди… дојди….
Ноќта почнуваше да си ги шири сенките над водата и ликот на месечината светеше на површината; маглата обратно струеше во ветрето и зелените ливчиња што светеа во темнината изгледаа како лажна светлина да светкаше врз површината на маѓепсаните води… -Дојди, дојди… Овие зборови му шушкаа во ушите на Фернандо како песна. -Дојди… и жената што го викаше од работ на амбисот како да му пушташе бакнеж… Бакнеж…
Фернандо отиде еден чекор напред, па уште еден… Ги почувствува тенките раце како го обвиваат околу вратот и потоа почувствува студено чувство како снежен бакнеж на неговите врели усни… сепак, се мислеше… ама конечно се сопна и падна во водата со судбоносен плесок.
Водата плесна како зраци светлина, потоа му го опколи телото и сребреникави прстени се раширија сè додека конечно не исчезнаа.
Извадок од книгата „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (11 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Прочитајте го првиот дел: СТРАСНАТА РОЗА.
Прочитајте го вториот дел: БАКНЕЖОТ.
Прочитајте го третиот дел: МЕСЕЧЕВИОТ ЗРАК
Прочитајте го четвртиот дел: ГНОМОТ
Прочитајте го петтиот дел: ПОМИЛУЈ МЕ
Прочитајте го шестиот дел: КРСТОТ НА ЃАВОЛОТ
Прочитајте го седмиот дел: МАЕСТРО ПЕРЕЗ, ОРГУЛИСТОТ
Прочитајте го осмиот дел: ЧУДНО Е!
Прочитајте го 9-тиот дел: ХРИСТОС НА ЧЕРЕПОТ
Прочитајте го 10-тиот дел: ГЛАСОТ НА ТИШИНАТА и ЗЛАТНАТА НАРАКВИЦА
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (12 дел) КРАЈ | Literatura.mk