Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (6 дел)

XVI
ЦРВЕНАТА ВЕРВЕРИЦА ДРДОРКА СПАСУВА ЖИВА ГЛАВА

Ретко се случува Црвената верверица Дрдорка да ја фати страв. Тоа е една од причините зошто толку често е безобразна и дрска. Ама, понекогаш знае да ја обземе голем страв, на пример кога знае дека ја бара Ласицата Сенко. Видете, знае дека Сенко може да оди каде што сака. Само малкумина од жителчињата на Зелената гора и на Зелената ливада не знаат за страв, а Дрдорка ретко ја фаќа страв оти е многу сигурна во себе и во способноста да се скрие или да побегне од опасност.

Ама, сега додека се чипчеше за едно гранче близу врвот на еден висок бор во Зелената гора и гледаше надолу во големите и остри заби на Мечокот Меглен, што сѐ повеќе и повеќе се доближуваа, и го слушаше силното и луто ’ржење од коешто ѝ се крена косата, Дрдорка беше премногу исплашена за да размислува. Камо да си го држеше јазикот зад забите, наместо да му изнакаже злобни работи на Мечокот Меглен! Камо да знаеше дека Меглен умее да се качува на дрво! Камо да избереше некое дрво што е поблиску до другите дрвја за да прескокне! Ама, таа веќе кажа злобни работи, веќе избра да си седи на дрво што беше речиси осамено, а Мечокот Меглен умееше да се качува! Дрдорка се најде во голема неволја, ама самата си беше виновна. Така обично и бидува со оние што запаѓаат во неволи.

Мечокот Меглен беше сѐ поблиску и поблиску, а гласот му стануваше сѐ подлабок и полут. Дрдорка писна исплашено и погледна наваму-натаму. Што да прави? А што може да прави? Земјата ѝ се чинеше ужасно далеку под неа. Камо да имаше крилја како Сојката Соња! Ама, немаше.

„Гр-р-р-р!“ за’ржа Мечокот Меглен. „Ќе те научам како да се однесуваш! Ќе те научам како да ги почитуваш тие што се над тебе! Ќе те проголтам цела, ете што ќе сторам. Гр-р-р-р!“

„Леле!“ вресна Дрдорка.

„Гр-р-р-р! Ќе те изедам цела сосе последното влакно од опашката!“ за’ржа Меглен и се искачи поблиску.

„Оф! Леле!“ вресна Дрдорка и отрча до најгорниот врв од гранчето што го имаше зграпчено. Е, камо да знаеше Дрдорка дека Мечокот Меглен не може да ја стигне дотаму оти дрвото беше премногу мало на врвот за некој што е толку голем колку Меглен. Ама, Дрдорка не помисли на тоа. Уште еднаш исплашено погледна надолу во огромните заби, а потоа замижа и скокна. Скокна директно кон далечната земја.

Долго, долго, долго патуваше до земјата, а за некој толку мал како Дрдорка се чинеше дека со сигурност ќе загине. Ама, Дрдорка знаеше дека Старата Мајка Природа ја има дарувано со извесни дарби што ќе ѝ помогнат во такви моменти, а една од нив беше способноста да се испружи со целата должина. Тоа и го стори сега. Ги испружи рацете и нозете колку што можеше повеќе и тоа ѝ помогна да паѓа побавно и понежно одошто би паѓала инаку, оти, така како што беше раширена, малку ја подзадржа и воздухот. А ја имаше и опашката, тоа смешно опавче што толку сакаше да го мавта кога се кара. Ѝ помогна и тоа. Ѝ помогна да ја одржи рамнотежата и да не се превртува.

Патуваше надолу и надолу и надолу и слета на нозе. Се разбира дека мошне силно тресна на земјата и за миг речиси и остана без здив. Ама, тоа траеше само миг, а потоа јурна да бега како што би јурнала секоја исплашена верверица. Мечокот Меглен ја гледаше и се потсмеваше.

„Не ја фатив овој пат“, за’ржа, „ама мислам дека убаво ја исплашив и ја научив на памет.“

XVII
МЕЧОКОТ МЕГЛЕН ОДИ ДА БЕРЕ БОБИНКИ

Мечокот Меглен баш умее да си зборува сам со себе кога мисли дека нема никој во близина за да го слушне. Навика му е. Добро, не е лоша навика, освен ако не се претераат сите граници. Секоја навика станува лоша ако се претераат границите. Замислете си дека си имате тајна, ама вистинска тајна, нешто што никој друг не го знае и што не сакате да го дознае. И замислете си дека си имате навика да си зборувате сами со себе. Можно е, без размислување, да си ја кажете тајната гласно, а некој случајно може да ја слушне! И тогаш нема да биде тајна. Ете како навиката, што сама по себе не е лоша, може да стане лоша ако се претераат сите граници.

Мечокот Меглен толку долго живееше сам во Големата шума, што навиката да си зборува сам со себе му се зголемуваше и му се зголемуваше. Си зборуваше колку само за да не биде осамен. Се разбира, кога се пресели во Зелената гора, си ги донесе и сите навики со себе. Е, тоа е проблемот кај навиките, секогаш си ги носите со себе каде и да одите. Па, така, Меглен си ја донесе навиката да си зборува сам со себе во Зелената гора, каде што имаше многу повеќе соседи одошто во Големата шума.

„Да видиме, да видиме, што ли ќе ми го отвори апетитот?“ рече Меглен со длабок, грмлив глас. „Некако апетитот не ми е како што ми беше. Ми треба промена. Да, да, ми треба промена. Има нешто што треба да го јадам ова време од годината, ама не сум го каснал. Има нешто што сум јадел, а сега не го јадам. А-ха! Знам! Ми треба свежо овошје. Така е, свежо овошје! Мора да е сезона на бобинки, а јас сум заборавил. Леле, леле, леле, како би си се насладил со бобинки! Кога би се вратил во Големата шума, би можел да си јадам колку што ќе посакам. Мх, мх, мх. Ми течат лиги од помислата. Мора да ги има на Старото пасиште. Мора да ги има многу таму. Да не ми беше страв да не ме види некој, би отишол таму.

Меглен воздивна. Па, воздивна уште еднаш. Колку повеќе размислуваше за бобинките за коишто беше сигурен дека растат на Старото пасиште, толку повеќе ги посакуваше. Му се чинеше дека никогаш во животот не му се јаделе бобинки како што му се јадеа сега. Талкаше наоколу неспокојно. Му се јадеа бобинки и ништо друго. Малку по малку, пак почна да си зборува сам со себе.

„Да не ми е страв дека ќе ме видат, уште сега би отишол на Старото пасиште. Ми се чини дека им го чувствувам вкусот на бобинките.“ Се оближуваше загладнето додека зборуваше. И тогаш му се озари лицето. „Знам што ќе направам! Ќе појдам таму утре рано в зори. Ќе си се изнајадам колку што ми душа сака и ќе се вратам во Зелената гора пред да се појави опасност да ме види Синчето на фармерот Симоски или некој друг од кого што се плашам. Ете што ќе направам. Уф, камо да побрза утрото и да дојде веќе еднаш.“

Меглен не знаеше, ама некој го слушаше, а тој некој не беше никој друг освен Сојката Соња. Кога конечно Меглен си легна за да подреме, Соња одлета со кикотење. „Мислам дека и јас ќе го посетам Старото пасиште утре изутрина“, си помисли. „Ми се чини дека ќе се случи нешто интересно ако не се премисли Меглен.“

Соња беше на стража уште од рани зори следното утро. Првите Весели сончеви зраци само што ја огреаја Зелената ливада и уште се немаа пробиено низ Зелената гора, кога виде една голема, темна фигура како се искраде од Зелената гора на местото каде што се поврзува со Старото пасиште. Се движеше многу брзо и нечујно, како да е во голема итаница. Соња знаеше кој беше тоа. Тоа беше Мечокот Меглен и одеше да бере бобинки. Соња почека додека не се развидели. Потоа и таа тргна накај Старото пасиште.

XVIII
И НЕКОЈ ДРУГ ОДИ ДА БЕРЕ БОБИНКИ

Зар не ви е необично колку често се случува двајца луѓе да помислат на иста работа во исто време, а ниеден од нив не знае дека и другиот мисли на тоа? Токму тоа се случи дента кога Мечокот Меглен првпат помисли да оди да бере бобинки. Додека се рашетуваше низ Зелената гора и си зборуваше за тоа колку му се јадат бобинки и колку беше сигурен дека растат на Старото пасиште, и некој друг си мислеше на бобинките и на Старото пасиште.

„Ќе ми направиш пита со бобинки ако наберам утре?“ ја праша мајка си Синчето на фармерот Симоски.

Се разбира дека Г-ѓа Симоска вети оти ќе му направи, па вечерта Синчето на фармерот Симоски си легна многу рано, за да може да стане рано утрото и цела ноќ сонуваше бобинки и пити со бобинки. Се разбуди дури и пред веселото, тркалезно, румено Сонце да реши дека е време за станување и беше подготвено да тргне накај Старото пасиште кога првите весели сончеви зраци заиграа ширум Зелената ливада. Носеше голема лимена канта, а на дното, завиткан во хартија му беше и ручекот, оти имаше намера да остане сѐ додека не ја наполни кантата, па ако треба и цел ден.

Старото пасиште е многу пространо. Лежи во подножјето на Големата планина, па дури и продолжува малку нагоре по Големата планина. На него има место за многу луѓе, кои можат да си берат бобинки цел ден, а да не се видат едни со други, освен ако не заскитаат премногу. Знаете, тука грмушките се многу густи и не се гледа многу далеку во која било насока. Веселото, тркалезно, румено Сонце веќе се имаше искачено малку повисоко на небото кога Синчето на фармерот Симоски стигна на Старото пасиште и му се смешкаше на Големиот свет, а се чинеше дека и Големиот свет му се смешкаше нему. Синчето на фармерот Симоски си засвирка, а потоа престана.

„Ако свиркам“, си помисли, „сите ќе знаат каде сум и ќе се кријат, а никогаш нема да запознам луѓе ако се кријат.“

Знаете, Синчето на фармерот Симоски почна да сфаќа нешто што Зајакот Петко и другите жителчиња на Зелената ливада и на Зелената гора го научија речиси во исто време кога научија да одат, дека ако не сакаш да те видат, не смеат ни да те слушнат. Затоа не свиркаше како што му се сакаше и се обидуваше да не направи ниту најмал шум додека следеше една стара воловска патека до едно место каде што знаеше дека бобинките растат во изобилство и се многу крупни и цело време му беа ококорени очите, а начулени му беа и ушите.

Ете како се случи да слушне слаб писок, многу слаб, нејасен писок. Ако си свиркаше, воопшто немаше да го слушне. Застана за да наслушне. Никогаш претходно немаше слушнато таков писок. Отпрвин не можеше да утврди што беше тоа, ниту од каде доаѓа. Ама, една работа беше сигурна, тоа беше писок од страв. Стоеше сосема мирно и наслушуваше со сета снага. Се слушна повторно: „Помош! Помош! Помош!“ Се слушаше многу слабо и звучеше крајно исплашено. Почека минута-две, ама не слушна ништо друго. Потоа ја остави кантата и набрзина погледна наваму, натаму, насекаде. Беше сигурно дека дојде некаде од земјата, па ѕирна зад грмушките и наѕре зад трупците и зад камењата и токму кога речиси изгуби надеж дека ќе открие од каде доаѓаше писокот, дојде до еден мал свијок на воловската патека, а точно пред него се најде Господин Змијулко и што мислите што правеше? Па, непријатно ми е да ви кажам, ама се обидуваше да голтне едно од децата на Жабокот Лепливко. Се разбира дека Синчето на фармерот Симоски не му дозволи. Го натера Господин Змијулко да го ослободи Мајстор Лепливко и го држеше Господин Змијулко сѐ додека Мајстор Лепливко не се оддалечи на безбедно.

 

Наслов: „Авантурите на Мечокот Меглен“ од Тортон В. Берџес (6 дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитајте го првиот дел од книгата (I, II, III поглавје).

Прочитајте го вториот дел од книгата (IV, V, VI поглавје)

Прочитајте го третиот дел од книгата (VII, VIII, IX поглавје)

Прочитајте го четвртиот дел од книгата (X, XI, XII поглавје)

Прочитајте го 5 дел од книгата (XIII, XIV, XV поглавје)

One thought on “Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (6 дел)

  1. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (7 дел) КРАЈ | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.