
Rustic wooden planks with concrete wal
Едни од најнаградуваните сликовници „Срцето и шишето“ и „Тука сме“ од илустраторот и автор Оливер Џеферс излегоа од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за две извонредни книги за деца, но и за возрасни, од артистот со ирско потекло, кој е роден во Австралија, но стационира е во Њујорк.
Приказната во „Срцето и шишето“ се движи околу едно девојче чијшто живот бил исполнет со љубопитство за светот околу него… Но, еден ден се случило нешто што го натера девојчето да го стави своето срце на посигурно место. Оттогаш, светот се чинел попразен од претходно. Дали девојчето ќе открие како да си го врати срцето онаму каде што отсекогаш си било? Во оваа прониклива приказна Џеферс со неверојатно пердувест допир ги обработува тешките теми за љубовта и за загубата и, конечно, ни покажува дека секогаш постои надеж. Книгата првично објавена на англиски јазик во 2010 година, по што добива награди за најдобра детска илустрирана книга на повеќе фестивали.
„Тука сме“ е најновата во низата успешни изданија на Џеферс. Исклучително слатка, со нежен хумор и остроумност, ова е сликовница-упатство за живеење на планетата Земја. Авторот ја создал специјално за неговиот син, но со универзален тон што им се обраќа и ги опфаќа сите деца на светот и нивните родители. Независно од тоа дали станува збор за сложен приказ на земјиштето на нашата планета (нерамно, шпицесто, влажно) или за длабок поглед кон нашето место во вселената (која е огромна) или за водич за целото човештво (не залажувајте се, сите сме луѓе), мудроста и духовитоста на Оливер Џеферс, во комбинација со вредносниот систем на добрината и толеранцијата, ја прават оваа книга задолжително четиво за сите родители и деца.
Оливер Џеферс (1977 г.) е автор и илустратор на 16 книги, а има илустрирано и десетина други изданија. Има освоено повеќе од 25 светски награди и признанија за детска литература.
Книгите се достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на следните линкови:
„Срцето и шишето“
„Тука сме“