Корежисерката на документарецот „Медена земја“, Тамара Котевска, на 22 април ќе одржи онлајн-мастерклас за документарен филм. На настанот во организација на Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ таа ќе зборува на темата „Дали можеш да ја уловиш реалноста?“ Станува збор за прв и ексклузивен тридневен мастерклас на Котевска во Македонија, по предавањето на универзитетот „Беркли“ во Калифорнија, Филмскиот универзитет во Хонгконг и фестивалот „Док номадс“.
Учесниците на програмата ќе имаат можност да се запознаат со севкупното творештво на Котевска преку практични примери од творечките и фестивалските искуства, од нејзините почетоци во филмската уметност, па сѐ до „Оскарите“. Како дел од програмата е предвидено секој од учесниците да развие концепт за документарен филм и предлог-визуализација.
Секој од учесниците ќе добие сертификат за учество на тридневен мастерклас за документарен филм под менторство на Тамара Котевска во организација на Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ во соработка со Институтот за дизајн и технологија – Скопје.
Тамара Котевска има дипломирано филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Заедно со Љубо Стефанов се режисери на успешниот документарен филм „Медена земја“, кој минатата година освои три награди на филмскиот фестивал „Санденс“ и доби две номинации на 92. издание на „Оскар“. Котевска и Стефанов претходно работеле заедно и на друг документарен филм, „Езеро од јаболка“ (2017). Меѓу другото, авторка е и на документарниот филм „Студантс“ (Studants, 2016), дипломски филм на ФДУ Скопје, сниман во САД (прогласен за најдобар балкански документарен филм, 2017). Добитничка е на голем број значајни интернационални филмски награди за сите нејзини филмски остварувања. Изминатиот период е посветена на претпродукциските активности за нејзиниот дебитантски игран филм „Човек против јато“.