Интервју со Матеј Настевски: Зоки Поки е забавен и секогаш спремен за авантури

Култната книга за деца „Зоки Поки“, од славната македонска писателка Оливера Николова, наскоро ќе добие екранизирана верзија. Од 4 мај на Македонската радио-телевизија ќе почне да се емитува долгоочекуваната ТВ-серија „Зоки Поки“. Приказната е базирана на оваа лектира за второ одделение, но модернизирана и приспособена на новите генерации.

Главните детски ликови во серијата ги играат: Матеј Настевски (Зоки Поки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки, и Сабина Ајрула-Тозија, која ќе ја видиме во улогата на неговата баба.

Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска, а режисери на епизоди се и Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата ги пишуваа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска, директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф Иван Бартлинг, шминка Жанета Димитриевска, дизајн на тон Ристо Алчинов, монтажери Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Софија Самоиловска и Драган Алексов, додека за костимите се погрижи Жаклина Крстевска. Музиката ја компонираше Александар Пејовски, песните Александар Митевски, а музиката за најавната шпица Игор Василев-Новоградска.

Протагонистите во серијата другаруваат со романи за деца, лектири, сликовници, едукативни изданија и списанијата за ученици „Мини Либи“ и „Либи“, во издание на „Арс Ламина“. Тие користат и училишни материјали, што за снимањето ги обезбедија издавачката куќа „Арс Ламина“ и книжарниците „Литература.мк“.

Серијата е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија, а поддржана од Агенцијата за филм на Македонија. Десетте епизоди од 4 мај ќе се емитуваат премиерно секој понеделник и четврток во 20.15 часот на Првиот канал, а репризно – следниот ден и во сабота и недела.

Во очекување на првите епизоди од серијата разговаравме со Матеј Настевски, кој го толкува водечкиот лик – Зоки Поки. Матеј има десет години и е петтоодделенец во ООУ „Мирче Ацев“ од Скопје.

* Здраво Матеј, можеш ли да го опишеш ликот што го играш, Зоки Поки?
– Зоки Поки е итро и палаво дете, полно со многу детски лудории, забавен и секогаш спремен за авантури.

* Што ти се допаѓа кај овој лик?
– Со еден збор – сè.

* Во што сте слични, а во што се разликувате со Зоки Поки?
– Мислам дека не постојат разлики помеѓу мене и Зоки Поки, бидејќи додека снимавме се пронаоѓав себеси во многу ситуации.

* Како стана дел од актерката екипа на серијата?
– Преку кастинг. Минатата година, пред да се распуштиме, дознавме дека има кастинг на кој се избираат ликовите за „Зоки Поки“. Се пријавив со желба јас да бидам Зоки Поки. И имав среќа покрај многуте деца да ја добијам таа улога.

* Дали ова ти е прв актерски ангажман? Како ти се роди желбата за глума?
– Ова ми е втор актерски ангажман, но прв од ваков тип. Желбата за глума ми се роди за време на приредбите во градинка и гледајќи ги рекламите со деца. Прво сакав да ме има на реклама, а кога го гледав филмот со детето Могли имав желба да ме има на филм. Па решивме со мајка ми да испратиме фотографии од мене за кастинг. Бев избран за реклами, а по нив и за краток филм. Со тоа во мене се роди желба и понатаму да се занимавам со глума, бидејќи некако се пронаоѓам во тој свет.

* Како помина снимањето? Кажи ни некоја интересна случка од филмскиот сет?
– Снимањето помина во најдобар ред. Покрај тоа што беше лето, за нас децата распуст, немавме проблем. Затоа што со нас беа глумци кои само сум ги гледал на телевизија и ни придонесоа да се чувствуваме многу убаво. Имавме многу интересни случки. Ќе ја кажам случката со Гоки на која многу се изнасмеавме сите. За време на снимањето на мојот лик, тој се крие под кревет за да не ни пречи во кадарот. Но, тој само мислеше дека е скриен. Ние му ја гледаме главата во кадар со мене. Вака кога кажувам, можеби не звучи смешно, но во моментот кога ни се случуваше тоа, беше сосема друго.

* Како се согласувавте со другите деца на филмскиот сет? Дали се дружите?
– Со сите деца-актери се согласувавме убаво. Посебно ние четворица се слушаме и се дружевме на родендени.

* Дали возрасните актери ви помагаа да се снајдете во улогите? Каква беше соработката со нив?
– Секако. Соработка за паметење, многу трпеливи и блиски со нас.

* Што ти остави најголем впечаток од снимањето?
– Самото снимање, екипата цела, местата на коишто снимавме, со еден збор сè.

* Дали ја имаш прочитано лектирата „Зоки Поки“. Колку серијата ќе се разликува од книгата?
– На едно интервју одговорив НЕ, бидејќи кога требаше да ја обработувам на училиште, ја молев мајка ми да ми ја чита и така знам што се работи во неа. Задржани се вредностите на книгата, но серијата ќе биде во поново време за да може да се доближи до сегашната публика.

* Која е пораката на приказната? Што можеме да научиме од „Зоки Поки“?
– Покрај тоа што серијата е од забавен карактер, носи хумана порака, што низ авантурите на Зоки Поки ќе го пронајде патот до срцата на оваа публика, а и до следните генерации што доаѓаат. Од Зоки Поки можеме да научиме многу нешта и со неговите итроштини да бидеме запаметени многу години.

* Какви книги сакаш да читаш?
– Сакам да читам забавни и научни книги, а интересни ми се и детските списанија.

* Кој ти е омилен предмет на училиште?
– Омилен предмет на училиште ми е природни науки.

* Дали имаше можност да го разгледаш/прочиташ „Мини Либи“ и „Либи“? Која рубрика ти е најинтересна?
– Немав можност да го разгледам и да го читам списанието во печатена верзија, но на интернет ги имам следено. Најинтересна рубрика ми е Тема-дилема и Здрави и среќни.




3 thoughts on “Интервју со Матеј Настевски: Зоки Поки е забавен и секогаш спремен за авантури

  1. Пингување: Интервју со Анастасија Аневска: Многу сме слични со Лидија, двете сме ведри и дружељубиви | Literatura.mk

  2. Пингување: Интервју со Матеј Зимбаков (Гоки): Од „Зоки Поки“ учиме дека секогаш треба да бидеме тука за другарите | Literatura.mk

  3. Пингување: Интервју со Матео Матоски: На хуморот на Боки се смее целата екипа на „Зоки Поки“ | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.