ГЛАСОТ НА ТИШИНАТА
Традиција од Толедо
Додека еднаш го посетував Толедо, каде што често одам за да најдам оддишка од секојдневните борби, се случија неколку настани и сега, со помош на мојата фантазија, ги префрлам на овој бел лист хартија.
Едно попладне лутав низ тесните улички на царскиот град со блокчето за скицирање под мишка, кога одблизу слушнав еден глас како огромна воздишка што повторуваше некои чудни и збунувачки зборови; сопрев и се свртив, но на мое изненадување, видов дека немаше никој друг освен тивките улици. Но, сепак, дефинитивно слушнав глас, чуден, тажен глас, што сигурно беше глас на жена која пред некој миг зборуваше, на неколку чекори од мене. Наскоро се уморив од барање на личноста што ги изговори овие збунувачки зборови и зашто веќе се слушна АНГЕЛ ГОСПОДОВ на часовникот од еден близок манастир, се одлучив да се вратам во анот, кој ми беше прибежиште за бескрајните ноќни часови.
Откако останав сам во собата, со трепкавата светлина од една свеќа, нацртав силуета на една жена во блокчето за скицирање.
По два дена, откако сосема заборавив на ова, излезе дека случајно сум бил на истото место каде што се случи настанот. Денот завршуваше, сонцето на заоѓање го исполни хоризонтот со црвен сјај и часовникот го означуваше часот. Чекорите ми беа слаби и лицето ми оддаваше дека се сомневав.
И истиот глас пак ми го вознемири спокојот. Сега одлучив да не престанам дури не го најдам решението на оваа енигма и кога мислев да заклучам дека немаше да ја најдам, видов едно прозорче со решетка што имаше чуден, необичен облик во една стара куќа со древна архитектура. Несомнено дека од ова прозорче доаѓаше гласот на жената.
Сега веќе сосема се стемни и тажниот глас молчеше, па одлучив да се вратам меѓу варосаните ѕидови на мојата соба во анот, каде што легнав на креветот и си ја замислив фантазијата, која за жал… никогаш не може да стане реалност.
Следниот ден еден стар еврејски трговец, кој имаше железарија на другата страна од улицата од куќата каде што го слушнав чудниот глас, ми кажа дека во таа куќа веќе долго време никој не живее. Една многу убава жена живела таму со нејзиниот сопруг, скржав трговец кој бил многу постар од неа. Еден ден трговецот ја напуштил куќата и ја заклучил вратата со клуч, а оттогаш ништо не се знае ниту за него ниту за неговата убава жена. Приказната вели дека од тоа време секоја ноќ бел дух на жена лута низ напуштената куќа и се слушаат збунувачките зборови што се мешавина од клетви и тага. И приказната ни вели дека овој бел дух е на прекрасната жена на скржавиот трговец.
Гласот на прекрасната земја е како божествена музика, како воздишка на заљубена душа, ми дојде до мене со воздух исполнет со мирисите на пролетта. Која е тајната на твоите збунувачки зборови, на твоите тивки тажења и твоите чудни и хармонични песни?
ЗЛАТНАТА НАРАКВИЦА
Толедска легенда
I
Таа беше убава, со убавина од која ти се врти главата, со убавина што воопшто не е онаа со која ги замислуваме ангелите, но со која, сепак, изгледа натприродна; ѓаволеста убавина која ѓаволот му ја дал некому за да ги направи негови инструменти на земјата.
Тој ја љубеше; ја љубеше со љубов што не знае за граници или задршки; ја љубеше со љубов што бара среќа и радост, но наоѓа само измачување; љубов што изгледа среќна, но која рајот би ја искористил за казна за гревовите.
Таа беше каприциозна, каприциозна и екстравагантна, како и сите жени. Тој беше суеверен, суеверен и храбар, како и сите мажи од негово време. Таа се викаше Марија Атунез; а тој Педро Алфонсо де Орелјана. И двајцата беа од Толедо каде што живееја од раѓање.
Настаните опишани во оваа неверојатна приказна, што се случиле пред многу години, не ни кажуваат ништо повеќе за овие двајца протагонисти.
Во својство на хроничар верен на оригиналот, нема да додадам ниту еден збор што ќе го измислам за да изгледаат подобро.
II
Еден ден ја виде како плаче и ја праша зошто плаче. Кога си ги избриша солзите, таа го погледна вперено еден миг; па воздивна и пак почна да плаче.
Кога ù се приближи на Марија, Педро ù ја зеде раката, својата си ја потпре на оградата на мостот од каде што гледаше таа во водата што течеше, а тој пак ја праша зошто плаче.
Под нивната гледна точка, Тахо течеше околу камењата што го создаваат седиштето на овој царски град. Сонцето заоѓаше зад ближните планини; маглата лебдеше како син вел над водата и единствениот монотон звук на струјата ја скрши длабоката тишина.
Марија се бунеше: – Не прашувај ме зошто плачам зашто не можам да ти кажам, а и да ти кажам, нема да ме разбереш. Понекогаш има желби што го исполнуваат женското срце и што се откриваат само со воздишка; бизарни идеи што се шират во нашата фантазија кои не се осмелуваме да ги споменеме; несфатливи аспекти од нашата женска природа што мажот никогаш не би можел да ги разбере. Те молам, не прашувај ме зошто жалам; ако ти кажам, ти ќе ми одговориш само со смеа.
Кога престана да зборува, пак ја наведна главата. Уште не задоволен, тој продолжи да ја притиска со прашања.
На крај таа се откажа од инаетливата тишина и му рече на својот љубен со несигурен и неспремен глас:
– Е добро, штом си го бараш. Ама толку е лудо, што ќе се насмееш. Ама не ми е гајле: ако така сакаш, ќе ти кажам. Вчера бев во катедралата; го славеа празникот на Богородица и поставена на централниот олтар на златен постамент, нејзината статуа сјаеше како запалена; а моќни ноти од оргулите се ширеа низ сите ќошиња на црквата додека хорот ја пееше Радувај се Кралице Света. Јас се молев и во умот ми доаѓаа различни верски мисли, кога автоматски ја дигнав главата и го погледнав олтарот. Од некоја причина, не знам зошто, очите ми се залепија за статуата; не нема шанси, не статуата; ми се залепија за некој предмет што претходно не сум го видела, предмет што од некоја чудна причина ми го привлече вниманието… Не смеј се… Предметот беше златна нараквица што ја носеше Мајката Божја на раката додека го држеше својот Божествен Син… Го свртев погледот и пак почнав да се молам… Ама тоа беше невозможно! Моите очи неволно се вратија на истото место. Светлата на олтарот се отсликуваа во измазнетиот лик на дијамантите така што ме воодушевија. Илјадници црвени, сини и зелени сјаеви светкаа врз неговите скапоцени камења како ситни оганчиња, како вртоглав прстен од огнени духови што ме фасцинираа со нивниот сјај и нивната неверојатна потресеност… Ја напуштив црквата и се вратив дома, но се вратив со сликата врежана во мојот ум. Легнав, ама не можев да спијам. Со оваа мисла во главата, ноќта ми изгледаше бескрајна… Конечно взори си ги затворив очите и веруваш? Дури и во соништата пак и пак ми се појавуваше и исчезнуваше, видов жена, убава, жена со темна кожа како носи накит и скапоцени камења; да, беше жена, ама не Богородица на која ù се молам и пред која се поклонувам. Беше друга жена, друга жена како мене, што ме гледаше и ми се смееше како да ми се потсмева. – Гледаш, како да сакаше да каже кога ми го покажа накитот. – Гледај како свети. Изгледа како круг од ѕвезди искубан од летна ноќ. Го гледаш? Ама не е твое, и никогаш нема да биде твое… Можеби имаш некои други накити што ти изгледаат поубави и поскапоцени, ако тоа е можно; ама овој, овој што свети така што изгледа толку неверојатно?… Никогаш… Никогаш… Се разбудив и како и претходно ја имав истата замисла, несомнено поттикната од сатаната, закотвена во мојот ум како вжештен клин… И што ќе кажеш? Само ќе кимнуваш тивко? Нема да ми се насмееш на мојава лудост?
Во еден грчевит миг Педро го грабна балчакот од мечот и си ја дигна главата, која навистина ја спуштил, и со колеблив глас праша:
– Која Богородица го има накитот?
– Онаа кај Табернакулот.
– На Табернакулот! викна младичот, а гласот му беше потиштен, Богородица од Табернакулот…
И за еден миг на лицето како да му се гледаше ужасна идеја што му влегла во умот.
– Ах! Како не беше некоја друга Богородица? ја праша, многу емотивно. Зошто да не беше каменот од митрата на надбискупот, од круната на кралот или на канџите на ѓаволот? Така да беше, со цело срце би нашол начин да влезам и да ти го дадам, па нека ме чини и животот или проклетство. Но, Богородица од Табернакулот, Богородица која ни е света патронка; и јас, родум од Толедо… Не, никогаш.
– Да, никогаш… Мрмореше Марија со глас што едвај се слушаше; Никогаш! И продолжи да плаче.
Педро гледаше во водите на Тахо со мрачен израз, очите му беа вперени во струењето што продолжуваше да тече и преку нивното гледиште, покрај камењата што го создаваа темелот на градот.
III
Катедралата Толедо! Замислете шума од гранитни палмини дрвја чии гранки создаваат неверојатна поставеност на лакови, под која цел свет реални и имагинарни суштества цутат од живот што им го подарил некој бог.
Замислете незамислива мешавина од сенка и светлина, каде што бродовите се испружени под засводени лакови што се потонати во темнината на светилиштето, прободени со светлината на свеќите.
Замислете камен свет голем колку духот на нашата религија; што е сериозен колку неговите закони, загадочен колку неговите параболи и уште нема сосема да ја сфатите идејата на величието, моќта и вербата на нашите предци кои со векови ја полнеле со богатството на нивната верба, нивното вдахновение и нивната уметност.
Во нејзините гради ќе ги најдете мирот, величието и поезијата на мистицизмот како и светото одбивање на сите здодевни мисли и ситни страсти на секојдневниот живот. Материјалните апетити се задоволуваат со вдишување на свежиот воздух од планините; атеизмот мора да се излечи со вдишување атмосфера на вера.
Но ако катедралата секогаш изгледа огромна и величествена кога влегуваме во нејзиното чудесно и свето светилиште, никогаш не е толку импресивна како во деновите кога ја украсуваат за верски празник, кога табернакулите се покриени со злато и скапоцени камења, нејзините скалила со килими и нејзините столбови со таписерии.
Тогаш, кога илјадници сребрени ламби испуштаат зраци светлина; кога облак од темјан лебди во воздухот; кога гласовите на хорот, хармонијата на оргулите и ѕвоната на камбанариите ја тресат градбата од најдлабоките темели до највисоките куполи, тогаш кога ќе го слушнете ова, сфаќате дека Бог е присутен во катедралата и дека Тој ја оживува со Неговиот здив и ја полни со одразот на Неговата божествена семоќ.
На истиот ден кога се случи разговорот што го опишавме, во катедралата Толедо ја славеа последната величествена Октава на Богородица.
Овој важен верски празник привлече многубројни верници; топли луѓе се распрскаа во различни насоки, светлата на капелата и олтарот се изгасија и огромните врати крцкаа на ментешињата кога се затвораа, кога еден многу блед човек, блед како статуата на гробницата каде што клечеше еден миг, тивко и внимателно се провлекуваше низ сенките кон железната порта на страничниот брод. Таму светлината на ламбата предизвика да му се распознаат цртите.
Педро беше.
Што и да се случило меѓу двајцата љубовници, па толку да стане храбар за да проба нешто што, порано, само и да помислеше на тоа му се креваше косата на глава. Никогаш нема да дознаеме. Ама таму беше и несомнено беше таму за да изврши кривично дело. Во нервозните погледи, во треперењето на колената, во потта што му течеше по челото, можеше да се прочита мислата што му тежеше на умот.
Катедралата сега беше празна, сосема празна и потоната во длабока тишина. Сепак, одвреме-навреме Педро можеше да чуе некои чудни звуци: можеби како крцка дрво или напливи ветер или којзнае што беше тоа? Можеби беше резултат на фантазија што во возбуда ги слуша работите што не постојат. Но, сепак, понекогаш блиску, понекогаш далеку, понекогаш зад грб и понекогаш покрај него, имаше звуци како потиснат плач, како звук на ткаенина што се трие, како звук на чекори што непрестајно одат и доаѓаат.
Педро продолжи да оди; стигна до портата и го искачи првото скалило на главната капела. Околу оваа капела имаше гробници со камената слика на претходните кралеви кои со рацете што им почиваа на балчакот од мечовите како да го пазеа ова светилиште во чии темни сенки почиваа во вечноста. Продолжи, си велеше Педро; се обидуваше да оди, ама не можеше. Кога погледна надолу, пак му се крена косата; потиштен виде дека подот на капелата бил од камени плочи што покриваа неколку гробови.
За еден миг му се чинеше како една студена, скелетна рака да го туркаше назад со незадржлива сила. Ламбите се гасеа и трепкаа во темнината како загубени ѕвезди во сенките, му предизвикаа визијата да му се ниша, па сè му изгледаше како да се колеба: статуите врз гробовите и иконите на олтарот како да се тресеа, па и целата црква, со лаковите и камените потпирки, како да се појавуваа и се губеа.
– Продолжи, луто повтори Педро и конечно стигна до олтарот, се качи на него и можеше да стигне до основата на иконата. Околу него насекаде беше нереално и застрашувачко; предметите беа нејасни и тешко се гледаа во темнината. Само Кралицата Небесна, слабо осветлена од сјајот на златна ламба, се смееше мирно, тивко и спокојно, среде сиот овој ужас.
Сепак, тивката и неподвижна насмевка, што за еден миг го смири, почна да го исполнува со неопислив страв, страв што беше подлабок од што и да почувствувал досега.
Сепак, се прибра и си ги затвори очите за да не ја гледа. Посегна со раката и згрчено ја извлече нараквицата, златната нараквица што бил набожен подарок од поранешен надбискуп и вредеше цело богатство.
Сега скапоценоста беше во негови раце; неговите стегнати прсти ја држеа со скоро натприродна сила. Сега мораше само да побегне и да ја однесе. Ама за да го стори тоа, првин ќе треба да си ги отвори очите, а Педро се плашеше да гледа; се плашеше да ги види статуата, гробовите на кралевите и гротеските на корнизите, мистичните чудовишта што седеа по столбовите и слабите зраци светлина што се движеа како духови низ бродовите што беа исполнети со чудни, застрашувачки звуци.
Конечно си ги отвори очите и погледна наоколу и еден остар писок му излезе од уста. Катедралата беше полна со статуи, статуи облечени во долги руби што се спуштиле од нивните ниши и нивните пиедестали, па ја наполниле катедралата и зјапаа во него со нивните празни очи.
Светци, монаси, свештеници, ангели, ѓаволи, борци, дами и аколити сега се собрале околу него и ги зафаќаа бродовите и олтарите. Пред неговите нозе, покрај кралевите што клечеа врз нивните гробници, имаше мермерни надбискупи што ги виде како претходно лежат без да мрднат на нивните одари, додека се лизгаа на плочите, се искачуваа по столбовите, висеа од лаковите и од таваните како црви во огромен мртовец, мнозина влекачи и гранитни суштества доаѓаа од сите страни.
Веќе не можеше да издржи. Срцето како да ќе му препукнеше и наплив на крв му го замагли видот. Викна по вторпат, остар вресок на целосно ужаснување и се струполи на олтарот.
Следното утро кога го најдоа црковните прислужници уште ја држеше златната нараквица во рацете и кога ги виде, вресна со лудо смеење:
– Нејзина е, нејзина е!
Кутриот полудел.
Извадок од книгата „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (9 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Прочитајте го првиот дел: СТРАСНАТА РОЗА.
Прочитајте го вториот дел: БАКНЕЖОТ.
Прочитајте го третиот дел: МЕСЕЧЕВИОТ ЗРАК
Прочитајте го четвртиот дел: ГНОМОТ
Прочитајте го петтиот дел: ПОМИЛУЈ МЕ
Прочитајте го шестиот дел: КРСТОТ НА ЃАВОЛОТ
Прочитајте го седмиот дел: МАЕСТРО ПЕРЕЗ, ОРГУЛИСТОТ
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (11 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (12 дел) КРАЈ | Literatura.mk