Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (5 дел)

XIII
СИНЧЕТО НА ФАРМЕРОТ СИМОСКИ И МЕЧОКОТ МЕГЛЕН СЕ СРЕТНУВААТ

Да те сретне Меглен
низ шума дур си одиш,
кажи што ќе сториш? Кажи ако може,
јас би трчал дур ме држат нозе.

Токму тоа и го стори Синчето на Фармерот Симоски кога го сретна Мечокот Меглен, а многумина од жителчињата на Зелената гора и некои од Зелената ливада го видоа. Дента кога Синчето на фармерот Симоски со трчање си дојде дома од Потокот на смеата без ниту една риба и раскажа за големата стапалка што ја виде во калта на брегот длабоко во Зелената гора и кога кажа оти е сигурно дека стапалката е од мечка, му се смееја. Фармерот Симоски зајде од смеење.

„Ама“, рече, „во Зелената гора нема мечка со години и години, уште откога бил мал дедо ми, а тоа, знаеш, било многу, многу одамна. Ако сакаш да го најдеш Господинот Мечок, ќе треба да одиш во Големата шума. Не знам кој ја направил стапалката, ама сигурно не била мечка. Изгледа ти се причинило.“

Потоа се изнасмеа уште толку, а сето тоа покажува колку е лесно да згрешиш и колку е глупаво да се смееш за работи што не ги знаеш. Мечокот Меглен дојде да живее во Зелената гора, а Синчето на фармерот Симоски му ја виде стапалката. Ама, Фармерот Симоски толку му се смееше и толку се подбиваше со него, што на крајот синчето почна да си мисли дека сигурно се збунило. Па, кога ги слушна Гавранот Црнко и Сојката Соња како креваат врева близу работ од Зелената гора, ниту за миг не помисли на Мечокот Меглен кога тргна да види што се случува.
Кога Црнко и Соња видоа дека доаѓа, навлегоа малку подлабоко во Зелената гора и уште врескаа возбудено. Беа сигурни дека Синчето на фармерот Симоски ќе ги следи и планираа да го одведат до местото каде што Соња го виде Мечокот Меглен утрото. Така со сигурност ќе откријат дали она што го кажа Малата видра Јоцо е вистина, дека Синчето на фармерот Симоски навистина се плаши од Мечокот Меглен.
Секаде наоколу, зад дрвјата и зад трупците, под дебелите гранки, па дури и на врвот од дрвјата беа сместени другите жителчиња, кои гледаа со ококорени очи и чекаа да видат што ќе се случи. Беше многу возбудливо, највозбудливото нешто на коешто можеа да се сетат. Знаете, имаа стекнато такво мислење дека Синчето на фармерот Симоски не се плаши од никого и од ништо и бидејќи повеќето од нив многу се плашеа од него, не можеа да поверуваат дека тоа би се плашело дури и од толку голем и силен лик како Мечокот Меглен. Сите толку беа загледани во Синчето на фармерот Симоски, што никој не виде дека Мечокот Меглен доаѓа од другата страна.
Знаете, Меглен чекореше многу тивко. Иако е толку голем, може да оди без да направи најмал, најситен шум. Ете зошто никој ниту го слушна ниту го виде, сѐ додека Синчето на фармерот Симоски не излезе од зад едната страна на едно дебело борче, а Мечокот Меглен излезе од другата страна на борчето и сѐ додека не се сретнаа лице в лице! Тогаш сите престанаа да дишат, дури и Гавранот Црнко и Сојката Соња. За минута сѐ беше толку тивко во Зелената гора, што не се слушаше ни најмал шум. Што ли ќе се случи?

XIV
СЕ СЛУЧУВА НЕШТО НЕОЧЕКУВАНО

Гавранот Црнко и Сојката Соња гледаа надолу од врвот на едно високо дрво и беа во исчекување. Сивата верверица Веселка и нејзината братучеда, Црвената верверица Дрдорка, гледаа надолу од друго дрво и беа во исчекување. Опосумот Блажо ѕиркаше со главата од едно шупливо дрво и беше во исчекување. Ракунот Боби ѕиркаше низ дупка од еден шуплив трупец во којшто се криеше и беше во исчекување. Лисецот Црвенко беше испружен зад една грмушка и беше во исчекување. Зајакот Петко седеше исправен под една дебела борова гранка со ококорени очи и начулени уши и беше во исчекување. И сите други жителчиња кои се најдоа тука и гледаа, беа во исчекување.

Знаете, тоа беше највозбудливиот миг воопшто во Зелената гора. Синчето на фармерот Симоски само што излезе од зад едната страна од едно борче, а Мечокот Меглен само што излезе од другата страна на борчето и ниеден од нив не знаеше дека другиот е во близина. Цела минута стоеја тука еден наспроти друг, зјапаа очи во очи, а сите други гледаа и чекаа, па се чинеше како целата Зелена гора да е во исчекување.

И тогаш се случи нешто. Богами, се случи нешто. Синчето на фармерот Симоски ја отвори устата и вресна! Тоа беше толку ненадеен и гласен вресок, што ја преплаши Дрдорка, па за малку ќе паднеше од дрвото, а Лисецот Црвенко скокна на нозе подготвен да бега. Вресокот беше вресок од страв. Немаше сомнеж во тоа, оти по вресокот, Синчето на фармерот Симоски се сврте и се стрча дома, како што никој претходно го немаше видено да трча. Трчаше исто како што трча Зајакот Петко кога мора да стигне до блискиот Стар честак пред да го фати Лисецот Црвенко, а тоа значи дека трчаше колку што го држат нозете. Еднаш се препна и падна, ама за миг се исправи на нозе и побегна без да се сврти за да види дали Мечокот Меглен оди по него. Немаше ни најмал сомнеж дека се исплаши, навистина се исплаши.

Сите се подадоа за да го гледаат. „Што ви реков? Зар не ви реков дека се плаши од Мечокот Меглен?“ извика Малата видра Јоцо, скокајќи од возбуда.
„Имаше право, Јоцо! Жал ми е што се сомневав. Видете го како си оди! Гра-гра-гра!“ писна Гавранот Црнко.

На минута или две сите заборавија на Мечокот Меглен. И тогаш се слушна силен тресок што ги натера сите да погледнат на другата страна. Што мислите дека видоа? Па, трчаше и Мечокот Меглен, и тоа двапати побрзо од Синчето на фармерот Симоски! Се судираше в дрвја, паѓаше в грмушки и прескокнуваше трупци и го снема речиси за миг. Сѐ на сѐ, тоа беше најнеочекуваното нешто што некогаш го виделе жителчињата на Зелената гора.

Трчаше и Мечокот Меглен.

Сојката Соња го погледна Гавранот Црнко, а Црнко ја погледна Дрдорка, а Дрдорка ја погледна Веселка, а Веселка го погледна Зајакот Петко, а Петко го погледна Опосумот Блажо, а Блажо го погледна Ракунот Боби, а Боби го погледна Мрмотот Ѓоко, а Ѓоко го погледна Лисецот Црвенко, а Црвенко го погледна Творот Тони, а Тони го погледна Визонот Вили, а Вили ја погледна Малата видра Јоцо и цела минута никој не изусти ни збор. Тогаш Малиот Јоцо воздивна необично.

„Оф, леле!“ рече, „Мислам дека и Мечокот Меглен се плаши!“ Опосумот Блажо се закикоти. „Мислам дека пак имаш право, Бато Јоцо“, рече. „Изгледа дека навистина е така. А ако не се плаши Бато Меглен, тогаш сигурно се сети на нешто важно и замина да го заврши со невидена трчаница.“

Тогаш сите се засмеаја.

XV
МЕЧОКОТ МЕГЛЕН Е ПАДНАТ ХЕРОЈ

Паднат херој е некој кого сите го почитуваат затоа што е многу храбар, ама на крајот излегува дека не е толку храбар колку што се очекувало. Така беше и со Мечокот Меглен. Кога Малата видра Јоцо кажа како Синчето на фармерот Симоски се исплаши од тоа што виде една од големите стапалки на Мечокот Меглен, Меглен веднаш го направија херој. Барем некои од нив. А бидејќи тогаш првпат, навистина првпат, дознаа дека во Зелената гора живее некој што може да го исплаши Синчето на фармерот Симоски, Мечокот Меглен го гледаа со голема почит и многу беа горди на него.

Ама, сега видоа како Мечокот Меглен и Синчето на фармерот Симоски се сретнаа лице в лице. Вистина беше дека Синчето на фармерот Симоски побегна најбргу што можеше, ама вистина беше и дека Мечокот Меглен го стори истото. Трчаше дури и побргу од Синчето на фармерот Симоски и се скри во најосаменото место што можеше да го најде во најдлабокиот дел од Зелената гора. Беше тешко за верување, ама беше вистина. И во истиот миг сите загубија голем дел од почитта што ја имаа кон Меглен. Така одат тие работи. Почнаа да кажуваат нељубезни зборови за него. Си ги кажуваа меѓу себе, а некои му ги кажуваа и на Меглен кога ќе го сретнеа или, пак, ги кажуваа за да ги слушне.

Се разбира дека Гавранот Црнко и Сојката Соња, кои, бидејќи можат да летаат, немаат зошто да се плашат од Меглен, и кои секогаш уживаат во тоа да им приредуваат непријатности на другите, не испуштија шанса, а да не им кажат на Меглен и на сите други што можеа да слушнат што мислат за него. Со огромно задоволство прелетуваа низ Зелената гора сè додека не го најдоа Мечокот Меглен и безбедно од врвовите на дрвјата му довикуваа.

„Мечокот Меглен е голем и снажен,
со долги канџи и заб страшен.
Ама, џабе, пак бега ко попарен
и се крие по цел божји ден!“

Десетици пати на ден Меглен ги слушаше како му довикуваат така. Ќе скрцкаше со забите и ќе ги погледнеше луто, ама само толку можеше да стори. Не можеше да ги дофати. Мораше да трпи и да молчи. Сепак, кога дрската Црвена верверица Дрдорка го извика истото од едно недостижно место во еден голем бор, Меглен веќе не можеше да трпи. Рикна толку силно и луто, што Дрдорка ја полазија морници, а потоа ненадејно фати да се качува на дрвото по Дрдорка. Дрдорка писна исплашено и се стрча до врвот на дрвото. Не знаеше дека Меглен умее да се качува. Ама, Меглен е извонреден качувач, особено кога дрвото е големо и дебело како што беше тоа, па така тргна нагоре по Дрдорка, ’ржејќи налутено.

Колку ли само зажали Дрдорка што не си ја држеше устата затворена! Отрча на врвот од дрвото, толку исплашена, што дури ѝ штракаа и забите, а кога погледна надолу и ја виде огромната муцка на Меглен како се приближува, за малку ќе се струполеше од страв. А најлошо беше што немаше друго дрво во близина за да скокне. Ја снајде беља Дрдорка овој пат. И тоа каква беља. А немаше кој да ѝ помогне.

Наслов: „Авантурите на Мечокот Меглен“ од Тортон В. Берџес (5 дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитајте го првиот дел од книгата (I, II, III поглавје).

Прочитајте го вториот дел од книгата (IV, V, VI поглавје)

Прочитајте го третиот дел од книгата (VII, VIII, IX поглавје)

Прочитајте го четвртиот дел од книгата (X, XI, XII поглавје)

2 thoughts on “Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (5 дел)

  1. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (6 дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (7 дел) КРАЈ | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.