Во паузите од раскажување на своите креативни приказни, дизајнерката на накит Александра Иванова го поминува времето во уживање на животот и во добра книга. За време на изолацијата, од богатиот избор на „Литература.мк“ препорачува пет книги – своевидни водачи за посреќен живот, за духовна рамнотежа, за промените во нас, древни мудрости за чист ум и полно срце. Ова е нејзиниот избор:
1. „ЗЕН: Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно.
Зошто баш оваа книга? Затоа што сакам мудрост кажана на начин да ја разбере дете, едноставно и ненадмено. И затоа што колку и пати да сум ја чула едноставната вистина за животот, исто толку пати сум ја заборавила и сакам да си имам потсетници. Оваа книга е тоа.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
2. „И Чинг или Книга на промените“ од Рихард Вилхелм и Кери Ф. Бајнс
Ја позајмив оваа книга пред години од другарка, и скроз ме шашардиса. Си замислуваш животен план: здравје, пари, коли, станови, куќи, партнерство, хахаха …или која било животна пресвртница и фрлаш паричка според одредени правила додека не добиеш шема (хексаграм) која има свое толкување. Тоа е еден вид дијагноза за состојбата која ја минуваш со опомени за опасност и предупредувања за донесување правилни одлуки и избор за насока на движење. Описот секогаш бил неверојатно поврзан со моите поставени планови и дава преглед на тоа како ќе се развива ситуацијата што не можеш а да не се замислиш одново: кое знаење се крие во овие сконцентрирани толкувања кои имаат обѕир за сите човечки препреки. Тоа е древно знаење кое не е извадено од ракав туку изнедрено, еден вид збир на космогонија, прихологија, етика, визионерство, пророштво или е сублимат на конфучијанството и таоизмот. И конечно, можам да си имам свој примерок.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
3. „Мала книга за хиге: данскиот начин на добро живеење“ од Мајк Викинг
Ова книга ја открив пред години на интернет преку цитати извадоци и текстови кои некој ги имаше напишано за неа. Тоа беше љубов на прв поглед. Веднаш штом дознав дека е преведена отидов во нашата локална омилена книжарница во Штип и ја нарачав. Тоа беше првиот ден од излегувањето, не претерувам. Секој ден одев во книжарницата и прашував: дојде, дојде, дојде… и дојдеее! Тоа е книгиче за кое треба да си направиш цел ритуал, атмосфера, комфор, свеќи, чај, винце и да листаш стопати, најпрво да ја примиш визуелно. Потоа дури може да се чита. И не дека тоа беа работи кои ми беа нови. Тоа е начинот на кој јас со години си правев топлина околу себе, ама кога прочитав како во Данска постои институт за среќа и дека истражувачот Мајк Викинг ја согледал митската важност на хиге за Данците и ни го пренесува тоа согледување дизајнирано како уметност на живеење уште толку се воодушевив. Трето, на ниво на восхит ми беше тоа дека еден месец по купувањето на книгата, без местенки, јас бев во Данска и да, таму сѐ е баш така како во книгата. Данска стварно е хиге.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
4.„Иднината на умот“ од Мичио Каку
Ако побарате на „Јутјуб“ ќе се сетите дека авторот го знаете. Мичио е еден седокос прекрасен светол лик, кој си зел за задача да ја направи науката достапна за нас љубопитните неуки сезнајковци. Не можам да немам страст после „Физика на невозможното“, која ја имам како скрипта и ја читав со посебен занес, додека пиевме утринско кафе во нашето омилено кафуле со маж ми. Мичио ме врати на себеси, ми ги врати сликите во глава за бескрај со ѕвезди и планети, ми го врати моето космонаутско одело, погледот во недогледот, и ми ги врати сите прашања кои сметките за струја и вода сакаа да ми ги одземат. Оваа нова, достапна за мене книга, е прилика што нема шанси да ја испуштам, не дека Мичио ќе ми ги плати сметките, туку за тоа што ќе ми ги дорасчисти оние кои ги имам во врска со умот и неговата иднина.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
5.„Млеко и мед“ од Рупи Каур
Рупи Каур ја запознав на „Инстаграм“. Среќа јас не сум од оние кои се гнасат од „Инстаграм“ поети и можам да ја уживам нејзината едноставност која ја стекнала преку дизајнерството, а ја пренела во збор. Ако се сетиме што за нас е млеко и мед во нашето локално потсвесно, вели дека мора на Рупи многу добро да ѝ одело, па сега ќе ни каже како да ни тргне. Но, Рупи е премногу искрена, разголена и суптилна за да лаже и ни кажува сѐ: за болката, сакањето, повредувањето, раскинувањето, зацелувањето, за телото, за жената, за предрасудите, за ограничувачките уверувања… Рупи ја читав во еден здив, спремна, со кафе и со отворена тетратка, зашто веднаш пишував додека ја читав. Силна е, се пие на екс, и не сакаш да немаш дома барем една Рупи Каур. Ја подарив трипати досега, и ќе порачам нов примерок. Карантинот трае, не смеам да бидам без „Млеко и мед“ дома.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.