Од авторката на одличните романи за деца: „За мачките, за нотите и за бубачките“ и „Сакам дома!“, Јасминка Петровиќ деновиве на македонски јазик излезе од печат уште една интересна книга за најмладите: „Сè е во ред“. Една од најчитаните авторки во регионот, во своите книги отвора значајни прашања, со кои се соочуваат не само децата – туку и возрасните. Ви претставуваме четири нејзини книги во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, кои топло ги препорачуваме за целото семејство:
1. „Сè е во ред“
Понекогаш не е лесно да бидеш млад. Има многу предизвици, дилеми, емоции, недоразбирања… Јунаците од оваа книга не се согласуваат со немирот и темнината. Тие избираат љубов наместо страв. Тие трагаат по нов ден, по слобода. Слушај, во ред е и ако се согласиш и ако не се согласиш со мене. Сè е сосема во ред.
Книгата е достапна за нарачка на следиот линк.
2. „35 калории без шеќер“
Во „35 калории без шеќер“ приказната се врти околу Јована и Тара, кои го поминуваат зимскиот распуст кај едно весело семејство во Гроцка. И додека околните ритчиња дремат под дебелиот снег, а Дунав си ја гледа својата работа, во куќата се случува драма. Кога вагата ќе покаже половина килограм повеќе, некој исчезнува од куќата, некој доаѓа до застрашувачки сознанија истражувајќи на интернет. Едно куче првпат преноќува во топлата куќа, а една девојка се бори со змијата во стомакот. Некаде покрај Сава, се случува нешто слично, но многу пострашно.
Книгата е достапна за нарачка на следиот линк.
3. „Сакам дома!“
„Сакам дома!“ е поучна книга и за родителите и за децата. Приказната се движи околу малиот Никола, кој одлучува да замине во потрага по нови родители. Но, нема смислено каде да ги најде. Во соседството? Во некоја соседна држава? Во Европа? Африка? Австралија? На Северниот Пол? Во огласите? На „Фејсбук“?… За едно толку симпатично и умно момче, каков што е Никола, родителите можат да се најдат само на некоја друга планета. Деца, појдете со Никола во потрага по совршените родители. Ве очекуваат комични, всушност, космички авантури, преполни со мали чуда, џиновски солзи, смешни зборови и опасни игри.
Книгата е достапна за нарачка на следиот линк.
4. „За мачките, за нотите и за бубачките“
Една од најпоучните книги за проблемите на децата во модерното општество и инклузија на децата со посебни потреби. Ако ѕирнеш низ трите прозорци, ќе дознаеш зошто Маја е тажна, на што се радува Ѕвезда и од што се плаши Милан. Пред тебе ќе се отвори нова галаксија и Стара планина. Ќе откриеш како звучи еден бибер-акорд и зошто во некои соби секогаш е мрак. Ќе се зборува за мачките, нотите, бубачките и радосните моменти. Дали некогаш сте помислиле дека животинчето на соседите или, пак, бабичката од првиот кат дека е вонземјанин? Не сте единствени. И Маја се чувствува така. Ете, веќе толку време се труди да се објасни со мајка си дека баба Цена и нејзината мачка се вонземјани. Ама навистина, па која обична мачка има зелена боја?! На ѕвезденото девојче Ѕвезда најголема радост ѝ е деноноќната дружба со клавирот. Мајка ѝ ја убедува да се одмори, да оди надвор и да си поигра со другите деца, но на Ѕвезда воопшто не ѝ е товар посветеноста на музиката. Но, набрзо се случува пресврт, кога во соседната зграда се вселуваат две интересни сестрички – новите другарки.
Милан многу се плашеше од бубачките, но го надмина тој страв. Тој со задоволство би играл видеоигри до бескрај, ама немој да сте му споменале планинарење и слично. За разлика од него, пак, татко му е обземен од природата и во секоја можна пригода го води својот син на екскурзија. На Милан не му е по волја, но не се буни премногу. Арно ама, една партија „Магаре“ и сите стравови магично исчезнуваат и планината изгледа попривлечна…
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.