Легендарниот спортски коментатор и автор на книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“, Зоран Михајлов, својот немирен новинарски дух, во периодот на домашна изолација го скротува читајќи книги. Во неговиот избор покрај спортските книги, има наслови со доза на хумор и носталгија. Ова се неговите топ 5 предлози од „Литература.мк“ што да читате овој период.
1. „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски
Приказните на Плавевски се еден времеплов низ годините наназад кога животот во Скопје наликуваше како да е зајмен од некоја книга, нестварен од многу аспекти: тоа беше време кога имавме многу малку, а се радувавме многу. Улицата и маалските сокаци беа врвна школа за животот, па макар тоа значело и крвав нос од некоја залутана тупаница или одрано колено од пентарење по ѕидови или поради неуспешен дриблинг. Центарот на случувањата во збирката раскази „Динга стоп“ е централното Ново маало, кое остана недопрено од фуриозната промена на градот, па ако патот ве однесе низ ова конзервирано место, а притоа сте ја прочитале оваа книга, ќе ви се чини како и самите да сте ги доживеале згодите и незгодите пред повеќе од педесет години.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
2. „Роналдо: Опсесија за совршенство“ од Лука Кајоли
Одлична и содржајна биографија за еден од најдобрите фудбалери на денешницата. Биографот Кајоли ги бележи почетоците и развојот на големата ѕвезда, почнувајќи од неговото рано детство во Мадеира и сиромашниот живот на петчленото семејство, па сè до врвот на светскиот фудбал. Како што кажува и поднасловот на оваа книга, како спортист Роналдо е опседнат со својата форма, често читаме дека за да се надмине, знае да тренира и над зададената норма, а тоа се забележува и на терените и по постигнатите резултати. Оваа биографија би била интересна за секого, а не само за вљубениците во најважната споредна работа на светот – фудбалот.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
3. „Полскиот боксер“ од Едуардо Халфон
Многу предизвикувачки привлечен наслов, што се потврдува преку изведбата на авторот. „Полскиот боксер“, всушност, опфаќа едно огромно поле на човеково искуство стекнато при потрагата по потеклото: еден внук се обидува да ја одгатне смислата на минатото на неговиот дедо Полјак и да ја открие приказната зад тетовираните броеви на неговата рака; еден српски пијанист копнее по неговото забрането наследство; еден студент-поет со потекло од древните народи Маи е растргнат помеѓу студиите и семејните обврски; една млада Израелка е во потрага по одговори во Централна Америка; еден универзитетски професор е жеден за знаење што не може да го најде во книгите и открива нешто неочекувано на конференција за Марк Твен… Впечатлива книга, може да се каже и современ класик, за желбата да се дофати убавото и миговното преку хумор, музика, поезија и неискажаните зборови.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
4. „Остани во чекор: десет антологиски кореографии“ од Кирил Тодевски
На сечија радост, сега имаме можност да ја читаме и да ја подаруваме оваа прекрасна монографија за еден од најголемите амбасадори на Македонија во светот, ансамблот „Танец“. Во книгата се содржани десетте антологиски кореографии по кои сме препознатливи на културната мапа на светот, а изданието изобилува и со прекрасни фотографии од народните носии ширум нашата земја. Книга што треба да ги краси домашните библиотеки и често да се прелистува, за да нè потсетува на нашата богата традиција.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
5. „И така, ви велам“ од Џон Клиз
Еден од фронтмените на славната група „Монти Пајтон“, преку рафинираниот и препознатлив хумор и неверојатната смисла за забележување детали, нè запознава со неговото детство во гратчето Вестон-супер-Мер и со формирањето и подемот на најлуцидната група, која со своите досетки го освои светот. Читањето на оваа автобиографија со сигурност гарантира многу уживање и смеа.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.