Хајди Елзесер гостинка во „Остани дома со Астрорум“

Нашата врвна пијанистка Хајди Елзесер е гостинка во ова издание на емисијата „Остани дома во Астрорум“. Оваа неверојатна уметница со егзотично име, кое влече корени од нејзиното германско потекло, е родена во Скопје, но голем дел од своите години се образува, живее и работи надвор од земјата. Неверојатно успешна и на полето на солистичката и на камерната изведба, но и во педагогијата, таа гласи за уметничка со посебен сензибилитет и особено длабок однос кон музиката. Иако последниве дваесетина години живее и работи во Германија, а концертира на многу меѓународни подиуми, таа редовно го посетува својот роден град и приредува незаборавни концертни задоволства и за нашата публика.

Со одлична пијанистичка основа, стекната во Музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје кај професорката Нада Младенова, а потоа на Факултетот за музичка уметност во Скопје кај професорката Стела Слеанска, Хајди Елзесер заминува на студии на „Екол Нормал де Музик“ и на Европскиот Конзерваториум во Париз, Франција. По успешното заокружување на високото образование во кое најзначајна улога има професорот Теодор Параскивеско, таа се враќа во родното Скопје и неколку години работи како асистент на Факултетот за музичка уметност, но, потоа заминува во Германија, на Факултетот за музика во Детмолд, каде што ги завршува највисоките постдипломски студии за солистички инструмент во германскиот образовен систем „Концертегзамен“, еквивалентот на докторските студии во повеќето европски земји. Таму е и денес, каде успешно настапува, предава и живее со своето семејство, со сопругот, пијанист и музиколог Костадин Делиниколов и двете деца, Петра и Константин.

За тоа каков пијанист е Хајди Елзесер говорат многубројните рецензии за нејзините настапи, а доволно е да споменеме дека еден деликатен француски критичар има истакнато дека таа ги исполнува француските композитори со таков француски сензибилитет, поголем и од оној на француските музичари, а еден негов австриски колега после еден нејзин концерт останува зачуден од количеството љубов што таа му го дала на концертот на еден Барток. Но, Хајди не е помалку посветена и на изведбите на делата и на македонските композитори како Томислав Зографски, Гоце Коларовски, Јана Андреевска, Александар Пејовски, Михаило Трандафиловски, Костадин Делиниколов, Панде Шахов, Владимир Николов. Ги изведува секаде низ светот, а редовно и на нашиот фестивал за современо творештво „Денови на македонска музика“.

Таа настапува како солист и камерен музичар во концертни сали ширум светот, меѓу кои во салата „Гаво“ во Париз, „Тонхале“ во Дизелдорф, „Еткер Хале“ во Билефелд, познатата концертна сала на „Резиденсиа де Естудиантес“ во Мадрид. Редовно настапува на бројни фестивали низ цела Европа (Фестивал за современа музика – Детмолд ; „Пуленк Фестивал“ – Детмолд ; „КантАрт“ – Северна Рајна Вестфалија; „Фестивал Фракции“ – Билефелд; „Џорџ Крамб“ – Детмолд; „Шопен Фестивал“ – Париз; „Охридско Лето“ , ДММ – Македонија), како и во Кина и во САД. Нејзиниот репертоар е исклучително еклектичен и многустран – од раниот барок, па сè до современите дела на 21. век, вклучувајќи и бројни светски премиерни изведби на композитори со кои редовно соработува, како што се Б. Шуман, В. Глобокар, Ј. Андреевска, М. Апелбаум, А. Пејовски, М. Трандафиловски, Х.Ј. Винклер, М.К. Редел, К. Делиниколов, Г. Сантандер, П. Шахов, В. Николов и други. Македонските композитори се редовно претставени на нејзините настапи.

Хајди Елзесер е основач на квартетот за две пијана и два перкусионисти „ Artwork Ensemble“ кој е посветен на современата музика и со кого веќе има гостувано на фестивалот „Денови на македонската музика“. Настапува како член на повеќе ансамбли за современа музика како што се „ Ensemble Horizonte“, „Earquaqe Ensemble“ и други. Покрај нејзината активна концертна дејност како солист и камерен музичар, Елзесер настапува со оркестарот на Ландестеатер Детмолд, како и со сите македонски оркестри. Елзесер остварува бројни аудио и видеозаписи за Македонското радио и Македонската телевизија, во живо настапува на француското радио „Радио Франс“ ‒ како солист и во дуо со нејзиниот последен професор – интернационално реномираниот пијанист Жан-Ефлам Бавузе, на националното шпанско радио на кое во живо е пренесуван нејзин солистички концерт, како и на повеќе германски станици меѓу кои повеќепати на познатиот канал за класична музика – ВДР 3. Таа има издадено свој соло компакт-диск со дела на Брамс и Шуберт, а учествува и во повеќе продукции на компакт-дискови со камерна музика во Германија. Од 2011 година, Хајди Елзесер и нејзиниот ансамбл за современа музика се почесни членови на Фондацијата „Томислав Зографски“. Хајди Елзесер е член на жири-комисии на германски натпревари, држи национални и интернационални мастер-класи, а нејзините ученици и студенти се добитници на награди на повеќе натпревари во Германија.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.