„Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (9 дел)

 

ХРИСТОС НА ЧЕРЕПОТ

I

 

Кралот на Кастилија ќе војуваше против Маварите и за да се бори со непријателите на неговата вера го повика кремот на неговата аристократија за да му се придружи во оваа борба. Тивките улици на Толедо дење и ноќе ечеа од воените звуци на тапаните и роговите и во маварските пристаништа Висагра или Валмардон или на влезот на стариот мост на Сан Мартин не поминуваше ниеден час без звукот на стражата, која го најавуваше доаѓањето на некој аристократ, пред кого се вееше неговото знаме и го следеа јавачи и пешадија што доаѓаше да ù се придружи на големата кастилијанска армија.

Пред да се организираат кралските војски и да се подготват за да јурнат кон границата, имаше јавни забави, луксузни банкети и неверојатни прослави сè до последната ноќ пред денот назначен од Неговото Величество за да тргне армијата, кога се организира голема фешта како последна прослава.

На ноќта на прославата, кралската тврдина изгледаше необично. Во пространите предворја беа распространети околу големи огнови разнолики групи пажови, војници, стрелачи и обични луѓе. Некои ги подготвуваа коњите и оружјата за претстојната битка, некои извикуваа клетви и богохулија по неочекувана игра на среќата, олицетворена во чашката со коцки, некои го повторуваа рефренот од воена романса што ја пееше еден трубадур, придружен со гусла; други купуваа школки, крстови и шамичиња што ги донел некој поклоник од гробот на свети Јаков или се смееја со сета сила на смешките на еден кловн или ја вежбаа на кларинет воената песна за почеток на борба за нивните господари или во врска со старите приказни за рицарски лутања или љубовни приказни или чуда што штотуку се случиле; сето ова предизвика немирни и заглушувачки комбинации од активности што би биле невозможни за точно да се опишат со зборови.

Над раздвижениот океан од звуци, чекани што удираат врз наковални, турпии што стругаа челик, ’ржење коњи, лути гласови, рапава смеа, возбудено викање, клетви и чудни, неусогласени звуци, беа далечните ноти на музика што доаѓаа од прославата.

Оваа прослава се одвиваше во собите што беа во внатрешниот дел на тврдината, кој иако не беше толку неформален и каприциозен, беше далеку повосхитувачки и повеличествен.

Во пространите галерии што се ширеа во најразлични насоки со комплициран лавиринт на тенки столбови и благородни лакови; во пространи салони украсени со таписерии од свила и злато, со шарени прикази на љубовни сцени, на лов и војна, со грбови на кои се одбиваа светлата од илјадници ламби и бронзени канделабри, сјаеше сребро и злато, каде и да погледневте гледавте убави жени со богати фустани порабени со злато, со бисери во нивната коса и ѓердани од рубини врз градите, пердуви пуштени да се веат близу ракав од слонова коска, закачени на манжетните и тантелни велови им ги галеа образите; или весели толпи галанти со кадифени наметки, брокатни елечиња, свилени чорапи, чизми од мароканска кожа и носеа плаштови без ракави и качулки, ножиња со филигрански балчаци и мечеви со тенки, издолжени и лесни сечива.

Но додека постарите седеа веднаш до кралскиот подиум и ја гледаа оваа прекрасна, младолика група со радосна насмевка, вниманието беше насочено кон една жена што се истакнуваше поради нејзината неспоредлива убавина, жена што ја прогласуваа за кралица на убавината на сите натпревари и на додворувањата, чии бои ги носеа амблемите на сите храбри рицари, чиј шарм се воспеваше во песните на најпознатите трубадури кои гледаа со воздишки од копнеж и наоколу највидните големци на градот Толедо се собираа како покорни вазали околу кралица, собрани на фештата таа ноќ

Овие упорни следбеници на доња Инес де Тордесилјас, зашто вака се викаше оваа прославена убавица, никогаш не престанаа да ù се восхитуваат, и покрај презирот со кој ги гледаше; некој се охрабруваше од насмевката што божем ù ја видел во очите, другите се вдахновувале од некој ласкав збор, некој слаб комплимент или некое идно ветување и секој сметал дека го избрала за свој миленик. Сепак, имаше двајца додворувачи што особено се истакнуваа по нивната преданост и нивната ревност, двајца кои не ù беа миленици, а можеа да се сметаат дека стигнале на најдолниот пат до нејзиното срце. Овие двајца, кои потекнуваа од благородно семејство и беа еднакви по храброста и способноста, му служеа на истиот крал и ù се додворуваа на истата жена. Се викаа Алонсо де Карилјо и Лопе де Сандовал.

Обајцата беа родени во Толедо; обајцата истовремено се вооружаа и обајцата лудо се вљубија во доња Инес само што ја видоа, љубов што беше тивка и воздржана на почетокот, но наскоро беше јасна по нивните дела и по работите што ги кажаа.

Во турнирите на Зокодовер и каде и да можеше за време на настаните што се одвиваа во дворот и двајцата сторија сè што е можно за да си ги покажат храброста и умот за да ù го привлечат вниманието на дамата. На ноќта на прославата, несомнено поттикнати од истата желба, наместо нивните оружја и оклоп, облекоа елегантни свили и брокади и ù се приближија на клупата каде што таа се одмараше по прошетката низ салата; таму, секој почна да ù упатува љубовни зборови и мудри забелешки, се обидуваа да ù ја придобијат наклоноста.

Помалите ѕвезди на ова сјајно соѕвездие, што направија позлатен полукруг околу двајцата галанти, се смееја и ги поддржуваа овие наспроти; прекрасниот предмет на овој натпревар на зборови, малку се поднасмеа во одобрување на мудрите забелешки што излегуваа од усните на нејзините обожаватели, или за да ù ласкаат на нејзината суета или за да го погодат најранливото место на нивниот опонент: сопствената љубов.

Конечно овој додворувачки натпревар на ум и галантност стана посуров; зборовите беа уште учтиви по форма, но кратки и остри; и ако се искажуваа со стискање на усните за да личат на насмевка, беа придружени со сјај во очите што не можеше да се скрие и што покажуваше потисната лутина што им гореше во срцето на двајцата ривали.

Ситуацијата беше неподнослива. Дамата го сфати ова и стана од клупата, и се подготвуваше да се повлече во салите кога се случи нов инцидент, со што се скрши границата што до овој миг ги одделуваше двајцата вљубени младичи. Можеби намерно или можеби случајно, доња Инес во својот скут остави една од елегантните ракавици со чии златни копчиња си играше додека се одвиваше разговорот. Кога стана, ракавицата падна меѓу наборите на нејзиниот свилен фустан и падна на килимот. Кога видоа дека паѓа, целата група вжештени обожаватели јурнаа за да ја дигнат, се бореа за честа да добијат израз на благодарност, како награда за нивната галантност.

Кога ја виде желбата што ја покажаа нејзините обожаватели додека брзаа да ù ја подигнат ракавицата, една незабележлива насмевка на задоволена суета се рашири низ усните на доња Инес и откако општо им укажа дека им се заблагодарува на сите што толку се труделе за да ù удоволат, скоро без да гледа со презирен израз на прифаќање ја пружи раката кон Лопе и Алонсо, кои први стигнаа до местото каде што падна ракавицата.

Всушност, двајцата младичи видоа како ракавицата ù падна пред нозе, двајцата се наведнаа со иста брзина за да ја дигнат и секој фатил по еден раб на ракавицата. Кога ги виде неподвижни, секој зјапаше во другиот тивко и се одлучија да не ја пуштаат ракавицата што ја подигнаа од подот, доња Инес списка остро, неволно, со што ги замолчи гласовите на воодушевените гледачи што присуствуваа на оваа чудна сцена, што во замокот и во присуството на кралот можеше да се смета како ужасен израз на непочитување.

Сепак, и Лопе и Алонсо беа мирни и тивки, се меркаа од глава до пети, без да си ја откријат тензијата што беснееше во нив, освен преку нервозниот трепет што ги тресеше како да фатиле треска.

Мрморењата и извиците се засилуваа; луѓето почнуваа да се собираат околу двајцата протагонисти на оваа драма. Доња Инес, или нервозна или можеби сакаше да ја продолжи претставата, одеше напред-назад како да бараше место каде да се скрие од погледите на луѓето, кои се собираа во сè поголем број. Сега катастрофата беше неизбежна; двајцата младичи почнаа да разменуваат заканувачки зборови и додека со едната рака згрчено ја држеа ракавицата, со другата се обидуваа да го фатат балчакот на златниот нож, а кога групата набљудувачи во почитување се раздели, се појави кралот.

Лицето му беше мирно и не му се гледаше ниту бес ниту осуда во изразот.

Погледна наоколу и му беше доволен само еден поглед за да види што се случува. Со сета галантност на младите аристократи, посегна и ја фати ракавицата од рацете на двајцата мажи, кои како да скокнале на федер, ја пуштија ракавицата и се повлекоа. Кога ù се сврти на доња Инес де Тордесилјас, која се потпираше на раката на една слугинка како да ќе се онесвести, кралот ù ја подаде ракавицата и со нежен, но цврст глас ù рече:

– Повелете, дамо, ракавицата, и внимавајте пак да не ви падне, или во друг случај би можело да ви ја вратат извалкана со крв.

Кога кралот заврши, доња Инес, невозможно е да знаеме дали ја фатила емоцијата или едноставно гледаше да ја избегне тешката ситуација, се струполи онесвестена во рацете на сите наоколу.

Алонсо и Лопе, едниот тивко си ја држеше кадифената шапка чии пердуви се влечеа по подот, а другиот си ги гризеше усните толку цврсто што ќе си пуштеше крв, се гледаа еден со друг многу напнато.

Таквиот поглед е исто како и шлаканица, или фрлање ракавица: предизвик за борба до смрт.

 

II

 

До полноќ, кралот и кралицата се повлекоа во своите одаи. Прославата заврши и љубопитните плебејци што нетрпеливо го очекуваа овој миг во групи собрани во ходниците на палатата сега трчаа уште еднаш да се соберат на ридовите околу замокот: Мирадорес и Зокодовер.

За еден или два часа улиците блиску овие две места се преполнија со бучни активности на оние што славеа со толку жив дух што е тешко да се опише. Тие беа властелини што потскокнуваа на богато украсени коњи, рицари со украсени наметки и штитови со грбови, тапанари облечени во светли бои, војници покриени со светол оклоп, пажови што носат кадифени наметки и шапки со пердуви, слуги што одат пред светли носилки и кочии без коњи покриени со богати платна, носеа големи, запалени факели чиј црвен сјај ги осветлуваше лицата на воодушевените набљудувачи што ја гледаа парадата на кастилијанската аристократија, што беше опколена со атмосферата на неверојатен сјај.

Тогаш, малку по малку, бучавата и живоста почнаа да се намалуваат; високите, обоените прозорци во лаковите на палатата се затемнуваа и престануваа да светат; последната процесија на коњи помина низ толпата гледачи; обичните луѓе исто така почнаа да се распрснуваат на различни насоки низ потемнетите улици на градот и тишината на ноќта само се кршеше од далечните вресоци на ноќниот чувар, чекорите на уште некој гледач што си заминуваше и звукот на кваката што се затвораше кога некој влегуваше во својата куќа, кога се појави човек на високите скалила што се спуштаа од палатата. Откако погледна наоколу, се симна по скалилата до ридот Алказар и се упати кон Зокодовер.

Кога стигна на плоштадот што го носи неговото име, запре и пак погледна наоколу. Ноќта беше темна; дури ни една ѕвезда не светеше на небото, ниту имаше какви било светла на плоштадот; сепак, во далечината почна да слуша меки звуци на чекори што се доближуваа и можеше да види силуета на човек: несомнено беше оној што го чекаше со толкаво нетрпение.

Човекот кој штотуку ја напушти палатата и дојде на Зокодовер беше Алонсо Карилјо, кој поради неговото почесно место до кралот, се очекуваше да помине одредено време со него во неговите одаи до овој доцен час. Човекот кој излегуваше од сенките под лаковите што го опколуваа плоштадот за да се сретне со него беше Лопе де Сандовал. Кога двајцата се сретнаа, си разменија неколку меки зборови.

– Очекував дека ќе ме чекаш, рече едниот.

– Да, претпоставив дека така сакаше, одговори другиот.

– Па, каде да одиме?

– Каде и да има доволно место за да се движиме и малку светлина за да видиме што правиме.

Откако заврши краткиов разговор, двајцата младичи влегоа во една од тесните улички што водеа до плоштадот на Зокодовер, каде што исчезнаа во темнината како ноќните духови што ги плашат оние што ќе ги видат и потоа се распрснуваат во магличка што се губи во сенките.

Поминаа долго време во лутање низ улиците на Толедо, го бараа вистинското место за да си ги решат недоразбирањата, но ноќта беше толку темна што почна да изгледа дека дуел би бил неможен. Сепак, двајцата сакаа да се борат и се надеваа дека ќе успеат пред зора, зашто ова беше времето кога ќе си заминеше армијата и тогаш Алонсо ќе си заминеше со нив.

Па, продолжија да гледаат, поминуваа повремено низ напуштени плоштади, мрачни пасажи и темни, тесни улички. Ова продолжуваше сè додека не видоа светлина во далечината. Беше мала, нејасна и околу неа се формира магличка во матен круг на светлина.

Стигнаа до влезот на улицата „Христос“ и светлината што ја видоа била од една ламбичка што во тие денови, а дури и денес уште ја осветлува статуата по која е крстена. Кога ја видоа, и двајцата извикаа од задоволство и забрзани во таа насока, наскоро стигнаа на местото каде што светеше светлината.

Во задниот дел од еден лак потонат во ѕидот имаше статуа на Спасителот прикован за крстот, со череп пред нозете; груб, дрвен покрив што излегуваше од ѕидот за да ги заштити од дождот; една ламбичка закачена на јаже испушташе слаба светлина што трепереше додека се нишаше напред-назад на ветерот; неколку гранчиња бршлен раснеа од скршените камења и создаваа слаба мрежа на зеленило.

Двајцата мажи се прекрстија со почитување, клекнати пред статуата на Христа. Откако си ги тргнаа шапките и кажаа кратка молитва, погледнаа наоколу за да го испитаат теренот и си ги извадија наметките, па се подготвија за борба. Откако секој кимна, си ги прекрстија мечевите. Едвај се допре челикот и пред секој борец да може да направи чекор или удар, светлината наеднаш се изгаси и улицата потона во темнина. Кога видоа дека ги обзема оваа темнина наеднаш, како да ги води истата мисла, се повлекоа и го спуштија врвот на мечот до земјата. И двајцата ја погледнаа ламбата чија светлина се изгаси пред еден миг, но таа сега пак светеше и се согласија да престанат со борбата еден миг.

– Сигурно некој налет на ветер го изгасил пламенот на некој миг, изјави Алонсо, пак се постави во борбена положба и му се сврти на Лопе, кој изгледаше вознемирено.

Откако му се расчисти главата, Лопе направи еден чекор напред и си ја испружи раката, па пак им се допреа сечивата. Ама, како што го сторија тоа, светлината пак се изгаси и темнината траеше сè додека беа допрени сечивата.

– Ова е многу чудно, промрмори Лопе, зазјапан во ламбата што спонтано пак се запали и бавно се нишкаше во ветерот, додека испушташе светкава светлина врз жолтиот череп што лежеше пред Христа.

– Пих! викна Алонсо, жената што е задолжена да се грижи за ламбата сигурно ставила помалку масло, па затоа се гаси и се пали, како да се мачи.

И кога го кажа ова, нетрпеливиот младич уште еднаш се постави во одбрана. Неговиот противник го стори истото, но кога пак им се допреа сечивата, не само што ги опколи непробојна темнина, туку и ушите им се исполнија со звукот на еден чуден глас, како дување на ветер што стенка и изгледаше како да изговара зборови низ кривулестите, темни и тесни улички на Толедо.

Никој не знае што кажал чудниот глас, но кога го слушнале, секој борец толку се исплашил што мечот му испаднал од рака и косата му се накострешила; и секој толку се потресол, а челото им го преплавила студена пот како бакнеж на смртта.

Светлината што по третпат се изгасила, пак се појавила и темнината исчезнала.

– Ова мора да е знак, рече Лопе додека зјапаше во противникот, кој некогаш му беше најдобар пријател, кој исто така беше блед и вџашен. – Бог сигурно не сака да ја дозволи оваа битка затоа што е братоубиствена борба, зашто е борба што го навредува Небото, пред кое му се заколнавме на вечно пријателство.

Кога го кажа ова, со раширени раце во прегрна Алонсо, кој исто така го прегрна неописливо силно и желно. Кога поминаа неколку минути, во текот на кои двајцата младичи си ги искажаа нивното длабоко пријателство и наклоноста, Алонсо почна да зборува и да покажува дека и тој бил длабоко трогнат од сцената која штотуку ја опишавме, па му се сврте на пријателот и му рече:

– Лопе, знам дека ја љубиш доња Инес; не знам дали твојата љубов е силна колку мојата, ама знам дека ја љубиш. Зашто не е возможен дуел меѓу нас, да најдеме друг начин за да го решиме ова. Ај да ја најдеме и да ù дадеме да одлучи таа, по нејзина желба, кого ќе го одбере, а кого ќе го одбие. И двајцата ќе ù ја почитуваме одлуката и кој нема да ù биде наклонет, утре ќе го напушти Толедо со кралот и ќе се утеши и ќе заборави на битката против непријателот.

– Ако така сакаш, така нека биде, одговори Лопе.

И рака в рака, двајцата пријатели се упатија кон Плоштадот на катедралата, каде што живееше доња Инес де Тордесилјас, во голема хациенда што денес веќе не постои.

Скоро се зазорувало и зашто некои од роднините на доња Инес, заедно со браќата тој ден заминувале со Кралската армија, дури и во овој ран час можело да се влезе.

Со оваа надеж во мислите, стигнале до подножјето на готската камбанарија на црквата, ама кога стигнале таму, слушнале чуден звук што им го привлекол вниманието. Кога запреле кај едно од ќошињата, каде што ги криеле сенките на потпирачите со кои биле потпрени ѕидовите, на нивно изненадување на еден балкон од хациендата каде што живеела нивната дама, виделе отворена врата. Еден човек се спуштил на земја со долго јаже и виделе бела силуета, која сигурно беше доња Инес, наведната преку оградата, како му вели нежни поздравни зборови на својот мистериозен љубовник.

Првиот импулс на двајцата младичи бил да посегнат по мечевите; а потоа сопреле како да им дошла истата мисла, се погледнале и кога виделе какво изненадување има на лицето на другиот, прснале во смеа толку гласна што се слушала низ плоштадот сè додека стигнала до хациендата.

Кога ја слушнала, силуетата на балконот веднаш исчезнала; а откако слушнаа како треснуваат врати, плоштадот се смирил.

 

III

 

Следниот ден кралицата стоеше на кралскиот подиум, ја гледаше армијата како маршира за да се бори против Маварите, а покрај неа стоеја највидните жени на Толедо; меѓу кои и доња Инес де Тордесилјас, и како и секогаш сите очи беа вперени во неа. Сепак, таа забележа дека изразот на нивните очи не е ист како и секогаш; всушност, изгледаше дека заедно со овие љубопитни погледи упатени кон неа имаше и една подбивна насмевка.

Кога го сфати ова, веднаш се вознемири, особено по бучната смеа што ја слушна претходната ноќ, што доаѓаше од едно од ќошињата на плоштадот додека се поздравуваше со љубениот. Тогаш, кога ги гледаше редиците војници што поминуваа со своите окопи кои светеа на сончевата светлина, ги виде знамињата на Карилјо и Сандовал како маршираат едно до друго. Откако виде колку значајно ù се насмевнуваа додека ја поздравуваа кралицата, таа почна да разбира. Тогаш, лицето ù се вцрви од срам и во очите имаше горчлива солза.

 

Извадок од книгата „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (9 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн  на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитајте го првиот дел: СТРАСНАТА РОЗА.

Прочитајте го вториот дел: БАКНЕЖОТ.

Прочитајте го третиот дел: МЕСЕЧЕВИОТ ЗРАК

Прочитајте го четвртиот дел: ГНОМОТ

Прочитајте го петтиот дел: ПОМИЛУЈ МЕ

Прочитајте го шестиот дел: КРСТОТ НА ЃАВОЛОТ

Прочитајте го седмиот дел: МАЕСТРО ПЕРЕЗ, ОРГУЛИСТОТ

Прочитајте го осмиот дел: ЧУДНО Е!

3 thoughts on “„Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (9 дел)

  1. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (10 дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (11 дел) | Literatura.mk

  3. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (12 дел) КРАЈ | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.