Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (четврт дел)

X

МЕЧОКОТ МЕГЛЕН СТАНУВА ХЕРОЈ

 

Веста што ја кажа Малата видра Јоцо покрај Насмевнатото езерце, како Синчето на фармерот Симоски побегнало од Мечокот Меглен, иако не го ни видело, набргу се прошири насекаде низ Зелената ливада и низ Зелената гора, сѐ додека секој жител на разбра за тоа. Се разбира, Зајакот Петко помогна да се прошири. Не сомневајте се во Петко за тоа! Ама, помогнаа и другите. Знаете, толку време се плашеа од Синчето на фармерот Симоски, што се превозбудија од помислата дека во Зелената гора има некој што му е страшен на Синчето на фармерот Симоски како што тоа им беше страшно ним. И така Мечокот Меглен веднаш стана херој во очите на повеќето.

Некои се сомневаа во приказната на Малиот Јоцо. Еден од нив беше Гавранот Црнко. Другиот беше Лисецот Црвенко. Црнко се сомневаше, бидејќи толку добро го познаваше Синчето на фармерот Симоски, што не можеше да го замисли исплашено. Црвенко се сомневаше оти не сакаше да верува. Знаете, му љубомореше на Мечокот Меглен, а во исто време и се плашеше од него. Затоа Црвенко тврдеше дека не верува ниту збор од она што го кажа Малата видра Јоцо и се согласи со Црнко дека ќе поверува само ако со свои очи го види Синчето на фармерот Симоски исплашено. Ама, речиси сите други поверуваа и многу се радуваа. Повеќето се плашеа од Меглен, навистина се плашеа, оти тој беше толку голем и силен. Ама, уште повеќе се плашеа од Синчето на фармерот Симоски, оти не го познаваа и не го разбираа и оти во минатото се беше обидело да фати некои од нив со стапици и ги ловело со страшната пушка.

Па, така, сега многу се гордееја при помислата дека некој од нивната група успеал да го исплаши и почнаа да го сметаат Мечокот Меглен за вистински херој. На безброј начини се обидуваа да му покажат колку се пријателски настроени и вложуваа посебен труд за да му прават услуги. Кога и да се сретнеа, разговараа само за умштината и за величината на Мечокот Меглен.

„Сигурен сум дека сега Синчето на фармерот Симоски нема да се доближува до Зелената гора и нема да мораме да се вардиме од него цело време“, рече Ракунот Боби додека си ја миеше вечерата во Потокот на смеата, оти, знаете, тој е многу чист и педантен.

„И веќе нема да се осмели да ми поставува стапици“, се израдува Визонот Вили.

„Уф, камо да појде Бато Меглен во кокошарникот на Фармерот Симоски и да му го исплаши синчето, за да не се доближува таму. Каква работа би ми свршил. Баш би му бил благодарен“, рече Опосумот Блажо кога ја слушна веста.

„Ајде сите заедно да одиме и да му кажеме на Мечокот Меглен колку сме му должни за она што го стори“, предложи Нерцот Гого.

„Одлична идеја!“ извика Малата видра Јоцо. „Веднаш ќе го сториме тоа.“

„Гра-гра-гра!“ се вмеша Гавранот Црнко. „Јас велам да почекаме и со свои очи да видиме дали сето тоа е вистина.“

„Се разбира дека е вистина!“ избувна Малата видра Јоцо. „Не веруваш дека ја кажувам вистината?“

„Нема збор, нема збор. Се разбира дека никој не ти се сомнева во кажаното“, одговори Гавранот Црнко со сета учтивост. „Ама, самиот велиш дека Синчето на фармерот Симоски не го видело Мечокот Меглен, туку само стапалката. Можеби не знаело чија е, а ако знаело, немало да се исплаши. Вака, имам план како со свои очи да видиме дали навистина се плаши од Мечокот Меглен.“

„Каков план?“ праша Сојката Соња нестрпливо.

Гавранот Црнко одмавна со главата и намигна. „Е, не можам да ти кажам“, рече. „Сакам убаво да размислам за тоа. Ако дојдеш кај Големиот орев на изгрејсонце утре изутрина и ако ги викнеш и другите со тебе, можеби и ќе ти кажам.“

XI

ГАВРАНОТ ЦРНКО ГО КАЖУВА ПЛАНОТ

 

Црнко е сонувач!

Црнко е сплеткач!

Има силен глас;

Кога на нештата им нема спас

Црнко е врескач!

 

Така е. Гавранот Црнко постојано сонува и крои планови и речиси секогаш се работи за некаква беља. Тој е еден од најбистрите и најпаметните од сите жителчиња на Зелената ливада и на Зелената гора и сите го знаат тоа. Црнко сака возбуда. Сака кога се случува нешто. Колку е повозбудливо, толку повеќе му се допаѓа. Тогаш има можност да грака со тој негов пискав глас. Е, тоа ви се вика гракање.

 

И, така, додека си седеше на врвот од Големиот орев покрај Насмевнатото езерце и ги гледаше жителчињата што беа насобрани долу, беше многу радосен. Како прво, се чувствуваше многу важно, а, знаете, Црнко обожава да се чувствува важно. Сите беа дојдени на неговата покана да го слушнат планот за тоа како со свои очи да видат дали Синчето на фармерот Симоски навистина се плаши од Мечокот Меглен.

На Големата карпа во Насмевнатото езерце седеа Малата видра Јоцо, Визонот Вили и Нерцот Гого. На својот голем, зелен лист од воден лилјан седеше Дедо Жабок. На друг лист од воден лилјан седеше Желката Пеги. На брегот од едната страна на Насмевнатото езерце беа Зајакот Петко, Зајакот Скокалко, Полскиот глушец Душко, Мрмотот Ѓоко, Творот Тони, Опосумот Блажо, Пругавата верверица и Стариот господин Краставко. На другата страна од Насмевнатото езерце беа Лисецот Црвенко, Јазовецот Копалко и Ракунот Боби. На Големиот орев беа Црвената верверица Дрдорка, Сивата верверица Веселка и Сојката Соња.

Црнко почека сè додека не се осигури дека не доаѓа никој друг. Потоа гласно си го исчисти грлото и прозборува. „Пријатели“, рече.

Сите се насмеаја, оти Црнко толку често си се поигрува со нив, што никој и не му е пријател, освен таа другата бељаџика, Сојката Соња, која, знаете, му е братучеда на Црнко. Ама, никој не рече ништо, па Црнко продолжи.

„Малата видра Јоцо ни кажа дека го видел Синчето на фармерот Симоски како бега дома откако ја нашло стапалката на Мечокот Меглен на работ од Потокот на смеата и како цело време гледало зад себе како да е исплашено. Можеби било, а можеби и не било. Можеби си имало нешто друго на ум. Мечокот Меглен го направивте херој, оти верувате во приказната на Малиот Јоцо. Добро, не велам дека јас не верувам, ама велам оти ќе бидам многу посигурен дека Синчето на фармерот Симоски се плаши од Меглен кога лично ќе го видам како бега. Еве го планот:

Утре изутрина, многу рано, јас и Сојката Соња ќе дигнеме голема врева близу работ на Зелената гора. Синчето на фармерот Симоски е многу љубопитно и сигурно ќе дојде да види што се случува. Тогаш ќе го донесеме до местото каде што е Мечокот Меглен. Ако избега, јас ќе бидам првиот што ќе признае дека Мечокот Меглен е голем херој, за каков што го сметаат некои од вас. Планот е многу едноставен, па ако се скриете некаде од каде што ќе можете да гледате, ќе имате можност со свои очи да видите дали Малата видра Јоцо има право. Па, што велите?“

Одеднаш сите почнаа да зборуваат истовремено. Планот беше толку едноставен, што го прифатија сите. А, најавуваше и многу возбуда, па сите дадоа збор дека ќе дојдат, поточно сите, освен Дедо Жабок и Желката Пеги, кои не беа заинтересирани да се оддалечуваат толку од Насмевнатото езерце. И така беше одлучено Црнко да го спроведе планот уште следното утро.

XII

СИНЧЕТО НА ФАРМЕРОТ СИМОСКИ И МЕЧОКОТ МЕГЛЕН СТАНУВААТ ЉУБОПИТНИ

 

Уште пред да се развидели, Гавранот Црнко веќе беше седнат на врвот од највисокото дрво на работ од Зелената гора што беше најблиску до куќата на Фармерот Симоски и ниту за миг го немаше тргнато погледот од задната врата на Фармерот Симоски. А што чекаше? Па, да излезе Синчето на фармерот Симоски и да тргне да ги молзе кравите. Во меѓувреме, Сојката Соња нечујно се пробиваше низ Зелената гора и го бараше Мечокот Меглен, за да може, кога ќе дојде време за тоа, да го извести својот братучед, Гавранот Црнко, каде е Меглен.

 

Задната врата од куќата на Фармерот Симоски се отвори полека и надвор излезе Синчето на фармерот Симоски. Во двете раце држеше по една кантичка за млеко. Гавранот Црнко во истиот момент завреска на цел глас. „Гра-гра-гра!“ извика Црнко. „Гра-гра-гра!“ Цело време разлетуваше низ дрвјата близу работ на Зелената гора небаре е толку возбуден, па не може да седи мирно. Синчето на Фармерот Симоски погледна натаму небаре се зачуди зошто е сета таа викотница, а навистина и се зачуди, ама не тргна да види што е. Не, не, си тргна директно накај шталата.

 

Црнко не знаеше што да прави. Знаете, колку и да е бистар и лукав, Црнко не знае што значи да се има задолжение, оти никогаш не мора да работи, освен да си набави доволно храна. Па, така, кога Синчето на фармерот Симоски тргна накај шталата, наместо накај Зелената гора, Црнко не знаеше што да прави. Завреска посилно и погласно од кога и да било, сѐ додека не му засипна гласот и веќе не можеше да вика, ама Синчето на фармерот Симоски си продолжи накај шталата.

 

„Баш ме интересира зошто креваш толкава врева, господине Гавран, ама првин морам да ги нахранам и да ги измолзам кравите“, рече.

 

За тоа време, другите жителчиња на Зелената гора и на Зелената ливада беа скриени и гледаа сѐ што се случуваше. Кога Синчето на фармерот Симоски влезе во шталата, Црвената верверица Дрдорка веднаш се закикоти гласно. „Ха-ха-ха! Е, ама одличен план си смислил, Црнко! Ха-ха-ха!“ извика. Црнко не знаеше што да каже. Само ја обеси главата, а Црнко ретко го прави тоа.

 

„Можеби ако почекаме да излезе пак, ќе дојде овде“, рече Сојката Соња, која му се придружи на Црнко. Решија да почекаат. Се чинеше дека Синчето на фармерот Симоски нема да излезе никогаш, ама на крајот излезе. Црнко и Соња за миг се разврескаа и почнаа да креваат колку што е можно поголема врева. Синчето на фармерот Симоски ги внесе кантичките млеко во куќата, а потоа излезе и тргна директно накај Зелената гора. Многу сакаше да знае што се случува и не можеше да чека ни минута повеќе.

 

Ама, имаше и некој друг што беше полн со љубопитност. Го беше слушнал врескањето на Гавранот Црнко и на Сојката Соња и го слушаше сѐ додека не можеше да го поднесе веќе. Едноставно, мораше да дознае за што се работи. Па, така, во истиот миг кога Синчето на фармерот Симоски тргна накај Зелената гора, другиот слушач тргна накај местото каде што Црнко и Соња креваа толкава викотница. Чекореше многу тивко за да не направи ни шум. Тоа беше Мечокот Меглен.

 

Наслов: „Авантурите на Мечокот Меглен“ од Тортон В. Берџес (четврти дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитајте го првиот дел од книгата (I, II, III поглавје).

Прочитајте го вториот дел од книгата (IV, V, VI поглавје)

Прочитајте го третиот дел од книгата (VII, VIII, IX поглавје)

 

 

3 thoughts on “Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (четврт дел)

  1. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (5 дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (6 дел) | Literatura.mk

  3. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (7 дел) КРАЈ | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.