ТВ-серијата „Зоки Поки“ ќе почне да се емитува на 4 мај на МРТВ

Долгоочекуваната ТВ-серија „Зоки Поки“ ќе почне да се емитува на 4 мај 2020 година на Македонската радио-телевизија. Десетте епизоди ќе се емитуваат секој понеделник и четврток во 20.15 часот на Првата програма, со репризи следниот ден и во сабота и недела. По емитувањето на МРТ, следниот ден, епизодите ќе се поставуваат и на веб-страницата ZokiPoki.mk и на официјалниот канал на „Јутјуб“.


Пред официјалниот почеток на емитувањето, екипата на „Зоки Поки“ споделува симпатично видео за запознавање со децата-актери кои ги толкуваат главните улоги. Во видеото, Матеј Настевски, кој ја толкува улогата на Зоки Поки, Анастасија Аневска, која ја игра Лидија, Матео Матоски, односно Боки и Матеј Зимбаков, кој го глуми Гоки, зборуваат за искуството со снимањето на серијата, кое го опишуваат како „фантастично“ и „возбудливо“.
Исто така, откриваат дали планираат да продолжат да се занимаваат со глума, зборуваат за најсмешните и најтажните моменти на сет и споделуваат детали како кој најмногу ја сака Лидија, која им била омилената локација за снимање и која им е омилената приказна од книгата. Видеото дефинитивно ќе ви го разубави денот.

Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки, и Сабина Ајрула-Тозија, која ќе ја видиме во улогата на неговата баба.
Модерната екранизација на култната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.
„Арс Ламина“, „Литература.мк“ и „Либи“ се горди поддржувачи на серијата. Покрај тоа како спонзори се јавуваат „Витаминка“, „Ладна“, „Пакомак“ и „Сетек“.

Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска, а режисери на епизоди се и Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата ги пишуваа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска, директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф Иван Бартлинг, шминка Жанета Димитриевска, дизајн на тон Ристо Алчинов, монтажери Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Софија Самоиловска и Драган Алексов, додека за костимите се погрижи Жаклина Крстевска. Музиката ја компонираше Александар Пејовски, песните Александар Митевски, а музиката за најавната шпица Игор Василев-Новоградска.

Десетте епизоди од првата сезона обработуваат внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.
Екипата на серијата се одлучила за екранизација токму на „Зоки Поки“ поради неговата релевантност за многу различни генерации и со цел збогатување на домашната ТВ-програма за деца. Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, екипата создаде ТВ-проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното „брзо“ време, но и на родителите со кои се надеваме заеднички ќе поминат квалитетно време со своите деца пред ТВ-екраните.

‒ Денешниот Зоки Поки е соодветен на времето во кое живееме по форма и естетика, но вредностите и пораките од книгата проткаени низ неговите авантури ќе останат чисти и недопрени, со надеж дека ќе успеат да го пронајдат патот до срцата и на генерациите што доаѓаат ‒ вели Насков.
Повеќе информации за ТВ-серијата се достапни на веб-страницата ZokiPoki.mk.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.