Младиот готвач и автор на книгите „Dave’s kitchen: Гответе насмеани“ и „Најдоброто од македонската кујна“ , Давор Панчевски, периодот на изолација го поминува секојдневно споделувајќи вкусни и здрави рецепти на социјалните мрежи, но наоѓа време да прочита и некоја добра книга. Покрај редовното прелистување на книгите за готвење, тој чита и биографии, мотивациски книги и бестселери.
1.„Опра“ од Кити Кели
Биографијата за една од највлијателните жени во светот, Опра Винфри одамна е дел од мојата домашна библиотека. Морам да признам дека често ѝ се навраќам, пред сѐ зашто има што да се научи од Опра, како ТВ-водителка, хуманитарка, актерка, бизнисменка… Авторката Кити Кејли ни дава недотерана слика од приказните на Опра и од нејзиниот живот, каков што таа го водеше ‒ реалниот и вистински живот, прикажувајќи ја Опра во светло во кое ја немаме видено досега. Книгата е добра слика за несекојдневниот живот на жената што го употреби своето скромно потекло како отскочна штица во самостојната изградба на огромна медиумска империја…
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
2. „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон
Менсон преку оваа книга комуницира со читателот многу непосредно и директно, а четивото е исполнето со мноштво интересни приказни и со хумор „без влакна на јазикот“. Овој своевиден манифест во исто време е и една освежувачка шлаканица в лице за секој од нас, што по прочитувањето може да ни овозможи да почнеме да живееме поисполнет и потрезвен живот.
Авторот вели: „Море кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“. На неговиот многу популарен блог на интернет, Менсон ниту ја бојадисува стварноста во розово, ниту ја заобиколува. Тој ги изложува работите токму онакви какви што се, што е една вистинска доза необработена, свежа и искрена вистина – нешто што денес навистина ни недостига. Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
3. „Што и да те прави среќен“ од Вилијам Сатклиф
Станува збор за исклучително духовит роман, во кој се преплетуваат љубовта, згодите и страдањата на три компликувани семејства. Приказната се движи околу трите мајки Џилијан, Хелен и Керол, кои живеат во едно предградие и со години редовно пијат кафе заедно. Нивните синови сега се неоженети триесет и четиригодишници, без деца, никогаш не им се јавуваат и, се чини, никогаш нема да пораснат. Керол предложува секоја од нив ненадејно да го посети својот син, да помине со него една недела и да открие која е вистинската причина поради која не е во состојба да води одговорен живот на возрасна личност. Мет, Пол и Даниел се три целосно различни личности. Единствено, заедничка им е паниката што ја чувствуваат кога ќе сфатат дека нивните мајки, и покрај нивното противење, решаваат да ги преземат нивните животи во свои раце. Резултатот ќе биде неочекуван, како за мајките, така и за синовите. Според романот е снимен филм „Otherhood“, кој го гледав, но сепак, повеќе ми се допадна книгата.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
4. „Голем готвач за бебиња и мали децa“ од Дагмар фон Крам

Неминовно е да препорачам и некоја книга за готвење, пред сѐ затоа што отвораат нови видици. Секако дека ги препорачувам моите две книги за готвење, но неодамна во издание на Арс Ламина излезе уште еден готвач, кој го препорачувам на сите млади родители. Во неа има совети и рецепти за здрава исхрана од првиот ден. Рецептите се за едноставна подготовка, како за бебињата така и за заедничките семејни оброци на домашната трпеза. Во книгата ќе најдете избалансирана мешавина на разновидни рецепти во книгата за секоја фаза од животот на вашето дете и компетентни одговори на најважните прашања од неговиот развој. Едноставно, здраво и …ммм… многу вкусно!
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
5. „Мала книга за хиге: данскиот начин на добро живеење“ од Мајк Викинг
Хиге се преведува на најразлични начини, од уметност на создавање блискост, преку пријатна душевна удобност, па до црпење задоволство од присуството на смирувачки нешта. А мојот омилен опис е – какао под светлина од свеќи… Кога ќе го почувствуваш она што се нарекува хиге, едноставно го знаеш тоа. Тоа е она кога си стуткан на каучот со саканата личност или кога јадеш заедно со најблиските пријатели. Тоа се оние јасни сини утра кога светлината што ти влегува низ прозорецот е токму онаа вистинската. А никој не може да ти биде подобар водич за сето она што се подразбира под хиге од Мајк Викинг. Мајк е генерален директор на Институтот за истражување на среќата во Копенхаген и има поминато многу години во проучување на магијата на данскиот начин на живот. Почнувајќи од изборот на вистинското осветлување и сè околу планирањето забава, преку создавањето комплет за хиге прва помош, па дури и во однос на изборот на облека, оваа прекрасна и инспиративна книга на Мајк ќе ти помогне да бидеш по-хиге.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.