1
НАЈДЕТЕ ВРЕМЕ ЗА ПРАЗНИНА.
Прво, набљудувајте се себеси.
Сами со себе бидете такви какви што сте,
но без брзање, без нестрпливост.
Дали во нашите секојдневни животи кој било од нас има време да не мисли на ништо?
Претпоставувам дека одговорот на повеќето луѓе би бил: „Воопшто немам време за такво нешто“.
Нè притиска времето, работата и сè друго во нашите животи. Модерниот живот е побрз од кога било порано. По цел ден, секој ден, се трудиме со сите сили да го направиме тоа што треба да се стори.
Ако станеме целосно обземени од овој вид рутина, несвесно, но неминовно, го губиме тоа што сме навистина и остануваме без вистинска среќа.
Секој ден, доволни ви се само десет минути. Обидете се да најдете време за празнина кога нема да размислувате за ништо.
Само обидете се да си го исчистите умот, без да бидете вплеткани во нештата околу вас.
Низ умот ќе ви лебдат најразлични мисли, но обидете се да ги истерате, една по една. Притоа, ќе почнете да го забележувате сегашниот, тековниот миг, суптилните промени во природата што ве одржуваат во живот. Кога вниманието не ви е оттргнато од други нешта, може да се разоткрие вашето чисто и искрено јас.
Најдете време за да не размислувате за ништо. Тоа е првиот чекор кон создавањето едноставен живот.
22
ДИШЕТЕ БАВНО.
Петминутен „зазен на стол“
за време на паузата за ручек.
За да си го смирите умот, прво воспоставете
контрола на држењето и на дишењето.
Додека седите пред вашата работна маса, неизбежно сте поднаведнати, па дури и згрбавени. Затоа што ова е една сосема неприродна позиција, тоа влијае врз вашата концентрација и поради тоа може да се случи да ве изнервираат или да ве заморуваат и најмалите ситници.
Поради тоа, имам една духовна вежба за вас. Во паузата за ручек обидете се пет минути да практикувате зазен додека седите на столот.
Основата на зазенот е постигнување хармонија меѓу положбата на телото, дишењето и умот.
Прво, наместете си го телото така што ќе ги израмните главата и опашната коска. Кога би се виделе отстрана, вашиот ’рбет би формирал крива во форма на латиничната буква S, при што би можеле да исцртате права линија од главата до опашната коска.
Следно, посветете му се на дишењето. Во контекст на стресните услови на работното место би можеле да вдишувате седум или осум здива во една минута. Со сосредоточување на дишењето, ова може природно да го намалите на три или четири здива во една минута.
Кога ќе дојде до ова, вашиот ум природно ќе се смири.
Оваа вежба може да ви ги освежи и главата и срцето. Сè што треба да направите е петминутен „зазен на стол“ за време на паузата за ручек.
26
НАПРАВЕТЕ МАЛА ГРАДИНА
НА ВАШИОТ БАЛКОН.
Мало место за вежбање сосредоточеност.
Можете да си го изострите умот,
без оглед каде сте.
Ние монасите велиме: „Под дрво, на камен“. Седнувате, сами, на камен, карпа или под дрво и тивко практикувате зазен. Ова ве прави едно со природата. Можете да ги напуштите сите мисли што ви минуваат низ главата и да седите во зазен со празен ум. Ова е идеалната средина за практикување зазен.
Да се најде вакво место може да се покаже како предизвик дури и за будистичките монаси. Токму затоа во зен-храмовите има градини.
Ние можеме во умот да си ги претставиме далечните планини и звукот на течењето на брза река. Еден голем пејзаж како овој може да се претстави во намалена верзија со правење мала градина, при што убавината на природата се претставува во намален простор. Акумулираната мудрост на будистичките монаси целосно се огледува во уметноста на зен-градините.
Обидете се да направите една ваква градина во вашиот дом. Ако немате двор, може да се искористи и балконот во станот. А ако немате балкон, доволна ќе биде и прозорската рамка. Не ви требаат повеќе од неколку квадратни сантиметри. Во рамките на тој простор обидете се да го претставите пејзажот на вашиот ум.
Место каде што може да избега вашиот ум. Место каде што ќе можете да погледнете во вашето суштинско јас.
Може да се случи тоа да стане ваше омилено место.
Наслов: „Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина- публикации“ .
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача онлајн на следниот линк.