VII
СИНЧЕТО НА ФАРМЕРОТ СИМОСКИ ГО СЛЕДИ МАЛЕР
Синчето на фармерот Симоски пешачеше низ Зелената гора и си потсвирнуваше весело. Секогаш си потсвирнува кога е радосно, а секогаш е радосно кога оди на риболов. Знаете, го сака риболовот исто колку што го сакаат и Малата видра Јоцо и Визонот Вили и Мечокот Меглен. А сега се пробиваше низ Зелената гора до Потокот на смеата, убедено дека кога ќе стигне до Насмевнатото езерце веќе ќе има уловено еден куп пастрмки за дома. Ги знаеше сите езерца во Потокот на смеата каде што сакаа да се кријат пастрмките, а тогаш беше оној дел од утрото кога пастрмките би требало да бидат гладни. И така, си свиркаше додека чекореше, а свиркањето беше пријатно за слушање.
Кога стигна до првото езерце, внимателно ја закачи мамката на јадицата, а потоа, додека со најголемо внимание се обидуваше да не го види некоја пастрмка што можеби си пливаше во езерцето, почна да лови риби. Синчето на фармерот Симоски одамна имаше научено дека за да бидеш успешен риболовец мораш да бидеш многу трпелив, па иако рибите не му загризуваа веднаш како што очекуваше, воопшто не беше обесхрабрено. Беше многу тивко и ловеше и ловеше, трпеливо чекајќи некоја глупава пастрмка да му се закачи на јадицата. Ама, не ја ни грицнаа. „Или пастрмките го загубиле апетитот или станале многу мудри“, промрмори Синчето на фармерот Симоски, откако по подолго време се премести кај следното езерце.
И таму се случи истото. Беше многу трпеливо, многу, многу трпеливо, ама не му се исплати трпението. Рибите не грицнаа ниту трошка. Синчето на фармерот Симоски се довлечка до следното езерце, а бенкичавото лице му беше збунето и намуртено. Никогаш дотогаш му се немаше случено нешто такво. Не знаеше што да мисли. Целата претходна ноќ сонуваше за вкусната пржена пастрмка што ќе ја јаде следниот ден за ручек, ама ако набргу не фати некоја, прекрасниот ручек ќе му остане само сон.
„Да не знаев дека никој друг не доаѓа да лови риби тука, би помислил дека некој веќе бил тука утрово и ги фатил сите риби или, пак, ги исплашил, па сега се кријат“, рече и со тешки чекори продолжи накај другото езерце. „Никогаш не ме следел толкав малер во животот. Еј! Што е ова?“
На брегот покрај езерцето имаше глави од три пастрмки. Синчето на фармерот Симоски им се намурти, позачудено од кога и да било. „Некој навистина лови овде и има повеќе среќа од мене“, си помисли. Погледна нагоре и надолу по Потокот на смеата, погледна и наваму и натаму, ама немаше никој. Потоа зеде една од главчињата и ја погледна остро. „Не е отсечена со нож, туку е одгризана!“ извика. „Се мислам дали Визонот Вили е мангупот што ми ја упропасти забавата.“
Потоа со остар поглед бараше знаци од Визонот Вили, ама и покрај тоа што најде уште две-три глави од пастрмки, не виде други знаци и не фати ниедна риба. Се зачуди повеќе од кога и да било. Не му изгледаше возможно дека толку малечко суштество како што е Визонот Вили би можело да ги улови или да ги исплаши сите риби или да изеде толку многу. Освен тоа, не се сеќаваше дека некогаш Визонот Вили расфрлал глави наоколу. Вили понекогаш лови повеќе риби одошто може да изеде, но тогаш обично ги крие. Како што го изминуваше Потокот на смеата, Синчето на фармерот Симоски стануваше сѐ позачудено. Се чувствуваше многу необично. А ќе се чувствуваше уште понеобично да знаеше дека двајца други риболовци кои беа дојдени пред него цело време го гледаа и си се кикотеа. Тоа беа Малата видра Јоцо и Мечокот Меглен.
VIII
НА СИНЧЕТО НА ФАРМЕРОТ СИМОСКИ МУ СЕ КРЕВА КОСАТА
Синчето на фармерот Симоски го снајде чудо,
од тоа му се крена косата лудо.
Смешно е кога ќе ѝ се случи такво нешто на косата, кога ќе ви се крене одеднаш, нели? Токму тоа се случи со косата на Синчето на фармерот Симоски дента кога отиде на риболов во Потокот на смеата и кога го следеше малер. Косата се крева од две нешта – од лутина и од страв. Од лутина понекогаш влакната од грбот и од вратот на Загарот Бошко и на другите жителчиња се накострешуваат и се креваат нагоре, а влакната од опашката на Мачката Црнка толку се накострешуваат, што опашката ѝ изгледа двапати поголемо одошто навистина е. Тоа се случува од страв и од лутина. Ама, само од едно нешто може да му се крене косата на Синчето на фармерот Симоски, а бидејќи не се работи за лутина, тогаш мора да се работи за страв.
Никогаш не му се случило тоа претходно. Знаете, Синчето на фармерот Симоски и не се плаши баш од многу работи. Можеби немаше да се исплаши ни овој пат, да не се изненадеше од она што го најде. Знаете, кога ги најде главите од пастрмките на брегот, веднаш сфати дека ловел и некој друг и дека затоа не фати ниту една риба. Ама, не изгледаше возможно дека Визонот Вили би можел да ги изеде сите пастрмки, а Синчето на фармерот Симоски воопшто не помисли на Малата видра Јоцо, па затоа беше многу, многу зачудено.
Цело време размислуваше што би можело да значи тоа и тогаш дојде до едно калливо местенце на брегот од Потокот на смеата, а таму виде нешто од коешто ќе му излезеа очите од главата и токму во тој момент му се крена косата. Добро, така барем кажа подоцна кога раскажуваше за случката. А што виде? Што мислите? Е, па, виде стапалка во меката кал. Да, да, токму тоа. Ама, тоа беше најголемата стапалка што Синчето на фармерот Симоски ја имаше видено дотогаш и изгледаше како да е направена пред само неколку минути. Стапалката беше на Мечокот Меглен.
Синчето на фармерот Симоски не знаеше дека Мечокот Меглен дошол да живее во Зелената гора. Никогаш не слушнало дека има мечка во Зелената гора. Затоа беше толку изненадено, што му беше тешко да им поверува на очите и го обзеде необично чувство, по малку студеникаво, иако денот беше топол. Некако не му се сакаше да се сретне со Мечокот Меглен. Да ја носеше големата пушка, можеби ќе беше поинаку. Ама, не ја носеше и затоа набрзина реши дека веќе не сака да лови риби тој ден. Имаше и некакво чудно чувство како да го гледаат, иако тоа не гледаше никого. Ама, го гледаа. Малата видра Јоцо и Мечокот Меглен го гледаа и со сето внимание се обидуваа тоа да не ги види нив.
Целиот пат до дома низ Зелената гора, Синчето на фармерот Симоски гледаше зад себе и не зеде здив сѐ додека не стигна до работ од Зелената гора. Не трчаше, ама сакаше да трча.
„Ха!“ му рече Мечокот Меглен на Малиот Јоцо. „Мислам дека се исплаши!“
Мечокот Меглен имаше право.
IX
МАЛАТА ВИДРА ЈОЦО ИМА ОДЛИЧНА ВЕСТ
Малата видра Јоцо бликаше од возбуда. Едвај се воздржуваше. Беше убеден дека ја има најдобрата вест што може да се соопшти откако Зајакот Петко прв ги откри трагите од Мечокот Меглен во Зелената гора. Не можеше да ја задржи за себе ни минута подолго. Затоа побрза накај Насмевнатото езерце, каде што беше сигурен дека ќе ги најде Визонот Вили, Нерцот Гого, Дедо Жабок и Желката Пеги, а се надеваше дека таму ќе има и некои од жителчињата на Зелената гора. И навистина, на едната страна од Насмевнатото езерце беше Зајакот Петко и му правеше гримаси на Лисецот Црвенко, кој беше на другата страна, а тоа, се разбира, воопшто не беше учтиво од страна на Петко. Тука беа и Господинот и Госпоѓата Црвенокрилски, а Гавранот Црнко седеше на Големиот орев.
Малата видра Јоцо отплива директно до Големата карпа и се искачи на највисокиот дел. Беше толку возбуден и очите толку му светкаа, што сите веднаш знаеја дека се случило нешто.
„Еј!“ викна Визонот Вили. „Видете го Малиот Јоцо! Сигурно овој пат го надмудрил Мечокот Меглен.“
Малиот Јоцо го погледна Визонот Вили со добродушен лик и одмавна со главата. „Не, Вили“, рече, „грешиш, навистина грешиш. Не верувам дека некој може да го надмудри Мечокот Меглен.“
Слика 4
Црвенко погледна преку Насмевнатото езерце кон Зајакот Петко.
Лисецот Црвенко си ги собра усните во зајадлива насмевка. „Немој да бидеш толку сигурен!“ рече остро. „Уште не сум завршил со него.“
„Фалбаџија! Фалбаџија!“ викна Зајакот Петко.
Црвенко погледна преку Насмевнатото езерце кон Зајакот Петко. „Не сум завршил ни со тебе, Петко!“ за’ржа. „Ќе видиш деновиве!“
„Црвенко, Црвенко, умен и вешт,
не може да фати ни мува во лет!“
се подбиваше Петко.
„Кре-кре!“ рече Дедо Жабок со најдлабок и најгруб глас. „Знаеме за тоа. Она што нè интересира е што сака да ни каже Малата видра Јоцо.“
„Имам вест, одлична вест!“ извика Малиот Јоцо.
„Ќе видиме колку е одлична кога ќе ја слушнеме“, одговори Дедо Жабок нерасположено. „Што е работата?“
Малата видра Јоцо погледна во сите љубопитни лица што го гледаа, па на бавен и иритирачки начин развлече: „Синчето на фармерот Симоски се плаши од Мечокот Меглен“.
Цела минута никој не изусти ни збор. Тогаш Гавранот Црнко се наведна од гранката на Големиот орев, се заѕвери во Малиот Јоцо и рече:
„Не верувам. Не верувам ни збор. Синчето на фармерот Симоски не се плаши од ниту еден жител на Зелената гора или на Зелената ливада или на Насмевнатото езерце, знаете за тоа. Сите се плашиме од него“.
Малиот Јоцо луто го погледна Црнко. „Не ми е гајле дали веруваш или не, вистина е“, одговори. Потоа раскажа како рано утрото заедно со Мечокот Меглен ловеле риби во Потокот на смеата и како и Синчето на фармерот Симоски ловело риби тука, ама не фатило ниедна пастрмка оти сите веќе биле уловени или исплашени пред да стигне. Потоа раскажа како Синчето на фармерот Симоски нашло стапалка од Мечокот Меглен во меката кал и како веднаш престанало да лови риби и си тргнало накај дома, додека цело време со страв гледало зад себе.
„Е, ај сега кажи ми дека не се плаши!“ заклучи Малиот Јоцо. „Сега знае како ни е кога се прикрадува околу нас. Зар тоа не е одлична вест? Сега ќе му вратиме!“
„Ќе поверувам кога ќе видам со свои очи!“ остро одговори Гавранот Црнко.
Наслов: „Авантурите на Мечокот Меглен“ од Тортон В. Берџес (трет дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Прочитајте го првиот дел од книгата (I, II, III поглавје).
Прочитајте го вториот дел од книгата (IV, V, VI поглавје)
Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (четврт дел) | Literatura.mk
Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (5 дел) | Literatura.mk
Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (6 дел) | Literatura.mk
Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (7 дел) КРАЈ | Literatura.mk