Катерина Николовска предлага топ 5 илустрирани книги за деца

Илустраторката на едни од најчитаните изданија за деца:  „Бајки од Македонија“, „Басни од Македонија“ и „Бајки од Македонија за цела година“, Катерина Николовска се вклучи во акцијата за поттикнување на читањето за време на изолацијата. Додека се дома, децата, но и возрасните, предлага да ги прочитаат едни од најубавите илустрирани книги за деца во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, кои се достапни во „Литература.мк“. Ова е нејзиниот предлог на топ 5 книги за деца и за возрасни за време на #седисидома.

1. „Срцето и шишето“ од Оливер Џеферс


Еднаш постоеше девојче чијшто живот беше исполнет со љубопитство за светот околу него… Но, еден ден се случи нешто што го натера девојчето да го стави своето срце на посигурно место. Оттогаш, светот се чинеше попразен од претходно. Дали девојчето ќе открие како да си го врати срцето онаму каде што отсекогаш си било?
Во оваа прониклива приказна, наградуваниот и светски признат автор на сликовници за деца, Оливер Џеферс, со неверојатно пердувест допир ги обработува тешките теми за љубовта и за загубата и, конечно, ни покажува дека секогаш постои надеж.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

 

2.„Девојчето кое танцуваше со пролетта“ од Билјана Црвенковска


Графичката новела „Девојчето кое танцуваше со пролетта“ е коавторски проект на Билјана Црвенковска и Ана Петрова и едно од ретките дела во овој жанр во Македонија.
Делото е повеќеслојно од повеќе аспекти: од една страна, текстот и илустрациите претставуваат два паралелни наративи кои не можат еден без друг, односно илустрацијата не го прикажува она што е напишано, туку го гради токму она што не е искажано; од друга страна, приказната која се ткае низ овие два наративи, содржи различни слоеви во однос на возраста на читателот, односно е отворена за различни интерпретации.
Помладите читатели во неа можеби ќе пронајдат една волшебна приказна за необично девојче, главната протагонистка Јуми, израснато во еден далечен, непознат свет во некоја друга галаксија, кое има чудесна моќ да ја буди природата. Повозрасните, пак, ќе забележат и една друга, многу подлабока, меланхолична нишка, но и алузија на една планета која е на умирање, задушена од себичноста на нејзините жители.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

 

3.„Џиновска продавница за фантазии“ од Бистра Георгиева


Оваа книга од авторката Бистра Георгиева и шпанската илустраторка Моника Каретеро ја претставува детската фантазија, сосема поинаква од онаа на возрасните: безгранична, „нелогична“, разиграна, смешна, максимално креативна… Си бил еден џин кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница за фантазии, за да може секој да ги купи оние што му недостигаат. На страниците што следуваат се сместени полиците со фантазии што ги продава Џинот. Од празните, пак, ’рафтови‘ можеш да си создадеш своја сопствена продавница за фантазии.

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

 

4.„Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ од Елена Фавили и Франческа Кавало

„Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ од Елена Фавили и Франческа Кавало е книга за деца и возрасни во која се вклучени сто приказни за добра ноќ, за животот на сто неверојатни жени од минатото и од сегашноста, илустрирани од 60 женски уметници од целиот свет. Оваа книга ги инспирира девојчињата со приказни за големи и силни жени, од Елизабета Прва до Серена Вилијамс. Ова не се приказни за нежните принцези кои чекаат да дојде принцот и да ги спаси, туку се приказни за вистински жени од минатото и од сегашноста кои постигнале неверојатни резултати, без разлика на околностите. Бунтовни девојки чиишто дејства го смениле текот на историјата. Сликарки, научнички, танчарки, врвни готвачки, астронаутки, џез-пејачки, фараонки, боксерки, писателки, политички водачи… од сите краишта на планетата! Ова е збирка од приказни што ќе ги инспирираат девојчињата (и нивните мајки, тетки, братучетки…) да бидат самоуверени, да сонуваат за големи нешта и да се развиваат во силни, цврсти, успешни личности. Неодамна, во светски рамки излезе вториот дел од книгата.

Првиот дел е достапен на следниот линк.

Вториот дел е достапен на следниот линк.

 

5.„Ѕвездено дете“ од Ване Костуранов


Ѕвездан е дете што живее меѓу ѕвездите. А кога живееш меѓу ѕвездите, животот ти е исполнет со нив. Ѕвездан е вистински мајстор за ѕвезди: ги поправа кога ќе престанат да светат, пловејќи меѓу нив со своето бротче. Исплашен од помислата некоја ѕвезда да не падне, Ѕвездан доаѓа до едно големо откритие, кое понатаму ќе го одведе до нешто сосема, сосема неочекувано… „Ѕвездено дете“ е нежна ѕвездена приказна за желбите, стравовите, осаменоста и љубовта.

 

Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.