ЧУДНО Е!
Пиевме чај во куќата на една моја пријателка и зборувавме за оние социјални драми што се одвиваат без да привлекуваат многу внимание, чии протагонисти ги знаевме иако немавме удел во тие сцени.
Имаше една слаба, бела, русокоса девојка со група луѓе на кои не се сеќавам; ако носеше круна од цвеќиња наместо кутрето со малите очиња што се криеше во наборите на нејзиниот фустан, таа без преувеличување можеше да се спореди со Шекспировата Офелија.
Толку чисти беа белото лице и сините очи.
Застанат со една рака потпрена на кадифеното канабе, каде што седеше русокосата девојка, додека со другата рака си играше со алките од златниот синџир, имаше еден млад човек чии зборови имаа малку туѓ акцент, и покрај тоа што неговите изглед и манири му беа шпански како Сид или Бернардо дел Карпио.
Висок, исушен, постар маж со истакнати и љубезни манири, кој сериозно се посветил на засладувањето на една шолја чај, ја комплетираше групата на оние што се собрале околу огништето, каде што уживав во топлината кога седнав за да ја раскажам приказнава. Приказнава можеби личи на расказ, ама всушност е вистинита. Може да се напише цела книга за неа, а тоа и го сторив неколкупати во мојата фантазија. Сепак, ќе ја раскажам со помалку зборови, за оние што можат да ја разберат, ќе им бидат сосема доволни.
I
Андрес, зашто така ми се викаше главниот лик во приказната, беше еден од луѓето чија душа се полнеше со многу емоции што не се потрошиле никогаш, како и љубовта што не можеше да се даде никому.
Кога остана сирак кратко по раѓањето, го примија роднините. Не знам ништо за неговото детство; само знам дека кога го споменуваше, лицето му потемнуваше и тој воздивнуваше:
– Веќе помина!
Сите го велиме истото кога се сеќаваме тажно за поминатите радости. Зарем таква беше причината за неговите зборови? Повторувам, не знам, но се сомневам дека не е така.
Уште како млад, храбро зачекорил во светот. Без да сакам да оставам впечаток дека сакам да го наклеветам, морам да кажам дека за сиромашните и особено за одредени класи на сиромашни, светов не е рај, или нешто слично. Андрес беше личност која, како што велат, се обидува најдобро да си го искористи животот. Само замислете тогаш, како било кога лицето кое, иако полно љубов и идеализам, со сите сили се трудеше да ја постигне тешката и секојдневна задача да си го заработи лебот насушен.
Сепак, понекогаш додека седеше на работ на осамениот кревет со лактите на колената и со главата в раце, ќе извикаше:
– Како немав некоја или нешто што можев да го љубам со сета душа! Ако само имав жена, коњ, куче!
Зашто немаше скапана пара, не можеше да најде нешто што би ја задоволила желбата да љуби. Ова го нервираше дотаму што во неговиот очај почна да чувствува љубов за мизерната соба во која живееше, за оскудниот мебел и дури неговата газдарица, што му беше најголемо искушение.
Ништо од ова не би требало да изненадува. Јосиф ни вели дека за време на нападот на Ерусалим имало толкав глад што мајките си ги јаделе децата.
Еден ден едвај успеал да заработи пари за да преживее. Истата ноќ, кога поминувал низ едно тесно уличе за да се врати дома, слушнал цимолење, како звук на новороденче што плаче. Помина уште неколку чекори и кога пак го слушна звукот, запре и извика:
– Што е тоа по ѓаволите?
И тогаш со ногата допре нешто меко што се движеше и пак имаше кенкав звук. Беше едно од кутрињата што луѓето ги фрлаат во ѓубре кога не ги сакаат.
– Промислата ми го ставила на патот – си рече Андрес, додека го зеде кутрето и си го замота со капутот.
Потоа го однесе во колибата каде што живееше.
– Што е тоа, се бунеше неговата газдарица кога го виде како влегува со кутрето. – Не ни треба уште една штеточина во куќата. Па веднаш вратете го каде сте го нашле или од утре барајте си ново место за живеење!
Следниот ден Андрес ја напушти куќата и во текот на следните два-три месеци напушти уште некои други од истата причина. Но сите овие проблеми и многу други што тешко се опишуваат, му ги надоместуваше љубовта со камата што ја добиваше од кучето што му даваше утеха на човек што бескрајни часови поминал во самотија и непријатност. Јадеа заедно, се одмораа заедно, заедно се шетаа околу Ронда, или понекогаш цел пат одеа до Карабанчелес.
Говори, екскурзии, театри, кафулиња, секаде каде што не пуштаа кучиња или правеа проблеми, сите нив ги избегнуваше нашиот главен лик што одговараше на љубовта што ја добиваше од малото пријателче така што велеше со сета топлина на душата:
– Кутренце, само што не можеш да прозбориш!
II
Здодевно е да ги опишам сите детали за тоа како се случи, но Андрес конечно успеа да си ја подобри среќата и кога имаше малку пари се жалеше:
– Како немав жена! Ама пред човек како мене да може да има жена, сигурно ќе мора да ù понуди нешто, а во Мадрид, ќе ме чини ѓавол и пол… Само да можев да си купам коњ! Коњ! Нема поблагородно животно или поубаво. А колку ќе го сака моето кутре! Колку ќе уживаат да си играат заедно и јас со нив!
Едно попладне отиде во арената и пред да почне коридата, отиде во шталите за да ги погледне коњите што ќе учествуваат во битката.
Не знам дали некои од моите читатели некогаш имале желба да одат и да ги видат. Што се однесува до мене, можам да ги уверам дека иако немав исто чувство како и мојот главен лик, понекогаш се чувствував како да сакам да ги купам сите коњи, зашто многу ги жалев.
Андрес не можеше, а да не ги жали кога стигна таму. Некои од коњите беа исцрпени, со кожата залепена за коските и гривата валкана и бушава, без да мрднат си го чекаа редот, како да можеа да си ја предвидат смртта што за кратко време ќе им го заврши мизерниот живот што го влечеа. Другите беа полуслепи и шмркаа, се обидуваа да ја помирисаат зобта за да можат да јадат или ја удираа земјата со копитата и ’ржеа и се бореа и се обидуваа да ја избегнат ужасната опасност што ја чувствуваа. И сите овие животни некогаш беа млади и убави. Колку аристократски раце им ги галеле вратовите! Колку многу ги слушале љубезните гласови што ги поттикнувале да галопираат, а сега ги поздравуваа со пцовки, со камшикување и конечно со смрт, мачна смрт што е придружена со навивање и свиркање!
– Ако можеа да мислат, рече Андрес, што ќе помислеа овие животни за нивната збунета интелигенција, кога среде плоштадот си ги гризат јазиците и умираат во ужасен грч? Всушност, неблагодарноста на луѓето е некогаш незамислива.
Од овие размислувања го извади рапавиот глас на еден од пикадорите што пцуеше и колнеше додека ги проверуваше нозете на еден од коњите. Коњот не изгледаше дека е во лоша форма. Очигледно тешко се контролирал или имал некоја тешка болест.
Андрес мислеше да го купи, мислеше дека веројатно нема многу да го чини, но и да го одржува? Пикадорот ја стави мамузата во бокот и само што ќе си отидеше, откако се двоумеше еден миг, младичот посегна и го сопре. Не знам како, ама за помалку од петнаесет минути го убеди јавачот да го остави: потоа го побара доставувачот, ја договори зделката и коњот беше негов.
Ќе ми извините, ама ќе кажам дека тоа пладне не отиде да ја гледа коридата.
Го зеде коњот, но коњот, всушност беше или изгледаше луд.
– Не го жали камшикот, му рече еден упатен.
– Малку јадење, го посоветува еден џамбаз.
Коњот беше млад. – Ах- викна конечно неговиот сопственик: му давам да јаде што сака и да прави што сака. Коњот не беше стар, па почна да се здебелува и да станува попослушен. Имаше каприциозни моменти и никој освен Андрес не можеше да го јава; ама велеше: – Така никој нема да сака да ми го позајми и што се однесува до неговите трикови, и двајцата ќе мораме да се навикнеме за да се справиме.
И навистина се навикнаа еден на друг, толку многу што Андрес можеше да сфати кога коњот сакаше да прави нешто, а кога не сакаше; и само беше доволно да му викне за да го натера коњот да скокне, или да сопре или да галопира како молња.
А тука беше и кучето: толку се навикна на новиот пријател што едниот не пиеше без другиот. Сега, коњот галопираше во облак од прашина на патот до Карабанчелес и кучето го придружуваше, скокаше и подзастануваше за да се врати да го побара или го пушташе за да продолжи да го следи. Андрес беше најсреќниот човек на светот.
III
Помина некое време нашиот младич стана богат, или скоро богат.
Еден ден откако патуваше одредено растојание, се умори и си легна, за да се одмори во сенката на едно дрво.
Денот беше пролетен, светол и син, кога се дише топлата атмосфера што е пополнета со желби, кога има наезди на ветер што носат далечни хармонии, потоа јасниот хоризонт е обоен во злато, кога ситни, светли честички ни лебдат пред очите, неопипливи и проѕирни честички што нè следат и обиколуваат и кога сме тажни и кога сме среќни.
– Многу ги сакам двете животинчиња! рече Андрес откако седна и си го милуваше кучето со едната рака, а со другата му даваше цел грст трева на коњот. – Многу; ама уште има празнина во срцето што никако да се пополни. Уште не можам да ја покажам најголемата љубов, најсветата и најчистата. За тоа ќе ми треба жена.
Во тој миг една девојка одеше по патот со ѓум на главата.
Андрес не беше жеден, ама ù побара вода. Девојката запре да му понуди и го стори тоа со толкава љубезност и пријателство што нашиот младич совршено можеше да ги разбере најстарите епизоди од Библијата.
– Како се викаш? ја праша откако се напи.
– Пласида.
– А што работиш?
– Ќерка сум на трговецот што почина откако го прогонуваа и уништија поради политичките мислења.
По смртта, со мајка ми се повлековме во село каде што едвај крпиме крај со крај, со пензија од само три реали како единствен приход.
Мајка ми е болна, па морам сè да правам јас.
– А зошто не се омажиш?
– Не знам. Во селото велат дека не ме бива за работа зашто сум многу слаба и многу млада.
Откако се поздравија, девојката си замина.
Кога ја гледаше како си оди, Андрес замолче. Кога сосема исчезна од видикот, кажа толку задоволно како да решил некој проблем:
– Ваква жена ми одговара.
Се качи на коњот и следен од кучето отиде во селото. Не му требаше долго за да ја запознае мајката и уште толку брзо за лудо да се заљуби во нејзината ќерка. Кога по неколку месеци мајката почина, а таа остана сирак, тој се ожени со жената што толку ја сакаше, што е едно од најсреќните нешта што човек може да ги направи.
Откако се ожени, не му требаше долго за да се скраси во еден селски дом на една многу живописна локација во ова село.
Кога се гледаше дека е богат човек, со жена му, со кучето и со коњот, мораше да си ги трие очите: мислеше дека сонува. Нашиот кутар Андрес беше среќен; сосема среќен.
IV
Продолжи да живее така уште неколку години како да го благословил Бог, кога една ноќ виде некој како му ѕирка околу куќата и подоцна изненади еден човек што се плеткаше со бравата на вратата во градината.
– Има крадци, рече тој. И се одлучи да оди во блискиот град за да ги извести двајцата граѓански гардисти.
– Каде одиш? го праша жена му.
– В град.
– Зошто?
– За да ги известам властите дека се сомневам дека некој се плетка околу куќата.
Кога го слушна ова, жена му се намурти и малку пребледе. Сепак, тој ја бакна и продолжи да зборува:
– Ќе одам пеш зашто не е далеку. Збогум. Ќе се вратам попладне.
Кога помина низ дворот и тргна кон портата, влезе во шталата еден миг. Го погледна коњот и откако го погали, му рече:
– Збогум, стар пријателе, збогум! Ќе се одмориш денес зашто вчера навистина те изморив.
Зашто беше навикнат да оди со својот господар секој ден, коњот тажно за’рже кога го виде како си оди.
Тогаш, кога Андрес за малку ќе си одеше, кучето почна гласно да лае.
– Не, не можеш да дојдеш со мене, му рече, како да го разбира. Кога и да одиш во градот со мене, ги лаеш децата и ги бркаш кокошките и некој ден, толку има да те исколваат, па нема да сакаш да се вратиш… Пред да си оди му кажа на еден слуга, – Не пуштај го кучето да излезе додека да си одам, и ја затвори портата за да не може да го следи.
Откако ја помина кривината на патот, уште можеше да го слушне кучето како завива во далечината.
Стигна во градот, зборуваше со властите, му требаше некое време за да позборува со градоначалникот за некои работи, а потоа се врати во куќата. Кога стигна на работ од имотот, се изненади што кучето не дојде да го поздрави, зашто секогаш знаеше кога се приближува, излегуваше до половина пат… Свиркаше… ништо! Влезе низ портата. Ниту еден слуга! – Што се случило тука, жити Бога? викна загрижено кога стигна до куќата.
Кога влезе во дворот, прво виде дека кучето лежеше во локва крв кај вратата од шталата. Некои искинати парчиња облека што лежеа на земјата и некои крвави реси што му висеа од челуста му покажаа дека се обидело да се брани и тешко го раниле.
Андрес го викна по име. Кучето на умирање ги отвори очите и попусто се обиде да стане. Пополека ја заниша опашката, ја лижеше раката што го милуваше и умре.
– Коњот, каде ми е коњот? викна со глас што го задушуваше од емоции кога виде дека шталата е празна.
Излезе од шталата како полуден и викна по жена му, ама никој не одговори. Немаше ни трага од неговите слуги. Полуден, трчаше низ целата куќа… ама пуста беше. Се врати на патот, ги виде трагите од копитата на еден коњ: ги направил неговиот коњ, сигурен беше зашто можеше да ги познае трагите од копитата на своето најомилено животно.
– Јасно е, рече како наеднаш да сфати, крадците искористиле што ме нема за да ја завршат валканата работа и сега ми ја зеле жената за да ми бараат голем откуп. Пари? Море крвта би си ја дал или вечното спасение за неа! Ох, кутро мое куче! викна кога пак го виде и почна да трча избезумено, ја следеше насоката на трагите од копита.
Трчаше и трчаше без одмор, постојано ги следеше трагите, час, два, три.
– Видовте, ги прашуваше сите, маж на коњ со жена како јава зад него?
– Да, одговараа.
– Каде отидоа?
– Натаму.
Андрес си ја собра силата и продолжи да трча.
Сега се стемнуваше. Кога и да го повтореше прашањето, го добиваше истиот одговор. Трчаше и трчаше, сè додека не виде едно село и покрај влезот, на подножјето на крстот што стоеше меѓу две патчиња, виде една група луѓе, земјоделци, старци и момци што гледаа љубопитно нешто што тој не можеше да го види.
Кога им се приближи, пак им го постави прашањето. Еден од групата му кажа:
– Да, видовме еден пар, видете ги трагите, коњот што го јавале паднал тука исцрпен од трчање.
Андрес погледна во насоката каде што покажуваше и всушност си го виде коњот, кој некои луѓе од селото се подготвуваа да го одерат за да му ја искористат кожата. Едвај можеше да си ги воздржи чувствата, ама кога се прибра, запре за да помисли што ù се случило на неговата сопруга.
– Ве молам кажете ми, рече набрзина, зошто не ù помогнавте на несреќната жена?
– Ù помогнавме, инсистираше еден. Многу сакав да им продадам друг коњ за да можат колку што е можно побрзо да го продолжат патот, зашто изгледаа дека многу се брзаат.
– Ама, го сопре Андрес, жената беше киднапирана; мажот е крадец што воопшто не се обѕрнал на нејзините солзи и молитви и ја однел којзнае каде.
Сите од групата се погледнаа едни со други, како да се смееја од сомилост.
– Ајде бе, момче! Што прикаски ни кажуваш тука? го праша еден. -Киднапирана? Море таа најмногу се брзаше. „Брзо, брзо…“ викаше. „Мораме да бегаме од местото. Нема да се смирам сè додека сосема не ми се изгуби од очите!“
Андрес почна да сфаќа. Еден облак му дојде пред очи, што не ронеше солзи, и тој падна на земја како леш.
Полуде. И за неколку дена умре.
Направија обдукција и не можеа да ја најдат причината за смртта. Ах само да можеше да се отвори душата, колку ли слични смрти ќе можеа да ги објаснат!
– Значи од тоа умрел? извика младичот изненадено додека си играше со алките на синџирот откако ја завршив приказната.
Го погледнав како да му кажав: Не мислиш дека ова е доволна причина? Но тој продолжи да зборува уште со задлабочен израз на лицето:
– Чудно е. Знам што значи да се страда. Во една од моите последни трки кога мојата Ерминија се сопна, го уби џокејот и си ја скрши ногата; ужасно ми беше, ама не до толку… толку ужасно.
Продолжив да го гледам изненадено, кога го слушнав пријатниот глас што доаѓаше зад мене, гласот на девојката со сините очи:
– Да, чудно е! Го љубам мојот Медоро, рече таа, кога му ја бакна муцката на своето срамежливо кученце со матни очиња што тивко за’ржа, – ама ако умре или го убијат, не мислам дека би полудела или нешто слично.
Досега сосема се запрепастив. Луѓето не ме разбраа или не сакаа да ме разберат.
Му се свртив на човекот што пиеше чај што, поради неговите поодминати години, треба малку повеќе да биде разбран.
– А вие што мислите? го прашав.
– Да, ќе ви кажам што мислам, ми одговори. Женет сум, си ја сакав жената и уште ја сакам. Имавме домашна расправија поради која требаше малку да се поправам. Имаше дуел, и имав среќа да го ранам противникот. Испадна дека е одличен младич, и паметен и весел, и се договоривме да седнеме понекогаш на кафе во Иберија. Потоа престанав да живеам со жена ми и се одлучив да патувам… Кога сум во Мадрид, живеам со неа, ама само како пријатели и тоа го правам без да се чувствувам чудно и без да се каам. По ваквиот груб нацрт на мојот карактер и живот, што друго можам да ви кажам освен дека ваквата феноменална експлозија на чувства е навистина чудна; многу чудна!
Кога тој престана да зборува, русокосата и младичот, кој како да беше заљубен во неа, гледаа албум карикатури од Гаварни. Откако заврши, почна со големо задоволство да ја пие неговата трета шолја чај.
Кога помислив како одговорија на резултатот на мојата приказна со тоа што рекоа чудно е! јас си реков… Ама природно е!
Извадок од книгата „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (8 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Прочитајте го првиот дел: СТРАСНАТА РОЗА.
Прочитајте го вториот дел: БАКНЕЖОТ.
Прочитајте го третиот дел: МЕСЕЧЕВИОТ ЗРАК
Прочитајте го четвртиот дел: ГНОМОТ
Прочитајте го петтиот дел: ПОМИЛУЈ МЕ
Прочитајте го шестиот дел: КРСТОТ НА ЃАВОЛОТ
Прочитајте го седмиот дел: МАЕСТРО ПЕРЕЗ, ОРГУЛИСТОТ
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (9 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (10 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (11 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (12 дел) КРАЈ | Literatura.mk