Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (втор дел)

 

IV
МАЛАТА ВИДРА ЈОЦО ГО СНАБДУВА МЕЧОКОТ МЕГЛЕН СО ПОЈАДОК

 

Одмазда од чиста злоба
ретко кога вреди.
Факт е треба да се проба
на друг начин да се среди.

Ете како се случи и тоа Малата видра Јоцо да го снабди Мечокот Меглен со највкусниот појадок што го изел во последно време. Немаше таква намера. Не, не. Всушност, цело време си мислеше дека го спречува Мечокот Меглен да си улови појадок. Знаете, не го познаваше Меглен толку добро за да знае дека Меглен е речиси исто толку паметен колку него, а можеби и малку попаметен. Зад сето тоа се криеја злоба и себичност. Знаете, Малиот Јоцо и Визонот Вили толку долго беа единствените што ловеа риби во Потокот на смеата, што мислеа дека никој друг нема право да лови тука. Да си признаеме, и Ракунот Боби улови неколку рипки тука, ама не им пречеше Боби. И Синчето на фармерот Симоски понекогаш ловеше тука, а тоа секогаш ги лутеше Малиот Јоцо и Визонот Вили, но премногу се плашеа од него за да се осмелат да сторат нешто. Ама, кога открија дека Мечокот Меглен е риболовец, решија дека мора да се стори нешто. Барем така реши Малиот Јоцо.

„Ќе се обиде пак утре изутрина“, рече Малиот Јоцо. „Ќе вардам и штом видам дека доаѓа, ќе ги избркам сите риби како што направив денеска. Веројатно така ќе се научи да ни ги остави рибите на раат.“

Така, следното утро пред да се раздени, Малиот Јоцо се скри близу езерцето каде што Мечокот Меглен толку го исплаши. И навистина, токму кога Веселите сончеви зраци почнаа да се провлекуваат низ Зелената гора, го виде Мечокот Меглен како доаѓа директно накај езерцето. Малиот Јоцо се мушна во водата и ги избрка сите риби од езерцето и ја разбуричка калта на дното, а водата толку се замати, што воопшто не се гледаше дното. Потоа отрча до следното езерце и го стори истото.

Ама, Мечокот Меглен е многу бистар. Веќе погоди претходниот ден кој му го упропастил риболовот. Затоа утрово отиде доволно далеку за да се осигури дека ако го чека Малиот Јоцо, а знаеше дека ќе го чека, ќе го види како доаѓа. Потоа, наместо да продолжи накај езерцето, забрза накај едно место удолу по Потокот на смеата, каде што водата беше многу плитка, едвај над стапалата, и си седна тука со смеење. Сѐ беше како што очекуваше. Исплашените риби што ги избрка Малиот Јоцо од погорните езерца испливаа надолу по Потокот на смеата, оти, знаете, Малиот Јоцо беше зад нив и немаше каде да одат на друго место. Кога дојдоа до местото каде што чекаше Мечокот Меглен, тој само требаше да ги нацрпи на брегот. Многу му беше забавно. Не му требаше долго за да фати онолку колку што можеше да изеде. На крајот, зачува една дебела пастрмка и почека.

Набргу наиде Малиот Јоцо. Се кикотеше од помислата дека му го упропастил риболовот на Мечокот Меглен. Толку беше загледан зад себе, за да види дали доаѓа Меглен, што не виде дека Меглен го чека сѐ додека не му прозборува.

„Многу сум ти должен за убавиот појадок што ми го даде“, рече Меглен со најдлабок, најгрмлив глас. „Ти зачував една дебела пастрмка за да ти надоместам за таа што ти ја изедов вчера. Се надевам дека еден ден ќе одиме заедно на риболов.“

И тогаш си замина и прсна од смеа. Малиот Јоцо остана без зборови. Беше толку изненаден и лут, што си замина сам и намуртен. А Визонот Вили, кој гледаше цело време, си ја изеде дебелата пастрмка.

V
ЗДРАВИОТ РАЗУМ НА ДЕДО ЖАБОК

Нема ништо подобро од здравиот разум за да се решат маките. Луѓето кои се полни со здрав разум често се сметаат за многу мудри. Соседите се угледуваат на нив, секогаш трчаат кај нив за совет и таквите луѓе се многу почитувани. Така е и со Дедо Жабок. Тој е многу стар и многу мудар. Барем така мислат неговите соседи. А вистината е дека тој, едноставно, е полн со здрав разум, а тоа, најпосле, е најдобриот вид мудрост.

Сега, кога Малата видра Јоцо откри дека Мечокот Меглен го надмудрил и дека, наместо да му го упропасти риболовот на Меглен во Потокот на смеата, тој, всушност, му олеснил да си фати колку што сака риби, Малиот Јоцо тргна накај Насмевнатото езерце многу разлутен.

Визонот Вили си почека колку што му требаше за да ја изеде дебелата пастрмка што ја остави Меглен на брегот, а потоа и тој тргна накај Насмевнатото езерце.

Кога Малата видра Јоцо и Визонот Вили стигнаа до Насмевнатото езерце, се качија на Големата карпа и таму Малиот Јоцо се муртеше и се муртеше, сѐ додека Дедо Жабок не праша што е работата. Малиот Јоцо не сакаше да каже, ама Визонот Вили ја раскажа целата приказна. Кога кажа како Меглен го надмудрил Малиот Јоцо му падна толку смешно, што мораше да се насмее, иако не сакаше. Се насмеа и Дедо Жабок. Се насмеа и Нерцот Гого, кој ги слушаше. Се разбира дека тоа уште повеќе го разлути Малиот Јоцо. Кажа многу нељубезни работи за Мечокот Меглен и за Визонот Вили и за Дедо Жабок и за Нерцот Гого, оти се насмеаја за досетливоста на Меглен.

„Не е ништо друго освен еден огромен силеџија и крадец!“ изјави Малиот Јоцо.

„Кре, кре! Можеби е силеџија, оти огромните луѓе се склони кон силеџиство и, иако не сум го видел, верувам дека Мечокот Меглен е многу голем од сето она што сум го слушнал, ама не сфаќам како е крадец“, рече Дедо Жабок.

„Зар не ми ги фати сите риби и не ми ги изеде?“ избувна Малиот Јоцо. „Зар тоа не го прави крадец?“

„Рибите беа твои колку што беа и мои“, се побуни Визонот Вили.

„Е, добро, тогаш НАШИТЕ риби! Ги украде НАШИТЕ риби, ако сакаш така. Пак е крадец, нели?“ ’ржеше Малиот Јоцо.

Дедо Жабок погледна нагоре кон веселото, тркалезно и јасно Сонце и полека намигна со едното од големите, ококорени очи. „Еве една смотана зелена мува“, рече тој. „Чија е?“

„Ничија!“ избувна Малиот Јоцо. „Кака врска имаат смотаните зелени муви со моите – односно со НАШИТЕ риби?“

„Никаква, никаква“, кротко одговори Дедо Жабок. „Само се надевав дека ќе ми дојде доволно блиску за да ја зграпчам. Тогаш ќе беше моја. Сѐ додека не се доближи, не припаѓа никому. Си мислам, кога би поминал Мечокот Меглен и би ја фатил, тогаш би крадел од мене, како што смета Малиот Јоцо.

„Е, како не! Ама глупава идеја! Се будалиш на стари години“, возврати Малиот Јоцо.

„Ќе ми кажеш каква разлика има меѓу рибите што не си ги фатил ти и смотаните зелени муви што не сум ги фатил јас?“ праша Дедо Жабок.

Малиот Јоцо не знаеше што да каже.

„Послушај ми го советот, Јоцо“, продолжи Дедо Жабок, „секогаш спријателувај се со оние што се поголеми, посилни и попаметни од тебе. Ќе имаш корист.“

„Послушај ми го советот, Јоцо“, продолжи Дедо Жабок.

VI
МАЛАТА ВИДРА ЈОЦО ГО СЛУША СОВЕТОТ НА ДЕДО ЖАБОК

Кој со душман ќе се здружи,
ќе нема веќе страв и грижи.

Малата видра Јоцо го откри тоа кога го послуша советот на Дедо Жабок. Никогаш не би признал дека се плаши од Мечокот Меглен. Никој не сака да признае дека се плаши, а најмалку Малата видра Јоцо. И навистина, Малиот Јоцо е многу храбар. Малкумина од жителчињата на Зелената гора или на Зелената ливада доброволно би се карале со него, зашто Малиот Јоцо е голем тепач кога треба да се тепа. А оние што живеат во Потокот на смеата или покрај него или во Насмевнатото езерце го оставаат Малиот Јоцо да си тера по свое.

Е, сега, лошо е кога премногу терате по свое. Така човек може да стане себичен и безобѕирен кон другите луѓе и не е лесно да се дружите со таков. Малата видра Јоцо премногу си тераше по свое. Дедо Жабок го знаеше тоа и сериозно одмавна со главата кога Малиот Јоцо покажа непочитување кон него.

„Штета! Штета! Штета! Кре-кре! Навистина е штета толку фино младо момче како Малиот Јоцо да си го расипе расположението со таква себична непромисленост.

Иако не призна дека е така, Дедо Жабок навистина се израдува кога слушна дека Мечокот Меглен го надмудрил Малиот Јоцо. Толку му падна смешно, што едвај се воздржуваше да не направи некоја гримаса. Ама, се воздржа и беше многу сериозен и строг додека го советуваше Малиот Јоцо секогаш да се спријателува со секој што е поголем, посилен и попаметен од него. Тоа беше разумен совет, ама Малиот Јоцо само шмркна и избувна со изјавата дека сепак ќе му се одмазди на Мечокот Меглен. Арно ама, Малиот Јоцо по природа е добродушен и забавен, па кога стигна дома и кога се потсмири, почна да ја сфаќа шегата на негова сметка. Колку само се обидуваше да ги исплаши рибите во езерцата од Потокот на смеата за Меглен да не фати ниедна, а наместо тоа, цело време ги тераше директно во канџите на Меглен. Се поднасмевна. Отпрвин тоа беше засрамена насмевка, ама на крајот прерасна во смеа.

„Си мислам“, рече Малиот Јоцо откако ги избриша солзите од смеа од очите, „дека Дедо Жабок има право и дека најпаметното што можам да го сторам е да се спријателам со Мечокот Меглен. Ќе се потрудам утре изутрина.“

И така, рано следното утро, Малата видра Јоцо отиде до најубавото езерце што го знаеше во Потокот на смеата и таму ја фати најголемата пастрмка што можеше да ја најде. Толку беше голема и дебела, што на Малиот Јоцо му потекоа лиги, оти, како што знаете, рибите му се омилено јадење. Ама, не касна ниту залак. Наместо тоа, внимателно ја остави на еден стар трупец, каде што Мечокот Меглен сигурно би ја видел кога би поминал по патот. Потоа се скри во близина за да набљудува. Меглен доцнеше утрото. На Малиот Јоцо му се чинеше дека нема да дојде никогаш. Еднаш за малку ќе ја изгубеше рибата. Ја сврти главата само за миг и, кога погледна пак, пастрмката ја немаше никаде. Сигурно не ја украл Меглен, оти толкаво суштество не може пак да му побегне од пред очи.

Малиот Јоцо се стрча до трупецот и погледна на другата страна. Тука беше дебелата пастрмка, а тука беше и најмалиот братучед на Малиот Јоцо, Ласицата Сенко, кој е голем крадец и многу лош. Малиот Јоцо му се збодна налутено, ама Сенко беше побрз и избега. Малиот Јоцо ја врати рибата на трупецот и чекаше. Овој пат не го тргаше погледот од неа. И конечно, кога само што не се откажа, го виде Мечокот Меглен како се влечка накај Потокот на смеата. Одеднаш, Меглен застана и надушка. Едно од Веселите ветренца му го донесе мирисот на дебелата пастрмка. Отиде директно до местото каде што беше рибата, носот му се собираше, а очите му светкаа од задоволство.

„Се прашувам кој бил толку внимателен и ми го оставил вкусниов појадок“, рече гласно.

„Јас“, рече Малиот Јоцо со малку плашлив глас. „Ја фатив специјално за тебе.“

„Ти благодарам“, одговори Меглен, а очите му засветкаа како никогаш дотогаш. „Мислам дека ќе бидеме пријатели.“

„Се… се надевам“, одговори Малиот Јоцо.

 

Наслов: „Авантурите на Мечокот Меглен“ од Тортон В. Берџес (втор дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитајте го првиот дел од книгата (I, II, III поглавје).

5 thoughts on “Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (втор дел)

  1. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (трет дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (четврт дел) | Literatura.mk

  3. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (5 дел) | Literatura.mk

  4. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (6 дел) | Literatura.mk

  5. Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (7 дел) КРАЈ | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.