МАЕСТРО ПЕРЕЗ, ОРГУЛИСТОТ
Во Севилја, во истото предворје на „Света Инес“, и додека чекав да почне полноќната Бадникова миса, го слушнав ова предание од една прислужничка на манастирот.
Природно, откако ја слушнав, нетрпеливо исчекував да почне церемонијата, нервозен што присуствувам на едно чудо.
Сепак, оргулите на „Света Инес“ не беа воопшто чудесни, ниту, пак, обичните тапи мотети што ни ги подари нејзиниот оргулист истата ноќ.
На излегување од мисата, не можев а да не ù кажам на прислужничката со доза на потсмев:
– Зошто оргулите на маестрото Перез звучат толку лошо?
– Зошто! – ми одговори старицата – зашто овие не се негови. – Не се негови? Па, што станало со неговите?
– Се распарчија од старост, пред неколку години.
– А душата на оргулистот?
– Не се појави откако ги наместија оние што сега ги заменуваат.
Ако на некој од моите читатели му текне да ми го постави истото прашање, откако ќе ја прочита приказнава, ќе знае зошто не продолжило чудото до нашите денови.
I
– Го гледате оној со црвена капа и белиот пердув на филцаниот шешир, што изгледа како на елекот да го носи сето злато од галиите од Индија; оној што слегува во овој миг од својот чамец за да ù даде рака на таа друга госпоѓа што, откако слезе од својот, застанува дотука, предводена од четири пажа со мечеви? Па тој е маркизот од Москосо, галант на грофицата вдовица од Вилјапинеда. Се вели дека пред да ја погледне дамата, ù ја побарал раката на ќерката на еден богат господин; но таткото на госпоѓицата, за кој се зборува дека е малку скржав… Ама, молчи! Ние за волкот, а тој пред врата. Го гледате оној што доаѓа од под сводот на Свети Филип, пешки, покриен со темна качулка, и предводен само од еден слуга со еден фенер? Сега пристига пред олтарската икона.
Го забележавте ли извезениот крст што му свети на градите, кога ја симна качулката за да ја поздрави иконата?
Да не му беше таа благородна појава, секој би помислил дека е бакал од улицата „Кулебрас“… Па, тој е отецот за кој се зборуваше; видете како луѓето од селото му прават место и го поздравуваат.
Цела Севилја го знае по огромното богатство. Тој сам има повеќе златни дукати во бродовите отколку што има војници нашиот господин кралот Дон Филип; и со своите галии би можел да направи одред доволен да им се спротивстави на оние на големиот Турчин…
Видете, видете ја групата од сериозни господа: тие се дваесет и четворицата господа. Здраво, здраво! Исто тука е и господинот од Фландрија за кого се вели дека уште не им ја фрлил металната ракавица на господата со зелениот крст, благодарение на неговото влијание врз големците од Мадрид… Овој доаѓа во црква само за да слуша музика… Не, бидејќи ако маестро Перез со оргулите не му откорне солзи како тупаници, може да се осигура дека не му е душата во градите, туку му врие во котлите на натемаго… Ај сосетке! Лошо… Лошо… Претпоставувам дека ќе имаме борба; ќе се скријам во црквата; по она што го гледам, тука ќе дојдат повеќе шамари отколку Оченаш. – Види, види; луѓето на војводата од Алкала свртуваат зад аголот на плоштадот „Сан Педро“, и по сокакот на Дуењас ми изгледа дека ми се причинуваат оние од Медина-Сидонија. Нели ви реков?
Веќе се видоа, веќе застануваат едни и други, без да поминат од своите места… групите се распаѓаат… свирачите, кои во овие пригоди ги помируваат пријателите и непријателите, се повлекуваат… дури и господинот главен полицаец, со пендрекот и сè, бега во атриумот… и потоа кажуваат дека има правда.
За сиромавите…
Одиме, одиме, ете светат штитовите во темнината… Боже Семоќен помилуј нè! Почнуваат камбаните…; Сосетке! Сосетке! Тука… пред да ги затворат портите. Тишина! Што е она? Не ни почнале да се борат, а престанале. Каков е тој пламен?… Запалени мечеви! Носилки! Господинот бискуп.
Блажена Богородица Заштитница, која сега ја привикуваше со мислите, ми го носи на помош… Ај! Никој не знае колку ù должам на оваа Владичица!… Со колкава камата ми плаќа за кандилцата што ù ги палам во саботите!… Види го, колку е убав со виолетовиот хабит и црвената бирета… Господ нека му додели толку години на престолот колку што јас си посакувам себеси. Да не беше тој, половина Севилја веќе ќе гореше од овие раздори на војводите. Видете го, видете го, дволичници, како двајцата се приближуваат до носилката за да му го бакнат прстенот… Како го следат и го придружуваат, мешајќи се со неговите прислужници.
Кој би рекол дека тие двајцата што изгледаат толку блиски, ако за половина час се најдат во темна улица… така речено, тие… тие!… Ослободи ме Боже зашто мислам дека се кукавици; добар примерок си дадоа за себе, во неколку наврати се бореа против непријателите на Нашиот Господ… Ама, вистина е, дека ако се побараат… и ако се бараат со желба да се најдат, ќе се најдат, ставајќи им крај еднаш за секогаш на овие борби, во кои оние што навистина најскапо ги плаќаат долговите се нивните должници, сојузници и послугата.
Ама ајде, сосетке, ајде во црква, додека не се преполни… што некои ноќи како што знае да се наполни не собира ни зрно пченица… Добра спогодба имаат монасите со нивниот оргулист… Кога се видел манастирот толку благословен како сега?… Знам други религиозни заедници му нуделе великодушни понуди на маестро Перез. Не е ни чудо; всушност надбискупот му понудил богатство да оди и да свири во катедралата… Ама тој не сакал ниту да помисли… Попрво би го дал животот отколку да ги напушти омилените оргули… Не си слушнала за маестро Перез? Па, да нова си во соседството… Свет човек е, ама сиромав како просјак… Од семејство има само ќерка, а пријател му се само оргулите, целиот живот го поминал штитејќи ја невиноста на првата и компонирајќи ги регистрите на вторите… Внимателно, оргулите се стари!… И така, толку е умешен во средувањето и чувањето, што звучи како чудо… Како што ги знае толку добро, што на слепо… не знам дали ти кажав, ама кутриот господин е слеп од раѓање… А со какво трпение си ја носи несреќата!… Кога го прашуваат што би дал за да прогледа, одговара: Многу, ама не толку колку што мислите, зашто имам надеж. – Надеж дека ќе прогледате: – Да, и многу наскоро – додава смеејќи се како ангел – веќе бројам седумдесет и шест години; колку и да ми е долг животот, наскоро ќе го видам Бога…
Кутриот! А да го видите… бидејќи е понизен како камењата од улицата, што дозволуваат да ги гази секој… Секогаш вели дека не е ништо освен еден кутар манастирски оргулист и може да му држи часови по солфеж на истиот маестро од капелата на кралот; бидејќи ги оставил забите во канцеларијата…
Татко му имал иста професија како него; не го запознав, ама мајка ми, нека ù е вечна славата, вели дека секогаш го носел кај оргулите со себе за да ги дува мешините. Потоа, момчето покажало такви предиспозиции што, природно, со смртта на татко му го наследил товарот… А какви раце има! Господ нека му ги благослови. Заслужува да го однесат на улицата „Чикарерос“ и да се излијат во злато… Секогаш свири убаво, секогаш, ама во ваквата ноќ е право чудо… Има голема посветеност за оваа посветеност за полноќната Бадникова миса и кога ја креваат Светата хостија точно во дванаесет, кога дошол на светот Нашиот Господ Исус Христос… Гласовите на неговите оргули се гласови на ангели…
После сè, зошто да ви кажувам за тоа што ќе го чуете вечерва? Доволно е да видите како сиот народ од Севилја, сосе господинот надбискуп, доаѓа во еден скромен манастир за да го слуша: и не мислете дека само умните луѓе и оние што се разбираат од солфежот знаат колку е вреден, туку и толпата. Сите тие стада што ги гледате како доаѓаат со запалени факели, пеат коледарски песни со продорни вресоци во ритам со тамбурите, тимпаните и тапаните, спротивно на нивниот обичај, што служи за да ги возбуди црквите, молчат како заклани кога маестрото Перез ги става рацете на оргулите… а кога стануваат… кога стануваат не се слуша ниту мува да прелета… од сите очи паѓаат солзи рој, и завршетокот се слуша како огромна воздишка, што не е друго туку дишењето на присутните, што се држи додека трае музиката… Ама ајде, одиме, веќе престанаа камбаните и ќе почне мисата, одиме внатре…
За сите оваа ноќ е Бадник, ама за никој колку што е за нас.
Додека го кажуваше ова, добрата жена што ù послужи како водич на сосетката го премина атриумот од манастирот „Света Инес“ и удирајќи едни, туркајќи други, се смести во храмот, губејќи се меѓу луѓето што се насобрале кај вратата.
II
Црквата беше неверојатно богато осветлена. Сноповите светлина што се слеваа од олтарите се ширеа низ просторот и светкаа од богатите накити на дамите кои клечеа на кадифените перничиња што ги ставаа прислужниците и кои со молитвеник в рака создаваа светкав круг околу оградата на презвитериумот. На нозе веднаш до оградата во шарени наметки украсени со злато што беа доволно отворени за да се види црвениот и зелен крст на нивниот ред, со една рака си ја држеа шапката со долги пердуви што се триеја од таписериите, а со другата ставена врз балчакот на нивните мечеви, дваесет и четирите господа заедно со многуте благородници од Севилја како да правеа ѕид чија цел беше да ги заштити нивните жени и ќерки од контакт со обичниот народ. Вторите што се собираа во бродовите со гласен ентузијазам испуштаа радосни звуци, придружен со нехармоничниот звук на тимпани и тамбури, кога го видоа како се појави надбискупот и седнаа веднаш до главниот олтар под црвен балдахин, каде што тој трипати го благослови народот.
Време беше мисата да почне.
Сепак, поминаа неколку минути и свештеникот што требаше да ја слави мисата сè уште не се појави. Толпата почна нетрпеливо да реагира; благородниците си разменија неколку збора и надбискупот испрати еден од своите прислужници во сакристијата за да праша зошто не почнала церемонијата.
– Маестро Перез е многу болен и нема да може да присуствува на полноќната миса.
Ова беше одговорот на прислужникот.
Вестите веднаш се проширија во преполната црква. Невозможно беше да се наслика лудилото што настана; доволно беше да се каже дека имаше толкава неверојатна бучава што главниот полицаец стана и почнаа да влегуваат полицајци во црквата, се раширија низ толпата и се обидуваа да ја стишат.
Во тој миг еден непријатен човек што беше слаб, коскест и со ситни очи дојде на местото каде што седеше прелатот.
– Маестро Перез е болен – рече тој – па церемонијата не може да почне. Ако сакате, јас во негово отсуство ќе свирам на оргули, зашто маестро Перез не е единствениот оргулист на светот, ниту пак веќе нема да се свири на оргуливе кога тој ќе почине.
Надбискупот кимна и покажа дека се согласува, а некои од верниците кои знаеја дека овој чудак е завидлив оргулист, непријател на „Света Инес“, почнаа да се бунат, кога наеднаш се слушна вресок кај атриумот.
-Маестро Перез е тука!… Маестро Перез е тука!…
Сите се свртеа кон вресоците на оние што стоеја кај вратата.
Маестро Перез навистина влегол во црквата, иако беше блед и потресен, седеше на една носилка, што другите се мачеа за да имаат чест да ја носат на нивните рамена.
Изгледа дека ниту препораките на лекарите ниту солзите на ќерка му не биле доволни да го натераат да остане в постела.
– Не – рекол – ова е последен пат, го познавам, го познавам и не сакам да умрам без да ги посетам оргулите, особено на Бадник. Ајде, ова го сакам, инсистирам. Да одиме в црква.
Му се исполни желбата; луѓето го носеа на носилките до просторот за оргулите и мисата почна.
Точно во тој миг часовникот на катедралата отчука полноќ.
Почна воведната песна, па Евангелието, па Даровните песни и конечно дојде свечениот миг кога по благословувањето, свештеникот ја зеде хостијата со врвовите на прстите и ја извиши.
Облак од темјан се рашири со бранови на синило сè додека почна да ја исполнува целата црква, ѕвонеа ѕвоната со вибрирачки звук и маестро Перез си ги стави згрчените прсти на клавијатурата на оргулите.
Стотиците гласови од металните цевки прозвучеа со продолжен, маестрален акорд што пополека омекнуваше, како навев да ги однел последните звуци.
Овој прв акорд го следеше уште еден што како да се протегаше од земјата до небесата и потоа уште еден што беше мек и далечен почна да расте дури не се промени во громогласна хармонија.
Беше како глас на ангели да патува низ просторот сè додека не стигна до земјата.
Потоа, нотите прозвучеа како далечни химни што ги пееја серафинските војски, илјадници химни сите наеднаш, што потоа се комбинираа во единствена химна, што сепак беше единствената придружба на чудната мелодија која како да пловеше врз огромниот океан на величествени еха, како магла што се шири врз морските бранови.
Потоа неколку песни почнаа да исчезнуваат и потоа други; комбинацијата се упрости. Веќе немаше повеќе од два гласа чии еха се споија; потоа имаше само една изолирана мелодија што носеше брилијантна нота како снопче светлина… Свештеникот ја наведна главата и над неговата сива коса што се гледаше низ синкавиот облак од темјан, хостијата се појави пред очите на верниците. Токму во тој миг треперливата нота на маестро Перез се отвори во џиновска експлозија на хармонија што се ширеше низ црквата сè додека не го исполни воздухот и не го протресе витражот.
Од секоја нота на величествениот тон се развиваа различни теми: некои беа блиски, а други далечни, некои беа брилијантни, а други придушени; изгледаше како водите и птиците, ветрето и лисјата, луѓето и ангелите, земјата и небото да пеат, секое со сопствениот јазик, химна на раѓањето на Спасителот.
Мноштвото слушаше со воодушевување и страхопочит.
Имаше солза во секое око и во секој дух, длабока посветеност.
Свештеникот што ја славеше мисата почувствува како му треперат рацете заради Оној што се подигнуваше во нив, Оној што го поздравуваа луѓето и ангелите, беше неговиот Бог. Беше неговиот Бог и изгледаше дека небесата се отвориле и хостијата се претвори.
Оргулите продолжија да свират, но гласовите постепено омекнуваа, како гласот што се губи меѓу одгласите и станува помалку чуен додека се движи. Потоа, наеднаш, на местото за свирење на оргулите се слушна распарувачки, придушен крик, женски крик.
Оргулите одадоа чуден, дисонантен звук и тогаш, со воздишка занемеа. Толпата јурна кон скалилата на оргулите, кај жената во која гледаа сите верници, додека ги разбудија од верската екстаза.
– Што е? Што се случило? велеа, без да знаат што да мислат. Ама сите почнаа да претпоставуваат и бунилото растеше, додека бучавата почна да им се заканува на редот и посветеноста во црквата.
– Што е? некои дами го прашаа главниот полицаец, кој зад сите негови полицајци беше оној што прв се качи до оргулите и со загрижен израз отиде кај надбискупот, кој беше нервозен како и сите за да ја дознае причината за нередот.
– Што е?
– Маестро Перез починал.
Навистина, кога првите верници се качија по скалилата до оргулите, видоа дека оргулистот паднал, со лицето надолу, врз клавијатурата на оргулите што нежно вибрираше, додека ќерка му легната крај нозете липаше и попусто го викаше меѓу воздишки.
III
– Добро вечер, госпоѓо Балтасара. Ќе одите ли вечерва на полноќната миса? Првин мислев да одам во парохиската црква, ама кога ова се случи… Каде ќе оди Висенте? Каде и сите други. Да ти кажам право, откако почина маестро Перез, ми се чини како да ми ставиле погребен камен на срцето секојпат кога влегувам во „Света Инес“… Кутричок! Светец! Можам да ти кажам во доверба дека чувам мало парче од неговиот елек како реликвија и тој заслужува… Зашто мислам дека ако надбискупот преземеше одговорност, нашите внуци ќе можеа да го видат на олтарите… Ама така си е тоа… Никој не се грижи за оние што починале… Сега сите се грижат за некоја новина… знаеш за што ти зборувам. Што, велиш дека всушност не знаеш што се случува? Па, ќе ти кажам, и двете сме во иста чизма. Многу работи се случуваат од дома в црква и од црква в дома и не обрнуваме многу внимание на она што се зборува… Само јас, така… попат… по еден збор ваму, друг таму… Без да сакам да слушнам нешто, се наоѓам среде новостите…
Ама да; изгледа дека вистина е дека оргулистот од Сан Роман, оној со ситните очи што толку многу лоши работи зборува за другите оргулисти; злобник, кој повеќе изгледа како касап отколку како музичар, ќе свири за Бадник наместо маестро Перез. Сигурно си слушнала зашто сите знаат во Севилја дека никој друг не сакал да се нафати. Ниту ќерка му што е учителка и што по смртта на татко ù одлучила да оди во манастир како новицијантка. Јасно беше: кога сте се навикнале да слушате чуда, сè друго изгледа сиромашно, без разлика колку и да не сакате да правите споредби. Оттаму, кога луѓето ќе одлучат дека во спомен на починатиот и во знак на почит на неговиот спомен оргулите не треба да се свират вечерта, ете ти човек, велејќи дека тој ќе се осмели… Нема ништо похрабро од незнаење… И не само тој; и оние што му дозволиле да го стори ова обесчестување… Истите луѓе ќе бидат… истата екстраваганција… ама така одат работите… и велат… ваква работа не ги интересира луѓето… секој би рекол дека ништо не се сменило од една година во друга. Истиот народ, истиот сјај, истата навала на вратите, истите маки во атриумот, истите толпи во храмот… Но, ако маестро Перез го видеше ова, ќе се превртеше во гробот! За да не мора да слуша како оргулите му ги свират рацете на оној натрапник. А уште повеќе, од она што ми го кажуваат луѓето од заедницата планираат да му посакаат добредојде. Кога ќе се подготви да свири на клавијатурата, ќе направат огромна бучава со тамбури, тимпани и тапани што сè друго ќе стишат…
Ама чекај, во црквата влегол главниот лик. Боже мој, погледни ја смешната облека што ја носи, со иштирканите карнери на вратот и надуеноста! Ама ајде, дојде надбискупот и подготвени се да почне мисата… Мајко, изгледа дека она што ќе се случи вечер ќе ни даде добар материјал за муабети уште долго време.
Кога го кажа ова, добрата жена, која читателите ја паметат по нејзините чести, остри коментари, влезе во „Света Инес“ како и вообичаено, се туркаше и се лакташе за да влезе низ толпата луѓе без око да ù трепне.
Церемонијата веќе започнала и храмот беше исто така осветлен како и минатата година.
Откако се проби низ толпата што ги преполнуваше бродовите и отиде да го бакне прстенот на прелатот, новиот оргулист се искачи по скалите до оргулите и почна да ги допира еден по еден регистрите, со израз на сериозност што изгледаше толку посветена колку и смешна.
Меѓу вообичаениот народ што се собираше пред црквата се слушаше глува и збунувачка бучава што претскажуваше дека бурата почнуваше да се појавува и за кратко ќе се почувствуваше.
– Будала е тој штом не знае што да прави и само се преправа дека прави нешто важно – велеа едни.
– Тој е труп што откако ќе направи голема бучава со оргулите во неговата парохија полоша од удиралка, сака да дојде и да ги проба оргулите на маестро Перез – велеа други.
Додека последниот си ја извади наметката и се подготви да ја користи тамбурата, друг си ги проверуваше тимпаните и другите исто така чекаа за да почнат да прават бучава, неколку луѓе направија слаби извинувања за натрапникот чии помпезно и педантно однесување беа толку очигледно спротивни на скромниот изглед и љубезната природа на починатиот маестро Перез.
Конечно дојде очекуваниот момент, свечениот момент, кога откако се поклони и кажа неколку збора во молитва, свештеникот ја зеде хостијата во рацете… Ѕвоната почнаа да чукаат и нивното чукање звучеше како дожд од кристални ноти; замаглен облак од темјан почна да се издигнува и се слушнаа оргулите.
Во тој миг една голема бучава почна да ја исполнува целата црква, го задуши првиот акорд на оргулите.
Фрули, гајди, тимпани, тапани, сите човечки инструменти си ги воздигнаа своите дисонантни гласови во едногласие. Но збрката и бучавата траеја само неколку секунди. Толпата се стиши само што започна.
Вториот акорд, простран, храбар и величествен, уште продолжуваше и истураше тонска каскада од прекрасна хармонија низ металните цевки на оргулите.
Небесните песни како оние што ги милуваат ушите за време на мигови на вознесеност; песни што духот ги восприема, но усните не можат да ги повторат; неповрзани ноти на далечни мелодии што ги носат навеви од ветер; звукот на шушкање на лисја во дрвјата без бучава како дождот што паѓа, чуруликање на чучулиги што радосно се издигнуваат од цвеќињата, како стрела исфрлена од облаците; заглушувачки звуци, силни како лудување на бура; серафински хорови без ритам, ни метрика, непозната небесна музика што само интуицијата може да ја почувствува, громогласни химни што како да се издигаат од тронот Господов, како столб од светлина и звуци… сето ова се искажуваше со мноштвото гласови на оргулите со поголем жар, со поголема поетска мистериозност, со пофантастични бои отколку што некогаш ги произвеле.
Кога оргулистот се спушти од оргулите, толпата народ што се собра околу скалилата беше толку голема и желна да го поздрави, што главниот полицаец, зашто се плашеше дека ќе го турнат, им нареди на неколку негови полицајци со пендреците в раце да го расчистат патот до главниот олтар каде што чекаше прелатот.
– Еве сум пак, рече последниот, кога оргулистот конечно успеа да му се приближи.
– Дојдов дури од мојата резиденција за да ве слушнам. Ќе бидете ли толку суров како маестро Перез и ќе инсистирате секој Бадник да патувам за да ја слушнам полноќната миса?
– Следната година, ветувам дека ќе ви удоволам, одговори оргулистот. – Зашто не би се вратил за да свирам на овие оргули ни за сето азно на сиот свет.
– А зошто да не? – го прекина прелатот.
– Зашто… – продолжи оргулистот, се обидуваше да си ги воздржи емоциите што му ги откриваше бледото лице, – зашто се стари и скршени и не може да го изразат она што треба.
Надбискупот се повлече, а неговите прислужници го следеа. Еден по друг, господарите излегоа од црквата во ред и се изгубија во кривините на ближните улици; групите во атриумот се растурија и се распрснаа во различни насоки и вратарот само што не ги затвори вратите, кога забележа две жени кои откако се прекрстија и си ги кажаа последните молитви пред олтарот на свети Филип, излегоа од црквата и продолжија по улицата „Лас Дуењас“.
– Што мислите, госпоѓо Балтасара? – ја праша едната. – Знам што јас мислам. Секој си има свој табиет. Ама дури и босите Капуцини да ме убедеа, немаше да поверувам… Човекот сигурно не го отсвире она што го слушавме… Илјадапати сум го слушала како свири во неговата парохија, „Свети Вартоломеј,“ пред да го избрка свештеникот поради лошо однесување и она што го свиреше беше доволно за да сакате да си ги затнете ушите. Тогаш, доволно беше да му погледнете в лице, што како што велат, е огледало на душата… Се сеќавам на маестро Перез, кутриот, како да го гледам сега пред мене; кога се симнуваше по свирењето на ваква ноќ, откако го распушти аудиториумот со неговите убавини… Ама прекрасна насмевка, ама радосен израз!… Стар беше, ама личеше на ангел… Не како оној другиот што се сопнува по скалите како куче да го лае од одмориштето и со боја на покојник и едни… Ајде, госпоѓо Балтасара, верувајте ми кога ви велам… се сомневам дека има тука некаква работа…
Додека размислуваа за овие зборови, двете жени свртеа во аголот на улицата и исчезнаа од видикот.
Мислиме дека не треба да им објаснуваме на нашите читатели која беше едната од нив.
IV
Помина уште една година… Полускриена во сенките, игуменијата на манастирот на света Инес и ќерката на маестро Перез зборуваа тивко во хорот на црквата. Додека црковните ѕвона со повреден глас ги повикуваа верниците од камбанаријата, одвреме-навреме некој го поминуваше атриумот, кој беше тивок и напуштен, и откако зеде малку света вода кај вратата, седна во аголот на бродот каде што неколкуте жители од соседството чекаа да почне полноќната миса.
– Сега гледате, рече игуменијата, – не ви треба страв; едвај има некој во храмот; сета Севилја вечерва оди во катедралата. Па, ајде свирете на оргулите, можете да свирите без да се грижите, зашто тука сте дома… Ама… уште молчите и само воздивнувате. Зошто? Што ви е?
– Страв… ми е, рече девојката со израз што откриваше колку беше вознемирена.
– Страв ? Од што?
– Не знам… од нешто натприродно изгледа… Синоќа кога ми кажавте дека треба да свирам на оргулите за миса, бев среќна што имам можност и мислев дека ќе дојдам да ги поправам регистрите и да ги наштимам, па да ве изненадам денес… Дојдов сама во хорот… Ја отворив вратата што води кон оргулите… Часовникот на катедралата го отчукуваше часот, не знам точно кој… но камбаната звучеше многу тажно и многу… многу… продолжи да чука цело време додека стоев на прагот, што изгледаше како цел век.
Црквата беше темна и напуштена… Длабоко во неа, една мала светилка сјаеше како далечна ѕвезда во небото ноќе… беше светлото на ламбата што гори на главниот олтар… И во нејзината темна светлина, што само правеше сенки околу неа, изгледаше уште пострашна, а јас видов, мајко… Мора да ми верувате, видов еден маж свртен со грбот кон местото каде што стоев, маж кој тивко со една рака поминуваше преку клавијатурата на оргулите, додека со другата рака ги допираше регистрите… И оргулите свиреа, но звукот што го правеа беше неопислив. Секоја нота изгледаше како жалосен воздив на она што доаѓаше низ металните цевки што вибрираа со компримираниот воздух, правеа мек звук што скоро не се чувствуваше, но сепак се слушаше.
И часовникот на Катедралата го отчукуваше часот и човекот продолжи да поминува со рацете на клавијатурата. Можев дури и да му го слушнам здивот.
Толку се преплашив што чувствував како да ми замрзнала крвта во вените; во телото почувствував студенило како мраз додека истовремено ми гореа слепоочниците… Сакав да викнам, ама не можев. Човекот ми се сврти и ме гледаше… Не, не е така; не ме гледаше мене, зашто беше слеп… Татко ми беше!
– Ах, сестро; морате да се ослободите од овие фантазии што ѓаволот ги користи за да ни ја вознемири слабата фантазија… Кажете еден Оченаш и една Радувај се Маријо на архангелот Михаил, кој е водач на небеската војска, и замолете го да ви помогне за да им одолеете на овие зли духови. Околу вратот носете скапулар што ги допреле реликвиите на свети Пахомие, светецот што заштитува против искушенијата, па одете и искачете се кај оргулите. Мисата ќе почне и сите верници чекаат… Татко ви е во рајот и наместо да сака да ве исплаши, ќе сака да си ја инспирира ќерка си на оваа свечена пригода на голема набожност.
Приорката отиде да си седне на местото во хорот среде заедницата. Ќерката на маестро Перез ја отвори вратата кај оргулите со треперлива рака и седна на клупата додека почнуваше мисата.
Мисата почна и продолжи без ништо невообичаено сè додека дојде времето на посветувањето. Во тој миг оргулите почнаа да свират и веднаш се слушна вресок на ќерката на маестро Перез. Приорката, неколку чесни сестри и верници побрзаа кај оргулите.
– Погледнете го! Погледнете го! – викаше таа и покажуваше на клупата на оргулите од каде што стана да оди и се држеше за оградата.
Сите гледаа во тоа место. Клупата беше празна, но сепак оргулите продолжија да свират… и правеа звук што само архангелите можат да го направат во мигови на мистична екстаза.
– Нели ви кажав, госпоѓо Балтасара, нели ви кажав!… Нели ви кажав дека има некоја работа? Рековте дека не сте биле на полноќна Бадникова миса синоќа? Ама сигурно слушнавте што се случило. Во Севилја, сите зборуваат за тоа… Надбискупот е бесен и со право…
Престанал да доаѓа во „Света Инес“ и поради тоа не можел да го посведочи чудото. А зошто? Да слуша бучава со трескање и ѕвечкање, зашто така ја нарекуваат музиката во катедралата кога свири оргулистот од „Свети Вартоломеј“… – Ви кажав. Оној со ситните очи нема шанси да го отсвири она што го слушнавме… Тука има некоја работа, а работата всушност беше душата на маестро Перез.
Извадок од книгата „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (7 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Прочитајте го првиот дел: СТРАСНАТА РОЗА.
Прочитајте го вториот дел: БАКНЕЖОТ.
Прочитајте го третиот дел: МЕСЕЧЕВИОТ ЗРАК
Прочитајте го четвртиот дел: ГНОМОТ
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (8 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (9 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (10 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (11 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (12 дел) КРАЈ | Literatura.mk