ПОГЛАВЈЕ 23
Шумата повторно беше покриена со снег и лежеше тивко, засолната под неговата длабока бела покривка. Се слушаше само гракањето на враните, а одвреме-навреме ќе се јавеше и некоја крескава врана или срамежлива сеница. Но, потоа мразот стегна уште посилно и замре сè. Воздухот почна да свири од студот.
Едно утро тишината ја разби кучешки лаеж.
Тоа беше непрекинат, брз лаеж, што нагло се ширеше низ шумата, горлив и јасен, лаеж што повикуваше на кавга со своите гласни виежи.
Бамби ја поткрена главата во дупката под паднатото дрво и погледна во Стариот срндак кој лежеше до него.
„Тоа не е ништо“, рече Стариот срндак, како одговор на погледот на Бамби. „Не е нешто што би требало да нè засега.“
Сепак, обајцата продолжија да слушаат.
Лежеа во нивната дупка под старото буково стебло што ги штитеше како покрив над нив. Длабокиот снег ги штитеше од ледениот провев околу нив, а густите грмушки ги криеја од љубопитни погледи.
Лаењето се доближи до нив. Беше гневно, забревтано и неуморно. Звучеше на лаеж на некој помал пес. Постојано се доближуваше сè повеќе.
Потоа слушнаа поинакво бревтање. Имаше некакво тивко и болно ’ржење што се слушаше под разгневениот лаеж. Бамби се вознемири, но Стариот срндак повторно го смири. „Нема потреба да се грижиме“, рече тој. Продолжија немо да лежат во нивната топла дупка и да ѕиркаат надвор.
Чекорите се доближуваа сè повеќе низ грмушките. Од силните удари паѓаше снегот од гранките, што потоа се издигнуваше од земјата како прав.
Низ снегот, преку корењата и гранките, скокаше и се влечеше старата лисица. Имаа право, веднаш зад трчаше малечок пес со куси ножиња.
Една од предните нозе на лисицата беше повредена и крзното на неа целосно беше раскинато. Таа ја држеше повредената шепа пред себе, а од раната ù течеше крв. Забревтано се бореше за здив. Очите ù беа ококорени од ужас и напор. Целата беше избезумена од страв и бес. Беше очајна и исцрпена.
Повремено се вртеше, замавнуваше и ’ржеше кон песот, кој се заплашуваше и се повлекуваше неколку чекори назад.
Лисицата седна на задните нозе. Не можеше веќе. Со отворени вилици и вовлечена муцка му за’ржи на песот, тажно кревајќи ја повредената шепа.
Но, песот во ниту еден момент не престана да лае. Неговиот пискав и рапав лаеж стануваше сè подлабок и пополн. „Тука!“ викаше песот. „Тука е! Тука! Тука! Тука!“ Веќе не беше насилен кон лисицата. Не ù се обраќаше нејзе, туку викаше по некој што сè уште беше некаде зад нив.
Бамби многу добро знаеше, а исто и Стариот срндак, дека песот вика по Него.
И лисицата знаеше. Крв шикаше од неа и од нејзините гради капеше на снегот, создавајќи на ледено белата површина огнено црвен круг, што бавно испаруваше.
Слабост ја совлада лисицата. Повредената шепа немоќно ù клапна надолу, но врела болка проструи низ неа кога го допре студениот снег. Повторно ја подигна и со огромен напор растреперено ја испружи пред песот.
„Пушти ме“, му рече лисицата. „Пушти ме.“ Зборуваше тивко и молежливо. Беше многу изнемоштена и потиштена.
„Не! Не! Не!“ завиваше песот.
Лисицата продолжи да го моли уште понастојчиво. „Та ние сме роднини“, го молеше таа. „Речиси сме како брат и сестра. Те молам, пушти ме да си одам дома. Дозволи ми барем да умрам покрај најблиските. Та јас и ти сме речиси како брат и сестра.“
„Не! Не! Не!“ ’ржеше песот.
Тогаш лисицата одеднаш се издигна и седна сосема исправено. Ја спушти убавата шилеста муцка на раскрвавените гради и го погледна песот директно в очи. Со сосем изменет глас, воздржано огорчено за’ржи: „Како не ти е срам, предавнику еден!“
„Не! Не! Не!“ лаеше песот.
Но, лисицата продолжи. „Продадена душо! Отпаднику!“ Нејзиното осакатено тело целото беше напнато од омраза и презир. „Шпион проклет!“ засаска таа. „Скоту еден! Ти нè следиш секаде и нè наоѓаш каде што Тој не може нè најде. Ти нè предаваш нас, ние, кои сме ти роднини. Ме предаваш мене, што сум ти како сестра. И си застанал овде пред мене без трошка срам!“
Во истиот момент се јавија разни други гласови од сите страни.
„Предавник!“ заграка страчката од дрвото.
„Шпион!“ закреска сојката.
„Скот!“ засаска ласицата.
„Отпадник!“ за’ржи феретката.
Од секое дрво и од секоја грмушка се слушаше пискање, цивкање и свиркање, а високо од небото гракаа враните: „Шпион! Шпион!“
Сите се собраа, дојдоа од дрвјата или од скришните места наземи и будно ја следеа борбата. Бесот што избувна од лисицата го ослободи гневот што беше насобран во сите нив, а крвта излеана на снегот, што бавно испаруваше пред нивните очи, предизвикуваше беснило во нив од кое забораваа на каква било претпазливост.
Песот зјапаше во нив. „Кои сте вие?“ врескаше тој. „Што сакате? Што воопшто знаете вие? За што зборувате? Сè му припаѓа Нему, исто како што му припаѓам и јас! Но, јас, јас го сакам! Јас го обожавам и му служам! Мислите дека вие можете да му се спротивставите Нему? Вакви бедни суштества како вас? Тој е семоќен! Тој е над сите вас! Сè што имаме, од Него е! Сè што овде расте и живее, потекнува од Него!“ Песот трепереше од восхит.
„Предавник!“ остро извика верверицата.
„Така е! Предавник!“ засаска лисицата. „Никој друг не е предавник, освен ти. Само ти!“
Песот потскокнуваше во својата поданичка возбуда. „Само јас?“ извика тој. „Лажеш! Зар не се и многу други на Негова страна? Коњот, кравата, овцата, кокошките… Многу од вас и вашиот род се на Негова страна, го обожаваат и му служат!“
„Сите тие се џган!“ извика лисицата исполнета со неизмерен презир.
Песот веќе не можеше да се воздржи и се фрли кон вратот на лисицата. ’Ржејќи, плукајќи и врескајќи се валкаа во снегот како диво згрчено клопче од кое леташе крзно. Снегот се креваше како прашина, попрскан со ситни капки црвена крв. Но, на крајот, лисицата веќе немаше сила. За неколку секунди падна на грб, го покажа белиот стомак, преташе малку, а потоа се згрчи и умре.
Песот ја протресе уште неколкупати, а потоа пушти да падне во разгазениот снег. Застана до неа со раширени нозе и повторно почна да вика гласно со својот длабок глас: „Тука! Тука! Тука е!“
Животните што набљудуваа вџасени се разбегаа на сите страни.
„Страшно“, тивко му рече Бамби на Стариот срндак во дупката.
„Најстрашно од сè“, му возврати Стариот срндак, „е што кучињата веруваат во тоа што сега го кажа песот. Тие веруваат во тоа и животот го поминуваат во страв. Го мразат Него и се мразат самите себеси, а сепак би умреле за Него.“
ПОГЛАВЈЕ 24
Студот попушти и среде зима се врзаа неколку топли денови. Земјата ја впиваше големата вода од снегот што се топеше и веќе насекаде почнуваа да ѕиркаат парчиња гола почва. Косовите уште не пееја, но кога одлетуваа од земјата каде што ловеа црви или кога летаа од дрво на дрво, испуштаа долг и весел свиреж што речиси личеше на песна. Клукајдрвецот веќе почна да се јавува одвреме-навреме. Страчките и враните беа позборлести. Сениците црцореа повесело. А фазаните, кога ќе слетаа од своето дрво за да спијат наземи, остануваа на истото место додека не раздени, за да можат да ги протресат своите перје на утринското сонце и кусо да се огласат со своето пискаво брборење.
Едно такво утро Бамби шеташе наоколу како и секој ден. Стигна до дупката само што зазори. На подалечната страна, онаму каде што живееше порано, мрдаше нешто. Бамби остана скриен во честакот и внимателно набљудуваше. Една срна шеташе наваму-натаму, барајќи места каде што се стопил снегот и каде што прерано изникнала некоја тревка.
Бамби сакаше веднаш да се сврти и да замине, кога ја препозна Фалина. Првиот импулс му беше да скокне од честакот и да ја повика. Но, остана да стои како вкопан. Многу одамна ја немаше видено Фалина. Срцето почна да му чука забрзано. Фалина се движеше бавно, како да беше изморена и тажна. Сега многу личеше на мајка ù, личеше на старата тетка Ена и Бамби го забележа тоа со некоја необична и мачна зачуденост.
Фалина ја подигна главата и погледна во правец кон него, небаре ја почувствува неговата близина. Бамби повторно сакаше да истапи напред, но повторно застана како нешто да не му дозволуваше да се помрдне.
Слика 4
Забележа дека Фалина остарела и станала седа.
„Ведрата и неуморна малечка Фалина! Ах, колку само беше убава порано!“ си помисли тој. „И колку само беше жива!“ Одеднаш целата негова младост му мина пред очи. Ливадата, патеките по кои чекореше со мајка му, веселите игри со Гобо и Фалина, убавите скакулци и пеперуги, борбата со Карус и Роно кога успеа да ја придобие Фалина за себе. Одеднаш повторно се почувствува среќно, а сепак го потресе сето тоа.
Фалина тргна да си оди. Главата ù беше спуштена надолу и полека се оддалечуваше, изморено и тажно. Во тој момент Бамби ужасно многу ја сакаше Фалина, истовремено чувствувајќи силна и нежна меланхолија. Посака да побегне од дупката што толку долго го одвојуваше од неа и од другите. Посака да ја стигне и да ја поздрави и да поразговара со неа малку за нивната младост и за сè што се имаше случено.
Гледаше како заминува, поминувајќи под соголените гранки, додека најпосле не исчезна од видикот.
Остана така загледан во празно уште долго време.
Одеднаш нешто згрме како грмеж. Бамби се штрекна. Звукот дојде од неговата страна. Не беше баш сосема близу, а сепак беше од оваа, од неговата страна.
Потоа се чу и втор грмеж, а веднаш по него следуваше и трет.
Бамби отскока малку подлабоко во честакот, па застана и ги начули ушите. Сè беше мирно. А потоа претпазливо се упати дома.
Стариот срндак беше стигнал таму пред него, но сè уште не беше легнал. Стоеше покрај паднатото стебло како да го чекаше.
„Каде беше толку долго?“ го праша Бамби толку сериозно, што овој не можеше да изусти ни збор.
„Го слушна ли тоа?“ праша Стариот срндак по куса пауза.
„Да“, одговори Бамби. „Трипати. Тој е во шумата.“
„Се разбира“, кимна Стариот срндак и потоа повтори, нагласувајќи: „Тој е во шумата и мораме да одиме“.
„Каде?“ му излета на Бамби.
„Таму каде што е Тој сега“, рече Стариот срндак, а гласот му беше тежок.
Бамби се преплаши.
„Не плаши се“, му рече Стариот срндак. „Дојди со мене и не плаши се. Мило ми е што можам да те одведам таму и да ти покажам…“ Се колебаше за миг, па тивко додаде: „Пред да си заминам од овој свет“.
Бамби зачудено погледна во Стариот срндак. И одеднаш забележа колку е остарен. Главата сега му беше сосем седа. Лицето му беше исушено. Длабокиот сјај во неговите очи веќе целосно беше исчезнат и тие сега имаа матен зеленикав отсјај и личеа како да се слепи.
Бамби и Стариот срндак немаа стигнато многу далеку кога првпат го почувствуваа познатиот остар мирис што влеваше ужасен страв и трепет во нивните срца.
Бамби застана. Но, Стариот срндак продолжи да се движи директно кон мирисот. Бамби колебливо го следеше.
Ужасниот мирис стануваше сè посилен и посилен. Но, Стариот срндак решително одеше напред. Во Бамби се роди желба за бегство и му го вознемири срцето. Му проструи низ главата и нозете, но смогна сили да ја совлада и продолжи да го следи Стариот срндак.
Тогаш ужасниот мирис стана толку силен што ги задуши сите други мириси наоколу и едвај успеваа да дишат.
„Еве го!“ рече Стариот срндак, поместувајќи се на едната страна.
Низ соголените гранки, Бамби го забележа Него како лежи на разгазениот снег на само неколку чекори од нив.
Незадржлива експлозија од страв го зафати целото тело на Бамби и со еден ненадеен скок се впушти во посакуваното бегство.
„Стој!“ чу како по него вика Стариот срндак. Бамби се сврте и виде како Стариот срндак мирно стои на местото каде што Тој лежеше наземи. Сиот зачуден и воден од чувството на послушност, како и од огромна љубопитност и исчекување, Бамби се доближи.
„Дојди поблиску“, му рече Стариот срндак. „Не плаши се.“
Тој лежеше наземи со Неговото бледо, голо лице свртено кон небото. Неговата шапка лежеше малку понастрана во снегот. Бамби, кој не знаеше ништо за шапки, помисли дека Неговата ужасна глава е расцепена на два дела. На разголениот врат на ловокрадецот ѕиркаше рана, подотворена како малечка црвена уста. Од неа бавно течеше крв, што се слеваше по Неговата коса и Неговиот нос. Голема локва црвена крв лежеше до него на снегот што се топеше од нејзината топлина.
„Сега можеме да стоиме веднаш до Него“, тивко рече Стариот срндак. „Сега не е опасно.“
Бамби гледаше во испруженото тело пред себе, чиишто раце и нозе и кожа толку многу му беа чудни и го плашеа. Гледаше во мртвите очи што слепо зјапаа во него. Ништо не му беше јасно.
„Бамби“, продолжи Стариот срндак, „се сеќаваш ли на тоа што го кажаа Гобо и песот, на тоа што мислат сите? Се сеќаваш ли?“
Бамби не можеше да одговори.
„Гледаш ли сега, Бамби?“ продолжи Стариот срндак. „Гледаш ли сега како Тој лежи мртов наземи, како да е еден од нас? Слушни ме добро, Бамби. Тој не е семоќен како што велат. Сè што овде расте и живее не потекнува од Него. Тој не е над нас. Тој е исто како нас. Ги има истите стравови, истите потреби и пати на истиот начин како ние. Тој може да биде убиен исто како нас и тогаш лежи беспомошно на земјата исто како нас, токму каков што го гледаш сега.“
Тишина.
„Ме разбираш ли, Бамби?“ го праша Стариот срндак.
„Мислам дека разбирам“, низ шепот одговори Бамби.
„Тогаш зборувај“, заповеднички рече Стариот срндак.
Бамби сиот вдахновен и растреперен рече: „Постои нешто Друго што е над сите нас, над нас и над Него!“
„Сега можам да одам“, рече Стариот срндак.
Тој се сврте и тргна, а Бамби чекореше покрај него.
Одредено време чекореа така, но одеднаш Стариот срндак застана покрај еден висок даб. „Не следи ме веќе, Бамби“, смирено му рече. „Моето време заврши. Сега морам да најдам место каде што ќе починам.“
Бамби се обиде да проговори.
„Немој“, го пресече Стариот срндак. „Немој. Во судниот час што ми се ближи, сите ние сме сами. Збогум, синко мој. Многу те сакав.“
ПОГЛАВЈЕ 25
Летниот ден зажари уште при зората и немаше ни трошка ветре, ниту, пак, трага од вообичаената утринска свежина. Се чинеше како сонцето да изгреа побрзо од обично. Тоа брзо се издигна на небото и светеше како факел со своите заслепувачки зраци.
Росата на ливадите и грмушките испари за миг. Земјата беше совршено сува и сите облаци на небото се исчистија. Шумата беше тивка, бидејќи сè уште беше многу рано. Тишината на моменти ја нарушуваа само повременото чукање на клукајдрвецот или нежното љубовно гукање на гулабите.
Бамби стоеше на една мала скриена чистинка, што обликуваше тесна ледина во срцето на честакот.
Рој мушички танцуваа на жешкото сонце и му летаа над главата.
Во лисјето од лесковата грмушка зад Бамби се зачу тивко брмчење. Од него излета мајски бумбар и лесно се вивна нагоре. Прелета меѓу мушичките и продолжи да се издигнува нагоре и нагоре сè додека не стигна до врвот на едно стебло, каде што имаше намера да преспие до вечерта. Капаците на крилјата му стрчеа од страните, а крилјата му брмчеа од снага.
Мушичките се разделија за да му отворат пат на мајскиот бумбар и откако ги одмина, повторно се собраа во рој. Неговото темнокафеаво тело, над кое блескаше живиот треперлив сјај од неговите разлетани крилја, за миг блесна на сонцето и потоа исчезна.
„Го видовте ли?“ се прашуваа мушичките една со друга.
„Тоа е стариот мајски бумбар“, џагореа дел од нив.
А други, пак, додадоа: „Сите од неговиот род веќе се мртви. Само тој сè уште е жив. Само тој“.
„А колку долго ќе живее?“ прашаа рој мушички.
„Не знаеме“, одговори друг рој. „Некои бумбари од неговиот род живеат многу долго. Некои од нив живеат речиси вечно… Го гледаат сонцето триесет или четириесет пати, не знаеме точно колкупати. Нашите животи се доволно долги, но ние го гледаме денот само еднаш или двапати.“
„Колку време веќе живее стариот мајски бумбар?“ прашаа некои од најмалите мушички.
„Тој го има надживеано целото свое семејство. Стар е колку планините. Има видено повеќе и прошетано повеќе одошто можеме да си замислиме.“
Бамби продолжи понатаму. „Си џагорат мушичките“, помисли. „Си џагорат.“
Одеднаш, до неговите уши допре тивко и плашливо довикување.
Ги начули ушите, наслушна, и внимателно продолжи да се доближува кон звукот, чекорејќи бесшумно низ густите грмушки, нешто што одамна научи да го прави.
Повикот повторно се зачу, овој пат уште поисплашен и потажен. Две малечки срнчиња викаа: „Мамо! Мамо!“
Бамби чекореше низ грмушките и ги следеше гласовите.
На една чистинка стоеја едно до друго две срнчиња со црвеникаво крзно, братче и сестриче, исплашени и напуштени.
„Мамо! Мамо!“ викаа тие.
И уште пред да се свестат што се случува, Бамби ненадејно се појави пред нив. Немо зјапаа во него.
„Мајка ви нема време за вас сега“, строго рече Бамби.
Погледна во очињата на малото братче. „Зар не можеш да седиш сам?“ го праша тој.
Братчето и сестричката срнчиња молчеа.
Бамби се сврте, влезе во грмушките и исчезна уште пред малечките да успеат да се свестат. Продолжи да чекори низ шумата.
„Малечкиот ми се допадна“, си помисли Бамби. „Можеби ќе го сретнам повторно кога ќе порасне…“
Не запираше. „И малечката е многу мила и убава“, си помисли тој. „Фалина беше иста како неа кога беше малечка.“
Продолжи да чекори и исчезна во шумата.
(Крај)
Наслов: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (7 дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Прочитај го претходните делови од „Бамби. Животот во шумата“.
Прв дел (1 и 2 поглавје).
Втор дел (3 и 4 поглавје).
Трет дел (5, 6, и 7 поглавје)
Четврт дел (8,9,10,11,12 поглавје)
Петти дел (13,14,15,16,17,18 поглавје)
Шести дел (19, 20, 21, 22 поглавје)