Со книгите најдобро и најкорисно се исполнува слободното време. Ова е ставот на адмистраторката на популарната книжевна фејсбук-група „Размена на книги и книжевни муабети“, Наде Јовчевска. Таа се вклучи во акцијата за поттикнување на читањето, со пет предлози на книги од „Литература.мк“, наменети за целото семејство.
1. Серијал „Mачки детективи“ од Алесандро Гати
Затоа што децата сега се дома, и имаат вишок слободно време, најпрво ќе препорачам книга со која одлично ќе ги пополнат нивните денови во изолација. Неизвесноста и возбудата која серијалот „Mачки детективи“ од Алесандро Гати ќе ја разбуди кај децата е одлична за да се насочат кон читање книги во овој период. Сите книги од серијалот носат своја приказна, блиска на децата, јазикот е читлив и едноставен, а книгите и повеќе од интересни.
Книгите од серијалот „Mачки детективи“ се достапни за онлајн нарачка на следниот линк.
2. Серијал „Бриџит Џонс“ од Хелен Филдинг
За нас возрасните, време за малку релаксација, моја препорака и книга, а богами и филм на кои постојано им се навраќам, серијалнот за Бриџит Џонс од Хелен Филдинг. 🙂 Смотаната и трапава Бриџит и нејзините хуморески не може да не го насмеат кого било. А и секој од нас си носи по малку од Бриџит во себе, па ова ќе му дојде и како смеа на своја сметка. А тоа ги прави и книгите убави ‒ кога во нив ќе најдеме дел од себе.
Книгите од серијалот „Бриџит Џонс“ се достапни за онлајн нарачка на следниот линк.
3. „Непокорниот живот на Вуди Ален“ од Мерион Мид
Вуди Ален е човекот чии филмови може или да ги сакаме премногу или да ги мразиме премногу, но никој, ама баш никој не може да му ја намали генијалноста. Еден до најголемите сценаристи, режисери и актери на 20 век. Секогаш сакам да читам за ваквите умови, а оваа биографија топло ја препорачувам.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
4. „Генералот во својот лавиринт“ од Габриел Гарсија Маркес
Ова е класик кој најмногу го препорачувам. Во „Генералот во својот лавиринт“, освен маестралното раскажување на авторот Габриел Гарсија Маркес, доаѓаме и до една вистинска приказна. Најполитичкиот роман на Маркес ја раскажува трагичната приказна на генералот Симон Боливар – човекот кој се обиде да обедини еден цел континент.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
5. „Судирот меѓу цивилизациите и преобликувањето на светскиот поредок“ од Семјуел П. Хантингтон
Ова е една од книгите кои секој треба да ја прочита. Живееме во глобално општество во кое мораме да бидеме свесни што се случува околу нас за да ни биде јасно и зошто нам ни се случува тоа што ни се случува. Книга која надвор од теорииите на заговорот ни ја раскажува глобалната историја на светот и нејзината иднина како книга надвор од белетристиката, книга која влегува во задолжителна литература за сите кои сакаат постојано да учат.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.