Со читање приказни, работилници, конкурси, награди за најдобри автори секоја година на 2 април се одбележува Светскиот ден на книгите за деца. Овој празник на литературата за најмладите се одбележува од 1967 година, а воспоставен е во чест на роденденот на славниот данскиот книжевник и еден од најголемите писател за деца Ханс Кристијан Андерсен (1805 – 1875). Овој годишен настан е поддржан од невладината организација Меѓународен одбор за книги за млади (IBBY).
Секоја година различен национален оддел на IBBY има можност да биде меѓународен спонзор на настанот. Одлучува за тема и поканува истакнат автор од земјата-домаќин да напише порака до децата на светот и добро познат илустратор да дизајнира постер. Овие материјали се користат на различни начини за промовирање на книги и читање. Оваа година земја-домаќин е Словенија.
Исто така, по иницијатива на Меѓународен одбор за книги за млади, УНИЦЕФ и Светската здравствена организација годинава почна нова програма наречена „Прочитај го светот“ (Read the World). Во рамки на акцијата, водечките светски автори на книги за деца ќе ги читаат своите книги за децата и семејствата ширум планетата, кои се загрозени и во изолација од коронавирусот. Прв писател што ќе чита своја книга онлајн е италијанската авторка Елизабета Дами. Таа преку својот инстаграм профил ќе чита една од своите книги за Геронимо Стилтон.
„Арс Ламина“ и „Литература.мк“ се приклучуваат кон одбележување на овој ден, со промоција на пет нови книги за деца, во издание на импринтот за детска литература „Либи“.
Литературата за деца на македонски јазик од денеска е збогатена со сликовницата „Девојчето и градот“ од нашиот познат уметник Ване Костуранов, првата книга од славниот серијал од авторката Џ. К. Роулинг, „Хари Потер и Каменот на мудроста“, романот „Сè е во ред“ од една од најпознатите авторки во регионот, Јасминка Петровиќ, детскиот класик „Тајната градина“ од Франсес Хоџсон Барнет и илустрираната книга „Срцето и шишето“ од еден од најпопзнатите нови автори Оливер Џеферс.
1. „Девојчето и градот“ од Ване Костуранов
Едно девојче живее во еден сивкав град, во кој веќе одамна не доаѓаат сонцето, птиците, пеперугите… Еден ден, талкајќи по улиците полни со луѓе, ќе се загуби и сосема неочекувано ќе се најде пред една огромна шума, во која ќе открие работи што ќе ѝ го променат животот од корен.
Книгата е достапна за нарачка на слендиот линк.
2. „Хари Потер и Каменот на мудроста“ од Џ. К. Роулинг
Еден обичен ден во домот на Дарслиеви, на Привет драјв бр. 4 стигнува писмо за момчето во креденецот под скалите, Хари Потер. По многуте обиди на тетин Вернон да ги скрие писмата што постојано доаѓаат, една вечер на вратата се појавува Рубеус Хагрид од училиштето Хогвортс за вештерство и волшебништво, и му вели на Хари дека е волшебник. Тогаш почнуваат авантурите на Хари и неговите пријатели, но, влогот е голем − целиот волшебнички свет е во опасност. „Хари Потер и Каменот на мудроста“ е првиот дел од серијалот за младиот волшебник Хари Потер и конечно дочекавме да ни биде лектира.
Книгата е достапна за нарачка на слендиот линк.
3. „Сè е во ред“ од Јасминка Петровиќ
Понекогаш не е лесно да бидеш млад. Има многу предизвици, дилеми, емоции, недоразбирања… Јунаците од оваа книга не се согласуваат со немирот и темнината. Тие избираат љубов наместо страв. Тие трагаат по нов ден, по слобода. Слушај, во ред е и ако се согласиш и ако не се согласиш со мене. Сè е сосема во ред.
Книгата е достапна за нарачка на слендиот линк.
4. „Тајната градина“од Франсес Хоџсон Барнет

По загубата на нејзините родители, младата Мери Ленокс е пратена од Индија да живее на мрачниот имот на нејзиниот вујко во дивината на англиските мочуришта. Таа е осамена и нема со кого да си игра, но еден ден дознава дека некаде на имотот има тајна градина во која не смее да влезе никој. Тогаш Мери наоѓа еден стар клуч во една цветна леа – и налет на магија ја води до скриената врата. Полека го завртува клучот и влегува во свет за кој никогаш не си ни замислувала дека може да постои.
Книгата е достапна за нарачка на слендиот линк.
5. „Срцето и шишето“ од Оливер Џеферс

Еднаш постоеше девојче чијшто живот беше исполнет со љубопитство за светот околу него… Но, еден ден се случи нешто што го натера девојчето да го стави своето срце на посигурно место. Оттогаш, светот се чинеше попразен од претходно. Дали девојчето ќе открие како да си го врати срцето онаму каде што отсекогаш си било?
Во оваа прониклива приказна, наградуваниот и светски признат автор на сликовници за деца, Оливер Џеферс, со неверојатно пердувест допир ги обработува тешките теми за љубовта и за загубата и, конечно, ни покажува дека секогаш постои надеж.
Книгата е достапна за нарачка на слендиот линк.