Новинарката и авторка на книгите за деца „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ и „24 часа во Еднорозија“, Јасмина Кантарџиева Димков вели дека „книгите се еден од најдобрите начини да направиме да се чувствуваме попријатно дома во овој период на ограниченост на простор и на движење“.
‒ Во моменти кога сме бомбардирани од сите страни со предупредувања, ограничувања и тешки вести, мене најмногу ми одговара уживањето во хумористична литература, која ги храни позитивното размислување и смеата, и кратките раскази кои забавуваат или замислуваат, но не земаат многу време. Сепак, во оваа листа препорачувам и по некоја романтична или хумористична книга погодна и за тинејџерите, а не треба да заборавиме ни на книгите ни на едукативната и креативна забава за нашите деца – вели Кантарџиева Димков која се придружи на акцијата за промоција на читањето во време на изолацијата од вирусот корона. Ова е нејзината листа со топ 5 книги од „Литература.мк“ кои ќе ве насмеат и расположат овој период.
1. „Стогодишникот кој скокна низ прозорецот и исчезна“ од Јонас Јонасон
Ќе ве изнасмее до солзи, ќе ве замисли за вистинските човечки вредности, а се чита во еден здив. Главниот лик во оваа експлозивна комедија е Алан Карлсон, забавен старец, но со богато животно искуство, кој полни сто години. Додека старечкиот дом каде што живее има намера „на големо“ да прослави, Алан има друга идеја и одлучува да избега, скокнувајќи низ прозорецот. На автобуската станица му го зема куферот на едно момче, се качува на првиот автобус и оттука почнува смешната серија на средби. Се разбира, момчето нема да се откаже од потрагата на својот куфер, а во потрагата се вклучува и полицијата, управата на домот, мафијата… Што има во куферот? Крцка од 52 милиони шведски круни за кои вреди да се почне да се бега, ама и да почне да се живее на друг начин. Ален, иако има сто години, сè уште е гладен за живот. И, за љубов.
Интерересно е што и самиот автор Јонасон, кој долги години работел како новинар, одеднаш одлучил нешто да промени во својот живот и се преселил во мало место во Швајцарија. Таму го пишува овој роман. Кога го напишал, се вратил во Шведска, пречекан од голем успех.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
2. „Баудолино“ од Умберто Еко
Дваесет години по успехот на „Името на розата“, од перото на италијанскиот литерарен гениј Еко излегува романот „Баудолино“ со приказна што се случува во средниот век. Невозможно е да се даде линеарен опис на овој, истовремено и историски и фантастичен роман, затоа што „Баудолино“ е мозаик од илјада анегдоти и приказни од кои секоја би можела да се развие во посебен роман. Еко користи нов стил, но без да се одрече од својата необична иронија. Можеби најдобриот од романите на Еко, секако највизионерскиот.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
3. „Голем готвач за бебиња и мали децa“ од Дагмар фон Крам
Секогаш нѝ е неопходна здрава храна за нашите дечиња, ама сега пак, добро ќе нѝ дојде и забава преку развивање на готварските вештини. Па затоа, ајде и нив да ги вклучиме во креативните готварски мајсторлуци. Готвачот изобилува со многубројни вкусни рецепти, лесни за приготвување, и забавата може да почне ‒ од фритата и тортиљи до торти и рецепти за претстојните велигденски празници кои сигурно ќе успеат да ги направат малите рачиња (со ваша мала помош). Тука ќе најдете и одговори на бројни прашања, од тоа како можат да се спречат алергии на храна до кои витамини и минерали им требаат на децата според возраста, па сè до како можеме лесно да го интегрираме нашето дете во приготвување на семејните оброци и уште куп други совети. Ем поучно, ем забавно. Вистински начин да си го направиме времето поминато во изолација со нашите најдраги многу, многу попријатно и повесело.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
4. „Бебето на Бриџит Џонс“, Хелен Филдинг
Нели рековме дека ни треба повеќе смеа и нешто полесно овие денови? Од полесните четива, особено одлично за тинејџерите и младите луѓе, повторно со нас е смешната, хаотична, несмасна девојка која не можеме, а да не ја сакаме, Бриџит Џонс. Овој пат со стомак. Каков стомак? Труднички. Бриџит сега има нов живот и тоа баш таков каков што сака: одлична работа, конечно има и одлична линија, па дури има и свој автомобил со навигатор. И многу е задоволна, освен што… малку е осамена. Опкружена е со пријатели кои имаат деца кои, знаете веќе, сè нешто бараат и „кенкаат“, а тоа постојано ја потсетува на немилосрдноста на сопствениот биолошки часовник. Понатаму, претпоставувате… Се сретнува со фаталниот Марк Дарси, пет години по прекинот на нивната врска и завршуваат заедно в кревет. Но, во животот на Бриџит, сепак, ништо не е толку едноставно, па само по неколку дена таа го сретнува и, исто така фаталниот, Даниел Кливер, со кој, исто така, завршува во кревет. Кој е таткото на бебето?
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.
5. „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од Катерина Трајановска
Суперзабавна и смешна книга за секое детенце. Замислете, главниот лик, петгодишниот Оливер Томпсон Мекензи III не сака да се искапи! И не само тоа, Оли си е момченце со цврст став и не прифаќа никакви компромиси. Ама, зошто да не сака да се капи? Е, има де, зошто…
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.