КРСТОТ НА ЃАВОЛОТ
Ако сакаш, верувај, ако не, не ми е битно воопшто. Дедо ми му раскажал на татко ми; татко ми мене ми пренесе, и јас ќе ти раскажам сега, не само за да помине времето.
I
Самракот почнуваше да ги шири лесните испарувачки крилја врз питорескните брегови на Сегре, кога по едно уморно пладне стигнавме во Бељвер, заврши нашето патување.
Бељвер е мала населба сместена на дното од еден рид, зад кој се гледаа како се издигаат, како балконите од еден огромен амфитеатар од гранит, стрмни и магливи сртови од Пиринеите.
Белите селца што го опкружуваа, распрскани тек-тук врз една брановидна зелена простирка, оддалеку личат на јато гулаби што ги спуштиле крилјата за да си ја изгаснат жедта во водите на крајбрежјето.
Една гола карпа, на чие подножје овие го криват својот тек, и врз чиј врв уште се забележуваат далечни траги на изградба, ја обележува древната линија за поделба меѓу грофовијата Урхел и најважните меѓу нејзините феудалци.
Надесно од кривулестата патека што води на ова место, издигајќи го течението на реката и следејќи ги кривите и изобилни брегови, се наоѓа еден крст.
Стеблото и гранките се од железо; кружниот дел на кој се држи од мермер, а скалите што водат кон него, од темни и лошо споени делови од столчиња.
Уништувачкото дело на годините, што металот го претворил во ’рѓа, го скршило и разјало каменот од споменикот, меѓу чии пукнатини растат неколку јазачи што се искачуваат преплетувајќи се додека не го крунисаат, додека еден стар и корпулентен црнок му служи како крошна.
За неколку минути ги престигнав моите сопатници, и задржувајќи го мојот слабичок коњ, во тишина го набљудував крстот, нем и едноставен израз на уверувањата и побожноста од други векови.
Еден свет од идеи ми се насобра во мислите во тој миг. Минијатурни идеи, без одредена форма, што ја поврзуваа меѓу себе, како невидлив конец светлина, длабоката осаменост на оние места, големата тишина на ноќта што се раѓа и нејасната тишина на мојот дух.
Воден од една религиозна мисла, спонтано и неодредено, фрлив махинално нога на земја, се открив, и почнав од дното на меморијата да барам една од оние молитви на кои ме научија како дете; една од оние молитви што кога подоцна неволно ни бегаат од усните, како да ги ослободуваат обременетите гради, што исто така зазема вакви форми за да испари.
Веќе почнав да ја шепотам, кога наеднаш почувствував како ме тресат насилно за рамената.
Ја свртев главата: еден човек беше до мене.
Беше еден од нашите природни водичи на земјата, кој со неопислив израз на страв оцртан на лицето се бореше да ме повлече со себе и да ми ја покрие главата со филцен шешир што уште го имав во рацете.
Мојот прв поглед, полузачуден, полубесен, соодветствуваше на едно енергично испрашување, иако немо.
Кутриот човек, без да се откаже од својот напор да ме оддалечи од тоа место, почна да ги кажува овие зборови, што тогаш не можев да ги разберам, ама во кои имаше доза на вистина што ме препна: – За споменот на мајка ви! За најсветото што го имате на светот, господинче, покријте си ја главата и оддалечете се што побргу од овој крст! Толку сте очаен што не ви е доволна помошта Божја, па му се обраќате на ѓаволот!
Останав кратко гледајќи го во тишина. Искрено, мислев дека е луд; ама тој продолжи со истата жестина:
– Ја барате границата; па добро, ако пред тој крст од небото барате да ви помогне, врвовите од соседните планини ќе се издигнат за само една ноќ до видливите ѕвезди, само зашто не го гледаме зракот во целиот наш живот.
Ми остана само да се насмеам.
– Се исмевате?… Зарем мислите дека тоа е свет крст како од предворјето на нашата црква?…
– Кој се сомнева?
– Па се лажете колку што сте долг и широк; зашто тој крст, и покрај тоа што изгледа дека е од Бога, е проклет… крстот припаѓа на еден злобен дух, па затоа го викаат Крстот на ѓаволот.
– Крст на ѓаволот! – повторив предавајќи се на неговите настојувања, без самиот да го сфатам неволното тресење што почна да ми го зафаќа духот и што ме одбиваше како некоја непозната сила од тоа место; – крстот на ѓаволот! Никогаш мислите не ми ги повредил некој поглуп амалгам од две сосема спротивни идеи!… Крст… и тоа ѓаволов!!! Види, види! Веднаш кога ќе пристигнеме во населбата има да ми го објасниш овој монструозен апсурд.
За време на овој краток дијалог, нашите другари што ги подбуцнале своите коњи, се собраа под крстот; им објаснив во кратки црти за тоа само што се случи; пак го јавнав моето коњче, а камбаните од парохијата полека повикуваа на молитва, кога се појавивме во најскриените и најтемните кафеанчиња во Бељвер.
II
Црвените и сините пламени се вртеа пуцкајќи долго од тешкиот трупец одозгора што гореше во пространото огниште; нашите сенки, што се оцртуваа тресејќи се врз поцрнетите ѕидови, се смалуваа или заземаа џиновски форми, според тоа огништето испушташе пламени помалку или повеќе светличави; чашата на старешината, час празна, час полна, а не со вода, како тркало од воденица, три пати се сврте околу кругот што заедно го правевме околу огнот, и сите нетрпеливо ја очекуваа приказната за Крстот на ѓаволот, што наместо десерт за скромната вечера што само што ја завршивме ни беше ветена, кога нашиот водич двапати наздрави, на екс ја испи последната голтка вино, со опачината од раката си ја избриша устата и почна вака:
– Пред многу време, многу време, не знам колку, ама Маварите уште го окупирале поголемиот дел од Шпанија, нашите кралеви се викале грофови, а градовите и селцата припаѓале на одредени господа, кои за возврат им оддавале чест на други помоќни, тогаш се случило ова што сега ќе ви го кажам.
Кога го заврши краткиот историски вовед, херојот на забавата беше тивок неколку секунди, како за да си ги прибере мислите, и продолжи вака:
– И така, во тоа време, многу одамна градов и уште неколку други му припаѓале на некој благороден барон, чиј замок со векови се издигнувал на врвот на еден гребен на каменеста карпа чие подножје пливало во Сегре, од каде што го добил своето име.
Уште ја сведочат вистината за мојата приказна неколку руини покриени од крлежинче и мов, што можат да се видат на врвот од патот што води во ова село.
Не знам дали од среќа или несреќа, сакала судбината, на овој господин, кого поради суровоста го мразеле неговите вазали, и поради лошите квалитети ниту кралот не го примал на дворот, ниту соседите во домот, му здодеало да живее, само да постои со својот лош хумор и неговите самострели на висина на карпата каде што неговите предци го закачиле своето камено гнездо.
Ден и ноќ си чепкал во умот за да најде некаква занимација соодветна на неговиот карактер, што беше прилично тешко откако се умори, како што веќе беше, да води војна со соседите, да ги тепа слугите и да ги беси поданиците.
Во оваа пригода, кажуваат записите дека му текнала, иако исклучително, една среќна идеја.
Знаејќи дека христијаните од други моќни нации се готвеле да појдат заедно во една огромна армија во една прекрасна земја за да го освојат гробот на Нашиот Господ Исус Христос, кој Маварите го запоседнале, реши да замине во негова потрага.
Си ја оствари оваа идеја со цел да си ги исчисти гревовите, што не беа малку, да ја пролее крвта во таквиот правичен подвиг, или со него да се пренесе на едно место каде што неговите лоши вештини не се познаваат, се занемаруваат; ама вистината за случајот е таа што со големо задоволство на големите и малите, на вазалите и истите по ранг, собрал колку што можел пари, го ослободил својот народ од власта, со голем имот, а за себе од имотот си ги оставил само карпата на Сегре и четирите кули од замокот, па наследството од неговите родители исчезна преку ноќ.
Целата област дишеше слободно едно време, како да се разбудила од кошмар.
Веќе не беселе во горите, наместо овошје, гроздови луѓе; девојките од селото не се плашеле да излезат со ѓумот на глава по вода на кладенецот по патот, ниту овчарите не ги носеа стадата на Сегре по неприодни и скриени патеки, плашејќи се да не наидат на секој свиок на самострелите на нивниот многу сакан господин.
Така поминале три години; приказната за лошиот благородник, кој само вака го знаеја, почнал да припаѓа на ексклузивната власт на стариците што во вечните зимски приказни им се раскажуваа со шуплив и плашлив глас на исплашените деца; мајките ги плашеле малите непоправливи или плачковци, велејќи им: ќе дојде господинот од Сегре! Кога ете не знам дали еден ден или една ноќ, дали паднат од небо или исплукан од дното, страшниот господин навистина се појавил и како што знае да се каже, во крв и месо, среде своите стари вазали.
Се откажувам од описот на резултатот од ова непријатно изненадување. Вие ќе можете подобро да го сфатите отколку што можам јас да го насликам, само ќе ви кажам дека се враќаше во потрага по своите продадени права, ако беше лошо кога си замина, полошо се врати; и ако сиромашен и без углед се наоѓаше пред да замине во војна; веќе не можеше да смета со повеќе богатства освен своето копје и шестмина авантуристи толку бездушни и загубени како нивниот предводник.
Нормално, луѓето одбивале да ги платат давачките што ги откупиле со таквата цена; ама господинот ги запалил своите наследства, фарми и полиња пченка.
Тогаш се обратиле кон правдата на кралот; ама господинот се исмеа со законските писма на суверените грофови; ги закова за портата од нивните кули, а гласниците ги закачи на еден даб.
Очајни и без да најдат друг пат до спасение, за крај, се согласија меѓу себе, му се доверија на Божјото Провидение и го зедоа оружјето: ама господинот ги викна своите следбеници, на помош го викна ѓаволот, се искачи на неговата карпа и се подготви за борба.
Војната почна ужасно и крваво. Се бореше со сите сили, на сите места и секој час, со семејниот благороднички грб и оган, на планина и низина, ден и ноќ.
Тоа не била борба за живот; било живеење за борба.
На крајот победила причината за правда. Слушнете како.
Една темна ноќ, многу темна, кога не се слушал ни шум на земјата ниту трепкала една ѕвезда на небото, господата од тврдината вообразени од една скорешна победа, си го делеле пленот и пијани од испарувањето на алкохолот, среде лудата и бучна оргија, потпевнувале свети пеења во благодарност на нивниот пеколен газда.
Како што кажав, ништо не се слушало околу замокот, освен одеците на богохулењата, што лупаа загубени во темните гради на ноќта, како што лупаат душите на осудените замотани во завоите од ураганот на пеколот.
И невнимателните стражари понекогаш ги заковале очите на градот што одмораше тивко, и заспале без страв од изненадување, потпрени на тешките копја, кога ете ти неколку селани, решени да умрат и заштитени од сенката почнаа да ја искачуваат покриената карпа на Сегре, чиј врв го допреа токму на полноќ.
Штом беа веќе на врвот, фалеше само дело за кратко време: стражарите само со еден скок ја скокнаа оградата што го дели сонот од смртта; огнот предизвикан од факели со смола врз мостот и решетката, со брзина на молња се спои со ѕидовите; а скалите, потпомогнати од збунетоста и отворајќи се премин меѓу пламените јазли, му ставија крај со жителите на таа стража со едно трепнување.
Сите испопаѓаа.
Кога денот што наближуваше почна да ги избелува високите крошни на смреките, уште чадеа изгорените остатоци од урнатите кули; и преку нивните широки јазови, фрлаше искри кога ја повредуваше светлината и закачена за еден од црните столбови од салата за забава, беше тешко да се распознае оклопот на стравотниот шеф, чиј труп, покриен со крв и прав, лежеше меѓу растргнатите таписерии и топлата пепел, помешан со крвта и правот на неговите мрачни придружници.
Помина времето; почнаа капините да одат низ пустите патишта, бршленот да се заплеткува во темните потпирачи, а сините слачки да се клатат обесени на истите бојни полиња. Различните навеви на ветер, гракањето на ноќните птици и шушкањето на рептилите, што се лизгаа меѓу високите треви, само повремено ја прекинуваа мртвата тишина на тоа проколнато место; непогребените коски на своите древни жители го осветлуваа месечевиот зрак, и сè уште можеше да се види купот оружје на господинот од Сегре, обесен за црниот столб од салата за забава.
Никој не се осмелувал да го допре; ама се слушаа илјада приказни околу оној предмет, непрестајна причина од гласиштата и ужасите за кои го гледаа како се распламтува дење, повреден од светлината на сонцето, или веруваа дека ги гледаат во доцните часови од ноќта неговите метални делчиња, што се судруваа меѓу себе, кога ги движеше ветерот, со продолжено и тажно цимолење.
И покрај сите приказни што се ширеа за оклопот, и што тивко се повторуваа едни по други од жителите од околината, не поминуваа како приказни, и единственото попозитивно за нив беше што се намалија на една доза страв повеќе од вообичаеното, што секој за себе се мачеше да го скрие колку е можно, така, како што знае да се каже, да се стиснат заби.
Ако оттука не помина работата, ништо немаше да се загуби. Ама ѓаволот, како што изгледа не беше задоволен со своето дело, несомнено со Божја дозвола и со цел да го исчисти крајот од некои престапи, ја зеде работата во свои раце.
Од овој момент приказните, што до тоа време не преминаа во една нејасна гласина и без некое предупредување на веродостојност, почнаа да бидат доследни и од ден на ден да биваат повозможни.
Всушност, поминаа неколку ноќи откако целото село можело да набљудува еден чуден феномен.
Меѓу сенките, надалеку, веќе искачувајќи ги извртените ридови на карпата на Сегре, те лутајќи меѓу руините од замокот те наѕирајќи се на повидок во облаците, се гледаа како трчаат, се вкрстуваат, се кријат и се враќаат да се појават за да се оддалечат на различни насоки едни мистериозни и фантастични светла, чие потекло никој не знаеше да го објасни.
Ова се повтори по три или четири ноќи во интервал од еден месец, и збунетите жители го чекаа немирни резултатот од оние тајни средби, што сигурно не се задржале многу, кога три или четири запалени фарми, неколку исчезнати животни и труповите на неколкуте непромислени пешаци во провалиите, ја ставија на штрек целата територија од десет легии наоколу.
Веќе не остана никаков сомнеж. Една банда злосторници се скриле во подрумите од замокот.
Овие, што само се појавуваа на почетокот само одвреме-навреме и на одредени места од шумата, што уште дење се ширеа вдолж крајбрежјето, ги запоседнаа речиси сите премини на планините, се сместија во заседа по патиштата, ги запленија долините, и слегоа како бура во низината, каде по желба, не оставија марионета со глава.
Убиствата се множеа; девојките исчезнуваа, а децата беа откорнати од лулките и покрај плачењата на нивните мајки, за да им служат за ѓаволски забави, каде што, според општото верување, светите садови одземени од осквернетите цркви им служеле за чаши.
Ужасот дојде да го зафати расположението на такво ниво, што со ѕвонењето за молитва никој не се осмелил да излезе од дома, каде не секогаш се чувствуваа сигурни од бандитите од карпата.
А, кои беа овие? Од каде дојдоа? Како им се викаше мистериозниот газда? Ете ја енигмата што сите сакаа да ја објаснат и што никој не можеше да ја разреши дотогаш, иако се гледаше подоцна дека оклопот на феудалниот господин исчезнал од местото што претходно го заземал, и потоа неколку земјоделци потврдиле дека капетанот на бесчувствителната толпа чекорел напред покриен со оклоп што, ако не бил истиот, бил сосема сличен.
Ако сумираме, ако се отфрли фантазијата со која стравот расте и ги дополнува своите омилени созданија, ништо немаше натприродно, ниту чудно.
Што може да се очекува од едни бандити од свирепостите со кои се истакнуваа, ништо поприродно отколку да го зграпчат својот газда облечен во напуштените оклопи на господинот од Сегре?
Сепак, неколку откритија направени пред да умре, од еден од неговите следбеници, затвореник во последните битки, на крај ги загрижија најголемите неверници. Горе-долу, содржината на неговата збрка беше ваква:
– Јас – рече – припаѓам на едно благородно семејство. Претерувањата на мојата младост, моите луди блудничења и моите злосторства за крај, ми го навлекоа врз глава бесот на моите должници и проклетството на татко ми, кој ме разреши кога издиша. Оставајќи ме сам и без средства од никаков вид, ѓаволот несомнено ми ја предложил идејата да соберам неколку млади што се наоѓаа во состојба идентична на мојата, кои заведени од ветувањето на една растурена иднина, слобода и изобилство, не се поколебаа ни за миг да се припишат на моите планови.
Овие значеше да формирам една банда младичи со добро расположение, незагрижени и малку плашливи од опасност, што оттогаш па натаму ќе живеат среќно од нивната храброст и на сметка на земјата, дотаму што Бог ќе се стави на располагање на секој од нив според Неговата волја, како што сега мене ми се случува.
Со оваа цел ја обележуваме оваа област како театар за нашите идни експедиции и за место го избираме најнамерното за нашите средби – напуштениот замок од Сегре, сигурно место не толку по својата силна и поволна положба, за да се најде одбранет против обичниот народ заради суеверијата и стравот.
Собрани една ноќ под неговите руинирани аркади, околу едно огниште што ги осветлуваше со својот црвеникав отсјај напуштените галерии, се криеше една загреана расправа за кој од нас да биде избран шеф.
Секој си ги побара заслугите; јас ги изложив моите права: те едни шепотеа меѓу себе со заканувачки погледи под око; те други, со распаднати гласови од пијанството, ја ставиле раката врз балчакот од своите ножеви за да го решат прашањето, кога наеднаш слушнавме едно чудно крцкање на оружја, придружено од суви и звучни чекори, што сè повеќе се слушаа далечни.
Сите фрлавме наоколу еден немирен поглед на недоверба: застанавме на нозе и си ги разголевме нашите челици, решени да продаваме лица и животи; ама не можевме ниту да останеме неподвижни кога гледавме како со цврст и едноличен чекор ни се доближува еден човек со извишено држење, сосема вооружен од глава до пети и лицето покриено со шлемот, кој, откако го извади широкиот меч, што едвај можеа да го управуваат двајца мажи, и ставајќи го врз деловите од скршени аркади изедени од црви, рече со шуплив и длабок глас, сличен на шум на некој подземен водопад:
– Ако некој од вас има храброст да биде владетел додека јас живеам во замокот на Сегре, нека го земе мечов, знакот на моќта.
Сите молчиме, додека, помина првиот миг вкочанетост, го објавуваме на сиот глас нашиот капетан, нудејќи му чаша од нашето вино, која ја одби со знаци, можеби за да не го открие лицето, што залудно се обидувавме да го распознаеме преку решетките од железо што го криеја пред нашите очи.
Сепак, таа ноќ го најавивме најнезаборавното од заклетвите, и на следната ù дадоа почеток нашите ноќни талкања. Во неа нашиот мистериозен шеф секогаш одеше пред сите. Ниту огнот не го сопира, ниту опасностите не го плашат, ниту солзите не го трогнуваат. Никогаш не ги открива усните; ама кога крвта испарува во нашите раце, како кога храмовите се соборуваат спалени од пламените; кога жените бегаат исплашени меѓу руините и децата испуштаат крици од болка, а старците гинат од нашите удари, одговара со кикот од жестока радост на криците, на клетвите и на тагите.
Никогаш не го трга оклопот, ниту го отвора шлемот по победата, ниту учествува на забавата, ниту му се предава на сонот. Мечевите што го повредуваат потонуваат меѓу деловите од оклопот, и не му предизвикуваат смрт, ниту се повлекуваат натопени во крв; огнот му ги зацрвенува грбот и елекот и сè уште продолжува бестрашен меѓу пламените, барајќи нови жртви; го презира златото, ја мрази убавината, а не го вознемирува амбицијата.
Меѓу нас, некои го сметаат за екстравагантен; други благороден уништен, што со остатокот од скромноста си го покрива лицето; и нема кој не е убеден дека е самиот ѓавол лично.
Авторот на тие откритија умрел со потсмев на усните и без да зажали за своите вини; неколку од неговите истомисленици го следеа во различни епохи во мачењето; ама страшниот шеф, кому постојано му се придружуваа нови прозелити, не престануваше со своите катастрофални потфати.
Несреќните жители на областа, секојпат сè повознемирени и поочајни, веќе не можеле да смислат некаква одлучност за да се заврши таквата состојба, секој ден бил сè понеподнослив и тажен.
Веднаш до селото, и скриен на дното на една густа шума, во еден мал ермитаж посветен на свети Вартоломеј, живееше еден свет човек со свети и навики за пример, кого народот секогаш го сметаше за свет, по заслуга на неговите здрави совети и потврдени предвидувања.
Овој преподобен еремит, чија мудрост и познато знаење го фалеа жителите на Белјвер, го разрешил овој тежок проблем, откако го замолил Божјото провидение преку својот свет патрон, што, како што знаете, го познавал ѓаволот многу одблиску и повеќе од еден наврат убаво го врзал. Еремитот ги посоветува да се скријат во шумата ноќта, на дното од камениот пат што се качува кривулесто по карпата; на чиј врв се наоѓаше замокот, задолжувајќи ги истовремено, веќе таму, да не користат друго оружје за да го уапсат освен една прекрасна молитва, што ги тераше да ја учат напамет, и со која ги обезбедуваа хрониките што свети Вартоломеј му ги направил на ѓаволот, неговиот заробеник.
Планот се спроведе на дело и неговиот резултат ги надмина дури и најголемите надежи; зашто сонцето од другиот ден уште не ја осветлуваше високата кула од Белјвер, кога неговите жители, собрани во групи на плоштадот Мајор, се броеја едни со други, мистериозно, како онаа ноќ, кога го донесоа познатиот капетан на бандитите од Сегре со цврсто врзани нозе и раце и на слабините на една силна мазга.
Каква вештина совладале учесниците на тој подвиг за да го завршат, ниту некој се обидел да објасни ниту тие самите можат да кажат; ама факт беше дека благодарение на молитвата на светецот или по заслуга на неговите посветеници, работата се случи така како што се раскажуваше.
Само што започна веста да се шири од уста на уста и од куќа на куќа, мноштвото се пушти по улиците со бучна врева и потрча да се спои до вратите од затворот. Камбаната од парохијата повика на средба, а најпочитуваните соседи се собраа во советот и сите го исчекуваа нервозни часот кога криминалецот ќе се појави пред своите импровизирани судии.
Овие што беа овластени од грофовите на Урхел за самите да доделат брза и строга правда за оние криминални дела, дебатираа накратко, по што, пратија абер деликвентот да се појави на суд за да му ја соопштат казната.
Како што кажав, така на плоштадот „Мајор“, како по улиците од каде што затвореникот требаше да помине за да се упати на местото каде што се наоѓаа неговите судии, нетрпеливата толпа вриеше како напикан рој пчели. Особено на вратата од затворот, насобраната толпа заземаше сè поголеми размери; веќе живите дијалози, глувите шепоти и заканувачките вресоци почнуваа да ги тераат чуварите повеќе да се подготват, кога за среќа стигна наредбата да се изнесе криминалецот.
Кога се појави овој под масивниот свод од влезот на затворот, целосно облечен во оклопот и лицето покриено со шлемот, еден глув и продолжен шепот на восхит и на изненадување се издигна од збиените маси народ, што се разделуваа тешко за да му направат место.
Сите го препознаа во тој оклоп господинот од Сегре: тој оклоп, цел на најтемните традиции додека се гледаше обесен од разрушените ѕидини на проклетата тврдина.
Тоа беше оклопот, немаше сомнеж: сите видоа како се павта црниот пердув од шлемот во битките што некогаш се ковале против нивниот господин; сите го видоа како се павка на дувањето на ветрот од самракот, што висеше од јагленосаниот столб каде што остана обесен за смртта на нивниот сопственик. Ама кој би можел да биде непознатиот лик што тогаш го носеше? Наскоро ќе се дознае, барем така се веруваше. Успесите ќе кажат како се изјалови оваа надеж, исто како и многу други, и зошто од светиот чин на правдата, што требаше сосема да ја открие вистината, излегоа нови и понеобјасниви збрки.
Мистериозниот бандит влезе конечно во салата на советот, и настана една длабока тишина од гласиштата што се издигаа од присутните, кога слушнаа како одѕвонува под високите лакови на местото еден метален звук на нивните златни мамузи. Еден од оние што го содржеа трибуналот, со бавен и несигурен глас, го праша за името, и сите наслушува за да не им избега ниту еден збор од неговиот одговор; ама воинот само лесно си ги стисна рамената, со тон на омраза и навреда што не можеше повеќе да ги нервира неговите судии, кои се гледаа меѓусебно изненадени.
Трипати му го повтори прашањето и имаше други такви или слични одговори.
– Нека го крене шлемот! Нека се открие! Нека се открие! – почнаа да викаат соседите од местото присутни на чинот – Нека се открие! Ќе видиме дали тогаш ќе се осмели да нè навредува со презирот како што прави сега заштитен од незнајноста!
– Откријте се – го повтори истото што и претходно му наложуваше зборот.
Воинот остана неподвижен.
– Ви наредувам во името на нашиот авторитет.
Истиот одговор.
– Во суверените грофови.
Ниту за нив.
Огорченоста стигна до врвот, до точката каде што еден од неговите чувари, пуштајќи се врз осуденикот, чие настојување да молчи беше доволно за да ја наруши трпеливоста на еден светец, му го отвори насилно шлемот. Еден крик на изненаденост ù избега на публиката, што остана за миг повредена од незамислива зашеметеност.
И имаше зошто.
Шлемот, чиј железен визир се гледаше на делови издигнат до челото, на делови спуштен врз челичниот оклоп, беше празен… сосема празен.
Кога помина првиот миг на страв, сакаа да го допрат, оклопот лесно се затресе и распаѓајќи се на делови, падна на подот со еден глув и чуден звук.
Поголемиот дел од гледачите, на глетката на новото чудо, бурно ја напуштија зградата и излегоа стаписани на плоштадот.
Веста се рашири со брзина на светлината меѓу толпата, што нетрпеливо го исчекуваше резултатот на судот; и беше толку алармантно, револтот и вресокот, што веќе никој не се сомневаше во она што јавно се уверуваше, поточно, дека ѓаволот, со смртта на господинот од Сегре, го наследил имотот од Белјвер.
На крај се стиши безредието и се реши да се врати неверојатниот оклоп во некоја зандана.
Откако го ставија, се одбраа четири емисари, што во име на проблематичниот град ќе им го изнесат случајот на грофот од Урхел и на надбискупот, на оние на кои не им требаа многу денови да се вратат со решението на овие ликови, решение што
како што знае да се каже, беше кратко и јасно.
– Обесете го – им рекоа – оклопот на плоштадот Мајор на местото; кое ако ѓаволот го зазел, ќе му биде тешко да го напушти или да се обеси со него.
Жителите на Белјвер воодушевени со толку генијално решение, пак се собраа на советот, наредија да се издигне една превисока бесилка на плоштадот и кога веќе мноштвото ги заземаше неговите улици, појдоа кон замокот по оклопот, заедно и со сета свеченост што важноста на случајот ја бараше.
Кога почитуваната свита дојде до цврстиот свод што беше на влезот од зградата, еден блед и распаднат човек се фрлил на подот во присуство на шокираните околности, велејќи со солзи во очите:
– Прошка, господа, прошка!
– Прошка! За кого? – рекоа едни – за ѓаволот што живее во оклопот на господинот од Сегре?
– За мене – продолжи со треперлив глас несреќникот, во кого сите го препознаа чуварот на затворите – за мене… зашто оклопот… исчезнал.
Кога ги слушна овие зборови, израз на чудење се нацрта на лицето на неколкуте што се наоѓаа на тремот, кои неми и неподвижни, останале на местото на кое стоеја Господ знае до кога, ако следната приказна на преплашениот чувар не ги натера да се групираат околу него за да слушаат ненаситно.
Простете ми, господа – велеше кутриот чувар – нема да кријам ништо, па и да е против мене.
Сите молчеа, а тој продолжи вака:
– Никогаш нема да можам да разберам; ама вистината е дека приказните за празни оклопи секогаш ми изгледале како измислици скроени за некој благороден лик, кому можеби практичните причини не му дозволувале да се открие или казни.
Постојано бев вака убеден, толку убеден што, морав да се согласам дека оклопот беше неподвижен уште кога по вторпат се врати во затвор донесен од советот. Желбата да ја откријам мистеријата, ако воопшто беше мистерија, залудно секоја ноќ, ме тераше малку по малку да наслушнувам низ пукнатините на затворената врата од занданата каде што се наоѓаше оклопот, ама не се слушаше ниту еден шум.
Залудно се обидував да го набљудувам преку едно дупче направено во ѕидот; фрлен врз малку слама и во еден од најтемните агли, лежеше секој ден растурен и неподвижн.
На крај, една ноќ, понесен од љубопитноста и сакајќи самиот да се убедам дека оној страшен предмет нема ништо мистериозно, запалив еден фенер, ги дигнав шипките, им ги кренав дуплите резиња, а не ни внимавав – толкава ми беше вербата дека сè не поминуваше во една приказна – да ја затворам вратата зад мене, влегов во занданата. Не требаше никогаш да го сторам тоа; едвај изодев неколку чекори; светлината од фенерот се изгасна сама од себе и забите почнаа да ми крцкаат, а косата да ми се накострешува. Вознемирувајќи ја длабоката тишина што ме опкружуваше, слушнав нешто како железа да се помрднуваа и судираа за да се спојат меѓу сенките.
Првото што го направив беше да се фатам за вратата за да го затворам преминот, ама штом ја зграпчив, врз рамената почувствував една огромна рака, покриена со метална ракавица, што откако ме тресна силно, ме бутна под надвратникот. Таму останав до следното утро, кога ме најдоа моите слуги онесвестен, се сеќавам само дека откако паднав, збунето мислев дека слушам едни гласни чекори, во чиј ритам одѕвонуваше стружење на мамузи, што малку по малку се оддалечуваше додека не се изгуби.
Кога заврши чуварот, завладеа една длабока тишина, која потоа ја проследи еден пеколен концерт од жалби, вресоци и закани.
Тешко им беше на најмирољубивите да го задржат народот кој, бесен од веста, на сиот глас ја бараше смртта на љубопитниот автор за неговата нова несреќа.
На крајот се успеа да се смири немирот и почнаа да се договараат за нов прогон. Овој исто така имаше задоволувачки резултат.
По неколку дена, оклопот се најде во моќта на неговите прогонувачи. Познатата формула, и со помошта на свети Вартоломеј, работата веќе не беше многу тешка.
Ама остануваше уште нешто да се направи; бидејќи и покрај тоа што го врзаа, го закачија на една бесилка; залудно го задолжија највнимателното набљудување со цел да ја тргнат секоја причина да избега од тие светови. Додека разединетите делови од оклопот гледаа два прста светлина, се вклопуваа, и кроце по кроце се склопи за пак да си ги преземе екскурзиите по планини и низини, што беше благослов од небото.
Тоа беше бескрајна приказна.
Во толку вознемирувачка ситуација, соседите си ги поделија меѓу себе деловите од оклопот, што случајно по стоти пат им се наоѓаше в раце, и го молеа побожниот еремит, кој еден ден ги просветли со своите совети, да реши што ќе прави со него.
Светиот маж му нареди на народот едно општо покајување. Се затвори три дена на крајот од пештерата што му беше прибежиште и нареди да се стопи ѓаволскиот оклоп, па со него и со неколку цигли од замокот од Сегре да се издигне еден крст.
Работата се заврши, иако не без нови и застрашувачки чуда да го наполнат со страв духот на шокираните жители на Белјвер.
Така фрлените парчиња од оклопите почнуваа да се зацрвенуваат, долги и длабоки лелеци како да бегаа од големиот оган, чии трупци скокаа како да беа живи и го чувствуваат дејствувањето на огнот. Еден виор од црвени, зелени и сини искри играше на врвот од неговите распалени јазици, и се виткаа крцкајќи како некоја легија ѓаволи да јава над нив, се бори за да го ослободи својот господин од таа бура.
Чудна, ужасна беше работата толку што оклопот што се топеше си ја губеше формата за да заземе форма на крст.
Чеканите паѓаа со застрашувачки звук врз наковалната, на која дваесет енергични работници ги држеа шипките од врелиот метал што пулсираше и офкаше кога ги чувствуваше ударите.
Веќе се испружаа рацете на крстот од знакот на нашето искупување, веќе почнуваше да се прави вертикалниот дел, кога ѓаволестата и запалена маса се виткаше повторно како страшен грч, и вртејќи се околу телото на несреќниците што се бореа да се ослободат од неговите раце на смртта, се виткаше во прстени како змија или се собираше цикцак како гром.
Постојаната работа, вербата, молитвите и светата вода успеаја, конечно, да го победат пеколниот дух, а арматурата се претвори во крст.
Тој крст е оној што денес го виде, и на кој се наоѓа обесен ѓаволот што му го дава името: пред него, ниту младите не ставаат во мај букети лијани, ниту овчарите не се откриваат на поминување, ниту старите не клекнуваат на колена, едвај се доволни предупредувањата на клерот за младите да не го каменуваат.
Бог ги затнал ушите за неколкуте молби што се упатиле во негово присуство. Во зима, волците се собираат во глутници до смреката што го штити, за да се фрлат врз животните; бандитите ги чекаат во негова сенка поминувачите, што ги закопуваат во негово подножје откако ќе ги убијат; и кога невремето се засилува, молњите скршнуваат од патот за да се спојат свирејќи со стеблото на крстот и за да ги скршат камењата на неговиот пиедестал.
Извадок од книгата „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (6 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Прочитајте го првиот дел: СТРАСНАТА РОЗА.
Прочитајте го вториот дел: БАКНЕЖОТ.
Прочитајте го третиот дел: МЕСЕЧЕВИОТ ЗРАК
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (7 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (8 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (9 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (10 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (11 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (12 дел) КРАЈ | Literatura.mk