„Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (6 дел)

ПОГЛАВЈЕ 19

Набрзо сите во шумата почнаа да забележуваат дека Гобо има некои навики што им се чинеа чудни и сомнителни на сите други. Спиеше ноќе кога сите други беа будни. Но, дење, кога сите бараа место да починат, тој беше буден и одеше на прошетки. Тој сосем слободно, кога ќе му се посакаше, среде бел ден излегуваше на ливадата и уживаше на сонцето.
Бамби веќе не можеше да премолчува.
„Зар никогаш не помислуваш на опасноста?“ го праша.
„Не“, кусо одговори Гобо. „За мене не постои опасност.“
„Ти забораваш, мил мој Бамби“, се вмеша мајка му на Гобо, „забораваш дека Тој е пријател на Гобо. Гобо може да си дозволи работи што ние другите не можеме.“ Многу беше горда.
Бамби не кажа ни збор повеќе.
Еден ден, Гобо му рече нему: „Знаеш, малку ми е чудно што можам да јадам каде сакам и кога сакам“.
Бамби не разбираше што сака да каже. „Зошто ти е чудно? Па, сите го правиме тоа“, рече тој.
„Да, сите вие“, рече Гобо надмено, „но јас сум малку поинаков. Се навикнав да ми носат храна или да ме викаат кога ќе биде спремна.“
Бамби сожаливо погледна во Гобо. Потоа погледна во Фалина, Марена и тетка Ена. Но, тие сите се смешкаа и му се восхитуваа на Гобо.
„Мислам дека ќе ти биде малку тешко да се навикнеш на зимата, Гобо“, почна Фалина. „Ние зиме немаме ниту сено, ниту репка, ниту компири.“
„Вистина е“, замислено одговори Гобо. „Сè уште не сум размислувал за тоа. Јас воопшто не можам ни да си замислам како е тоа. Мора да е ужасно.“
Бамби тивко рече: „Не е ужасно, туку само тешко“.
„Па, добро“, помпезно рече Гобо, „ако ми стане претешко, ќе се вратам кај Него. Зошто би гладувал? Нема потреба од такво нешто.“
Бамби се сврте без збор и си замина.
Кога Гобо остана насамо со Марена, почна да ù зборува за Бамби. „Тој не ме разбира“, ù рече. „Кутриот добар Бамби си мисли дека сè уште сум истиот оној смотан Гобо од порано. Тој никако не може да го прифати фактот дека мене всушност никој не ми е рамен. Опасност! Што има тој да ми зборува мене за опасност? Верувам дека ми мисли само добро, но опасноста е нешто за него и за другите како него, а не за мене.“
Марена се согласи со него. Таа го сакаше, а и Гобо ја сакаше неа и обајцата заедно беа многу среќни.
„Ах“, ù рече тој, „никој не ме разбира како што ме разбираш ти. Како и да е, не смеам да се жалам. Сите ме почитуваат и ме ценат. Но, ти ме разбираш подобро од сите. Кога им кажувам на другите колку всушност е добар Тој, тие ме слушаат и не мислат дека лажам, а сепак си остануваат на своето мислење за Него, односно дека е ужасен.“
„Јас отсекогаш верував во Него“, замислено рече Марена.
„Навистина?“ ноншалантно рече Гобо.
„Се сеќаваш ли на денот кога те оставија да лежиш во снегот?“ продолжи Марена. „Тој ден реков дека еден ден Тој ќе дојде во шумата и ќе си игра со нас.“
„Не“, одговори Гобо и се проѕевна. „Не се сеќавам на тоа.“
Поминаа неколку недели и едно утро Бамби, Фалина, Гобо и Марена повторно стоеја сите заедно во нивниот стар добропознат лесков честак. Бамби и Фалина само што се враќаа од прошетка и имаа намера да најдат место за починка, кога ги сретнаа Гобо и Марена. Гобо се спремаше да излезе на ливадата.
„Остани со нас“, му рече Бамби. „Набрзо ќе изгрее сонцето и никој нема да излегува на отворено.“
„Глупости“, презриво возврати Гобо. „Ако не излегува никој, ќе си седам таму сам.“
И продолжи кон ливадата, а Марена тргна по него.
Бамби и Фалина застанаа. „Дојди“, налутено ù рече Бамби на Фалина. „Дојди. Пушти го нека прави што сака.“
И тргнаа да си одат, но во тој момент од другата страна на ливадата се чу гласниот писок на сојката. Бамби се штрекна, се сврте и веднаш се стрча по Гобо. Точно пред стариот даб успеа да ги стигне него и Марена.
„Го слушна ли тоа?“ му рече Бамби на Гобо.
„Што?“ збунето праша Гобо.
Од другата страна на ливадата повторно одекна силниот писок на сојката.
„Го слушна ли тоа?“ повтори Бамби.
„Не“, смирено рече Гобо.
„Тоа е знак за опасност“, настојуваше Бамби.
Една страчка почна да грака гласно, а веднаш по неа се јави и втора, а потоа и трета. Потоа повторно се јави писокот на сојката, а одгоре од високо и враните сигнализираа опасност.
Фалина почна да го моли. „Не излегувај на ливадата, Гобо! Опасно е.“
Дури и Марена го преколнуваше. „Остани тука. Остани барем денеска, најмил мој. Опасно е.“
Гобо стоеше и се смешкаше на својот вообичаен надмен начин. „Опасност! Опасност! Каква врска има тоа со мене?“ ги праша тој.
Неговото настојување му даде идеја на Бамби. „Добро“, рече тој, „тогаш барем дозволи Марена да излезе прва, па ќе видиме…“
Уште немаше завршено, а Марена веќе излезе.
Сите тројца стоеја и гледаа во неа, Бамби и Фалина без здив, а Гобо со истакната трпеливост, како благонаклонето да им дозволува на другите да уживаат во нивните будалштини.
Тие гледаа како Марена колебливо преминува преку ливадата, чекор по чекор, со спуштена глава. Таа се вртеше на сите страни и душкаше. Одеднаш секавично се сврти во висок скок и побегна назад во честакот, небаре ја погодил гром.
„Тоа е Тој. Таму е“, прошепоти таа, а гласот ù беше задушен од страв. Нозете ù се тресеа. „Го видов“, пропелтечи. „Тоа е Тој. Стои крај евлите.“
„Ајде“, извика Бамби, „да бегаме веднаш!“
„Да бегаме!“ молеше Фалина. А Марена, која едвај имаше глас од страв, прошепоти: „Те молам дојди, Гобо! Те молам!“
Но, Гобо не се ни помести. „Бегајте вие колку сакате“, им рече. „Јас нема да ве спречувам. Сепак, ако Тој е тука, сакам да го поздравам.“
Никој не можеше да го одврати.
Стоеја и го гледаа како излегува на ливадата. Стоеја како стаписани, трогнати од неговата огромна самодоверба, а истовремено и смртно преплашени.
Гобо храбро стоеше среде ливадата и се вртеше наоколу, барајќи ги евлите. И одеднаш ги виде и нив, а покрај нив го виде и Него. И тогаш удри грмежот.
Гобо скокна во воздух од истрелот. Одеднаш нагло сврте и почна да трча кон честакот, целиот разнишан.
Кога стигна до нив, тие сè уште стоеја на истото место, преплашени до смрт. Го слушаа како се бори за здив. Но, Гобо не застана, туку целиот избезумен продолжи да трча напред. Тие се свртеа, го опколија и сите се вдадоа во бегство.
А, кутриот Гобо се струполи наземи. Марена застана веднаш до него, а Бамби и Фалина малку подалеку, спремни да продолжат да бегаат.
Гобо лежеше со раскината кожа и од страната му излегуваше крвавата утроба. Едвај успеа да ја подигне главата.
„Марена“, рече, мачејќи се, „Марена…“ Не ја препозна. Го напушти гласот.
Од грмушките крај ливадата се зачу силно шушкање. Марена ја спушти главата до Гобо. „Тој доаѓа“, панично прошепоти. „Гобо, Тој доаѓа! Не можеш ли да станеш и да продолжиш да трчаш со мене?“
Гобо повторно мачно ја поткрена главата, грчевито тропна со копитата и остана да лежи неподвижно.
Со шушкање и кршење на гранките се раздвоија грмушките и од нив излезе Тој.
Марена го виде сосема одблизу. Полека се повлече, исчезна зад најблиските грмушки и им се придружи на Бамби и на Фалина.
Уште еднаш се сврте назад и виде како Тој се навалува над повредениот срндак и посегнува со рацете кон него.
И потоа само го слушнаа болниот смртен крик на Гобо.

ПОГЛАВЈЕ 20

Бамби беше сам. Шеташе покрај реката што тивко течеше помеѓу трските и црните врби.
Сега, кога најголем дел од времето беше сам, сè почесто одеше таму. Таму имаше многу малку патеки и многу ретко среќаваше некој од своите пријатели. Така и сакаше, затоа што мислите му беа станале многу сериозни и носеше тежина во душата. Не му беше баш јасно што се случува внатре во него. Не сакаше ни да размислува за тоа. Збунето и неповрзано си припомнуваше на некои работи и чувствуваше како некако целиот живот да му беше станал помрачен.
Знаеше со часови да стои на брегот. Водата, што овде течеше во благ лак, целосно му ги преокупираше мислите. Свежиот воздух од далгите со себе носеше горчливи, освежувачки и необични мириси, кои, кога ќе ги вдишеше, му влеваа самодоверба и безгрижност.
Бамби стоеше и ги набљудуваше патките како пливаа во јато. Непрестајно си муабетеа, пријателски, сериозно и мудро.
Меѓу нив имаше неколку мајки, секоја со по неколку пајчиња околу себе. Тие постојано ги подучуваа своите малечки на нешто ново, а пајчињата неуморно учеа. Понекогаш некоја од мајките ќе квакнеше во знак на тревога. Тогаш младите пајчиња трчаа на сите страни. Бегаа сосем нечујно. Бамби гледаше како најмалечките од нив, кои сè уште не знаеја да летаат, ќе поминат низ густите трски без да поместат ниедно гранче, за да не ги забележи случајно некој. Ги гледаше малечките темни телца како исчезнуваат во трските.
Подоцна, една од мајките ќе дадеше знак дека е безбедно и сите за миг повторно се собираа околу неа. Додека трепнеш, сите повторно беа на куп и заедно си пливаа. Секогаш кога ќе го видеше тоа, Бамби одново се воодушевуваше. Тоа постојано му причинуваше восхит.
По таков повик за тревога, Бамби праша една од мајките: „Што се случи? Јас убаво погледнав наоколу, но не забележав ништо“.
„Па, и ништо не се случи“, му одговори патката.
Другпат едно од пајчињата даде знак и секавично се сврте и се скри зад трските. По извесно време излезе на брегот каде што стоеше Бамби.
„Што се случи? Јас не видов ништо“, му рече Бамби на малечкото.
„Ништо не се случи“, му одговори пајчето, ги истресе перјето на опашката и внимателно ги спушти крилјата врз неа, па повторно заплива во водата.
Но, Бамби сепак имаше доверба во патките. Дојде до заклучок дека тие се повнимателни и дека имаат поостар слух и подобар вид од него. Кога ги гледаше, малку му попушташе напнатоста што инаку ја чувствуваше.
Сакаше и да си муабети со патките. Тие не кажуваа бесмислици, какви што многу често слушаше од другите свои познајници. Тие зборуваа за широките небесни пространства, за ветрот и за далечните полиња на кои слетуваа за да се нагостат слатко.
Одвреме-навреме, Бамби гледаше нешто што личеше на огнена линија што прелетуваше над водата. „Сррри!“ извикуваше рибарчето, летајќи, и веднаш се претвораше во мала точка, а додека прелетуваше на небото блескаше сино, зелено и црвено. Бамби беше воодушевен и сакаше одблизу да го види шарениот незнајник. Викаше по него.
„Џабе викаш“, му рече една водна кокошка од зад густите трски. „Залудно се обидуваш, колку и да викаш, нема да ти одговори.“
„Каде си?“ рече Бамби, ѕиркајќи во трските.
Сепак, водната кокошка само се закикоти од некое друго место. „Овде сум. Арогантното животинче по коешто викаш не разговара со никого. Залудно е да викаш по него.“
„Но, тој е толку убав“, рече Бамби.
„Ама е зол“, му возврати водната кокошка од трето место.
„Зошто имаш толку лошо мислење за него?“ ја праша Бамби.
Водната кокошка одговори повторно од ново место: „Нему не му е гајле за ништо и за никого. Што и да се случи, тој не поздравува никого и никому досега нема отпоздравено. Тој никогаш не предупредува во случај на каква било опасност во близина. Со никого нема прозборено ни збор“.
„Кутриот…“ рече Бамби.
Водната кокошка продолжи да зборува, а нејзиниот весел, пискав глас повторно ечеше од некое ново место. „Тој веројатно си мисли дека другите му завидуваат на глупавите шари и никој не сака да го погледне одблизу.“
„А и некои други не дозволуваат да ги погледнеш одблизу“, рече Бамби.
За миг, водната кокошка се појави пред него. „Во мојот случај“, рече таа, „баш и нема што да се види.“ Ситна и сета блескава од водата, стоеше пред него со своите мазни перје, а фигурата ù беше немирна, подвижна и задоволна. И за миг, повторно исчезна.
„Не разбирам како може некој да стои толку долго во едно место“, извика таа од водата. А потоа, од далечина, додаде: „Здодевно е, а и опасно да се стои толку опасно во едно место“. Од далечината се јави уште еднаш или двапати. „Мора постојано да си во движење“, весело извика. „Оној што сака да биде здрав, а богами и сит, мора постојано да се движи.“
Одеднаш, еден тивок шум во тревата го исплаши Бамби. Тој погледна околу себе. Зад грмушките протрча нешто црвеникаво и исчезна зад трските. Истовремено, до неговиот нос допре остар и топол мирис. Лисицата се беше мушнала.
Бамби сакаше да крикне и да тропне со копитото во знак на тревога, но во тој момент веќе се слушаше шушкањето на трските што лисицата ги поминуваше скок по скок. Се слушна плисок во водата и една патка почна очајно да вреска. Бамби слушна како таа павта со крилјата, а потоа го виде нејзиното бело тело како со крилјата удира по лисицата. А потоа се стиши сè.
Веднаш потоа лисицата излезе од зад грмушките, стискајќи ја патката во забите. Нејзиниот врат млитаво висеше надолу, а крилјата сè уште ù мрдаа, но лисицата не обрнуваше внимание на тоа. Само фрли еден презрив поглед кон Бамби и потоа полека исчезна во честакот.
Бамби стоеше како скаменет.
Неколку постари патки гласно се размавтаа со крилјата и исплашени одлетаа кон небото. Водната кокошка од сите страни кракаше во знак на тревога. Сениците вознемирено црцореа од грмушките. А младите пајчиња сирачиња плискаа во водата и тажно квакаа.
Над водата прелета рибарчето.
„Ве молиме, кажете ни“, врескаа малите пајчиња, „кажете ни ве молиме, ја видовте ли мајка ни?“
„Срри“, пискаво извика рибарчето и како стрела прелета над нив. „Тоа не е моја работа.“
Бамби се сврте и си замина. Премина преку морето златици, високата букова гора, па низ лесковите грмушки, за да стигне до работ на длабокиот ендек. Се врткаше околу него, во надеж дека ќе го сретне Стариот срндак. Го немаше видено одамна, уште од денот кога умре Гобо.
И тогаш го забележа во далечината и се стрча кон него. Чекореа одредено време во тишина, а потоа во еден миг Стариот срндак рече: „Па, сè уште ли зборуваат толку многу за него?“
Бамби сфати дека зборува за Гобо и му одговори: „Не знам. Сега речиси постојано сум сам“. Малку се колебаше, но продолжи: „Но, често помислувам на него“.
„Навистина си сам?“ го праша Стариот срндак.
„Да“, рече Бамби во исчекување на реакција, но Стариот срндак не кажа ништо.
Продолжија да шетаат. Одеднаш, Стариот срндак застана. „Зар не слушаш ништо?“ праша тој.
Бамби ги начули ушите. Но, не слушаше ништо.
„Дојди“, рече Стариот срндак и побрза напред. Бамби тргна по него. По извесно време Стариот срндак повторно застана. „Сè уште не слушаш ништо?“
Тогаш Бамби слушна некое шушкање, што не можеше да си го објасни. Звучеше како некој да притиска гранки наземи и како потоа повторно да се креваат. Притоа, нешто тапо и неправилно удираше по земјата.
Бамби сакаше да побегне, но Стариот срндак извика: „Дојди со мене!“ и се стрча во правецот од којшто доаѓаше вревата. Бамби, следејќи го во чекор, го праша: „Зар не е опасно?“
„Многу е опасно“, таинствено одговори Стариот срндак.
Набрзо видоа како некој насилно влече и турка од под гранките и силно се тресе. Пријдоа поблиску и забележаа малечка патека меѓу грмушките.
Пријателот Зајак лежеше наземи. Се фрлаше наваму-натаму и преташе со нозете. Потоа за миг се смири, но набрзо повторно запрета. Секое негово движеше ги тресеше гранките над него.
Бамби забележа некаква темна врвца како јаже. Едниот крај ù беше врзан за една гранка, а другиот околу вратот на Зајакот.
Пријателот Зајак сигурно беше слушнал дека доаѓа некој, бидејќи избезумено скокна во воздух и силно тресна наземи. Се обиде да побегне, но врвцата го влечеше, па немоќно се тркалаше и преташе со нозете.
„Не мрдај!“ му заповеда Стариот срндак. Потоа благонаклонето со нежен глас, кој сосема го трогна Бамби, му се доближи до увото и му рече: „Смири се, Пријателе Зајко, јас сум. Не мрдај сега. Лежи сосема мирно“.
Зајакот остана да лежи мирен и неподвижен наземи. Се слушаше тивок кркот од неговото грло, бидејќи врвцата го задушуваше.
Стариот срндак силно ја стисна гранката меѓу забите, ја повлече надолу и ја стави под ногата. Потоа силно ја нагази со копитото и успеа да ја скрши со еден единствен замав со роговите.
Се сврте кон Зајакот и охрабрувачки му рече: „Остани да лежиш мирен, па дури и ако те боли“.
Навалувајќи ја главата на едната страна, доближи еден од своите рогови до вратот на Зајакот и притисна во крзното зад неговото уво. Напипа и почна да кима со главата. Зајакот почна да се грчи.
Стариот срндак веднаш се повлече. „Не мрдај“, му нареди. „Се работи за живот или смрт.“ Потоа почна одново. Зајакот лежеше мирно, но се задушуваше. Бамби стоеше покрај нив, нем од зачуденост.
Еден од роговите на Стариот срндак, притискајќи по крзното на Зајакот, успеа да се провне под јамката. Стариот срндак речиси беше клекнат и главата му беше свртена како да напаѓа. Ги зариваше роговите подлабоко и подлабоко под јамката, што најпосле попушти и почна да се разлабавува.
Зајакот повторно можеше да дише и во истиот миг од него избија страв и крикови од болка. „Оф, леле! Оф, леле!“ огорчено липаше.
Стариот срндак застана. „Не викај!“ благо го прекори. „Те молам молчи.“ Муцката му беше сосем близу до рамото на Зајакот, а еден од роговите му стоеше точно помеѓу ушите. Изгледаше како да го прободел.
„Како можеш да бидеш толку глупав и да плачеш во ваков момент?“ промрмори Стариот срндак со благ глас. „Зарем сакаш да те чуе лисицата и да дојде? Да? Не? Така и си мислев. Ако не сакаш, тогаш молчи.“
Продолжи да работи, полека и внимателно, користејќи ја сета своја сила. Најпосле, јамката пукна. Зајакот се извлече и беше слободен, но му требаше малку време за да се свести за тоа. Направи чекор напред, но целиот замелушен повторно седна. Потоа повторно се исправи на нозе и почна да скока, најпрвин полека и плашливо, а потоа сè побрзо. На крајот побегна скокајќи како излуден.
Бамби гледаше по него. „Не се ни заблагодари“, рече тој, сосема изненаден.
„Сè уште е преплашен“, рече Стариот срндак.
Јамката лежеше наземи. Бамби нежно ја допре. Таа ѕвекна и го исплаши Бамби. Никогаш дотогаш немаше чуено таков звук во шумата.
„Тој?“ тивко праша Бамби.
Стариот срндак кимна со главата.
Се оддалечија, тивко чекорејќи еден до друг. „Биди многу внимателен кога се движиш по некоја патека“, рече Стариот срндак. „Проверувај ги гранките. Удирај ги со роговите од сите страни. И ако повторно го чуеш тој звук, веднаш повлечи се. А кога ќе ти паднат роговите, тогаш треба да бидеш двојно повнимателен. Јас веќе одамна не се движам по патеки.“
Бамби потона во неспокојни мисли.
„Тој не е тука“, прошепоти крајно збунет.
„Не, Тој не е во шумата во моментов“, одговори Стариот срндак.
„А сепак е присутен“, рече Бамби, тресејќи ја главата во неверување.
Стариот срндак продолжи да зборува со глас исполнет со горчина. „Што велеше вашиот Гобо? Зар не тврдеше дека Тој е семоќен и неизмерно добар?“
„Тој беше добар спрема Гобо“, прошепоти Бамби.
Стариот срндак застана. „Навистина ли веруваш во тоа, Бамби?“ тажно го праша. По првпат му се обрати на Бамби по име.
„Не знам“, повредено извика Бамби. „Јас не го разбирам тоа.“
„Мораме да научиме како да живееме и да бидеме внимателни“, полека рече Стариот срндак.

ПОГЛАВЈЕ 21

Едно утро Бамби го снајде несреќа.
Бледата сива зора полека продираше во шумата. Млечно бела магла се издигнуваше од ливадата. Сè беше исполнето со тишината, што му претходеше на будењето на денот. Ниту враните, ниту страчките сè уште не беа будни. Сојките спиеја.
Претходната ноќ Бамби ја сретна Фалина. Таа тажно го гледаше и се држеше мошне повлечено.
„Сега постојано сум сама“, тивко му рече таа.
„И јас сум сам“, ù одговори Бамби малку колебливо.
„Зошто веќе не седиш со мене?“ тажно праша Фалина, а нему му падна многу тешко што некогаш веселата и енергична Фалина сега беше толку сериозна и потиштена.
„Сакам да бидам сам“, ù одговори тој, а колку и да се обидуваше да звучи нежно, тоа сепак звучеше сурово. И самиот го почувствува тоа.
Фалина го погледна и тивко го праша: „Ме сакаш ли сè уште?“
Слика 2
„Не знам“, со ист тон на гласот одговори Бамби.
Потоа таа само тивко замина и го остави сам. Тој стоеше под големиот даб на работ на ливадата и внимателно набљудуваше пред себе, впивајќи го чистиот утрински и безмирисен ветрец. Воздухот беше влажен и свеж и мирисаше на земја, роса, трева и дрвја искапени од дожд. Бамби длабоко го вдишуваше. Одамна се немаше чувствувано толку слободно. Весело зачекори на ливадата покриена со магла.
Тогаш се зачу звук како грмеж.
Бамби почувствува страшен удар и набрзина побегна назад во честакот и продолжи да трча. Не му беше јасно што се случи. Во главата не можеше да состави ниту една мисла. Само трчаше и трчаше избезумено. Срцето му го стегаше таков страв што беше останал без здив, но продолжи и понатаму безглаво да трча. Ама одеднаш почувствува остра, неподнослива болка. Имаше чувство како нешто да му гори над левото рамо. Како да имаше некој тенок, врел конец, сè до местото на кое го печеше болката. Мораше да застане. Присилен беше да го забави чекорот. Потоа забележа дека поткривнува и се струполи наземи.
Убаво беше чувството да се легне и да се почине.
„Станувај, Бамби! Станувај!“ Стариот срндак стоеше до него и нежно го туркаше по рамото.
Бамби сакаше да му каже „Не можам“, но Стариот срндак повторно му рече: „Станувај! Станувај!“ И во неговиот глас се чувствуваа толкава нежност и желба, што Бамби не кажа ништо. Дури и болката што гореше во него исчезна накратко. Стариот срндак продолжи, само овој пат вознемирено и исплашено: „Станувај! Мораш да побегнеш, синко мој“. Синко мој! Се чинеше како случајно да му се испуштија тие зборови. За миг, Бамби скокна на нозе.
„Добро е“, рече Стариот срндак, сиот задишан, па продолжи да го бодри. „Ајде, дојди со мене и не оддалечувај се.“
Брзо зачекори напред. Бамби го следеше, но гореше од желба да легне наземи, да не мрда и да одмора.
Се чинеше дека Стариот срндак го чувствуваше тоа, бидејќи не престана да му зборува и да го храбри. „Сега ќе мораш да ја поднесеш секоја болка. Не смееш да помислиш на легнување. Не смееш да помислиш на тоа дури ни на миг, бидејќи и тоа е доволно за да те измори. Мораш да се спасиш. Ме разбираш ли, Бамби? Спаси се. Во спротивен случај, ова е крајот. Не заборавај дека Тој е зад тебе. Ме разбираш ли, Бамби? И Тој ќе те убие безмилосно. Ајде. Остани до мене. Набрзо ќе бидеш на безбедно. Сè ќе биде во ред.“
Бамби немаше веќе сила ни да размислува. Болката струеше низ него со секој направен чекор. Таа му ги одземаше здивот и свеста. А врелото чувство што гореше во неговото рамо го правеше сонлив.
Стариот срндак направи голем круг. Долго време чекореа. Сепак, Бамби успеа низ велот од болка и слабост да забележи дека повторно поминаа покрај големиот даб.
Стариот срндак застана за да ја душне земјата. „Сè уште е тука“, прошепоти тој. „Ова е Тој, а ова е Неговиот пес. Ајде, доаѓај! Побрзо!“ Истрчаа.
Одеднаш Стариот срндак повторно застана. „Погледни“, му рече, „онде лежеше ти наземи.“
Бамби ја виде смачканата трева каде што широката локва од неговата сопствена крв се впиваше во земјата.
Стариот срндак внимателно душна околу местото. „Тука биле двајцата, и Тој и Неговиот пес“, рече тој. „Ајде, доаѓај!“ Бавно зачекори напред, душкајќи внимателно околу себе.
Бамби ги забележа црвените капки крв што блескаа на ливчињата на грмушките и тревките наземи. „Веќе сме поминале одовде“, си помисли, но не можеше да зборува.
„Аха!“ рече Стариот срндак и речиси звучеше како да е весел. „Сега сме зад нив.“
Продолжи одредено време да чекори по истата патека. Потоа одеднаш неочекувано скршна и почна нов круг. Бамби се тетеравеше зад него. Повторно излегоа кај големиот даб, само овој пат од спротивната страна. По вторпат поминаа од местото каде што Бамби беше паднал. Потоа Стариот срндак повторно скршна и го промени правецот.
„Касни од ова“, му заповеда на Бамби, застана и ја растрга тревата. Му посочи кон едни малечки темнозелени ливчиња што избиваа од тврдата земја.
Бамби го послуша. Имаа горчлив вкус и ужасно мирисаа.
„Како се чувствуваш сега?“ го праша Стариот срндак по извесно време.
„Подобро“, веднаш му возврати Бамби. Одеднаш повторно можеше да зборува. Сетилата му се разбистрија, а заморот му се ублажи.
„Да продолжиме да се движиме“, повторно му заповеда Стариот срндак. Долго време чекореа така и по извесно време повторно се јави Стариот срндак. „Конечно!“ рече тој. Застанаа.
„Запре крвавењето“, рече Стариот срндак. „Престана да ти тече крв од раната. Сега веќе не ти се празнат вените и веќе не може да те издаде крвта. Не може да им покаже Нему и на Неговиот пес каде си и нема да можат да те убијат.“
Стариот срндак изгледаше загрижено и изморено, но гласот му беше весел. „Ајде, дојди“, рече тој. „Сега ќе можеш да одмориш.“
Стигнаа до еден широк ендек што Бамби досега го немаше видено. Стариот срндак се спушти надолу, а Бамби се обиде да го следи. Но, многу му беше мачно да се искачи на стрмната падина од другата страна. Болката повторно почна да го притиска. Се сопна, повторно се крена на нозе, па повторно се сопна. Дишеше тешко.
„Не можам да ти помогнам“, му рече Стариот срндак. „Ќе мораш да се качиш сам.“ Бамби успеа да се искачи. Повторно почувствува како му гори во рамото. Имаше чувство дека по вторпат ја губи силата.
„Повторно крвавиш“, рече Стариот срндак. „Го очекував тоа. Но, само малку крвавиш“, додаде низ шепот, „и тоа веќе не е ни важно.“
Бавно чекореа низ една гора со високи буки. Земјата беше мека и рамна. Лесно се движеа по неа. Бамби го обзеде желба да легне таму, да се испружи и веќе никогаш да не се помести. Не можеше да се движи веќе. Главата го болеше. Му свиреше во ушите. Сите жили му трепереа и почна да го тресе грозница. Му се темнееше пред очи. Не чувствуваше ништо, освен желба да легне и да почине. Се чудеше на тоа колку животот одеднаш му се смени. Се присети на утрото и на тоа како жив и здрав шеташе низ шумата. Едвај беше поминал еден час оттогаш, а нему му се чинеше како тоа да било многу одамна.
Поминаа низ еден честак со прнари и дренки. Едно огромно и шупливо, паднато буково стебло, заплеткано во грмушките, лежеше директно пред нив и им го попречуваше патот.
„Стигнавме“, му рече Стариот срндак на Бамби. Тој чекореше крај буковото стебло, а Бамби го следеше и за малку ќе паднеше во дупката што се отвори пред него.
„Еве“, рече Стариот срндак во истиот момент, „овде можеш да легнеш.“
Бамби легна и веќе не се помести.
Дупката се протегаше длабоко под буковото стебло и формираше малечка комора. Целата беше покриена во грмушки, така што оној што лежеше во неа беше скриен од светот.
„Овде ќе бидеш безбеден“, рече Стариот срндак.
Поминаа денови.
Бамби лежеше на топлата земја, а одгоре го штитеше старата кора од паднатото дрво. Чувствуваше како му се зголемува болката, а потоа полека олабавуваше и секој ден стануваше сè потивка и потивка.
Понекогаш ќе се измолкнеше надвор и ќе застанеше колебливо нишајќи се на несигурните нозе. Ќе направеше неколку чекори за да побара храна. Сега јадеше растенија и билки што порано ги немаше ни забележано. Сега одеднаш му беа вкусни и го привлекуваа со својот необичен, примамлив и остар мирис. Она што некогаш го презираше и го плукаше, ако го каснеше по некоја случајност, сега му се чинеше вкусно и миризливо. Сè уште не му се допаѓаа голем број ситни ливчиња и кратки меснати ’ркулци, а сепак ги јадеше, небаре беше присилен на тоа, и раните му заздравуваа побрзо. Чувствуваше дека му се враќа силата.
Беше излекуван, но сè уште не ја напушташе дупката. Ноќе шеташе по малку во близина, но преку ден мирно си лежеше внатре. Дури сега, кога треската и болките сосема исчезнаа, повторно во мислите ја преживуваше својата неодамнешна случка. Огромен страв се разбуди во Бамби и срцето му трепереше силно. Не можеше да се ослободи од тоа чувство. Сега веќе не можеше да стане и да трча како порано. Лежеше во едно место исполнет со немир. На моменти го фаќаше страв, па потоа се чувствуваше засрамено, возбудено и збунето. Во еден момент го совладуваше очај, а веќе во другиот беше весел.
Стариот срндак постојано беше покрај него. На почетокот и дење и ноќе не се делеше од Бамби. Потоа, почна одвреме-навреме да го остава сам, особено кога Бамби беше задлабочен во своите мисли. Но, секогаш беше во близина.
Еден ден, откако цел ден паѓаа громови и молњи и се истури дожд, се спушти ноќта под разгаленото сино небо, осветлена со зраците од сонцето што заоѓаше. Косовите гласно пееја на сите околни дрвја, а од грмушките црцореа зебите и чуруликаа сениците. Во тревата под грмушките повремено одекнуваше ѕвонливиот пискот на фазаните. Клукајдрвецот восхитено се смееше, а гулабите страсно ја гукаа својата љубов.
Бамби излезе од дупката. Животот повторно му се виде прекрасен. Стариот срндак стоеше таму, како да го очекуваше. Заедно тргнаа на прошетка. Бамби веќе никогаш не се врати во стариот дом.

ПОГЛАВЈЕ 22

Една вечер, додека воздухот беше исполнет со шепотот на есенските лисја што паѓаа, утката испушти продорен крик меѓу гранките. И потоа чекаше…
Но, Бамби веќе ја беше забележал зад разретчените лисје и застана.
Утката долета поблиску и повторно укна, овој пат уште погласно. И повторно чекаше, но Бамби повторно не рече ништо.
Тогаш утката веќе не можеше да се воздржи. „Зар не се исплаши?“ незадоволно го праша.
„Па“, одговори Бамби, „само малку.“
„Така ли?“ укна утката видно навредена. „Само малку. Порано ужасно многу се плашеше и многу се радував кога ќе видев колку многу сум те исплашила. Но, од некоја причина, сега си исплашен само малку.“ Уште повеќе се разлути и повтори: „Само малку!“
Утката старееше и поради тоа беше уште повообразена и почувствителна од порано.
Бамби сакаше да ù каже: „Ни порано не се плашев“, но реши да го задржи тоа за себе. Жал му беше што ја гледаше добрата стара утка како седи таму толку налутена. Се обиде да ја потсмири. „Можеби затоа што веднаш помислив на тебе“, рече тој.
„Што?“ рече утката, повторно развеселувајќи се. „Навистина помисли на мене?“
„Да“, малку колебливо ù возврати Бамби. „Веднаш штом го чув твоето укање помислив на тебе. Во спротивен случај, се разбира, сигурно ќе се исплашев исто толку многу како и секогаш.“
„Навистина?“ праша утката.
Бамби немаше срце да го негира тоа. А и каква разлика имаше? Нека се радува старата.
„Да, навистина“, ја уверуваше тој. „Многу сум среќен и се радувам кога неочекувано ќе го чујам твоето укање.“
Утката ги накостреши крилјата во мека, кафеаво-сивкава, пердувеста топка. Пресреќна беше. „Убаво е што помислуваш на мене“, нежно рече. „Многу е убаво. Одамна се немаме видено.“
„Многу одамна“, рече Бамби.
„Веќе не се движиш по старите патеки, нели?“ го праша утката.
„Не“, тивко рече Бамби, „веќе не се движам по старите патеки.“
„И јас исто така шетам многу повеќе во последно време и откривам нови места“, се пофали утката. Не спомена дека од родниот крај ја беше набркала некоја безмилосна помлада соперничка. „Не е добро цел живот да се помине во едно место“, додаде таа, па замолкна, чекајќи одговор.
Но, Бамби веќе беше заминал. Сега веќе и самиот знаеше како да исчезне нечујно, речиси исто толку вешто како и Стариот срндак.
Утката повторно се разлути. „Срамота…“ промрмори за себе. Ги протресе перјето, го заби клунот длабоко во градите и тивко си филозофираше: „Поарно никој да не мисли дека може да биде пријател со отмени суштества. Тие умеат да бидат љубезни и фини, но доаѓа ден кога воопшто нема да помислат на тебе и ќе те остават на цедило, исто како што сега ме оставија мене да си седам овде сама…“
Одеднаш како камен се спушти надолу. Беше забележала глушец. Веднаш го зграпчи во канџите и го раскина на парчиња, бидејќи беше бесна. Го изеде малото залче побрзо од кога било досега и потоа си одлета. „Што ми значите сите вие отмени суштества мене?“ рече таа. „Ама баш ништо.“ Почна да ука толку продорно и без престан што разбуди пар гулаби покрај кои прелета. Тие гласно се размавтаа со крилјата и исплашени одлетаа од своето место.

***

Бурата неколку денови беснееше во шумата и ги откина и последните листови од гранките. И потоа дрвјата останаа голи.
Рано в зори Бамби се враќаше дома, за да го преспие денот во дупката заедно со Стариот срндак.
Додека чекореше, едно пискаво гласче два-трипати викна по него. Бамби застана. Тогаш верверицата за миг се спушти по гранките и седна наземи пред него.
„Навистина ли си ти?“ писна таа, целата изненадена и радосна. „Те препознав во истиот миг штом мина крај мене, но не можев да им поверувам на сопствените очи…“
„Од каде дојде?“ ја праша Бамби. Веселото лиценце што стоеше пред него одеднаш доби сериозен израз. „Го нема веќе дабот“, тажно почна таа. „Мојот прекрасен стар даб. Се сеќаваш ли на него? Ужасно беше. Тој го исече.“
Бамби натажено ја спушти главата. Душата го здоболи за прекрасното старо дрво.
„Веднаш штом се случи тоа“, продолжи верверицата, „сите што живееја на дрвото побегнаа и тажно гледаа како Тој гризеше низ стеблото со едни огромни блескави заби. Дрвото силно офкаше од болка. Тоа не престануваше да офка, а забите не престануваа да го гризат. Страшно беше да се слуша. И на крајот кутрото прекрасно дрво се струполи на ливадата. Сите плачеа.“
Бамби молчеше.
„Да“, тажно воздивна верверицата. „Тој може да направи сè. Семоќен е.“ Погледна во Бамби со своите големи тркалезни очи и ги начули ушите. Но, Бамби повторно не кажа ништо.
„И така“, продолжи верверицата, „сите останавме без дом. Не знам ни каде се разбегаа другите. Јас дојдов овде. Но, тешко дека во скоро време ќе најдам такво убаво дрво.“
„Стариот даб“, тивко промрмори Бамби, „го знаев уште од времето кога бев малечок.“
„Ах, тоа е“, рече верверицата. „Но, не ми се верува дека навистина те гледам“, весело продолжи таа. „Сите велеа дека сигурно одамна си умрел. Се разбира, повремено ќе се јавеше некој што тврдеше дека сè уште си жив. Одвреме-навреме, некој ќе пријавеше дека те видел. Но, никој не можеше со сигурност да потврди ништо, па си мислев дека станува збор само за гласишта“, рече верверицата и испитувачки го погледна Бамби. „Затоа што никогаш не се врати.“
Бамби забележа дека е љубопитна и дека упорно чека одговор.
Бамби продолжи да молчи, но и во него се роди блага љубопитност. Сакаше да ја праша за Фалина, за тетка Ена, за Роно и Карус и за сите други негови пријатели од детството. А сепак, продолжи да молчи.
Верверицата и понатаму стоеше пред него и го проучуваше. „Какви прекрасни рогови!“ восхитено извика таа. „Прекрасни рогови! Никој во целата шума, освен Стариот срндак, нема толку раскошни рогови.“
Некогаш Бамби ќе се почувствуваше гордо и поласкано на таквите пофалби, но сега само рече: „Можеби“.
Верверицата кимаше со главата. „Но, навистина“, рече таа, „си почнал да белееш малку.“
Бамби тргна да си оди.
Верверицата заклучи дека тоа е крајот на нивниот разговор и скокна кон гранките. „Имај убав ден“, му довикна одгоре. „До видување! Многу ми е мило што те видов. Ако сретнам некој од твоите пријатели, ќе му пренесам дека сè уште си жив. На сите ќе им биде мило.“
Бамби ја чу и повторно му затрепери срцето од љубопитност, но повторно не кажа ништо. Кога уште беше малечок, Стариот срндак го научи дека треба да се живее сам. А подоцна, до ден-денес, и понатаму му разоткриваше разни тајни и вистини. Но, од сите негови поуки најважна беше оваа: „Мораш да живееш сам. Ако сакаш да опстоиш, да го сфатиш животот и ако сакаш да стекнеш мудрост, мораш да живееш сам“.
„Но“, се побуни еднаш Бамби, „ние двајца сме постојано заедно.“
„Не за долго“, кусо му возврати Стариот срндак. Тоа беше неколку недели претходно. Бамби сега се сети на тие зборови, а се сети и дека првите зборови што Стариот срндак некогаш му ги кажа исто така говореа за самотијата. Тој ден Бамби сè уште беше само мало срнче кое викаше по мајка си, а Стариот срндак му пријде и го праша: „Зар не можеш да седиш сам?“
Бамби продолжи понатаму.

Наслов: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (6 дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитај го претходните делови од „Бамби. Животот во шумата“.
Прв дел (1 и 2 поглавје).
Втор дел (3 и 4 поглавје).
Трет дел (5, 6, и 7 поглавје)
Четврт дел (8,9,10,11,12 поглавје)

Петти дел (13,14,15,16,17,18 поглавје)

 

 

One thought on “„Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (6 дел)

  1. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (7 дел) | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.