I
МЕЧОКОТ МЕГЛЕН ОДИ НА РИБОЛОВ
Мечокот Меглен се проѕевна додека си лежеше на удобниот кревет од лисје и ги гледаше првите утрински сончеви зраци што ѕиркаа низ Зелената гора за да ги избркаат Црните сенки. Се проѕевна уште еднаш, па полека застана на нозе и се истресе. Потоа отиде до еден голем бор, се исправи на задните нозе, посегна по стеблото колку што можеше повисоко и ја изгреба кората со огромните шепи. А потоа се проѕеваше сѐ додека не почна да се чини дека ќе му пукне вилицата, па седна да се помисли што сака за појадок.
Додека седеше и се мислеше што би било највкусно, ги слушаше звуците што го означуваа будењето на сите жителчиња на Зелената гора. Ја слушна Сојката Соња како вреска оддалеку: „Крадец! Крадец!“ и се насмевна. „Се прашувам“, си помисли Меглен, „дали некој ѝ го украл појадокот на Соња или таа му го украла појадокот некому. Веројатно таа е крадецот.“
Ја слушна Црвената верверица Дрдорка како се кара како навиена и обземена од страшен бес. „Сигурно оваа Дрдорка станала на лева нога утрово“, си помисли.
Го слушна Гавранот Црнко како грака со полни гради и од звукот знаеше дека Црнко се впушта во некаква беља. Ги слушаше и милозвучните гласови на среќните мали пејачи, а тие беа пријатни за слушање. Ама, најмногу од сѐ слушаше едно весело, тивко, ѕвонливо смеење што не запираше, туку траеше и траеше, сѐ додека не почувствува како да мора да се насмее и тој. Тоа беше гласот на Потокот на смеата. И така заслушан, на Меглен одеднаш му текна што сака за појадок.
„Ќе одам на риболов“, рече со длабокиот грмлив глас, иако не се обраќаше никому. „Да, да, ќе одам на риболов. Сакам дебела пастрмка за појадок.“
Се довлечка до Потокот на смеата, па до едно езерце што му беше познато, и како што се доближуваше, се обидуваше да не направи ни најмал шум. Ама, излезе дека, иако беше рано, некој веќе дошол пред Мечокот Меглен. Кога го здогледа езерцето, кого ли ќе види ако не друг рибар, кој веќе си фатил убава, дебела пастрмка. А кој беше тоа? Па, Малата видра Јоцо, се разбира. Си се качуваше по брегот со дебелата пастрмка во устата. На Мечокот Меглен му потекоа лиги кога ја виде. Малиот Јоцо си седна на брегот и се токмеше да си се гости со појадокот. Го немаше видено Мечокот Меглен и не знаеше дека тој или некој друг е во близина.
Мечокот Меглен се прикраде тивко на прсти и застана точно зад Малиот Јоцо. „Ав, ав!“ рече со најдлабок и најгрмлив глас. „Колку убава пастрмка! Како би си ја изел!“
Малиот Јоцо спишти од страв и без да се сврти за да види кој му зборува ја испушти рибата и се нурна главечки во Потокот на смеата. Мечокот Меглен се фрли нанапред и со едната од големите шепи ја фати дебелата пастрмка пред да му се лизне назад во водата.
„Еве ти ја пастрмката, господине Видра“, рече, кога Малиот Јоцо ја подаде главата од водата за да види кој го исплаши толку. „Дојди, земи си ја.“
„Еве ти ја пастрмката, господине Видра.“
Ама, Малиот Јоцо не појде. Поточно, му беше страв. Му за’ржа на Мечокот Меглен и го нарече крадец и со секакви лоши зборови што му паднаа на памет. На Мечокот Меглен како да не му беше гајле. Се закикоти како да му кажале смешен виц и пак му понуди на Малиот Јоцо да дојде и да си ја земе рибата. Ама, Малиот Јоцо му го сврти грбот и налутено отплива во Потокот на смеата.
„Гревота е да се фрли олку убава риба“, рече Меглен промислено. „Се мислам што да ѝ правам.“ И додека се мислеше, ја изеде цела. Потоа се наведна кон Потокот на смеата за да се потруди да си фати риба самиот.
II
МАЛАТА ВИДРА ЈОЦО МУ СЕ ОДМАЗДУВА НА МЕЧОКОТ МЕГЛЕН
Малиот Јоцо беше страшно бесен. Тоа беше лош почеток на убавиот ден, а Малиот Јоцо беше свесен за тоа. А кој не би бил бесен кога ќе му го грабнат појадокот од пред носот токму пред да си го касне? Добро, така му кажа Малиот Јоцо на Визонот Вили. Можеби не кажа баш точно како што беше, ама, знаете, беше многу исплашен во моментот.
„Си седев на брегот од Потокот на смеата, покрај едно од езерцата“, му рече на Визонот Вили, „и токму кога сакав да си ја каснам дебелата пастрмка што си ја уловив, кој ли ќе наиде ако не оној дебелион силеџија, Мечокот Меглен. Ми ја грабна пастрмката и си ја изеде небаре беше негова. Уф, ама го мразам! Да си поживеам доволно долго, па да му вратам!“
Се разбира дека тоа не беше убав муабет и личеше на сè само не на ведар дух, но Малиот Јоцо понекогаш имаше многу избувлив табиет, особено кога беше гладен, а знаете, овој пат остана без појадок.
Впрочем, Мечокот Меглен не му ја грабна рибата на Малиот Јоцо. Ама, во очите на Малиот Јоцо и немаше некоја разлика. Знаете, кога Меглен му понуди на Малиот Јоцо да дојде и да си ја земе рибата, многу добро знаеше дека Малиот Јоцо нема да се осмели да стори нешто такво.
„Каде е сега?“ праша Визонот Вили.
„Некаде покрај Потокот на смеата. Камо да падне во него и да се удави!“ остро одговори Малиот Јоцо.
Визонот Вили мораше да се насмее. Помислата на огромниот Мечок Меглен како се дави во Потокот на смеата му беше пресмешна. Немаше толку вода во потокот, освен во Насмевнатото езерце, а тоа беше на Зелената ливада, каде што Меглен не одеше никогаш. „Ајде да видиме што прави“, рече Визонот Вили.
Отпрвин Малиот Јоцо не сакаше, ама на крајот љубопитноста му го победи стравот, па затоа прифати. И така, двете кафеави ѓаволчиња тргнаа надолу по Потокот на смеата и се обидуваа да останат незабележани. Изминаа само мал пат кога Визонот Вили прошепоти: „Пст! Ене го“.
И навистина, Мечокот Меглен си беше седнат покрај едно езерце и внимателно гледаше во него.
„Што прави?“ праша Малата видра Јоцо, оти Мечокот Меглен многу долго седеше без да се помрдне.
Токму тогаш една од огромните шепи на Меглен молскавично се најде во водата и зграби пастрмка што се осмелила да дојде преблиску.
„Лови риби!“ извика Визонот Вили.
Токму тоа и го правеше Мечокот Меглен, а беше очигледно дека му е многу забавно. Откако ја изеде пастрмката што ја фати, се премести кај следното езерце.
„Рибиве се НАШИ!“ рече Малиот Јоцо жестоко. „Нема право да ни ги лови НАШИТЕ риби!“
„Не знам како ќе го спречиме“, рече Визонот Вили.
„Јас знам!“ вресна Малиот Јоцо, во чијашто глава штотуку светна идеја. „Ќе ги избркам сите риби од езерцата и ќе ја заматам сета вода. Е, тогаш ќе видиме колку риби ќе фати! Ти само гледај ме како му се одмаздувам на Мечокот Меглен.“
Малиот Јоцо се мушна набрзина во водата и отплива директно до езерцето што му беше следно на Мечокот Меглен. Ги исплаши рибите и тие се разбегаа на сите страни. Потоа ја разбуричка калта сѐ додека водата не стана толку матна, што Меглен не можеше да види риба ни пред носот. Истото го стори и во следното езерце и во тоа по него. На Мечокот Меглен му се упропасти риболовот тој ден.
III
МЕЧОКОТ МЕГЛЕН Е МНОГУ ЗАЧУДЕН
Мечокот Меглен се немаше забавувано толку многу откако дојде да живее во Зелената гора. Забавата му почна кога го изненади Малиот Јоцо на брегот од едно езерце покрај Потокот на смеата, а Малиот Јоцо толку се исплаши, што ја испушти дебелата пастрмка што ја беше фатил. На Мечокот Меглен тоа му се виде како одлична шега и се смееше цело време додека ја јадеше пастрмката. Кога ја изеде, реши да си улови некоја риба и самиот.
За миг појде покрај друго езерце. Се прикраде околу него многу, многу тивко, за да не ги исплаши рибите. Потоа седна близу работ и не мрдаше. Меглен одамна беше научил дека риболовецот мора да биде трпелив, освен ако не седи дома во водата исто толку време колку и рибите и може да плива доволно брзо за да ги брка и да ги фати, како Малата видра Јоцо. Затоа дури и не трепкаше. Беше толку неподвижен, што речиси изгледаше како трупец од старо дрво. Можеби тоа си го помислија и рибите, зашто набргу две-три од нив испливаа во близина каде што седеше Меглен. Е, сега, можеби Мечокот Меглен беше голем и изгледаше несмасно, ама нема такво нешто што може да се движи побрзо од една од тие негови огромни шепи кога ќе посака тој. Една од нив се придвижи и пред да трепнеш зграби една од смотаните рипки во водата.
На Меглен му светнаа очињата и си се оближуваше додека одеше накај следното езерце, оти знаеше дека нема корист ако се задржи кај првото. Рибите беа толку исплашени, што немаше да се вратат долго, долго време. Кај следното езерце се случи истото. Меглен веќе беше видно расположен. Му беше забавно да ги лови рибите, а уште позабавно да ги јаде. А има ли нешто повкусно за појадок од свежо уловена пастрмка? Не е ни чудо што му беше толку убаво. Ама, три пастрмки не се доволни за да му го наполнат стомакот на Меглен, па затоа се упати накај следното езерце.
Ама, ова езерце, наместо да биде убаво и бистро, па да може Меглен да види дали на дното има пастрмки, беше толку матно, што воопшто не се гледаше низ него. Како некој да ја разбуричкал калта на дното.
„Ха!“ рече Мечокот Меглен. „Нема фајде да ловам овде. Само ќе си го губам времето. Ќе се обидам во следното езерце.“
И така, отиде до следното езерце. И тоа беше матно како претходното. Потоа појде кај друго, ама ни тоа не беше ништо поарно. Меглен седна и си ја почеша главата. Чудна работа. Да, да, чудна работа. Со сомнеж погледна на едната, па на другата страна, ама немаше никој. Сѐ беше тивко, освен смеењето на Потокот на смеата. На Меглен му се причини како потокот да му се смее нему.
„Многу чудно“, промрмори Меглен, „навистина многу чудно. Изгледа толку од риболовот за денеска. Не разбирам. Среќа што уловив и толку колку што уловив. Ми се чини како некој да сака да… А-ха!“ Одеднаш му прелета една мисла во главата. И тогаш се закикоти, а потоа и се засмеа. „Мислам дека оној мангупон Јоцо сака да ми се одмазди оти му ја изедов дебелата пастрмка.“
И затоа што Мечокот Меглен секогаш го забавуваат добрите шеги, па дури и кога се на негова сметка, се засмеа толку силно што мораше да се држи за стомакот, а тоа е многу подобро одошто да се разбесни како Малата видра Јоцо. „Е, многу си паметен, господине Видра! Многу си паметен, ама има и попаметни од тебе“, рече Мечокот Меглен и со кикотење замина да смисли план како да излезе на крај со Малата видра Јоцо.
Наслов: „Авантурите на Мечокот Меглен“ од Тортон В. Берџес (прв дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (втор дел) | Literatura.mk
Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (трет дел) | Literatura.mk
Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (четврт дел) | Literatura.mk
Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (5 дел) | Literatura.mk
Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (6 дел) | Literatura.mk
Пингување: Авантурите на Мечокот Меглен од Тортон В. Берџес (7 дел) КРАЈ | Literatura.mk