Авторот на стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ и на неодамна промовираниот роман „Денот кога не се разбудив“, Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон ни ја испрати својата топ 5 листа со книги од „Литература.мк“ што ги препорачува да се читаат за време на домашната изолација. Тој вели:
‒ Книгата е најдобар човеков пријател ‒ рекол некој, кој изгледа немал добри пријатели што го викале на пијачка, му биле жиранти, го враќале дома со два промили, му ѕвонеле во два да му кажат дека го почитуваат. Како и да е, може и кучето да е човеков најдобар пријател, мачката, планина, седење дома, филмови, музика што и да прави да се чувствуваш подобро тоа ти е пријател. А сега е време за пријателите што ги сакаме да ги оставиме на страна за да не ги заразиме нив или нивните блиски со вирусот па ова е нешто ко распуст на училиште со лектири. Еве неколку предлози од мене што да прочитате во наредните денови и да не ширите корона. И МИЈТЕ РАЦЕ!
1. „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон

Има книги кои кога човек ќе ги дочита доживува откровение, му со отвораат чакри, нови видици и хоризонти. Е, оваа не е таква книга. На интересен начин е напишано она што скоро сите го знаме, но го забораваме. Книгата е еден потсетник на тоа што е важно во животот. И Менсон одлично го опишува тоа, секој ред е како да го знаете, можете да го поврзете со вашиот живот, но не сте му дале значење. Книга што се чита повеќе пати, само за потсетување што е важно. И ако имате проблеми со меморија, тогаш секогаш ќе ви е ново.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
2. „Костурите на округот Медисон“ од Ведрана Рудан
Можеби најострото колумнистичко перо на Балканот, Ведрана Рудан, и овде не разочарува со своите приказни кои се поврзани во роман. Од неколку животни стории плете приказна со која може да се поврзат повеќе генерации и разни слоеви на луѓе. Самата книга варира од очај до надеж. Оваа рецензија не варира, туку само е очај.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
3. „Фајронт во Сараево“ од д-р Неле Карајлиќ
Сараево, златни години, три света живеат хармонично без оглед на вера и нација, единствен сплет во историјата на таква енергија, културен центар на источна Европа. Она што тогаш се создаде во Сараево е културно богатство од кое уште генерации и генерации ќе го копираат, ќе се инспирираат од него и ќе учат. А во средината на тој цел мал сараевски универзум и во првите редови на Неопримитивизмот – Неле. Песните на „Забрането пушење“ ќе се слушаат уште долго време, „Топ-листа на Надреалистите“ уште многу години ќе се толкува како пророчка емисија за сѐ она што следуваше во годините после неа. Како одличен фронтмен, исто добар глумец и сценарист, со оваа книга Неле покажа дека е и еден од најинтересните писатели на просторите на поранешна Југославија. Затоа дур имате време, пробајте да напишете нешто и вие. Немојте да чекате како Неле да стигнете во педесеттите и да доживеете инфаркт за да пишувате.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
4. „Парцијални диференцијални равенки“ од Волтер А. Штраус

Ја немам читано. Ко лаик за математика мислам дека оваа книга би ми наврела солзи на очите и би ме допрела најмногу од сѐ што имам прочитано. Самиот наслов веќе буди страхопочит, а и името на авторот. Каде Штраус, па уште Волтер. Самото читање на ова име и презиме дава некоја грандиозност, класична музика свири во позадина. „Часовите на професор Волтер Штраус“. Германија, 1920 и некоја, универзитетска училница, есен, многу равенки на црна табла, убава колешка, младешки сништа и реалноста која следи потоа. Може ќе напишам роман за книгата. Не плашете се, нема.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
5. „Дневникот на Ана Франк“
Одамна читана и парцијално заборавена од моја страна. Но, тоа не е воопшто важно, книгата е на оваа листа и треба да се најде во сечија библиотека за да не се заборави хоророт на фашизмот во ова време кога дел од личностите кои биле сојузници на нацистите се рехабилитираат и се издигнуваат. Оние кои беа директни сведоци на тоа веќе си заминуваат, а оние на кои останува светот, младите се малку запознаени со деструктивноста. Вирусот ќе помине еден ден, но ако фашизмот повторно се всади во младите мозоци и срца тоа ќе е многу поапокалиптично сценарио. Топло советувам за сите деца кои се во школски години, да не се заборави за да не се повтори.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.