Првата книга од серијалот за Хари Потер од Џ. К. Роулинг излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина -публикации“. „Хари Потер и Каменот на мудроста“, како една од лектирите за деветто одделение, е дел и од едицијата „Лесно читливи лектири“ на „Арс Ламина“.
Еден обичен ден во домот на Дарслиеви, на Привет драјв бр. 4 стигнува писмо за момчето во креденецот под скалите, Хари Потер. По многуте обиди на тетин Вернон да ги скрие писмата што постојано доаѓаат, една вечер на вратата се појавува Рубеус Хагрид од „Хогвортс“, училиштето за вештерство и волшебништво, и му вели на Хари дека е волшебник. Тогаш почнуваат авантурите на Хари и неговите пријатели, но, влогот е голем − целиот волшебнички свет е во опасност.
„Хари Потер и Каменот на мудроста“ е првиот дел од серијалот за сирачето-волшебник Хари Потер, кому му е врачена покана да изучува магија на училиштето Хогвортс за вештерство и волшебништво. Оттука, заедно со неговите најдобри пријатели, Хермиона Гренџер и Рон Визли, тој се обидува да го најде Каменот на мудроста и да го спречи темниот волшебник Лорд Волдеморт да си ја врати моќта.
Џоан Роулинг, попозната како Џ. К. Роулинг, е британска авторка, филмски продуцент, сценарист и филантроп, најпозната по фантастичниот серијал книги за деца „Хари Потер“ со кој достигнува светска слава и популарност. Идејата за Хари Потер ја добила уште во 1990 година, за време на едно долго патување со воз од Манчестер кон Лондон.
Во 1997 година, откако била одбиена од 12 издавачи, Роулинг ја издава „Хари Потер и каменот на мудроста“ преку куќата „Блумсбери“. Другото е веќе историја, затоа што серијалот, што ќе се протега низ седум книги и уште неколку придружни изданија, доживува неверојатен комерцијален успех насекаде низ светот. Книгата има освоено поголем број награди во Обединетото Кралство и во САД. Се најде на врвот на листата со најпродавани книги според „Њујорк Тајмс“ во 1999 и 2000 година. Преведен е на неколку десетици јазици. По приказната во книгата во 2001 година е снимен и истоимениот филм, во режија на Крис Колумбус, со Даниел Редклиф (како Хари Потер), Руперт Гринт (Рон Визли) и Ема Ватсон (Хермиона Гренџер) во главните улоги. Филсмкиот серијал е исто толку популарен како и книгите.
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“.