„Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (5 дел)

ПОМИЛУЈ МЕ

Пред неколку месеци при посета на славната опатија во Фитеро и сакајќи да вратам неколку тома во нејзината напуштена библиотека, открив во еден од нејзините агли две или три музички тетратки, многу стари, покриени со прашина, па дури почнале и да ги гризат стаорци. Беше една Помилуј ме.
Не ја разбирам музиката; ама многу ми е мила што, иако не ја разбирам, понекогаш знам да фатам понекоја партитура од некоја опера, и поминувам мртви часови вртејќи ги страниците, гледајќи ги групите ноти малку или повеќе преполни, линиите, полукруговите, триаголниците и слични работи, што ги викаат клучеви, и сето тоа без да сфатам ни трошка, ниту да извлечам проклета корист.
Аналогно на мојата манија, ги разлистав тетратките, и прво што ми привлече внимание беше тоа што иако на последната страница стоеше овој латински збор, толку чест во сите дела, finis, вистината беше што Помилуј ме не беше завршена, зашто музиката беше стигната до десеттиот стих.
Ова беше несомнено она што првично ми привлече внимание; ама подоцна кога малку се загледав во листовите музика, ме збуни уште повеќе кога видов дека наместо оние италијански зборови што ги ставаат на сите, како maestoso, allegro, retardando, piú vivo, a piacere, имаше едни линии напишани со многу ретко писмо и на германски, од кои некои служеа за да предупредат работи толку тешки за правење како ова; Крцкаат… крцкаат коските, а од нивните срцевини изгледа како да излегуваат крици; или оваа друга: Жицата завива без да дистонира, металот удира без да оглуви; затоа звучи сè и не се меша ништо, или најоригиналната од сите, несомнено, предлагаше на дното од последниот стих: Нотите се коски покриени со месо; неугаслив оган, небесата и нејзината хармонија… Сила!… Сила и сладост.
– Знаете што е ова? – прашав еден старец што ме придружуваше да завршам до половина со преводот на овие редови, кои личеа на фрази напишани од лудак.
Тогаш старецот ми ја раскажа легендата што ќе ви ја предочам.

I

Пред многу години, една врнежлива и мрачна ноќ, дошол до манастирската врата од оваа опатија еден поклоник и побарал малку оган за да си ги исуши алиштата, парче леб што ќе му го задоволи гладот и какво било засолниште да го дочека утрото и да си го продолжи патот по сончевата светлина.
Неговото скромно каснување, сиромашната постела и запаленото огниште му ги обезбедил братот, од кого ги побарал, му се ставил на располагање на патникот, па откако се одморил, братот се распрашал за причината за неговото патување и за местото каде се насочил.
– Јас сум музичар – одговорил прашаниот – сум се родил многу далеку оттука, и во мојата татковина едно време уживав голем углед. Во мојата младост од себе направив големо моќно оружје на заведување и со него распалив страсти што ме завлекоа во злосторство.
Во староста сакам да ги претворам во добро доблестите што ги заложив за лошото, се искупував наместо да се осудувам.
Зашто загадочните зборови на непознатиот не му изгледаа воопшто јасни на братот лаик, во кој веќе почнуваше да се разгорува љубопитноста, и поттикнат од ова, продолжи со прашањата, неговиот соговорник продолжи на следниов начин:
– Плачев длабоко во душата за вината што ја сторив; колку се обидував да му побарам на Бога милосрдие, не наоѓав зборови за достојно да го изразам моето покајание, кога еден ден очите случајно ми паднаа врз една света книга. Ја отворив книгата и на една страница најдов еден огромен вресок на вистинско покајание, еден псалм од Давид што почнуваше со Помилуј ме Боже! Уште од мигот кога му ги прочитав стиховите, единствената мисла ми беше да најдам една музичка форма толку величествена, толку возвишена, што ќе беше доволна да ја содржи грандиозната химна од болка на Кралот Пророк. Уште не ја најдов; ама ако успеам да го изразам она што го чувствувам во срцето, што го слушам збунето во главата, сигурен сум дека ќе направам еден таков и толку прекрасен Помилуј ме, што не слушнале нешто слично родените: таков и толку срцекршачки, што при слушање на првиот акорд, архангелите, со мене ќе кажат со покриените очи од солзи и ќе му се обратат на Бога: милосрдие! И Господ ќе се смилува на неговото кутро битие.
Поклоникот, кога стигна до оваа точка на раскажување, замолчи за миг; и потоа, издишувајќи, се врати да ја довезе нишката на својот расказ. Братот лаик, неколку искушеници од опатијата и двајца или тројца овчари од фармата на фратрите, што формираа круг околу огништето, го слушаа во целосна тишина.
– Потоа – продолжи – откако ги прошетав цела Германија, цела Италија и поголемиот дел од оваа класична земја за верска музика, уште не слушнав едно Помилуј ме од кое можам да добијам инспирација, ниту еден, ниту еден, а слушнав многу, можам да кажам дека ги слушнав сите.
– Сите? – рече тогаш прекинувајќи го еден од главните овчари -. Не сте го слушнале уште Помилуј ме од Планината?
– Помилуј ме од Планината! – викна музичарот зачуден – Каков е тој Помилуј ме?
– Не кажав? – прошепоти селанецот; и потоа продолжи со мистериозен тон – Тој Помилуј ме, што само случајно го слушаат оние што како мене, што одат ден и ноќ по стоката низ грмушки и гребени, е посебна приказна; многу стара приказна, но многу вистинита што изгледа неверојатна.
Така е што, во најгустото од тие кордилјери, од планините што го ограничуваат хоризонтот на долината, на чие дно се наоѓа апатијата, имало пред многу години, ама многу години, многу векови, еден познат манастир; манастир што, како што изгледа, го изградил на свој трошок еден господин со добрата што ќе ги пренел на сина си, кој го разрешил на умирање, како срам за неговите лошотии.
Дотука сè било добро; ама синот, кој по она што ќе се види понатаму требало да биде од ѓаволова кожа, ако не и самиот ѓавол, знаејќи дека добрата му биле во моќта на посветените лица, и дека замокот му се претворил во црква, собрал неколку разбојници, свои другари во животот на уништувањето што ќе го фати кога ќе ја напушти куќата на родителите, па една ноќ на Величетврток, кога монасите биле во хор, и во мигот и часот кога ќе почнеле или почнале со Помилуј ме, го запалиле манастирот, ја опљачкале црквата, и како што едните рекле, а другите пререкле, се вели дека не оставиле жив монах.
По ова злосторство си заминале бандитите и нивниот подбуцнувач со нив, каде не се знае, можеби во подземјето.
Огнените јазли го срамниле манастирот до земја; од црквата останале на нозе само руините врз конкавниот ѕид, од каде што се раѓа водопадот, кој, откако се простира од карпа на карпа, прави поток што доаѓа да ги мие ѕидовите од оваа опатија.
– Ама – прекина нетрпеливо музичарот – а Помилуј ме?
– Чекајте – продолжи многу саркастично ќајата – сè во свое време. Кажа и продолжи вака со својата приказна:
– Луѓето одоколу се потресле од злосторството: од татковци на деца и од деца на внуци со ужас се предавала во долгите вечерните часови; ама она што му го држи пожив споменот е што секоја година, на оној ден кога била проголтана, се гледаат светла како треперат преку скршените прозорци од црквата; се слуша како некоја чудна музика и неколку тажни и застрашувачки пеења што се слушаат на моменти во експлозијата од воздухот.
Монасите се оние што можеби мртви без да бидат спремни да се појават на Судот Божји ослободени од секаков грев, сè уште доаѓаат од чистилиштето за да молат за своето милосрдие пеејќи ја Помилуј ме.
Слушателите се погледнаа меѓу себе во неверување; само поклоникот, кој изгледаше видно потресен од раскажувањето на приказната, вознемирено го праша оној што ја раскажуваше:
– И велите дека ова чудо уште се повторува?
– За време од три часа ќе започне без исклучок, зашто баш оваа ноќ е Величетврток, и ќе чукне осум на часовникот во опатијата.
– Колку далеку е манастирот?
– Една легија и половина… Ама што правите? Каде одите на ваква ноќ? Оставени сте во рацете Божји! – извикаа сите кога видоа дека поклоникот станува од местото и со стапот в рака го напушта огништето за да оди кон вратата.
– Каде одам? Да ја слушнам таа неверојатна музика, да го чујам големото, вистинското Помилуј ме, Помилуј ме од кое на светов доаѓаат по смртта и знаат што значи да умрат во грев.
А ова, додека кажуваше, исчезна од видикот на исплашениот лаик и од не помалку вџашени овчари.
Ветрот фучеше и ги тераше вратите да крцкаат, како некоја моќна рака да се бореше да ги извлече од шарките; дождот лиеше како од кабли, камшикувајќи ги стаклата од прозорците, и кога одвреме-навреме светлината од една молња за миг го осветли целиот хоризонт што преку нив се откриваше.
Откако помина првиот миг на бунило, лаикот рече:
– Лудак!
– Лудак! – повторија овчарите; и повторно го разгореа огнот и се собраа околу огништето.

II

По еден или два часа пат, мистериозниот лик што го нарекоа лудак во опатијата, поминувајќи го течението на рекичката што ја посочи главниот овчар од приказната, дојде на местото каде што се протегаа црни и немоќни руините од манастирот.
Дождот веќе престана; облаците пловеа во темни групи, меѓу чии снопови повремено ќе се лизнеше некој подмолен зрак бледа и сомнителна светлина; а воздухот, додека ги камшикува огромните потпирачи и се простира по напуштените манастири, како да издишуваше лелеци. Сепак, ништо натприродно, ништо чудно не ја повредуваше фантазијата. На оној што беше заспан повеќе од една ноќ без друго засолниште освен една напуштена кула или пуст замок; на оној што на долгото поклонение се соочувал со стотина бури, сите тие звуци му беа познати.
Капките вода што се филтрираа меѓу пукнатините од скршените сводови и паѓаа врз плочите со ритмички звук, како оној на клатното од некој саат; криците на бувот, што гракаше бегајќи под камениот ореол на една слика, на нозе и во шуплината на еден ѕид; бучавата на рептилите, што будни од својата летаргија од невремето ги вадеа деформираните глави од дупките каде што спијат, или се влечеа меѓу крлежинчињата и капинките што растеа на дното од олтарот, меѓу раскрсниците од камените гробови што го правеа подот од црквата, сите тие чудни и мистериозни полски звуци, на осаменоста и ноќта, стигаа уочливи до увото на поклоникот кој, седнат на осакатената статуа од еден гроб, нервозен го исчекуваше часот кога требаше да се оствари чудото.
Изминаа часови, а ништо не уочи; оние илјада збунети шумови уште одѕвонуваа и се комбинираа на илјада различни начини, ама секогаш истите.
– Ако ме излажа! – помисли музичарот; ама во тој миг се слушна нов звук, необјаснив звук на тоа место, каков што произведува часовник неколку секунди пред да го означи времето: звук на тркала што се вртат, јажиња што се шират, машинерија што прописно се возбудува и е на располагање да користи од својата мистериозна механичка виталност, и чукна некоја камбана…, два…, три…, до единаесет.
Во разрушениот храм немаше ниту камбана, ниту часовник, ниту некаква кула.
Уште не престана, ослабувајќи од ехо во ехо, последното чукање; уште се слушаше вибрацијата треперејќи во воздухот, кога покривите од гранит што ги засолнуваа скулптурите, мермерните скали од олтарите, камењата од острите лакови, китнестите огради од хорот, фистоните од детелините на корнизите, црните потпирачи на ѕидовите, подот, сводовите, целата црква почна да се осветлува спонтано, без да се види некој факел, некоја свеќа или некоја ламба што ќе ја излее онаа необична јасност.
Личеше на скелет, од чии жолти коски се ослободува тој фосфорен гас што свети и чури во темнината како синкава светлина, немирна и плашлива.
Сè изгледаше како да живнува, но со тоа галванско движење што на смртта ù врежува контракции што го пародираат животот, инстантно движење, поужасно дури и од инертноста на лешот што се тресе со неподнослива сила, камењата се собраа на камења; олтарскиот камен, чии скршени делови се гледаа претходно распрснати без ред, се појави како недопрен како само што да му се задал последен удар од длетото на архитектот и истовремено пред олтарот се издигнуваа уништените капели, скршените капители и срушените и огромни серии сводови што прекршувајќи се и лансирајќи се каприциозно меѓу себе, со своите колони направија лавиринт од порфир.
Штом се возобнови храмот, почна да се слуша еден далечен акорд што можеше да се помеша со зуењето од воздухот, ама беше збир од далечни и тешки гласови кои како да излегуваа од градите на земјата и си одеа дигајќи се малку по малку, изгледајќи сè повидливи.
Смелиот поклоник почна да се плаши; ама со стравот уште му се бореше фанатизмот за сè невообичаено и неверојатно, и охрабрен од него, го остави гробот на кој се одмораше, се наведна на работ од амбисот меѓу чии камења скокаше поројот, се фрлаше со непрестаен и застрашувачки гром, и косите му се наежија од ужас.
Лошо завиткани во парчињата од нивните хабити, навлечените качулки под наборите кои беа во контраст со нивните бестелесни вилици и белите заби, темните шуплини на очите од черепите, ги виде скелетите на монасите, кои беа фрлени од парапетот на црквата во онаа бездна, како излегуваат од водите, и заграбувајќи ги со долгите прсти од коскените раце пукнатините од карпите, се искачуваа по нив додека не го допреа работ, велеа тивко и тешко, ама со едно срцепарателен израз на лицето, првиот стих од псалмот на Давид:
Помилуј ме Боже, поради големата твоја милост!
Кога монасите дојдоа од перистилот од храмот, се поредија во два реда, и влегувајќи во него, отидоа да клекнат во хорот, каде што со поиздигнат и посвечен глас продолжија да ги пеат стиховите од псалмот. Музиката ѕвонеше во ритам на нивните гласови: таа музика беше далечен шум од громот, што со исчезнувањето на невремето се оддалечуваше шепотејќи; беше зуењето на воздухот што цимолеше на веригата на планината; беше монотона бучава од водопадот што паѓаше врз карпите, на капката вода што се филтрираше, и вресокот на скриениот був, и допирот на немирните рептили. Сето тоа беше музика, и нешто повеќе што не може да се објасни, ниту едвај да се замисли, нешто повеќе што личеше на ехо од оргули што ги придружуваше стиховите од гигантската химна на понизност на Кралот Псалмист, со ноти и акорди толку гигантски како нивните ужасни зборови.
Продолжи церемонијата; музичарот што ја претчувствуваше, обземен и преплашен, мислеше дека е надвор од реалниот свет, дека живее во онаа фантастична област на сонот во кој сите работи се преоблекуваат во чудни и феноменални форми.
Едно ужасно нишање дојде да го извади од она бессознание што му ги ограничи сите способности на неговиот дух. Нервите му скокаа од импулсот на една пресилна емоција, забите му крцкаа, тресејќи се со потрес невозможен да се потисне, а студот му навлегуваше до срцевината.
Монасите ги изговараа во тој миг тие страшни зборови од Помилуј ме:
Во беззаконие сум зачнат: и во грев ме роди мајката моја.
Кога се одѕва овој стих и ширејќи се, ехата одекнуваа од свод на свод, се крена еден огромен крик што личеше на вресок од болка откорнувајќи го од целото Човештво со свеста за нивните зла, еден ужасен вресок, направен од сите поплаки од несреќата, од сите завивања на очајот, од сите богохулства на безбожноста; монструозен концерт, вреден толкувач на оние што живеат во гревот и биле зачнати во беззаконие.
Продолжи пеењето, час тажничко и длабоко, час слично на сончев зрак што го крши темниот облак на едно невреме, правејќи да се создаде еден гром од страв, друг гром од радост, додека по заслуга на една ненадејна трансформација црквата не се осветли избањата во небесна светлина; коските на монасите се облекоа во своите меса; еден светол ореол им светеше околу челата; се скрши куполата, па преку неа се покажа небото како океан од пламен отворен кон погледот на праведните.
Серафимите, архангелите, ангелите и хиерархиите со химна на слава го придржуваа стихот, што тогаш се искачуваше на тронот на Господа како еден хармоничен виор, како џиновска спирала од звучен темјан:
Дај ми да чујам радост и веселба, и ќе се зарадуваат коските мои ослабнати.
Овој миг на ослепувачка јасност му ги ослепи очите на поклоникот, слепоочниците му чукаа нападно, му зуеја ушите и падна без да го распознае тлото под нозете, и не слушна ништо повеќе.

III

Следниот ден, мирните монаси од апатијата на Фитеро, на кои братот лаик им даде до знаење за претходната ноќ, го видоа како влегува преку нивните врати, блед и како избезумен, непознатиот поклоник.
– Го слушнавте ли конечно Помилуј ме? – го праша со одреден тон иронија лаикот, праќајќи им скришно, интелигентен поглед на своите претпоставени.
– Да – одговори музичарот.
– И како ви се чини?
– Ќе напишам. Дајте ми засолниште во вашата куќа – продолжи свртен кон опатот -; засолниште и леб неколку месеци, и ќе ви оставам бесмртно дело на уметноста, едно Помилуј ме што ми ги брише вините пред очите Господови, ми го овековечува споменот и со него ја овековечува оваа опатија.
Монасите, од љубопитство, го посоветуваа опатот да му го удоволи барањето; опатот, од сожалување, уште сметајќи го за лудак, конечно се согласи, па музичарот, веќе сместен во манастирот, почна со своето дело.
Ден и ноќ работеше со непрестајна ревност. Среде задачата застануваше и изгледаше како да слуша нешто што му одѕвонуваше во мислите, па му се ширеа зениците, скокаше од место и велеше: – Така е; така, така, несомнено…, така! И продолжи да пишува ноти со трескавична брзина, што во повеќе од еден наврат дозволи да му се восхитуваат оние што го набљудуваа без да бидат видени.
Ги напиша првите стихови и следните, и до половина од Псалмот, ама кога стигна до последниот што го слушна на планината, не можеше никако да продолжи.
Напиша еден, два, сто, двесте пробни; сè залудно. Неговата музика не личеше на онаа веќе запишана музика, па сонот му избега од клепките, и го загуби апетитот, и треска му ја опседна главата, и полуде, и умре, на крај, без да може да ја заврши Помилуј ме, што, како една чудна работа, ја чуваа монасите при неговата смрт и сè уште се чува денес во архивата на опатијата.
Кога старчето заврши со приказната, не можев а пак да не ги свртам очите кон правливиот и древниот ракопис од Помилуј ме, што уште беше отворен врз една од масите.
Во грев ме роди мајката моја.
Ова беа зборовите од страницата што ми беше пред очи, и што изгледаше дека ми се потсмева со нотите, клучевите и неразбирливите чкртаници за лаиците во музиката.
Да можеше да ги прочита, ќе откриеше еден свет.
Којзнае, да не се некое лудило?

 

Извадок од книгата „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (5 дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“. Може да се нарача и онлајн со 30% попуст на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитајте го првиот дел: СТРАСНАТА РОЗА.

Прочитајте го вториот дел: БАКНЕЖОТ.

Прочитајте го третиот дел: МЕСЕЧЕВИОТ ЗРАК

Прочитајте го четвртиот дел: ГНОМОТ

7 thoughts on “„Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (5 дел)

  1. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (6 дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (7 дел) | Literatura.mk

  3. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (8 дел) | Literatura.mk

  4. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (9 дел) | Literatura.mk

  5. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (10 дел) | Literatura.mk

  6. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (11 дел) | Literatura.mk

  7. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (12 дел) КРАЈ | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.