ПОГЛАВЈЕ 13
Еден ден, обајцата тргаа да ја бараат малечката чистинка длабоко во шумата, каде што Бамби последен пат го беше сретнал Стариот срндак. Бамби воодушевено ù раскажа на Фалина сè за него.
„Можеби повторно ќе го сретнеме“, рече тој. „Би сакал да го видиш.“
„Тоа би било прекрасно“, смело рече Фалина. „Баш би сакала да си помуабетам малку со него.“ Но, таа не ја говореше вистината, затоа што, и покрај тоа што беше многу љубопитна, се плашеше од Стариот срндак.
Небото веќе беше сивкаво. Се ближеше изгрејсонцето.
Тивко чекореа еден крај друг по една патека порабена со грмушки од обете страни и имаа одлична прегледност. Недалеку од нив се чу шушкање. Застанаа и веднаш се свртеа на таа страна. Таму, полека и моќно низ грмушките чекореше еден стар елен и се движеше кон чистинката. Во сивилото на самракот, тој личеше на огромна сива сенка.
Фалина не успеа да се воздржи и крикна. Бамби се контролираше. И нему му беше страв и го чувствуваше крикот во грлото. Но, гласот на Фалина звучеше толку беспомошно што му падна жал и собра сили за да ја утеши.
„Што ти е?“ загрижено прошепоти Бамби, но и нему му трепереше гласот. „Што ти е? Тој нема да ни направи ништо.“
Фалина повторно крикна.
„Немој толку да се плашиш, мила моја“, ја молеше Бамби. „Глупаво е да се плашиш од него. На крајот на краиштата, тој сепак ни е семејство.“
Но, ништо не можеше да ја утеши Фалина. Таа стоеше стаписана од страв, зјапајќи во еленот, кој безгрижно си чекореше. Викаше и блееше.
„Смири се“, ја молеше Бамби. „Што ќе си помисли тој за нас?“
Но, Фалина не замолчуваше. „Нека си мисли што сака“, извика повторно блеејќи. „Ах! Бе-е! Бе-е-е! Страшно е да си толку голем!“ рече.
„Бе-е! Бе-е-е!“ повторно крикна. „Остави ме“, му рече. „Не можам да се воздржам, морам да блеам. Бе-е! Бе-е-е!“
Еленот стоеше на малата чистинка и чепкаше во тревата, барајќи да се наслади со нешто.
Бамби, кој гледаше де во исплашената Фалина, де во спокојниот елен, го облеа ново чувство на храброст. Храбрејќи ја Фалина успеа да ги победи сопствените стравови. Почна да се укорува себеси за бедната состојба во која запаѓаше секогаш кога ќе ги видеше елените, состојба во која се мешаа страв и возбуда, восхит и покорност.
„Ова е сосем бесмислено“, мачно заклучи тој. „Ќе одам до него и ќе му се претставам.“
„Немој!“ извика Фалина. „Немој! Бе-е! Бе-е-е! Ќе се случи нешто страшно. Бе-е! Бе-е-е!“
„Сеедно ќе одам“, ù одговори Бамби.
Еленот, кој сосема спокојно си јадеше и воопшто не обрнуваше внимание на плачливата Фалина, на Бамби му се чинеше дека е премногу надмен. Се чувствуваше навредено и понижено. „Одам“, ù рече на Фалина. „И замолчи веќе еднаш. Ќе видиш дека нема да се случи ништо. Чекај ме овде.“
Тој тргна, но Фалина не го чекаше. Немаше ни желба, а ни храброст за тоа. Таа се сврте и расплакана побегна. Сметаше дека тоа е најдоброто нешто што можеше да го стори. Бамби ја слушаше како се оддалечува. И понатаму блееше: „Бе-е! Бе-е-е!“
Бамби со задоволство ќе тргнеше по неа, но тоа веќе не беше возможно. Собра сили и тргна напред.
Низ гранките го виде еленот како стои на чистинката, со главата спуштена во тревата. Како што се доближуваше до него, срцето му чукаше сè побрзо и побрзо.
Еленот веднаш ја крена главата и го погледна. Но, потоа повторно се сврте и отсутно се загледа пред себе. Начинот на кој еленот отсутно зјапаше во празно, небаре таму немаше никој друг, на Бамби му се виде исто толку надмено како погледот што му го упати.
Бамби не знаеше што да прави. Дојде тука цврсто решен да разговара со еленот. Сакаше да му рече: „Добар ден. Јас сум Бамби. Можете ли да ми го кажете вашето почитувано име?“
Да, сето тоа му се чинеше многу лесно, но во реалноста се покажа дека не е толку едноставно. Каква корист имаше сега од добрите намери? Бамби никако не сакаше да остави впечаток на лошо воспитано животно и да не каже ништо. Но, од друга страна, не сакаше да биде ни наметлив, а можно е да оставеше таков впечаток ако прозбореше прв.
Еленот беше прекрасно величествен. Бамби беше восхитен, но истовремено се чувствуваше и понизно. Залудно се обидуваше да собере храброст и постојано си повторуваше во себе: „Зошто дозволувам да ме совлада чувството на страв? Зар не вредам исто толку како и тој?“ Но, не помагаше ништо од тоа. Бамби и понатаму беше исплашен и длабоко во себе сепак беше уверен дека не може да се рамни со него. Еленот беше многу подобар. Му падна тешко на душата и со сите сили се обидуваше да остане присебен.
Еленот го гледаше и си мислеше: „Колку е убав! Многу е привлечен. Толку грациозен, толку достоинствен и елегантен. Не смеам да зјапам во него. Непристојно е да се зјапа. Освен тоа, можно е и да се засрами“. Па, повторно се загледа во далечината зад Бамби.
„Каков надмен поглед“, си помисли Бамби. „Просто неверојатно е како некој може да има толку високо мислење за себе.“
Еленот си мислеше: „Би сакал да си помуабетам со него, толку е мил. Колку е глупаво тоа што никогаш не разговараме со непознати“. Замислено гледаше пред себе.
„Како воопшто да не постојам“, си рече Бамби. „Еленов се однесува небаре е единствениот што постои на земјава.“
„Што да му кажам?“ се прашуваше Стариот елен. „Не сум навикнат на муабети. Ќе кажам нешто глупаво и ќе испаднам смешен… Затоа што е јасно дека тој е многу мудар.“
Бамби си дојде на себе и втренчено погледна во еленот. „Колку е само величествен“, си помисли во очај.
„Ах, можеби во некоја следна пригода“, си рече еленот и незадоволно, но достоинствено тргна по својот пат.
Бамби остана на истото место, огорчен на себе.
ПОГЛАВЈЕ 14
Шумата испаруваше под жегата на летното сонце. Уште откако беше изгреало, ги имаше набркано дури и најмалите облачиња од небото, па сега сосем само владееше на ширното небесно синило, што беше бледо од жештината. Над ливадата и над крошните на дрвјата воздухот трепереше во стаклесто-проѕирни бранови, како што обично трепери над оган. Не мрдаше ниту еден лист, ниту една единствена тревка. Птиците молчеа. Седеа скриени под сенката на лисјата и не се поместуваа од место. Сите патеки во честакот беа празни. Ниедно живо суштество не излегуваше. Шумата лежеше како без здив во заслепувачката светлина. Земјата, дрвјата и грмушките тешко дишеа. Сè живо и диво тешко дишеше од тешката омарнина на силната жега.
Бамби спиеше.
Тој цела ноќ се забавуваше со Фалина. Си играше со неа додека не светна ден и во своето блаженство заборави дури и да јаде. А потоа беше толку многу изморен, што веќе не чувствуваше ни глад. Очите му паѓаа. Легна каде што се движеше во тој момент среде грмушките и веднаш заспа.
Тешкиот горчлив мирис што испаруваше од вжештената боровинка и продорниот мирис на дивата ловорика го опиваа во сон и му даваа нова сила. Одеднаш се разбуди сиот зашеметен. Фалина ли го викаше? Бамби се сврте наоколу. Се сети дека ја виде Фалина кога легнуваше, како стоеше веднаш до белиот глог и грицкаше од ливчињата. Тој претпоставуваше дека таа ќе остане до него, но ја немаше. Сигурно ù здодеало да седи сама, па сега го викаше да дојде да ја побара.
Додека слушаше, Бамби се прашуваше колку долго спиел и дали можеби Фалина веќе некое време го вика. Не беше сигурен. Сè уште беше зашеметен од сонот.
И тогаш повторно се чу довикување. Бамби се штрекна и се сврте во правецот од каде што доаѓаше гласот. Ете, повторно го чу. И одеднаш се почувствува совршено среќен. Беше освежен, одморен и оснажен, но пред сè ужасно гладен.
Повторно се чу повикот, пискав како црцорење на птица, нежен и копнежлив. „Дојди! Дојди!“ велеше.
Да, тоа беше нејзиниот глас. Тоа беше Фалина. Бамби се стрча толку брзо што сувите гранки едвај закрцкаа кога јурна низ грмушките и жешките зелени лисја едвај шушнаа.
Но, мораше да запре среде трк и да отскокне настрана, бидејќи пред него стоеше Стариот срндак и му го попречуваше патот.
Сепак, во срцето на Бамби гореше само љубов. Сега не му беше гајле за Стариот срндак. Ќе има други пригоди да помуабети со него. Сега немаше време да се занимава со стари срндаци, колку и да беа достоинствени. Сега мислеше само на Фалина. Набрзина го поздрави Стариот срндак и тргна да го одмине.
„Каде си тргнал?“ праша Стариот срндак со сериозен глас.
Бамби малку се засрами и се обиде да смисли каков било изговор, но ништо не му падна на памет, па одговори искрено: „Кај неа“.
„Не оди“, му рече Стариот срндак.
За миг, една единствена искра лутина се разгори во Бамби. Да не оди кај Фалина? Како можеше Стариот срндак да бара нешто толку пакосно од него? „Ќе му побегнам“, си рече Бамби и набрзина погледна во Стариот срндак. Но, длабокиот поглед што го пречека, веднаш го пресече. Затрепери од нестрпливост, но не побегна.
„Таа ме довикува“, му објасни. Го кажа тоа со таков глас, во кој сосема јасно се читаше неговата молба: „Не задржувај ме веќе“.
„Не“, рече Стариот срндак. „Не те вика.“
Тогаш повторно се чу повикот, пискав како црцорење на птица: „Дојди!“
„Слушнете!“ возбудено рече Бамби. „Ете ја повторно.“
„Слушам“, рече Стариот срндак кимајќи со главата.
„Е па тогаш, до видување“, набрзина рече Бамби.
„Застани!“ нареди Стариот срндак.
„Што сакате?“ извика Бамби, целиот избезумен од нестрпливост. „Пуштете ме да одам. Немам време. Ве молам, Фалина ме вика… Слушнавте и самиот.“
„Ти кажувам“, рече Стариот срндак, „дека тоа не е таа.“
Бамби беше очаен. „Но“, рече тој, „јас го познавам нејзиниот глас.“
„Послушај ме“, продолжи Стариот срндак.
Повторно се чу повикот. Бамби имаше чувство како да му гори земјата под нозе. „Подоцна“, молеше тој. „Брзо ќе се вратам.“
„Не“, натажено рече Стариот срндак. „Никогаш нема да се вратиш. Веќе никогаш.“
Следеше нов повик. „Морам да одам! Морам да одам!“ викаше Бамби, кој речиси беше целосно надвор од себе.
„Добро тогаш“, заповеднички рече Стариот срндак, „ќе одиме заедно.“
„Брзо!“ извика Бамби и отскокна.
„Не, полека!“ нареди Стариот срндак со глас што го натера Бамби да го послуша. „Остани зад мене и движи се чекор по чекор.“
Стариот срндак тргна напред, а Бамби полека го следеше и воздивнуваше.
„Слушај“, рече Стариот срндак, не застанувајќи, „колку често и да вика, никако не се тргај од мене. Ако тоа навистина е Фалина, брзо ќе стигнеме до неа. Но, не е Фалина. Не дозволувај си да паднеш во искушение. Сега сè ќе зависи од тоа дали ќе ми веруваш или не.“
Бамби не се осмели да му се спротивстави и немо му се препушти.
Стариот срндак се движеше бавно, а Бамби го следеше. Ах, колку само мудро се движеше Стариот срндак! Не се слушаше никаков звук под неговите копита. Не се помести ниту еден лист. Не се скрши ниту една гранка. А сепак, се провлекуваа низ густи грмушки, движејќи се низ древниот обраснат честак. Бамби беше изненаден и му се восхитуваше и покрај тоа што беше нестрплив. Не ни сонуваше дека некој може да се движи така.
Повиците се повторуваа постојано. Стариот срндак повремено застануваше, наслушнуваше и кимаше со главата. Бамби стоеше до него, се тресеше од копнеж, го мачеше задржувањето и ништо не му беше јасно.
Стариот срндак неколкупати застануваше, иако не се слушаше повик, и ја креваше главата, наслушнуваше и кимаше. Бамби не слушаше ништо. Стариот срндак скршна од правецот од кој доаѓаше повикот и се упати во друга насока. Бамби гореше од гнев во себе.
Повикот се слушна повторно и повторно. Најпосле се доближија до него, па уште поблиску и поблиску. На крајот веќе беа сосема близу.
Стариот срндак прошепоти: „Што и да видиш, не мрдај. Разбра? Следи ме што правам јас и прави го буквално истото. Биди внимателен и остани присебен“.
Направија уште неколку чекори напред и одеднаш во лицето ги удри остриот опоен мирис што Бамби многу добро го познаваше. Толку силно го удри мирисот што едвај се воздржа да не испушти крик. Стоеше како прикован за земјата. За момент имаше чувство како срцето да му бие во грлото. Стариот срндак мирно стоеше покрај него и му посочи со очите.
Таму стоеше Тој.
Стоеше во непосредна близина до нив, потпрен со грбот на стеблото на еден даб, затскриен зад гранките на лесковите грмушки и тивко довикуваше: „Дојди! Дојди!“
Бамби беше сосема збунет. Толку многу беше исплашен, што му требаше одредено време да сфати дека Тој го имитираше гласот на Фалина. Тој беше оној што викаше: „Дојди! Дојди!“
Студени морници го полазија по телото. Во срцето му затрепери помислата на бегство. Нешто силно го влечеше да побегне.
„Остани смирен“, брзо и заповеднички му дошепна Стариот срндак, како да сакаше да го совлада стравот што се роди во него. И Бамби со тешки маки успеа да се воздржи.
Стариот срндак го погледна. На Бамби му се причини дека го гледа малку презриво, иако сè уште беше комплетно збунет. Но, веќе во следниот миг тој поглед стана сериозен и благ.
Бамби мижуркаво погледна кон местото каде што стоеше Тој и имаше чувство дека нема да може да издржи уште долго да биде во Неговата стравична близина.
Небаре му ги прочита мислите, Стариот срндак му дошепна: „Да се вратиме назад“. И потоа се сврте.
Внимателно тргнаа назад. Стариот срндак се движеше некако чудно и извртено во цикцак, а Бамби не сфаќаше зошто. Повторно послушно го следеше, едвај успевајќи да ја контролира сопствената нестрпливост. На пат наваму го мачеше копнежот по Фалина, а сега во вените му биеше нагонот за бегство.
Но, Стариот срндак чекореше бавно, одвреме-навреме запираше и наслушнуваше. Потоа повторно ќе фатеше нов цикцак, па повторно ќе застанеше и така полека напредуваше.
Веќе се имаа оддалечено особено многу од опасното место. „Ако повторно застане“, си помисли Бамби, „мислам дека сега веќе ќе биде во ред да му прозборам и ќе му се заблагодарам.“
Но, во тој момент Стариот срндак му исчезна од пред очи и влезе во една густо обрасната дренова грмушка. Не се заниша ниту еден лист и не се скрши ниту едно гранче. Ете, толку вешто Стариот срндак премина преку неа.
Бамби тргна по него и се обиде да премине исто толку нечујно и исто толку вешто да избегне каков било шум. Но, не му успеваше. Лисјето тивко шушкаа, ластегарките се виткаа на страните и потоа со силен свиреж се враќаа назад. Сувите гранчиња крцкаа и се кршеа од неговите гради.
„Тој ми го спаси животот“, си размислуваше Бамби. „Како би можел да му се заблагодарам?“
Но, Стариот срндак никаде го немаше. Бамби излезе од грмушките. Околу него се простираше море од жолти расцутени златици. Ја подигна главата и погледна наоколу. Колку што можеше да види, никаде не се мрдаше ниту едно ливче. Беше сосем сам.
Ослободен од сета контрола, одеднаш го понесе нагонот за бегство. Жолтите златици шиштеа под неговите раскокани копита небаре ги сече коса.
По долго талкање, најпосле ја најде Фалина. Немаше здив и беше изморен, среќен и длабоко трогнат.
„Мила моја“, ù рече, „те молам никогаш повторно не ме повикувај. Ќе се бараме додека не се најдеме, но те молам не викај по мене, бидејќи јас не умеам да му одолеам на твојот глас.“
ПОГЛАВЈЕ 15
Неколку денови подоцна, безгрижно шетаа низ честакот со млади дабови дрвја, кои растеа на другата страна на ливадата. Мораа да преминат преку ливадата за да стигнат до нивната стара патека, веднаш зад високиот стар даб.
Кога грмушките се проретчија, застанаа и разгледаа околу себе. Нешто црвеникаво се движеше во близина на дабот. Обајцата се загледаа во него.
„Кој би можел да е тоа?“ прошепоти Бамби.
„Веројатно Роно или Карус“, рече Фалина.
Бамби се сомневаше. „Тие веќе не се осмелуваат да ми се доближат“, рече Бамби и малку поостро се загледа пред себе. „Не“, рече тој, „тоа не е ниту Роно, ниту Карус. Некој непознат е.“
Фалина се согласи. Беше зачудена и многу љубопитна. „Да“, рече таа. „Непознат е. Сега гледам и јас. Колку чудно!“
Обајцата го набљудуваа.
„Ама невнимателно се однесува“, рече Фалина.
„Глупаво“, рече Бамби. „Навистина глупаво. Се однесува како мало дете, како да не постои никаква опасност.“
„Да одиме до него“, предложи Фалина. Љубопитноста ја совлада.
„Во ред“, одговори Бамби. „Да одиме. И јас сакам подобро да го погледнам овој млад срндак.“
Направија неколку чекори напред и потоа Фалина застана. „А што ако сака да се бори со тебе?“ рече таа. „Силен е.“
„Бе-е!“ рече Бамби, надмено ја подигна главата и презриво се исклешти. „Погледни само колку мали рогови има? Зарем да се плашам од тоа? Крупен е и голем, но силен? Не верувам. Ајде, дојди.“
Тргнаа.
Непознатиот занесено пасеше трева на ливадата и ги забележа дури кога му се доближија многу блиску. Веднаш се стрча да ги пресретне. Весело скокаше и цупкаше и повторно им остави впечаток на чудна детска несериозност. Бамби и Фалина застанаа збунети и чекаа да им пријде поблиску. Кога дојде на само неколку чекори од нив, застана и тој.
По извесно време ги праша: „Зар не ме препознавате?“
Бамби ја спушти главата, подготвен за борба. „А ти нè познаваш нас?“ му возврати.
Непознатиот го прекина. „Бамби“, извика тој, прекорливо, но самоуверено.
Бамби се штрекна кога си го чу името. Звукот на тој глас како одеднаш да разбуди некое старо сеќавање во неговото срце. Но, Фалина се стрча кон непознатиот.
„Гобо!“ извика таа и занеме. Стоеше немо и не мрдаше. Не можеше да дише.
„Фалина“, тивко рече Гобо. „Фалина, сестричке мила, ти ме препозна веднаш.“ Ù се доближи и ја бакна во муцката. Солзи му течеа по образите. И Фалина плачеше и не можеше да изусти ни збор.
„Ах, Гобо“, почна Бамби. Гласот му трепереше и се чувствуваше мошне збунето. Беше длабоко трогнат и многу изненаден. „Значи, не си мртов“, рече тој.
Гобо прсна во смеа. „Се гледа по мене дека не сум мртов“, рече тој. „Барем јас мислам дека се гледа.“
„Но, што се случи тогаш во снегот?“ го праша Бамби.
„Ах, тогаш?“ замислено рече Гобо. „Тогаш ме спаси Тој.“
„А каде беше сето ова време?“ зачудено праша Фалина.
„Со Него“, ù одговори Гобо. „Цело време бев со Него.“
Замолчи и погледна во Фалина и Бамби. Уживаше во нивната беспомошна збунетост. Потоа продолжи: „Да, мили мои, доживеав многу работи, повеќе одошто сите други заедно во нашава стара шума“. Звучеше малку фалбаџиски, но тие не го забележаа тоа, бидејќи сè уште беа премногу изненадени.
„Раскажи ни сè“, извика Фалина, избезумена од радост.
„Ах“, задоволно рече Гобо, „би можел цел ден да ви раскажувам и пак да не стигнам до крајот.“
„Но, ајде, зборувај“, настојуваше Бамби.
Гобо се сврте кон Фалина и лицето му доби сериозен израз. „Сè уште ли е жива мама?“ тивко и срамежливо ја праша.
„Да“, весело рече Фалина. „Жива е, но одамна ја немам видено.“
„Ќе одам да ја видам веднаш“, решително рече Гобо. „Ќе дојдете со мене?“
Тргнаа сите тројца.
Цел пат не си прозбореа ни збор. Бамби и Фалина почувствуваа дека Гобо едвај чека да ја види мајка си, па обајцата молчеа. Гобо брзо чекореше пред нив и не зборуваше. Го оставија да прави како сака.
Само понекогаш кога тој слепо ќе свртеше на погрешна патека или ќе наидеше на некој крстопат, благо ќе му довикнеа. „Наваму“, ќе му дошепнеше Бамби или, пак, Фалина ќе речеше: „Не, не, одовде треба да одиме“.
Неколкупати требаше да поминат преку широки чистинки. Забележаа дека Гобо никогаш не застануваше на работ на честакот, никогаш ни за момент не погледнуваше наоколу кога излегуваше на отворено, туку едноставно истрчуваше напред без најмала претпазливост. Бамби и Фалина зачудено се погледнуваа секогаш кога ќе се случеше тоа, но ниту еднаш не кажаа ни збор и, иако малку колебливо, продолжија да го следат Гобо. Долго мораа да талкаат и да бараат надолж и нашир.
Гобо веднаш ги препозна патеките од детството. Беше толку воодушевен од себе, што не ни забележа дека Бамби и Фалина го водат цело време. Се сврте кон нив и им довикна: „Што велите, а? Сè уште одлично се снаоѓам“. Тие не му одговорија ништо, само повторно се погледнаа.
Набрзо потоа стигнаа во една малечка шумска комора, покриена со лисје. „Види!“ извика Фалина и влезе во неа. Гобо тргна по неа и застана. Тоа беше ледината каде што обајцата беа родени и каде што живееја со мајка им кога беа малечки. Гобо и Фалина се погледнаа очи в очи. Не кажаа ни збор, само Фалина нежно го бакна својот брат во муцката. И потоа продолжија понатаму.
Се движеа наваму-натаму уште цел час. Сонцето почна сè посилно да сјае и да пробива низ гранките, а шумата стануваше сè потивка и помирна. Време беше да легнат и да одморат малку. Но, Гобо не чувствуваше замор. Чекореше брзо, тешко дишеше од нестрпливост и возбуда и бесцелно зјапаше наоколу. Потскокнуваше секогаш кога покрај нозете ќе му поминеше некоја ласица. За малку ќе ги згазнеше фазаните и кога тие фатија да го прекоруваат, летајќи со широко размавтани крилја, многу се исплаши. Бамби се чудеше што Гобо се движеше толку невнимателно и слепо.
Одеднаш, Гобо застана и се сврте кон Бамби и Фалина. „Никаде ја нема“, очајно извика.
Фалина го тешеше. „Ќе ја најдеме“, му рече таа, длабоко трогната. „Уште малку и ќе ја најдеме, Гобо.“ Таа погледна во него. Тој сè уште го имаше истиот исплашен израз на лицето што нејзе ù беше многу добро познат.
„Сакаш ли да викаме по неа?“ насмеано го праша. „Да ја викаме како што ја викавме кога бевме деца?“
Бамби направи уште неколку чекори напред и тогаш ја забележа тетка Ена. Таа веќе беше спремна за починка и лежеше тивко во една лескова грмушка во близина.
„Најпосле“, си рече Бамби самиот на себеси. Во истиот миг пристигнаа и Гобо и Фалина. Сите тројца стоеја еден до друг и гледаа во Ена. Таа тивко ја подигна главата и малку сонливо погледна во нив.
Гобо направи неколку колебливи чекори напред и тивко рече: „Мајко“.
Ена скокна на нозе небаре ја погодил гром и стоеше како стаписана. Гобо се стрча кон неа. „Мајко“, повтори. Сакаше да продолжи да зборува, но веќе не можеше да изусти ни збор.
Мајка му погледна длабоко во неговите очи. Нејзиното скаменето тело почна да се движи. Се гледаше како ù треперат прво рамената, а потоа и грбот, бран по бран.
Таа не го праша ништо. Не бараше да ù објаснува и да ù раскажува. Нежно го бакна Гобо во муцката. Потоа почна да го бакнува по образите и вратот. Неуморно го капеше со своите бакнежи, исто како некогаш, исто како кога се беше родил.
Бамби и Фалина се тргнаа настрана.
ПОГЛАВЈЕ 16
Сите тројца стоеја на една малечка чистинка среде честакот. Гобо раскажуваше.
Дури и пријателот Зајак беше тука. Полн со одушевеност, го креваше високо едното уво, внимателно слушаше и потоа го оставаше да му падне, за потоа набрзо повторно да го крене.
Страчката седеше на најниската гранка на една млада бука и вчудовидено слушаше. На спротивната страна беше сојката, која немирно седеше на еден јасен и одвреме-навреме гракаше од зачуденост.
Тука беа и неколку пријателски расположени фазани, кои беа дојдени заедно со сопругите и децата, кои изненадено ги издолжуваа своите вратови додека слушаа, па ги повлекуваа и занемени од чудо вртеа со главите лево-десно.
И верверицата набрзина доскока и целата се тресеше од возбуда. Непрестајно трчаше, ту се спушташе наземи, ту се качуваше на некое дрво. Или, пак, застануваше, се потпираше на опашката и ги покажуваше белите гради. Одвреме-навреме се обидуваше да му влезе во зборот на Гобо и да каже нешто, но постојано ù велеа да молчи.
Гобо раскажуваше како лежел беспомошно во снегот и чекал да умре.
„Кучињата ме најдоа“, рече тој. „Кучињата се страшни. На целиот свет не постои животно пострашно од нив. Од вилиците им капе крв, а лаежот им е безмилосен и полн со гнев.“ Тој погледна во сите околу себе, па продолжи. „Но, оттогаш си играв со нив како што би си играл со секој од вас.“ Многу беше горд на тоа. „Веќе немам причина да се плашам од нив, сега сме добри пријатели. Сепак, кога многу ќе се разлутат и ќе се разлаат, ми брмчи во ушите и срцето ми застанува. Ама тие не мислат ништо лошо и, како што веќе реков, сега сме добри пријатели. А сепак, лаежот им е ужасно гласен.“
„Продолжи“, нестрплива беше Фалина.
Гобо ја погледна. „Па“, рече тој, „во тој прв момент, тие беа спремни да ме раскинат на парчиња, но тогаш се појави Тој.“
Гобо застана. Другите едвај дишеа.
„Да“, рече Гобо. „Дојде Тој. Им свика на кучињата и тие веднаш престанаа да лаат. Им свика уште еднаш и сите веднаш легнаа крај Неговите нозе и не мрдаа. Тогаш Тој ме крена. Јас вреснав, но Тој ме погали. Ме крена во Неговите раце. Не ме повреди. И потоа ме понесе со себе.“
Фалина го прекина. „Што значи тоа ’понесе‘?“ го праша.
Гобо почна детално да објаснува.
„Многу е едноставно“, рече Бамби. „Погледни што прави верверицата кога зема орев и го понесува со себе.“
Верверицата повторно се обиде да се вмеша во муабетот. „Еден мој роднина…“ почна таа весело, но другите веднаш извикаа: „Молчи, молчи! Остави Гобо да докаже“.
Верверицата мораше да замолчи. Очајна беше и, притискајќи ги шепите на белите гради, се обиде да почне разговор со страчката. „Како што реков, еден мој роднина…“ почна таа. Но, страчката едноставно ù сврте грб.
Гобо раскажуваше чуда. „Надвор кочан студено и беснее бура. Но, внатре нема ни трага од ветре и топличко е како во лето“, рече тој.
„Гра-гра!“ гракна сојката.
„Надвор може да истура дожд и сè да е поплавено, но внатре не влегува ни капка и сè е суво.“
Фазаните ги издолжија вратовите и вртеа со главите лево-десно.
„Надвор може сè да е покриено со снег, но внатре ми беше топло“, рече Гобо. „Па, дури би рекол и жешко. Ме ранеше со сено, костени, компири и репка. Имаше што ти душа сака.“
„Сено?“ извикаа сите во хор, зачудени, возбудени и во неверување.
„Свежо, тазе искосено сено“, мирно повтори Гобо и победнички погледна околу себе.
Верверицата повторно се уфрли во муабет: „Еден мој роднина…“
„Замолчи!“ извикаа другите.
„А каде Тој наоѓа сено и сè друго во зима?“ љубопитно праша Фалина.
„Одгледува сам“, одговори Гобо. „Тој одгледува што сака и задржува што сака.“
Фалина продолжи да го распрашува. „Гобо, зар ниту еднаш не се исплаши додека беше таму со Него?“
Гобо надмено се насмевна. „Не, мила моја Фалина“, рече тој. „Не се плашев. Сфатив дека Тој не би ме повредил. И тогаш зошто би се плашел? Сите вие мислите дека Тој е зол. Но, не е. Тој е добар кон оние што му се мили и оние што му служат. Неверојатно е добар! Никој на светов не е толку љубезен како Него.“
Одеднаш, додека Гобо раскажуваше, нечујно од зад грмушките излезе Стариот срндак.
Гобо не го забележа и продолжи да зборува. Но, другите го видоа Стариот срндак и од почит останаа без здив.
Стариот срндак стоеше мирно и задлабочено и сериозно гледаше во Гобо.
Гобо рече: „Не само Тој туку и сите Негови деца ме сакаа. Неговата жена и децата постојано ме галеа и си играа со мене“. Одненадеж се пресече и замолчи. Го виде Стариот срндак.
Настана тишина.
Потоа, Стариот срндак, со својот вообичаен заповеднички глас, го праша: „А каква ти е таа врвца на вратот?“
Сите погледнаа во Гобо и првпат ја забележаа темната сплетена врвца околу неговиот врат.
Гобо одговори малку непријатно. „Оваа? Таа е дел од оглавот што го носев. Тоа е Неговиот оглав и огромна чест е да го носите… Најголема чест…“ Малку се збуни и запелтечи.
Сите молчеа. Стариот срндак долго време гледаше во Гобо, продорно и жално.
„Кутриот ти!“ најпосле рече тивко, се сврте и си замина.
Во тишината што следуваше од вчудовиденоста, верверицата повторно почна да дрдори. „Како што реков, еден мој роднина исто така има престојувано кај него. Тој го фатил и го држел затворен… Многу долго време… Додека еден ден татко ми…“
Но, никој не ја слушаше верверицата. Почнаа да си заминуваат.
ПОГЛАВЈЕ 17
Еден ден, повторно се појави Марена. Во времето кога исчезна Гобо, таа веќе беше речиси возрасна срна, но оттогаш ретко кој ја имаше видено, бидејќи живееше сама и се движеше по свои патеки.
Таа сè уште беше витка и изгледаше многу младо. Но, беше потивка, посериозна и понежна од другите. Од верверицата, сојката, страчките, дроздовите и фазаните беше чула дека Гобо се вратил и доживеал прекрасни авантури. Па, сега беше дојдена да го види.
Мајката на Гобо беше многу горда и среќна поради нејзината посета. Многу се радуваше што целата шума зборуваше за нејзиниот син. Уживаше во неговата слава и сакаше сите да знаат дека нејзиниот Гобо е најпаметниот, најспособниот и најдобриот срндак на светот.
„Што мислиш ти за него, Марена?“ ја праша таа. „Што мислиш за нашиот Гобо?“ Не чекаше да ù одговори, туку продолжи. „Се сеќаваш ли како старата Нетла велеше дека тој не вреди баш многу, бидејќи малку се тресеше на студот? Се сеќаваш ли како велеше дека Гобо ќе ми донесе само маки во животот?“
„Па“, одговори Марена, „вистина е дека имаше многу маки со него.“
„Но, тоа е веќе завршена приказна“, рече мајка му. Таа се прашуваше како воопшто некој може да се сеќава на тие работи. „Ах, многу ми е жал за кутрата стара Нетла. Штета што не доживеа да види што стана од мојот Гобо!“
„Да, кутрата стара Нетла“, тивко повтори Марена. „Навистина штета.“
На Гобо му се допаѓаше кога мајка му го фалеше. Тоа го правеше среќен. Стоеше гордо и уживаше во нејзините пофалби како што уживаше во топлината на сончевите зраци.
„Дури и Стариот срндак дојде да го види Гобо“, ù рече мајка му на Марена. Таа ги прошепоти тие зборови небаре кажува нешто свечено и таинствено. „Тој никогаш нема дојдено меѓу нас, но ете, дојде да го види Гобо.“
„А зошто тој ме нарече кутар?“ се уфрли Гобо со глас кој јасно искажуваше незадоволство. „Многу ме интересира што сакаше да каже со тоа.“
„Не мисли на тоа“, рече мајка му во обид да го утеши. „Тој сепак е стар и малку е чуден.“
Но, Гобо сакаше да си олесни на душата. „Цел ден ми се врти таа мисла во главата“, рече тој.
„Кутриот ти! Јас не сум кутар. Јас сум многу среќен. Имам видено повеќе и проживеано повеќе од сите други заедно. Сум го видел светот и знам повеќе за животот од кој било друг во шумава. Што мислиш ти, Марена?“
„Да“, рече таа. „Никој не може да го порекне тоа.“
Оттогаш, Марена и Гобо станаа неразделни.
ПОГЛАВЈЕ 18
Бамби тргна да го бара Стариот срндак. По цели ноќи скиташе низ шумата. Талкаше наоколу по непознати патеки додека не изгрееше сонцето и не го дочекаше зората. Сам, без Фалина.
Понекогаш сè уште копнееше по Фалина. Понекогаш ја сакаше исто како и порано. И тогаш сакаше да шета со неа, да ја слуша како му зборува и заедно да пасат трева на ливадата. Но, таа веќе не го исполнуваше целосно.
Порано, кога живееше со Фалина, речиси и не помислуваше на средбите со Стариот срндак, а и кога ќе помислеше, тоа траеше само за миг. Но, сега насекаде го бараше. Имаше некоја необјаснива желба и нагон да го види. Сега само повремено помислуваше на Фалина. А другите речиси воопшто не му беа важни. Гобо и тетка Ена ги избегнуваше колку можеше.
Зборовите што Стариот срндак му ги кажа на Гобо постојано му одѕвонуваа во ушите. Тие оставија неверојатно длабок впечаток врз Бамби. Гобо во него предизвикуваше некое чудно чувство на сожалување, уште од првиот момент кога се врати. Бамби не знаеше зошто, но секогаш кога ќе го видеше Гобо, му се јавуваше некоја мачнина. Не знаеше зошто, но се срамеше од него. Чувствуваше некаков страв за него, но не умееше да го протолкува. Секогаш кога ќе го сретнеше безопасниот, суетен и самобендисан Гобо, во неговата глава одѕвонуваа зборовите „Кутриот ти!“ Не можеше да се ослободи од нив.
Една темна ноќ, додека Бамби повторно ја развеселуваше утката, кажувајќи ù колку многу го преплашила, се сети да ја праша нешто. „Да не знаеш случајно каде е Стариот срндак сега?“
Утката, укајќи, му одговори дека нема поим. Но, Бамби не веруваше во тоа и сметаше дека само не сака да му каже.
„Не“, рече тој, „не ти верувам, премногу си мудра. Ти знаеш сè што се случува во шумата. Мора да знаеш и каде се крие Стариот срндак.“
Утката, која целата беше накострешена, ги измазни своите перје и се смали. „Се разбира дека знам“, гукна малку потивко, „но не би смеела да ти кажам. Навистина не би смеела.“
Бамби почна да ја моли. „Нема да те издадам дека ти си ми кажала. Па, како би можел да го сторам тоа? Премногу те почитувам.“
Утката повторно се претвори во прекрасно сиво клопче и малку ги преврти крупните мудри очи, како што правеше секогаш кога беше во добро расположение. „Навистина ли ме почитуваш толку многу?“ го праша. „Зошто?“
Бамби не се колебаше. „Затоа што си многу мудра“, ù одговори искрено. „А покрај тоа што си мудра, ти си многу пријатна и весела личност. И затоа што толку умешно успеваш да ги исплашиш сите. Тоа е многу мудро. Исклучително мудро. Посакувам јас да умеев да го правам истото, тоа ќе ми беше од голема корист.“
Утката го вовлече клунот во своите перје и блескаше од среќа.
„Па, добро“, рече таа, „знам дека Стариот срндак многу ќе се израдува кога ќе те види.“
„Навистина ли мислиш така?“ извика Бамби, а срцето му се исполни со радост.
„Да, сигурна сум“, одговори утката. „Ќе му биде многу мило што те гледа и затоа мислам дека слободно можам да ти кажам каде е.“
Ги спушти перјето и повторно се смали.
„Го знаеш ли оној длабокиот ендек каде што растат врбите?“
Бамби потврдно кимна со главата.
„А го знаеш ли честакот со млади дабови дрвја на другата страна?“
„Не“, отворено призна Бамби. „Никогаш досега не сум бил на другата страна.“
„Е па, тогаш, слушај ме внимателно“, прошепоти утката. „Таму, на другата страна, има честак со млади дабови дрвја. Ќе поминеш низ него. Потоа има дел со грмушки, лески, бели тополи, глогови и зимзелени грмушки. Среде нив лежи една стара скршена бука. Ќе мораш да ја бараш затоа што не се забележува лесно одоздола како што се забележува одгоре. Таму, под нејзиното стебло ќе го најдеш Стариот. Но, не му кажувај дека јас сум ти кажала.“
„Под стеблото?“ рече Бамби.
„Да“, се исклешти утката. „Под него има дупка во земјата, а стеблото е веднаш над неа. Тој спие под стеблото.“
„Ти благодарам“, искрено одговори Бамби. „Не знам дали ќе успеам да го најдам, но во секој случај сум ти многу благодарен.“ И веднаш се вдаде во трк.
Утката бесшумно леташе по него и почна да ука. „Уј-и-ик! Уј-и-ик!“ Бамби се стресе.
„Те исплашив ли?“ го праша утката.
„Да“, пропелтечи Бамби, овој пат зборувајќи ја вистината.
Утката укна од задоволство и рече: „Само сакав уште еднаш да те потсетам. Не кажувај му дека јас сум ти кажала“.
„Секако дека нема“, ја увери Бамби и продолжи да трча.
Кога Бамби пристигна до ендекот, пред очите на Бамби од длабочината, мрачна како ноќ, се издигна Стариот срндак толку тивко и ненадејно што Бамби повторно се штрекна од страв и се повлече назад.
„Веќе не сум таму каде што тргна да ме бараш“, рече Стариот срндак.
Бамби молчеше.
„Што сакаш од мене?“
„Ништо“, пропелтечи Бамби. „Ништо не сакав. Извинете. Простете.“
По извесно време Стариот срндак повторно прозбори, но овој пат гласот му беше понежен. „Не е првпат да ме бараш“, рече тој.
Чекаше. Но, Бамби повторно не одговори ништо. Стариот срндак продолжи. „Вчера двапати помина многу блиску до мене, а и денеска исто така двапати.“
„Зошто?“ рече Бамби, собирајќи храброст. „Зошто му кажавте така на Гобо?“
„Мислиш ли дека погрешив?“
„Не“, тажно рече Бамби. „Не, мислам дека тоа е вистина.“
Стариот срндак едвај забележливо кимна со главата и го погледна Бамби поблаго од кога било дотогаш.
„Но, зошто?“ рече Бамби. „Не разбирам зошто.“
„Доволно е што го чувствуваш тоа. Ќе разбереш сè еден ден“, рече Стариот срндак. „До видување.“
Наслов: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (5 дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Прочитај го претходните делову од „Бамби. Животот во шумата“.
Прв дел (1 и 2 поглавје).
Втор дел (3 и 4 поглавје).
Трет дел (5, 6, и 7 поглавје)
Четврт дел (8,9,10,11,12 поглавје)
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (6 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (7 дел) | Literatura.mk