Во првото издание на „Остани дома во Астрорум“ гостува нашата врвна пијанистка и педагог Маја Кастратовиќ, која две децении живее и работи во Словенија. Проектот на „Литература.мк“, уредуван и воден од Бранка Костиќ-Марковиќ, „Астрорум“ го прилагоди својот концепт на актуелната ситуација со вирусот корона. Во крајно изолирани и безбедни студиски услови, со обезбедената техничка платформа на продукцијата „Мунлајт“, а со поддршка на програмата ЕУ ЗА ТЕБЕ на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, нашата уредничка Бранка Костиќ-Марковиќ разговара онлајн со своите гости-учесници од цела Европа. Тие преку нивните лаптопи, таблети, мобилни телефони, на многу едноставен начин и без доцнење, и со квалитетна слика и тон, можат да дебатираат, разговараат и разменуваат мислења.
Маја Кастратовиќ е родена 1969 година во Скопје. Основно музичко училиште завршува во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на професорката Слаѓана Јовановиќ, а образованието го продолжува во Русија, во Централното московско музичко училиште ЦССМШA во класата на професорот С. И. Гаджиев. Потоа продолжува да студира на престижниот московски конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, каде и дипломира во 1993 година, во класата на Л. В. Рошина. Потоа во 2002 година ги завршува постдипломските студии во Скопје, во класата на еминентниот руски пијано-педагог Борис Романов.
Маја Кастратовиќ е познат солист и камерен музичар. Како концертна пијанистка има настапувано со Македонската филхармонија изведувајќи ги познатите концерти за пијано на Едуард Григ, Морис Равел, Александар Лековски и Властимир Николовски. Покрај концертните и рециталните солистички претставувања, таа има и бројни камерни настапи, па во нејзината биографија се вброени концерти во Русија (Москва и Санкт Петербург), Англија (Лондон), Италија (Рим, Џенова, Гориција), САД (Чикаго, Њујорк), Канада (Торонто), Чешка (Крумлов), Украина (Киев), Австрија (Грац, Вилач), Словенија (Љубљана, Марибор, Целје), Србија (Белград, Нови Сад), Македонија (Скопје, Битола, Охрид) и др.
Кастратовиќ има настапувано на повеќе престижни меѓународни музички фестивали во Италија, Шпанија, Белгија, Албанија, Црна Гора, како и на домашните „Охридско лето“, „Интерфест“ во Битола, „Скопско лето“ и други.
Добитничка е на многу награди за нејзината уметничка и педагошка работа, меѓу кои и двократна добитничка (за 2011 и 2019 година) на Бернекерјевата награда на градот Словењ Градец за особен придонес на полето на културата и педагогијата.
Во периодот од 1996 до 2011 година, Маја Кастратовиќ работи како професор по пијано во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а од 2011 година до денес живее и работи како професор по пијано и корепетиција во музичките училишта во Словењ Градец и Словенске Коњице во Словенија. Нејзините ученици се добитници на бројни домашни и меѓународни награди на натпревари во Чешка, Италија, Србија, Словенија, Македонија и др.
Таа е долгогодишен член на дуото виолина и пијано со виолинистката Сихана Бадивуку, од 2016 настапува со камерното трио „Трио Фонос“ („Trio Phonos“), а од лани бележи успешни настапи со камерниот состав „Медиас Рес“ („Medias Res“). Исто така, таа соработува и со многу други музичари како пијано придружник и повремен член на други различни камерни формации.
Маја Кастратовиќ е сопруга на истакнатиот македонски актер Александар Чамински и мајка на 14-годишната Амадеа.