Aвторката на книгата „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“, Билјана Велковска, вели дека „кога активностите и движењето ни се ограничени, постои магична алатка за патување ‒ книгата“.
‒ Патувајте каде сакате – во различни епохи, на други планети, во туѓи љубовни приказни и судбини, во области на науката за кои не знаете речиси ништо, во универзумите што талентот на авторот ги скроил и обоил со својата душа. Останете во добро здравје и пријатно „патување“ во светот на книгите ‒ вели Велковска, која ни ја испрати својата топ 5 листа со книги од „Литература.мк“, кои ги препорачува за време на изолацијата. Нагласува дека редоследот е случаен, и дека сите книги од списокот подеднакво ги препорачува.
-
„Quo Vadis“ од Хенрик Сјенкевич
Исклучителниот роман „Quo Vadis“ од полскиот нобеловец Хенрик Сјенкевич, еден од класиците на историската проза. Книгата што ќе ве одведе во Рим за време на императорот Нерон. Во раскошен стил раскажува за почетокот на смртта на една голема империја, зачнувањето и првите чекори на една тогаш мала секта ‒ христијанството.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
2. „Светлината на Сатурната“ од Кристина Димовска
Доколку сте тинејџери или сакате да се чувствувате така, а згора на тоа сте и фан на епската фантастика, тогаш ѕирнете го светот што за читателите го креира Кристина Димовска во нејзиното дело „Светлината на Сатурната“. Сместен на двомеѓето меѓу видливиот свет на Земјата и фантастичниот свет на Сатурната, романот „Светлината на Сатурната“ постепено навлегува во приказната на средношколката Адора, која тргнува на патување со нејзините соученици и кој без никакво предупредување ќе се најде во кралството на Сатурната. Таму, во земјата наречена Сатурната, се води долга војна меѓу Орхидите, владетелите на кралството на Светлината и поданиците на Мат-уруус, земја на север од кралството. Адора станува дел од приказната на Сатурната и нејзината судбина, а дејството постепено ја открива нејзината улога не само во војната туку и во животите на сите оние што ќе ги запознае во кралството. Преку живописни описи полни со егзотични мириси и бои, овој роман, иако жанровски е определен како епска фантастика, загатнува низа прашања што го тангираат современиот читател; тоа се прашања што се однесуваат на границата меѓу стварното и имагинарното, свеста и потсвеста, идентитетот, моралните вредности и нивното побивање или прекршување.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
3. „Пабло Неруда: страст за животот“ од Адам Фајнстајн
За љубителите на поезијата го препорачувам ретко кога надминатиот лиричар Пабло Неруда, а паралелно со неговата поезија и неговата биографија од Фајнстајн „Пабло Неруда: страст за животот“, што содржи интервјуа со блиските пријатели и роднини на Неруда.
Повеќе од триесет години по смртта на Пабло Неруда неговата поезија продолжува да се чита низ целиот свет. Се движи во огромен опсег – од лиризмот на Дваесет љубовни песни и една безнадежна до епската широчина на Сеопшта песна. Малкумина добитници на Нобеловата награда уживаат толку широка и трајна популарност. Во оваа прва авторитетна биографија која излегува на англиски јазик, Адам Фајнстајн изложува информативни интервјуа со најблиските пријатели, соработници и живи роднини на поетот, како и новооткриени документи. Го следи животот на Неруда од неговото болежливо детство во Чиле, преку политичкиот ангажман и книжевна слава, па сè до неговата смрт во 1973 г. во деновите на пучот кој го донесе Пиноче на власт. Оваа биографија е прв потполн и живописен портрет на човекот чиј драматичен живот, динамична поезија, посветеност кон социјалната правда и животна радост го чинат неговиот живот симбол на целиот дваесетти век.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
4. „Облачињата кои не сакаа да плачат“ од Билјана С. Црвенковска
Особено за родителите на помалите деца, топло ја предлагам богато илустрираната книга „Облачињата кои не сакаа да плачат“ што преку приказна поучува колку е важно да се изразуваат чувствата – и оние пријатните и помалку пријатните зашто само тоа води до баланс и мир. Сликовницата од авторката Билјана С. Црвенковска, а со илустрации од Марта Поп Антоска, раскажува поучна приказна за веселите облачиња. Тие биле толку среќни и разиграни, што немале причина да заплачат. Кога ги прекорил директорот на училиштето за облачиња, тие не можеле да разберат зошто треба да плачат? Нивното неплачење им донело тага на другите. Солзите на облачињата се всушност дождовните капки, што им се потребни на растенијата, животните и луѓето. Дознајте што ќе се случи откако облачињата ќе видат дека сите се тажни.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
Погледнете го видеото со интерпретацијата на оваа книга.
5. „Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно
Повеќе за балансот и мирот, како и совети до таму, дава зен-будистичкиот свештеник Шунмио Масуно во „Уметноста на едноставното живеење: 100 секојдневни вежби од јапонски зен-монах“, кој ќе ве научи како да се чувствувате порелаксирано, поисполнето и поспокојно. Преку јасни, практични и лекции што се учат лесно – по една на ден во текот на сто дена – Масуно евоцира мудрост стара со векови за да ви покаже како да ја применувате суштината на зен-будизмот во модерното живеење. Тука ќе научите како длабоко да издишувате за да ги исфрлите негативните емоции, како да го средувате својот дом едноставно, што ќе ви помогне да ги расчистите вашите мисли, да ги подредувате обувките навечер за да внесете ред во вашиот ум, да засадите едно цвеќе и да гледате како расте, помалку да се грижите за она што не можете да го контролирате и уште многу други нешта… Дури и ќе си создадете време за да не размислувате за ништо. Поедноставете си го животот со уметноста на зен-будизмот и научете како да се чувствувате порелаксирано, поисполнето и со обновено чувство на мир и спокој.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.