Еден ден прочитав книга што целосно ми го смени животот. Уште на првите страници толку ме обзеде нејзината сила, што си го почувствував телото како ми се одделува и ми се оддалечува од столот на кој седев додека ја читав книгата, која беше распослана на масата пред мене. Иако чувствував како моето тело да се дистанцира, моето битие во својата целосна форма остана толку концентрирано на таа маса што книгата си го изврши своето влијание не само врз мојата душа туку и врз секој аспект од мојот идентитет. Влијанието беше толку силно што светлината што блескаше од страниците ми го осветлуваше лицето; таа светлина ми го заслепи умот, но во исто време му даруваше беспрекорна јасност. Оваа светлина беше од тој вид со кој можев да се пронајдам себеси одново; можев да застранам од патот со оваа светлина; во неа веќе го почувствував присуството на сенки од некое древно постоење што допрва требаше да го откријам и да го прифатам. Седев на масата прелистувајќи ги страниците, а умот одвај ми беше свесен дека додека читам, животот буквално ми се менува со секој изминат збор. Се чувствував толку неподготвен за тоа што ме снајде и толку беспомошен што по некое време инстинктивно го тргнав лицето настрана, небаре да се заштитам од моќта што се излеваше од тие страници. Со страв во себе станав свесен дека и светот околу мене целосно се менува и ме обзеде чувство на осаменост какво што никогаш претходно не сум доживеал – како да бев заталкал во некоја земја каде што не знаев никого, ниту просторот, ниту јазикот, ниту обичаите.
Уште посилно се врзав за книгата кога се соочив со безнадежноста што ми ја донесе тоа чувство на изолација. Не постоеше ништо, освен книгата што можеше да ми открие што да правам, во што да верувам и на што да посведочам и по кој пат ќе тргне мојот живот во новата земја во која се најдов себеси. Продолжив да читам вртејќи ги страниците како да читав прирачник што требаше да ме води низ ова чудно и диво место. Како да сакав да кажам: „Помогни ми, помогни ми да најдам нов живот, без несреќи и неволи“. А сепак, знаев дека и новиот живот е изграден врз основа на зборови во прирачникот. Читав збор по збор обидувајќи се да си го најдам патот, но во исто време си градев фантазии, кои, сигурно, ќе направат да го изгубам вистинскиот пат.
Книгата беше на масата, а додека светлината од неа се одбиваше од моето лице, се чинеше слична на другите познати нешта во собата. И додека со радост и со чудење ја прифатив можноста за постоење нов живот во новиот свет пред мене, бев свесен дека книгата што ми го смени животот на толку интензивен начин е, всушност, нешто сосема обично. Мојот ум постепено ги отвораше своите врати и прозорци за чудата од новиот свет што ми ги ветуваа зборовите, а јас размислував за случајноста што ме доведе до книгата. Но, сеќавањето беше само површна слика, која не се втисна подлабоко во мојата свест. Додека продолжував да читам, некој страв што го чувствував ме тераше да се навратам на таа нецелосна слика: новиот свет што ми го откриваше книгата беше толку вонземски, толку чуден и вџасувачки што чувствував потреба, на некој начин, да се врзам со сегашноста.
Имено, ме обзеде страв дека ако го кренам погледот од книгата и погледнам низ собата, кон орманот и креветот, или ако погледнам низ прозорецот, светот што ќе го видам нема да биде тој што го знаев. Овој страв силно ме кочеше.
Минутите и страниците летаа едни по други, возовите поминуваа во далечината, слушнав како мајка ми излезе папак се врати; ја слушав секојдневната врева на градот, ѕвончето од продавачот на јогурт, кој помина пред вратата, моторите на автомобилите, сите звуци што ги познавав ми се чинеа непознати. За миг помислив дека надвор истура дожд, но се покажа дека тоа биле само гласовите на девојчиња што скокаа на јаже. Ми се причини како времето да се разубави, иако слушав како на прозорецот удираат ситни капки дожд. Ја прочитав следната страница, и следната и сите други. Видов светлина што се пробиваше од прагот на друг свет. Го видов тоа што досега го знаев и тоа што не го знаев. Го видов својот живот и патот по кој мислев дека тој ќе се движи…
Извадок од книгата: „Нов живот“ од Орхан Памук
Едиција: Современи класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата може да се нарача онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Кликнете тука за да го прочитате извадокот од „Белата тврдина“ од Орхан Памук.
Кникнете тука за да го прочитајте извадокот од „Истанбул: Сеќавањата и градот“ од Орхан Памук.