Поглавје 14
Господин Вили Вонка
Господинот Вонка стоеше сам на работ на отворените порти.
Какво неверојатно човече беше тој!
Имаше црн цилиндар на главата.
Носеше фрак од прекрасно кадифе со боја на слива.
Панталоните му беа зелени како шише.
Ракавиците што ги носеше беа бисерно сиви.
Во едната рака држеше прекрасно изработен
бастун со позлатена рачка.
Подбрадокот му го покриваше мала и уредно средена шилеста брада. А очите − очите му беа неверојатно светли. Се чинеше како без престан да светкаат и да трепкаат. Всушност, цело лице му беше озарено со забава и смеа.
И колку само умно изгледаше! Колку брзо и остроумно, целиот полн со живот! Не престануваше да прави мали грчовити движења со главата, подавајќи ја де ваму де таму, впивајќи сè со светлите и трепкави очи. Движењата му беа брзи како на верверица, како на оние брзи умни стари верверици во парковите.
Одеднаш тој изигра еден танц во снегот и ги рашири рацете, насмевнувајќи се во правец на петте деца кои стоеја веднаш до портата и извика: „Добре дојдовте, мои мали пријателчиња! Добре дојдовте во фабриката!“
Гласот му беше висок и пискав. „Пристапете, ве молам, еден по еден“, рече потоа, „земете ги и вашите родители со вас. Потоа покажете ми го вашиот златен билет и кажете ми го вашето име. Кој е прв?“
Прво пристапи големото дебело момче. „Јас сум Август Глуп“, рече тој.
„Август!“ извика господин Вонка, фаќајќи го за рака и протресувајќи му ја силно горе-долу. „Здраво, момче мое, здраво! Колку ми е мило што те гледам! Прекрасно! Извонредно! Добре дојде, добре дојде! А ова се твоите родители? Колку прекрасно! Влезете! Слободно! Така, така! Минете низ портата, да…“
Немаше сомнение дека и господинот Вонка беше возбуден како и сите други.
„Моето име“, рече следното дете што истапи, „е Верука Солт.“
„Драга моја Верука! Како си ми − добра? Какво задоволство! Имаш многу интересно име, нели? Јас, пак, отсекогаш мислев дека ’верука‘ е назив за некаков израсток, за некаква брадавица што ти се појавува на табанот! Но, мора да грешам, нели?! И колку само убаво изгледаш во тоа прекрасно палто од ласица! Многу ми е мило што дојде! Боже, боже − кооолку само интересен ден ќе биде ова! Се надевам дека ќе уживаш! Сигурен сум во тоа! Поточно − знам дека ќе уживаш! Твојот татко? Како сте, господине Солт? И госпоѓата Солт? Задоволството е мое! Да, в ред, билетот е сосема в ред! Влезете, ве молам, влезете!“
Следните две деца, Вајолет Борегард и Мајк Тиви, исто така, пристапија со билетите и ним рацете им беа, што се вели, речиси откорнати од рамената од енергичниот господин Вонка.
И, на крајот, последен се слушна еден мал и речиси безгласен срамежлив глас, „Чарли Бакет.“ „Чарли!“ повтори по него погласно господин Вонка. „Види, види, види… Значи, ти си тој! Ти го најде билетот дури вчера, нели? Да, да… Прочитав во утринските весници! Па − точно навреме, драго момче! Многу ми е мило! Се радувам за тебе, навистина! А овој човек? Твојот дедо? Мило ми е, драг господи- не, многу ми е мило! Воодушевен сум! Маѓепсан! В ред! Одлично! Дали влегоа сите? Пет деца? Да! Добро! А сега, ќе ве молам, следете ме! Сега почнува нашата прошетка по фабриката! Но, ве замолувам, бидете блиску еден до друг! Значи − не напуштајтe ја групата и не скитајте сами! Не би сакал да се случи да загубам некој од вас во овој стадиум на процесот! Никако, никако!“
Во тој миг Чарли погледна назад и виде како зад него полека се затвораат големите железни порти на влезот. Надвор толпата сè уште се туркаше и викаше. Чарли ги погледна последен пат. А кога портите се затворија со ѕвекот што одекнува, од погледот му се изгуби и сиот надворешен свет.
„Значи − овде сме!“ извикна господин Вонка, чекорејќи забрзано пред групата. „Низ оваа голема црвена врата, ве молам! Да, токму така, таму! Внатре е пријатно и топло! Во фабриката мора да биде секогаш топло, поради работниците. Знаете, моите работници се навикнати на екстремно топла клима! Тие воопшто не поднесуваат студено! Тие, едноставно, би исчезнале − би испариле − кога сега би излегле надвор, на вакво време! Би измрзнале до смрт!“
„А кои се тие работници?“ праша Август Глуп.
„Сè во свое време, момче мое!“ му рече господин Вонка низ насмевка на Август. „Трпение! Ќе видиш сè, само биди трпелив! Дали сите сте внатре? Добро! Ќе сакате ли да ја затворите вратата? Благодарам!“
Чарли Бакет забележа дека се наоѓа во еден долг ходник што изгледаше како бескрајно да се протега пред него. Ходникот беше толку широк, така што внатре можеше лесно да собере и автомобил. Ѕидовите беа бојосани во светлорозова боја, а осветлувањето беше меко и пријатно.
„Колку прекрасно и топло!“ шепна Чарли.
„Да, навистина. И каква прекрасна миризба!“ возврати дедо Џо, вдишувајќи долго и длабоко. Во воздухот што ги опкружуваше како да беа помешани сите најпрекрасни мириси во светот − мирисот на печено кафе и на прегорен шеќер и на стопена чоколада и на нане и на темјанушки и на мелени лешници и на јаболков цвет и на карамела и на кора од лимон…
А од некаде далеку, од срцето на големата фабрика, се слушна придушен звук на ослободување огромна енергија, како некаква монструозна гигантска машина да ги пушташе во погон своите запчаници со огромна брзина.
„Ова, драги деца…“ рече господин Вонка, надгласувајќи ја бучавата со гласот, „ова е главниот ходник. Ве молам, закачете ги палтата и капите на оние закачалки онаму и потоа тргнете по мене. Патот е наваму. Добро! Сите подготвени? Тогаш − ајде! Одиме!“
И забрзано тргна по ходникот, со краевите од неговиот кадифен фрак со боја на слива размавтани заднего, по што и посетителите веднаш побрзаа по него.
Кога ќе погледнеш, групата луѓе воопшто не беше мала. Имено, стануваше збор за девет возрасни и пет деца или вкупно четиринаесет лица. Оттука, може лесно да претпоставите дека сето тоа не можеше да мине без турканици додека се минуваше низ преминот, особено поради тоа што сите мораа да држат чекор со нивниот брзоног водич. „Ајде, ајде!“ викаше по нив господин Вонка. „Побрзо малку, побрзо, ве молам! Денеска нема никогаш да завршиме ако продолжите вака да се влечкате!“
Набрзо потоа скршна од главниот ходник десно, кон еден друг, малку потесен ходник.
Потоа сврти лево.
Потоа повторно лево.
Потоа десно.
Потоа лево.
Потоа десно.
Потоа повторно десно.
Потоа лево.
Целото место личеше на некаква џиновска зајачка дупка, со премини и ходници што водеа наваму-натаму во сите правци и насоки.
„Никако немој да ми ја пушташ раката, Чарли“, шепна дедо Џо.
„Забележувате ли дека сите овие премини и ходници водат надолу?“ праша гласно господин Вонка. „Сега одиме под земја! Сите најважни соби, простории и погони во мојата фабрика се наоѓаат длабоко под површината!“
„А зошто?“ праша некој.
„Затоа што горе, на површината, нема ни одблиску доволно место за нив!“ Гласеше одговорот на господин Вонка. „Просториите што сега ќе ги посетиме се огромни! Кога велам огромни, мислам поголеми од фудбалски игралишта! Не постои зграда во светот во која би можело да се сместат! Но, овде, под земјата, го имам сиот простор што може да го посакам и што би можел да ми биде потребен. Нема граници − сè што треба да направам е да го испразнам.“
Потоа господин Вонка сврти десно.
Потоа лево.
Потоа повторно десно.
Премините што водеа надолу стануваа сè потесни и потесни.
И одеднаш господин Вонка запре. Пред него беше испречена сјајна метална врата. Групата се собра околу него. На вратата, со големи букви, пишуваше: ЧОКОЛАДНА СОБА
Извадок од книгата: „Чарли и фабриката за чоколади“ од Роалд Дал
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.