Препораки од Даниел Бибовски – кои книги да ги прочитате за време на #СедиСиДома

Авторот на утопискиот научно-фантастичен роман „Архангел – Ослободување на ѕверот“, Даниел Бибовски, со своја листа од шест книги во издание на „Арс Ламина“, се приклучува кон акцијата за поттикнување на читањето за време на домашната изолација. Во неговата листа на изданија од „Литература.мк“ се најдоа романи, бестселери, мотивациски книги и изданија со совети за поквалитетен живот.

1. „Истанбул“ од Орхан Памук

Романот „Истанбул“ е прекрасен омаж, каков што и му прилега на овој голем град. Евокативна и документаристичка, автобиографска и историска, Орхан Памук во оваа книга пишува прекрасна „песна“ за градот во кој се родил и во кој сè уште живее и пишува. Тој ни раскажува за детството, за елитното средно училиште, за архитектонскиот факултет, за неговите родители и омилената баба, но истовремено зборува и за сликарот Мелинг и неговите прекрасни слики на Истанбул, за патописите на Нервал, Готје и Флобер и, секако, за прекрасниот Босфор. Перспективата постојано се стеснува и сe проширува и никогаш не е здодевна, зашто меланхоличниот хузун, што ги обвива страниците на оваа книга, ни зборува еднакво на сите – иако не живееме во Истанбул.
Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

2. „Мала книга за Хиге“ од Мајк Викинг

За Данска често се вели дека е најсреќната земја во светот. А тоа се сведува на една работа – хиге. Хиге се преведува на најразлични начини, од уметност на создавање блискост, преку пријатна душевна удобност, па до црпење задоволство од присуството на смирувачки нешта. А мојот омилен опис е – какао под светлина од свеќи… Кога ќе го почувствуваш она што се нарекува хиге, едноставно го знаеш тоа. Тоа е она кога си стуткан на каучот со саканата личност или кога јадеш заедно со најблиските пријатели. Тоа се оние јасни сини утра кога светлината што ти влегува низ прозорецот е токму онаа вистинската. А никој не може да ти биде подобар водич за сето она што се подразбира под хиге од Мајк Викинг. Мајк е генерален директор на Институтот за истражување на среќата во Копенхаген и има поминато многу години во проучување на магијата на данскиот начин на живот. Почнувајќи од изборот на вистинското осветлување и сè околу планирањето забава, преку создавањето комплет за хиге прва помош, па дури и во однос на изборот на облека, оваа прекрасна и инспиративна книга на Мајк ќе ти помогне да бидеш по-хиге.
„Мала книга за хиге“ е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

3. „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон

Во оваа книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не нè замајува со глупости од типот дека треба постојано да се обидуваме да бидеме „позитивни“, за навистина да станеме подобри и посреќни луѓе. Веќе со децении ни се сервира тезата дека позитивното мислење е она клучното што води кон среќен и исполнет живот. Но, Марк Менсон вели: „Море, кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“. На неговиот многу популарен блог на интернет, Менсон ниту ја бојадисува стварноста во розово, ниту ја заобиколува. Тој ги изложува работите токму онакви какви што се, што е една вистинска доза необработена, свежа и искрена вистина – нешто што денес навистина ни недостига.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

4. „Одвеано од виорот“ од Маргарет Мичел


Приказната на оваа историска романса е сместена во округот Клејтон и во Атланта, Џорџија, за време на Американската граѓанска војна и подоцнежниот период на Реконструкција, а е раскажан од гледна точка на робовладетели на плантажа на американскиот Југ. Иако за Американската граѓанска војна и за нејзините последици се напишани многу романи, ниту еден од нив не го воведува читателот во историјата на Југот и во трагедијата на војната на начин како што тоа го прави „Одвеано од виорот“. Преку судбините на двата главни лика, своеглавата и неодолива Скарлет О’Хара и шарамантниот и презрен Рет Батлер, Мичел напиша безвременска приказна за опстанокот во најтешките услови и ги создаде едни од најпознатите љубовници на сите времиња. Истоимената филмска верзија со Вивиен Ли и Кларк Гејбл во главните улоги, која исто така доживеа огромен успех и важи за еден од најпопуларните филмови на сите времиња, е снимена само три години подоцна. Во 1940 година филмот доби дури осум „Оскари“.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

5. „Моите изуми“ од Никола Тесла

Малку луѓе во историјата дале толкав придонес кон погодностите на современото секојдневие како Никола Тесла. Неговите дела овозможиле електричната енергија да допре до сите катчиња на нашата планета, а нејзината примена да експлодира во безброј области на човековиот живот – процес кој речиси незапирливо продолжува долги години по неговата смрт. Оставината на Тесла е богата, секогаш актуелна и неисцрпен извор на инспирација. Но, и покрај тоа што влијанието на Тесла е толкаво што е речиси невозможно да се исцрпат епитетите, неговата застапеност во јавниот дискурс е изненадувачки мала, особено во западната културна сфера. Оваа автобиографија дава увид во фасцинантниот внатрешен свет на еден од најголемите гении, но притоа на разбирлив јазик зборува и за техничката природа на неговите изуми. Правејќи го тоа, Тесла на посреден, но уверлив начин ни ја презентира својата визија за еден подобар, поправичен и помирен свет, чија благосостојба не е нуспроизвод на борбата за профит, туку е резултат на искрената, автентична желба за подобар живот на сите, без очекување награда.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

6. „Зошто јас ?“ од Мартин Јованоски

„Зошто јас?“ е прашање што секој од нас си го поставил во одреден момент од животот. Во потрагата по одговорите се насетуваат два избора: тешките искуства за некого ќе бидат нешто што само ќе го преживее, а за некој друг ‒ нешто што ќе го врати во живот. Да се напише оваа книга е да се допре душата на секој од нас, но и личен терапевтски процес. Ставањето на хартија на нашите искуства и доживувања е навистина лековито искуство. Моментот во кој тие ќе заиграат пред нашите очи и ќе ја прочитаме својата приказна е момент во кој сме си ја дозволиле ранливоста, сме го скротиле егото и сме ѝ дале светлина на внатрешната реалност. Тој момент е истовремено и моќен, бидејќи само од позиција на препознавање на својата вистина и љубов за себе можеме да го исцелиме она што боли. За сите вас кои сте ја запознале анксиозноста, ова четиво ќе ви биде вистински скапоцено, бидејќи ќе станете свесни дека не сте осамени во тоа искуство. Таа доаѓа во повеќе форми и може да зборува на различни јазици, но секогаш претставува покана за една поинаква средба со себеси.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.