„Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (четврт дел)

ГНОМОТ

I

 

Девојките од местото се враќаа кон мостот со ѓумовите на глава, се враќаа пеејќи и смеејќи се со една бука и врева што само можат да се споредат со весело дрдорење на група ластовички кога се превртуваат тешки како град околу ветроказот на една камбанарија.

На тремот од црквата, седнат под една смрека беше чичко Грегорио. Чичко Грегорио беше најстаричок во местото: имаше околу деведесет Божиќи, бела коса, насмеана уста, весели очи и раце што се тресат. Како дете бил овчар, како млад војник; потоа одгледувал мал имот, наследство од татковците, додека на крај не му опаднале силите и се почувствувал мирен да ја почека смртта, од која не се ниту плашел ниту ја посакувал. Никој не раскажуваше анегдоти со поголема благодат од него, ниту знаеше приказни поневеројатни, ниту ù даваше на приказната толку навремено една поговорка, пресуда или пословици.

Девојките, штом го видоа, забрзаа од желба да одат да му зборуваат и кога стигнаа на тремот, сите почнаа да го молат да им раскаже една приказна со која ќе го поминат времето додека не падне ноќта, што не беше многу, зашто сонцето што заоѓаше, по пат ја повредуваше земјата, а сенките од планините се ширеа на моменти на долго по низината.

Чичко Грегорио го слушаше насмеан барањето на девојките, кои, штом го добија ветувањето дека ќе им раскаже нешто, ги оставија ѓумовите на земја и седнувајќи околу него, формираа круг, во чиј центар остана стариот, кој почна да им зборува вака:

– Нема да ви раскажам приказна зашто иако паметам неколку сега, не се однесуваат на толку сериозни работи што ниту вие, што сте умислени ќе ми обрнете внимание за да ги слушнете, ниту мене, како што напреднало пладнето, нема да ми остане време да ви ги раскажам. Наместо тоа ќе ви дадам еден совет.

– Совет! – викнаа девојките нерасположено. – Пу! Не застанавме да слушаме совети; кога ќе ни притребаат, ќе нè советува свештеникот.

– Можеби – продолжи старецот со вообичаената насмевка и испрекинатиот и треперлив глас – свештеникот не би знаел како во оваа толку погодна пригода, како што може чичко Грегорио; зашто тој, зафатен со молитвите и литаниите, не можел, како мене, да види дека секој ден одите по вода на изворот сè порано и се враќате сè подоцна.

Девојките се погледнаа меѓу себе со незабележлив потсмев: а некои што беа сместени зад нив се допираа за челото со прст, придружувајќи се на акцијата со симболичен гест.

– А што лошо гледаш во тоа што застануваме на мостот и зборуваме некое време со пријателки и сосетки?… – рече една од нив – Зарем се слушаат муабети на местото дека момчињата излегуваат на пат да ни фрлат цвеќиња или доаѓаат да се понудат за да ни ги носат ѓумовите до влезот на селото?

– Има од сè по нешто – ù одговори старецот на девојката што му ги упати зборовите во име на своите придружнички – Стариците од местото шепотат дека денес одат девојките да лудуваат и да се забавуваат на едно место од каде што доаѓаа набрзина и со тресење да се напијат вода, зашто само оттаму може да се донесе; а мене не ми се допаѓа тоа што малку по малку го губите стравот што се буди кај сите од местото каде што се наоѓа изворот, зашто може да се случи некогаш да ве изненади ноќта во него.

Чичко Грегорио ги изговори последниве зборови толку мистериозно, што девојките ги ококорија очите толку уплашени за да го гледаат, и со љубопитност помешана со исмевање пак навалија:

– Ноќта! Па што се случува навечер на тоа место, што правите толкава врева и со толку плашливи и мрачни зборови ни зборувате за тоа што таму може да нè снајде? Зарем ќе нè изедат волците?

– Кога Монкајо се полни со снег, волците, стуткани од своите дувла се спуштаат во глутници по неговата падина, и не еднаш сме ги слушнале како завиваат во стравотен концерт, не само околу изворот туку и на самите улици од местото; но волците не се најужасните домаќини на Монкајо: во нејзините длабоки бездни, во нејзините осамени и груби врвови, во нејзините шупливи гради, живеат едни ѓаволести духови што во текот на ноќта слегуваат по нејзините падини како рој, и го населуваат празното, и ја преполнуваат низината и скокаат од камен на камен, си играат меѓу водите или се лулаат на голите гранки од дрвјата. Тие завиваат од пукнатините на карпите; тие ги прават и ги туркаат огромните снежни топки што паѓаат во круг од високите врвови и прегазуваат и напластуваат што и да најдат пред себе; оние што ги напаѓаат со град нашите мразулци во дождливите ноќи и трчаат како сини и лесни пламени врз купот мочуришта. Меѓу овие духови што, фрлени меѓу низините од благословите и егзорцизмите на Црквата, отишле да се засолнат во непристапните сртови на планините, ги има од различна природа и пред нашите очи се претвораат во различни форми. Најопасните, сепак, што со слатки зборови навлегуваат во срцата на младите и ги заслепуваат со неверојатни ветувања, се гномовите. Гномовите живеат на влезовите од планините; им ги знаат подземните премини и вечните чувари на богатствата што ги кријат, бдеат ден и ноќ покрај изворите од метали и скапоцени камења. Гледате? – продолжи старецот покажувајќи со стапот што му беше поддршка кон врвот од Монкајо, што се издигаше од негова десна страна, истакнувајќи се темна и огромна врз виолетовото и магловито небо од самракот – го гледате оној огромен куп уште крунисан со снег? Па, во неговите гради им се живеалиштата на тие ѓаволести духови. Палатата во која живеат е ужасна и величествена истовремено.

Пред многу години еден овчар, следејќи едно залутано животно, влегол преку устата на една од тие пештери, чии влезови ги покриваат густи грмушки и чиј крај не го видел никој. Кога се вратил во местото бил блед како мртовец; им ја открил тајната на гномовите; ја подишал нивната отровна атмосфера и платил за смелоста со животот; но пред да умре кажал неверојатни работи. Одејќи по таа пештера напред, пронашол на крајот некакви подземни и огромни галерии, осветлени со сомничав и фантастичен пламен, произведен од флуоресцентноста на карпите, таму слични на големи парчиња кристал преполни со илјадници каприциозни и чудни форми. Подот, сводот и ѕидовите на тие долги салони, дело на природата, изгледале шарени како најбогатите мермери; но жилите што ги прекрстувале биле од злато и сребро, а меѓу тие светкави жили се гледале како вградено мноштво од скапоцени камења од сите бои и величини. Таму имало хијацинти и смарагди во изобилие, и дијаманти и рубини и сафири и што знам јас, многу други непознати камења што тој не знаел да ги именува; ама толку големи и прекрасни што очите му се заслепиле кога ги гледал. Никаков надворешен шум не стигал до дното на фантастичната пештера; само на моменти се гледале долги и жални цимолења од воздухот што се протегал по оној воодушевувачки лавиринт, еден збунувачки шум од подземен оган што вриел под притисок, и жуборења на течни води што поминуваат без да се знае каде.

Овчарот, сам и загубен во таа огромност, одел не знам колку часа без да го најде излезот, додека на крај не наишол на врутокот на изворот чиј жубор го слушал. Овој извирал од земјата како прекрасна фонтана, со скок од вода крунисан со пена, што паѓал правејќи ефектен водопад и произведувајќи звучен шепот како што се оддалечувал меѓу пукнатините од карпите. Околу него растеле некои растенија какви што никогаш не биле видени, едни со широки и тешки лисја, други тенки и долги како лебдечки ленти. Затскриени во тоа влажно зеленило, поминувале едни чудни суштества, помалку луѓе, помалку рептили, или и двете истовремено, па се претворале постојано, час изгледале како човечки суштества, деформирани и малечки, час како светли саламандери или минливи пламени што играле во кругови врз врвот на изворот. Таму, затресени во сите насоки, трчајќи по земјата како одвратни и изобличени џуџиња, искачувајќи се по ѕидовите, лигавејќи се и виткајќи се во форма на рептили или играјќи како умислени огнови врз површината на водата, одеа гномовите, господарите на тие места, пеејќи и мешајќи ги своите прекрасни богатства. Знаат каде скржавците ги чуваат богатствата што залудно подоцна ги бараат наследниците; го знаат местото каде што Маварите, пред да побегнат, си го криеле накитот; и скапоценостите што се губат, парите што залутуваат, сè што има некаква вредност и исчезнува, тие го бараат, го наоѓаат и го крадат, за да го скријат во своите дувла, зашто тие знаат да го изодат целиот свет под земја и по тајните и непознати патишта.

Таму имале натрупано на куп секакви ретки и скапоцени предмети. Имало накит од непроценлива вредност, синџири и ѓердани од префинети бисери; амфори од злато во прастара форма, полни со рубини; изрезбани форми, богати оружја, монети со бисти и невозможни легенди за разбирање и дешифрирање; богатства, на крај, толку невидени и безбројни, што фантазијата едвај може да ги замисли. И сè светело истовремено фрлајќи искри во бои и едни толку живи одрази, што изгледало како сè да гори и да се движи и да трепери. Барем, овчарот кажа дека така му се сторило.

Кога се врати, старецот застана за миг: девојките, кои почнаа да ја слушаат приказната на чичко Грегорио со потсмевлива насмевка, тогаш негуваа длабока тишина, чекајќи да продолжи, со исплашени очи, усните лесно подотворени и љубопитноста и интересот нацртани на лицето. Една од нив конечно ја скрши тишината и рече без да може да се воздржи, возбудена кога го слушна описот на неверојатните богатства што му се нуделе пред очите на овчарот:

– И што, не понел ништо од тоа?

– Ништо – одговори чичко Грегорио.

– Каков будала! – кажаа во еден глас девојките.

– Небото му помогнало во трансот – продолжи старецот – па во тој момент кога алчноста, која надминува сè, почнала да му го отфрла стравот, и халуцинирајќи ги тие богатства, од кои само едно би било доволно да го направи моќен, овчарот ќе земел неколку, вели дека слушнал восхитувај се на успехот! Го слушнал јасно и далечно во тие длабочини, и покрај кикотењата и гласовите на гномовите, на жариштето на подземниот оган, жуборењето на проточните води и жалењата на воздухот, го слушнал, велам, како да бил на подножјето на ридот на кој се наоѓал, бранувањето на камбаната што се наоѓа во ермитажот на Нашата Богородица од Монкајо.

Кога ја слушнал камбаната што чукала Аве Марија, овчарот паднал на земја повикувајќи ја Мајката на Нашиот Господ Исус Христос, и без да знае како, ниту каде се нашол надвор од тие места, и на патот што води кон селото, фрлен на една патека и брана од големо изненадување, како да излегол од сон.

Оттогаш му се објасни на целиот свет зошто изворот на местото понекогаш носи меѓу водите нешто како префинет златен прав; и кога доаѓа ноќта, во бучавата што ја произведува, се слушаат збунувачки зборови, измамнички зборови со кои гномовите што ја загадуваат од нејзиното раѓање сакаат да ги заведат наивните што ги слушаат, ветувајќи им блага и богатства што ќе бидат нивна осуда.

Кога чичко Грегорио стигна до таа точка на приказната, ноќта веќе беше навлегла и камбаната од црквата почна да ги отчукува молитвите, шепотејќи една Аве Марија тивко, и потоа откако се поздравија со чичко Грегорио, кој ги сопре за да ги посоветува да не губат време на изворот, секоја си го зеде ѓумот и сите заедно излегоа тивки и загрижени од предворјето на црквата. Веќе далеку од местото на кое го сретнаа старчето, а кога стигнаа на плоштадот од местото каде што ќе се разделат, најрешителната и најодлучната од нив рече:

– Верувате воопшто во нешто од глупостите што ни ги раскажа чичко Грегорио?

– Јас не! – рече една.

– Ниту јас! – рече друга.

– Ни јас! Ни јас! – повторија останатите, исмевајќи се со смеа на нивната лековерност за момент.

Групата од девојки се разотиде оддалечувајќи се секоја кон краевите од плоштадот.

Потоа, штом свртеа зад аглите од различните улици што доаѓаа да се сретнат на тоа место, две девојки, единствените што уште не ги прикажаа усните за да се побунат со своите исмевања за веродостојноста на чичко Грегорио, и кои загрижени за неверојатната приказна изгледаа занесени во своите мисли, заминаа заедно и со нивната бавност на расеани луѓе, по еден темен, тесен и кривулест сокак.

Од двете девојки, постарата, која личеше како да има дваесетина години, се викаше Марта; а, помалата, која уште немаше наполнето шеснаесет, Магдалена.

По пат, двете уста не отворија; ама кога стигнаа до прагот од својот дом и ги оставија ѓумовите на каменото место на преминот, Марта ù рече на Магдалена: – А ти веруваш во чудата од Монкајо и во духовите од изворот?… – Јас – одговори Магдалена скромно – јас верувам во сè. Ти зарем се сомневаш? – Ах, не! Побрза да ја прекине Марта – и јас верувам во сè, во сè што сакам да верувам.

 

II

 

Марта и Магдалена беа сестри. Сирачиња од првите години од детството, живееја мизерно под сенката на една роднина на мајка им што ги прибрала од милостина и што на секој чекор им правеше да го чувствуваат со нејзините потсмевања и понижувачки зборови товарот на нејзиното добродетелство. Сè изгледаше како да придонесува за да се стеснат милните врски меѓу оние две сестрински души, не само поради крвното сродство туку и поради мизеријата и страдањето, а, сепак, меѓу Марта и Магдалена постоеше натпреварување, една тајна нетрпеливост што само можеше да ја објасни различноста на нивните карактери, во толку неверојатна контрапозиција како нивните табиети.

Марта беше вообразена, жестока во своите намери и со дива грубост во изразувањето на своите афекти: не знаеше ни да се смее, ни да плаче, па поради тоа не плачела, ниту се насмеала некогаш. Магдалена, напротив, беше понизна, убава, љубезна и повеќе од еднаш беше видена како плаче и се смее истовремено како децата.

Марта имаше очи поцрни од ноќ и меѓу своите темни трепки се велеше дека на мигови излегуваа искри оган како разгорен јаглен.

Синото око на Магдалена како да пливаше во течност од светлина во златниот круг на русокосите трепки. И сè во нив беше хармонично со различниот израз на нејзините очи. Марта, слабичка, бледичка, со вита става, згрчени движења и кадрава и темна коса, која ù го засенуваше челото и ù паѓаше на рамената како кадифена наметка: беше тотална спротивност од Магдалена, бела, румена, мала, детинеста во физиономијата и облините, и со руси плетенки што ù ги опкружуваа слепоочниците, слични на златен ореол на глава на ангел.

И покрај необјаснетото гадење што го чувствуваа една кон друга, двете сестри живееја дотогаш нешто како рамнодушни, што можеше да се помеша со мир и љубезност: немаа милувања за кои би се расправале, ниту желби за кои би си завидувале; исти во несреќата и во болката. Марта се затворила за да пати во една себична и вообразена тишина: и Магдалена, гледајќи дека ù е суво срцето на сестра си, плачеше насамо кога солзите ненамерно ù се собираа во очите.

Ниедно чувство не им беше заедничко; никогаш не си ги поверуваа радостите и тешкотиите, а сепак, единствената тајна што гледаа да ја скријат најдлабоко во срцето, меѓусебно ја насетуваа со тој неверојатен инстинкт на вљубена и љубоморна жена. На Марта и Магдалена, всушност, им останале очите на еден ист човек.

Страста на едната беше тврдоглавата желба, син со еден нескротлив и тврдоглав карактер; во другата љубовта личеше на онаа нејасна и спонтана пубертетска нежност, што имајќи потреба од предмет во кој да се исполни, го сака првиот што ќе ù се понуди пред очите. И двете ја криеја тајната на својата љубов, зашто човекот што ја инспирирал можеби би се исмевал на една љубов што можеше да се протолкува како апсурдна амбиција во едни обични и бедни девојки. И двете, и покрај далечината што ги делеше од предметот на нивната страст, хранеа една далечна надеж дека ќе го поседуваат.

Близу местото и врз една висина што владееше со силуетите имаше еден стар замок напуштен од сопствениците. Стариците, во ноќните средби раскажуваа една приказна полна со чуда за неговите основачи. Велеа дека кога кралот на Арагон бил во војна со непријателите, со веќе исцрпени резерви, напуштен од своите блиски и близу да го загуби престолот, еден ден му се појавила една овчарка од таа област и откако му откри дека постојат подземни премини од каде што може да ја помине Монкајо без да го забележат непријателите, му даде едно богатство од убави бисери, прекрасни камења и плочки од злато и сребро, со кои кралот ги плати своите војници, подигна моќна војска и трчајќи под земјата цела ноќ, следниот ден падна во рацете на соперниците и ги покори, осигурувајќи си ја круната на главата.

Откако достигна толку забележана победа, велат дека ù рекол на овчарката: – Побарај што сакаш, зашто, и да се работи за половина од богатството, се колнам дека ќе ти го дадам без размислување.

– Не сакам ништо освен да се вратам и да се грижам за стадото – одговори овчарката. – Ќе ги чуваш моите граници – одговори кралот, и ù даде да ги пази границите на неговото кралство, и ја прати да изгради една тврдина во селото најдалечно од Кастилија, каде што се пресели овчарката, веќе омажена за еден од милениците на кралот, благородник, кавалер, храбар и господин исто така со многу тврдини и многу имоти.

Прекрасното раскажување на чичко Грегорио во врска со гномовите од Монкајо, чија тајна на изворот од местото пак ги поттикна лудите фантазии на двете вљубени сестри, ја дополни, да речеме така, непознатата приказна за богатството најдено од овчарката во приказната: богатство чиј спомен ги измачуваше повеќе од еднаш со неспиење и огорченост, претставувајќи им се во фантазијата како слаб зрак надеж.

Следната ноќ на пладнето со средбата со чичко Грегорио, сите девојки од местото разговарале дома за неверојатната приказна што им ја раскажал. Марта и Магдалена длабоко молчеа; и ниту таа ноќ, ниту целиот ден што осамна потоа, не разменија ниту збор во врска со темата, темата на сите разговори и целта на коментарите на нивните сосетки.

Кога дојде времето, како по обичај, Магдалена си го зеде ѓумот и ù рече на сестра си: – Одиме на мостот? – Марта не одговори, а Магдалена пак ја праша: – Одиме на мостот? Види, ако не побрзаме, ќе излезе сонцето пред да се вратиме. – Марта на крај рече со краток и рапав тон: – Не сакам да одам денес. – Ниту јас – додаде Магдалена по кратка тишина и ги држеше очите вперени во очите на сестра си, како да сака да ја открие во нив причината за нејзината одлука.

 

III

 

Девојките од местото околу еден час си беа тргнале накај дома. Последниот зрак од самракот се беше изгаснал на хоризонтот, а ноќта стануваше сè потемна, кога Марта и Магдалена, избегнувајќи се меѓусебно и секоја по свој пат, излегоа од селото кон мистериозниот извор. Изворот бликаше скриен меѓу едни карпи покриени со мов на дното од една долга патека од тополи. Откако се гасеа малку по малку шумолењата на денот и веќе не се слушаше далечното ехо на гласот на земјоделците што ги носат воловите за јареми пеејќи во ритам со водилката на плугот што го влечат по земјата; откако престана да ја гледа монотоната бучава од ѕвонците на стоката, и гласовите на овчарите, и лаењето на кучињата што ги собираат животните, и чукна во кулата од местото последната камбана од часот за молитва, завладеа двојната и величествена тишина од ноќта и самотијата; тишина полна со чудни и лесни шепоти што ја прават уште позабележителна.

Марта и Магдалена се мушнаа во лавиринтот од дрвјата и заштитени од темнината, стигнаа без да се видат до крајот на дрворедот. Марта не знаеше што е страв, и чекорите ù беа одлучни и сигурни. Магдалена се тресеше само од звукот што ù го произведуваа нозете додека ги газеше сувите лисја што ја поплочуваа земјата. Кога двете сестри стигнаа на мостот, ветрот на ноќта почна да ги ниша круните на тополите и на шепотот од нивните нееднакви струења како да одговара водата од кладенецот со ускладено и еднолично жуборење.

Марта и Магдалена обрнаа внимание на звуците што поминуваа под нивните нозе како постојан шепот, и врз главите како жалење што се раѓаше и гасеше за да се сврти и порасне и се прошири низ вегетацијата. Како што поминуваше времето, вечното ѕвонење на воздухот и водата почна да произведува едно чудно воздигање, нешто како вртоглавица, што, мачејќи го погледот и зуејќи во увото, изгледаше како сосема да ќе ги полуди. Тогаш, како што се слуша зборување во сништа со далечно и збунувачко ехо, им се стори дека гледаат меѓу оние безимени шумови неартикулирани звуци како на дете што сака, а не може да ја викне мајка си; потоа зборови што само се повторуваа, постојано истото; потоа неповрзани изрази и изместени без ред, без смисла, па дури… дури почнаа да зборуваат ветерот лутајќи меѓу дрвјата и водата скокајќи од карпа на карпа.

И вака зборуваа:

ВОДАТА: – Жено!… Жено!… Слушни ме…, слушни ме и приближи се за да ме слушнеш, ќе ти ги бакнувам нозете додека треперам да ти го прецртам ликот во заднината на моите бранови. Жено!… Слушни ме, жуборењата ми се зборови.

ВЕТРОТ: – Девојко… нежна девојко, дигни ја главата, остави на раат да ти го бакнувам челото, како и да ти ја веам косата. Нежна девојко, слушни ме и јас знам да зборувам и на уво ќе ти шепотам слатки зборови.

МАРТА: – Ах! Зборувај, зборувај, и ќе те разберам зашто паметот ми лебди во вртоглавица, како што лебдат твоите неопределени зборови!

Зборувај мистериозно струење.

МАГДАЛЕНА: – Се плашам. Воздуху на ноќта, воздуху на парфеми, ми го освежуваат челото што гори! Кажи ми нешто што ќе ми влее вредност, зашто духот ми се колеба.

ВОДАТА: – Сум ги поминала мрачните гради на земјата, ù ја изненадив тајната на нејзината неверојатна плодност и ги познавам феномените на нејзината утроба, каде што ’ртат идните созданија.

Моето жуборење спие и се буди: разбуди се, за да го разбереш.

ВЕТРОТ: – Јас сум ветерот што го движат ангелите со огромните крилја во просторот. Ги трупам на запад облаците што на сонцето му нудат пурпурно легло и му носам на разденувањето, со маглите што се губат во капки, еден дожд од бисери врз цвеќињата, моите воздишки се балсам: отвори ми го срцето и ќе го потопам од среќа.

МАРТА: – Кога првпат го слушнав шепотот на едно подземно струење, не за џабе се наведнав кон земјата да ја слушам. Со неа одеше една мистерија што на крајот требаше да ја сфатам.

МАГДАЛЕНА: – Воздишки на ветерот: вие ме милувавте заспана кога, уморна од плачот, се препуштав на сонот во детството, а вашите шумолења ми изгледаа како зборови на една мајка што си ја лула ќерка си.

Водата занеме за кратко, и ѕвонеше како вода што се крши меѓу карпи.

И ветрот исто така занеме, а неговата бучава беше бучава на лисја што се движат. Така помина некое време, а потоа пак прозбореа, а зборуваа вака:

ВОДАТА: – Откако исфилтрирав капка по капка преку златен рудник од еден неисцрплив извор; откако истрчав  преку едно сребрено легло и скокав како преку камчиња меѓу безброј сафири и аметисти, влечев, наместо песок, дијаманти и рубини, се соединив во мистериозно соѕвездие со еден гениј. Богата со својата моќ и скриените доблести на скапоцените камења и металите, со чии атоми сум заситена, можам да ти понудам колку и да посакаш. Имам сила на магија, моќ на талисман и вредност на седум камења и на седум бои.

ВЕТРОТ: – Доаѓам да лутам по низината и, како пчелата што оди во пчеларникот со пленот од парфимирани медови, носам шепоти на жена, детски молитви, чедни љубовни зборови и ароми на нардови и диви лијани. По пат собрав само парфеми и еха на созвучја; богатствата ми се нематеријални, ама тие ù даваат мир на душата и нејасна среќа од смели соништа.

Додека сестра ù, привлечена како од шарм, се наведнуваше на работ на изворот за да слушне подобро, Магдалена инстинктивно се делеше од карпите меѓу кои вриеше кладенецот.

И на двете очите им беа фиксирани, на едната на дното од водите, на другата на дното на небото.

И Магдалена викаше загледана во светлината на светлите ѕвезди во височина: – Тие се ореоли светлина на невидливите ангели што нè чуваат.

Истовремено велеше Марта, гледајќи како трепери во лимфата на изворот одразот на ѕвездите: – Тоа се честичките од злато што ги влече водата по својот мистериозен тек.

Кладенецот и ветерот, кои по втор пат замолчеа за кратко, пак проговореа; и рекоа:

ВОДАТА:  Моја далечна струјо, разголи се од страв како неучтива облека, и осмели се да го преминеш прагот на непознатото. Претпоставував дека твојот дух е од основата на високите духови. Зависта те фрлила можеби од небото за да те валка во калта на бедата. Гледам, сепак, на челото ти осамнал печат на вообразеност што те прави достојна за нас, силни и слободни духови… Дојди, ќе те научам магични зборови со таква доблест, што кога ќе ги изговориш ќе се отворат розите и ќе те понудат со дијаманти што се во нивните гради, како бисерите во своите школки што од дното на морето ги вадат рибарите. Дојди, ќе ти дадам богатства за да живееш среќно; а подоцна, кога ќе изгори затворот што те затвора, твојот дух ќе се претопи во нашите, што се човечки духови, па сите помешани ќе бидеме моторната сила, животниот зрак на создавањето, што кружи како флуид низ нејзините подземни артерии.

ВЕТРОТ: – Водата ја лиже земјата и живее во калта: поминувам по воздушните области и летам во просторот без граници. Следи ги движењата на твоето срце, дозволи душата да ти се качи како пламен и сините спирали од чадот. Несреќен е оној со крилја што слегува во длабочините за да бара злато наместо да се вивне во височина за да најде љубов и чувство!

Живеј мрачна како темјанушката, а јас ќе ти донесам во еден плодоносен бакнеж животворно семе од друг цвет, твоја сестра и ќе ги растерам маглите за да не недостига еден сончев зрак што ќе ја осветлува твојата радост. Живеј мрачна, живеј занемарена, за кога духот ќе ти се одврзе, ќе го качам на местата со светлина на еден црвен облак.

Замолчеа ветрот и водата, и се појави гномот.

Гномот беше, како проѕирно човечуле: еден вид светло џуџе, слично на глупав оган, што паѓаше од смеење, без бучава, и скокаше од карпа на карпа, и одеше со својата брза подвижност. Понекогаш се нурнуваше во водата и продолжуваше да свети на дното како накит од илјада бои; другпат излегуваше на површина и ги тресеше нозете и рацете, и ја вртеше главата од една страна на друга со таква брзина што соодветствуваше на гениј.

Марта го виде гномот и го следеше со занесен поглед во сите негови екстравагантни промени; а кога ѓаволестиот дух конечно скокнал во нерамнините од Монкајо, како пламен што трча, мрдајќи ја својата коса од искри, почувствува некаква неодолива привлечност и појде по него во избезумена трка.

– Магдалена! – велеше така воздухот што се оддалечуваше пополека; а Магдалена, чекор по чекор и како месечар, водена во сонот од еден пријателски глас, продолжи по експлозијата што воздивнуваше по низината.

Потоа сè остана повторно во тишина во темниот дрворед, и ветрот и водата продолжуваа да одѕвонуваат со шепотите и бучавата како и секогаш.

 

IV

 

Магдалена се врати на местото бледа и во неверување. Марта ја чекаа залудно цела ноќ.

Кога дојде пладнето од следниот ден, девојките најдоа еден скршен ѓум на брегот од изворот од дрворедот. Беше ѓумот на Марта, за која никогаш ништо не се дозна. Оттогаш девојките од местото одат по вода толку порано што стануваат со сонцето. Некои ме убедуваа дека навечер се слушнал повеќе од еднаш плачот на Марта, чиј дух живее заробен во изворот. Не знам дали да верувам во последниот дел од приказната, зашто вистина е дека оттогаш никој не се обидел да влезе за да го слушне во дрворедот по камбаната за Аве Марија.

Извадок од книгата „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (четврт дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“. Може да се нарача и онлајн со 30% попуст на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитајте го првиот дел: СТРАСНАТА РОЗА.

Прочитајте го вториот дел: БАКНЕЖОТ.

Прочитајте го третиот дел: МЕСЕЧЕВИОТ ЗРАК

One thought on “„Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (четврт дел)

  1. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (5 дел) | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.