ПОГЛАВЈЕ 8
Почнаа да паѓаат лисјата од големиот даб на работ на ливадата. На сите дрвја им паѓаа лисјата.
Една дабова гранка се издигнуваше високо над другите гранки и се протегаше далеку над ливадата. На нејзиниот врв висеа два листа.
„Веќе ништо не е како порано“, му рече едниот лист на другиот.
„Не е“, одговори другиот лист. „Многумина од нас паднале во текот на ноќта. Ние сме речиси единствените преостанати на нашата гранка.“
„Никогаш не знаеш кој ќе падне следен“, рече првиот лист. „Дури и кога беше топло и блескаше сонце, повремено се појавуваше некоја бура или пороен дожд и многу од нас завршија откинати уште тогаш, иако сè уште беа многу млади. Никогаш не знаеш кој ќе падне следен.“
„Сега сонцето сјае многу ретко“, воздивна вториот лист, „па, дури и кога ќе се појави, воопшто не зрачи топлина. Нам ни е потребна топлина.“
„Вистина ли е“, рече првиот лист, „дали навистина е точно дека кога ќе паднеме ние на наше место доаѓаат нови, па потоа на нивно место повторно доаѓаат нови и постојано така одново доаѓаат нови?“
„Да, вистина е“, прошепоти вториот лист. „Ние не можеме ни да си го замислиме тоа, тоа е надвор од нашата моќ на размислување.“
„Тоа ме прави многу тажен“, додаде првиот лист.
Извесно време седеа во тишина. И потоа првиот лист тивко, сам за себе, рече: „Зошто мораме да паднеме?“
Вториот лист праша: „Што се случува со нас откако ќе паднеме?“
„Тонеме надолу…“
„А што има под нас?“
„Не знам“, одговори првиот лист. „Некои велат едно, други друго, но никој не знае.“
„Чувствуваме ли нешто?“ праша вториот лист. „Знаеме ли нешто за себе кога сме таму долу?“
„Којзнае“, одговори првиот лист. „Ниту еден што паднал не се вратил повторно за да ни раскаже.“
Повторно замолчеа. И потоа првиот лист нежно му се обрати на вториот: „Немој да се грижиш премногу за тоа. Целиот трепериш“.
„Ах, тоа е ништо“, одговори вториот лист. „Сега треперам на секоја најмала ситница. Некако имам чувство како да не се држам толку цврсто како порано.“
„Да не зборуваме веќе за такви работи“, рече првиот лист.
„Имаш право“, рече вториот лист. „Но, за што друго да зборуваме?“ Замолчи за миг, но набрзо продолжи. „Кој од нас двајца ќе падне прв?“
„Имаме уште многу време“, го тешеше првиот лист. „Да се присетиме колку беше убаво и прекрасно кога блескаше сонцето, нè грееше и горевме од живот. Се сеќаваш ли? И на утринската роса и на благите, прекрасни ноќи…“
„Сега ноќите се ужасни“, се пожали вториот лист. „Како да немаат крај.“
„Не треба да се жалиме“, нежно рече првиот лист. „Надживеавме многу, многу други.“
„Променет ли сум многу?“ срамежливо, но решително праша вториот лист.
„Ни најмалку“, го уверуваше првиот. „Така си мислиш само дека ме гледаш мене ваков пожолтен и грд. Ама, тоа не е случај кај тебе.“
„Ах, па ти се шегуваш со мене“, рече вториот лист.
„Не, воопшто не“, страсно го уверуваше првиот, „верувај ми, прекрасен си исто како и првиот ден! Можеби овде-онде имаш по некоја жолта точка, но речиси е незабележлива, а и само те прави уште поубав. Верувај ми.“
„Ти благодарам“, прошепоти вториот лист, мошне трогнат. „Не ти верувам, барем не целосно, но ти благодарам што си толку љубезен. Отсекогаш си бил многу љубезен кон мене. Дури сега го сфаќам тоа.“
„Не зборувај повеќе“, рече првиот лист, а потоа и самиот замолчи, бидејќи веќе не можеше да зборува од тага.
И така обата си молчеа. Поминаа часови.
Дувна влажен ветар, студен и непријатен, и ги затресе крошните на дрвјата.
„Ах, сега“, рече вториот лист. „Јас…“ И тука му замре гласот. Полека се откина од своето место и, вртејќи се, падна надолу.
Дојде зима.
ПОГЛАВЈЕ 9
Бамби забележа дека светот околу него беше променет. Тешко му беше да се навикне на овој видоизменет свет. Претходно сите живееја во изобилство, а сега беа дојдени тешки времиња. Но, Бамби не познаваше ништо друго, освен изобилство. Си мислеше дека секогаш ќе има што да јаде. Никогаш не мислеше дека нема да може да најде храна. Мислеше дека секогаш ќе може да спие на прекрасната зелена лединка, каде што никој не можеше да го види и дека секогаш ќе може да се перчи во неговото мазно, убаво и сјајно црвеникаво крзно.
А сега сè се беше променило без тој воопшто да забележи. Процесот што сега беше при крај тој го имаше сфатено само како низа појави што нему му служеа за разонода. Уживаше да гледа како млечнобелите превези магла наутро испаруваат од ливадата или како нагло се спуштаат од сивото небо в зори. Толку прекрасно исчезнуваа на сончевата светлина. Го радуваше и сланата што ја покриваше ливадата со својата блескава белина. Понекогаш уживаше и да ги слуша неговите поголеми роднини елените. Целата шума ечеше од нивните кралски гласови. Бамби ги слушаше и многу се плашеше, но срцето му се растреперуваше од восхит секогаш кога ќе го чуеше нивниот рик. Се присетуваше дека елените имаат рогови што се разгрануваат како високи и цврсти гранки. И му се чинеше дека неговите гласови се исто толку моќни како и нивните рогови. Остануваше скаменет секогаш кога ќе ги слушнеше длабоките тонови на тие гласови. Нивните длабоки гласови допираа до него како моќен рик на величествена, разулавена крв, чијашто исконска сила изразуваше копнеж, гордост и гнев. Бамби залудно се бореше со сопствените стравови. Тие го совладуваа секогаш кога ќе ги слушнеше тие гласови, но тој беше горд што има толку величествени роднини. Во исто време, го обземаше и необично чувство на раздразливост, бидејќи тие беа толку недофатливи. Тоа го навредуваше и го понижуваше, без да знае точно ни зошто ни како, всушност, речиси и не беше свесен за тоа.
Дури откако заврши сезоната на парење и се стишија моќните гласови на мажјаците, Бамби повторно почна да ги забележува другите работи околу него. Ноќе, додека шеташе низ шумата, или дење, додека лежеше на лединката, слушаше како шепотат лисјата, паѓајќи низ крошните на дрвјата. Во воздухот, од сите дрвја и од сите гранки, непрекинато се слушаше шушкање и шумолење. Нежен, ѕвонлив звук постојано паѓаше на земјата. Прекрасно беше да се будите и да заспивате со звуците на тој таинствен и меланхоличен шепот. Набрзо, сите лисја лежеа наземи и кога чекоревте преку нив, се разлетуваа на сите страни и нежно шушкаа. Колку само весело беше да ги туркате наваму-натаму со секој направен чекор, бидејќи беа толку високо наслоени. Шумолеа: „Шшш! Шшш!“ нежно, јасно и ѕвонливо. А освен тоа, паднатите лисје беа и многу корисни, затоа што во тие денови Бамби немаше потреба да обрнува посебно внимание на наслушнување и на душкање. Затоа што, поради лисјето, сè се слушаше уште од многу далеку. И при најмало движење тоа гласно шушкаше: „Шшш! Шшш!“ Никој не можеше да се прикраде. Но, тогаш дојдоа дождовите. Лееја силно од рано наутро до доцна навечер. Понекогаш врнеше цела ноќ и цел следен ден. Ќе престанеше малку, а потоа одново ќе почнеше со нови сили. Воздухот беше влажен и студен, се чинеше како целиот свет да е исполнет со дожд. Кога ќе се обидевте да грицнете малку трева на ливадата, устата ви се полнеше со вода, а кога ќе допревте некоја грмушка, веднаш ви се слеваше вода во очите и во носот. Лисјата веќе не шушкаа. Лежеа бледи и накиснати наземи, смачкани од дождот, и не предизвикуваа ни најмал шум. Бамби првпат откри колку е непријатно чувството кога цел ден и цела ноќ ве врне дожд, така што сте мокри до гола кожа. Сè уште немаа фатено ни мразовите, а тој веќе копнееше по топлото време и сметаше дека е многу тажно што мора да се движи наоколу целиот мокар.
Но, кога удри ветрот северец, Бамби дозна што значи студ. Не му помагаше многу ни тоа што се пикаше во мајка си. Се разбира, на прв поглед помисли дека е прекрасно да седи припиен до неа и да си ја загрева барем едната страна. Но, ветрот северец беснееше низ шумата по цели денови и ноќи. Се чинеше како да го движи некоја несфатлив, леден бес, небаре сакаше да ја откорне целата шума од корен или некако да ја срамни со земја. Дрвјата јачеа во својот тврдоглав отпор, снажно борејќи се против жестокиот налет на ветрот. Се слушаа нивните бескрајни лелеци, нивното тажно чкрипење, гласното кршење кога се откинуваа нивните снажни гранки, разлутениот трескот кога одвреме-навреме ќе се скршеше некое стебло и се чинеше како поразеното дрво да крикнува од секоја рана на своето распукано тело кое полека умираше. Ништо друго не можеше да се чуе, бидејќи бурата пожестоко почна да лее врз шумата и нејзиниот гргор ги проголта сите други гласови.
Тогаш Бамби сфати дека пристигнаа бедата и неволите. Виде колку многу дождот и ветрот го променија светот. Веќе не беше останало ни едно ливче на дрвјата и на грмушките. Сите тие стоеја таму оголени, ограбени, со сосема голи тела. И ги креваа нивните соголени кафеави гранки кон небото, молејќи го да им се смилува. Тревата на ливадата беше свената и скусена, небаре беше потонала во земјата. Дури и ледината изгледаше бедно и пусто. Откако паднаа сите лисја, веќе не беше возможно да лежите толку добро скриени како порано. Ледината беше отворена од сите страни.
Еден ден, додека една млада страчка надлетуваше над ливадата, нешто студено и бело ù капна во окото. И потоа повторно и повторно. Имаше чувство како пред очите да ù паѓа превез, додека малечките, меки и блескаво бели снегулки танцуваа околу неа. Страчката се колебаше во летот. Ги размавта малку крилјата, па потоа високо се вивна нагоре. Но, залудно. Ледените бели снегулки беа насекаде и повторно ù влегуваа во очите. Таа продолжи да лета нагоре, обидувајќи се да се издигне колку што е можно повисоко.
„Не мачи се толку многу, мила моја“, ù довикна една врана, која леташе над неа во истиот правец. „Не мачи се. Не можеш да се издигнеш доволно високо за да побегнеш од нив. Ова е снег.“
„Снег?“ изненадено извика страчката, борејќи се со виулицата.
„Да, тоа е тоа“, рече враната. „Зима е, а ова е снег.“
„Извини“, одговори страчката, „но јас гнездото го напуштив сега во мај. Не знам ништо за зимата.“
„Има уште многу такви како тебе“, рече враната, „но набрзо ќе научиш.“
„Па“, рече страчката, „ако ова е снег, тогаш најдобро би било да одморам малку.“ Се спушти на гранката на една евла и ги протресе перјето. Враната продолжи да лета мачно.
На почетокот, Бамби беше воодушевен од снегот. Воздухот беше мирен и благ, белите снежни ѕвездички, лебдејќи, се спуштаа надолу, а светот доби сосема поинаков изглед. Сè стана посветло, па дури и повесело, си мислеше Бамби, и секогаш кога ќе излезеше сонцето, макар и за миг, сè блескаше и белата покривка светкаше и сјаеше толку силно, што речиси ве заслепуваше.
Но, набрзо, Бамби престана да му се весели на снегот. Затоа што стануваше сè потешко да се најде храна. Мораше да копа со шепите и да го растрга снегот настрана за да дојде до едно малечко парченце свената трева, а тоа бараше огромен труд. Освен тоа, замрзнатиот снег му ги режеше нозете и му беше страв дека ќе му се појават рани. Гобо веќе имаше рани на нозете. Но, Гобо беше многу нежно срнче и тешко поднесуваше сè, што многу ја загрижуваше неговата мајка.
Срните сега постојано беа заедно и многу повеќе се дружеа од порано. Ена постојано ги носеше нејзините срнчиња. Неодамна, на нивниот круг се придружи и Марена, која беше многу млада срна. Но, најмногу живост во друштвото всушност внесуваше старата Нетла. Таа беше мошне независна личност и имаше сопствено мислење за сè. „Не“, ќе речеше, „веќе немам намера да се занимавам со гледање деца. Доста ми е од таа шега.“
На тоа, Фалина ќе ја прашаше: „А зошто да не, ако навистина е шега?“ Нетла божем се разлутуваше и велеше: „Да, ама лоша шега. Доста ми е од такви“.
Сите совршено се согласуваа. Седеа една до друга и си прикажуваа. Срнчињата никогаш дотогаш не беа имале можност да слушнат толку интересни нешта.
Одвреме-навреме им се придружуваше и понекој млад срндак. Отпрвин, друштвото беше малку здрвено, особено затоа што на почетокот срнчињата беа малку исплашени. Но, тоа набрзо се промени и стана пријатно. Бамби многу му се восхитуваше на Роно, кој беше мошне отмен срндак, и многу го засака прекрасниот и млад Карус. Тие ги имаа фрлено роговите и Бамби честопати зјапаше во двата шкрилестосиви круга, кои беа мазни и блескаа со многубројните нежни дамки на главите на младите срндаци. Многу беа прекрасни.
Многу беше интересно кога некој од срндаците зборуваше за Него. Роно на левата предна нога имаше голем оток, покриен со крзно. Поткривнуваше на таа нога и понекогаш прашуваше: „Се гледа ли многу дека поткривнувам?“ Сите веднаш скокаа да го уверат дека поткривнувањето воопшто не се забележува. Тоа сакаше да го чуе Роно. А и навистина беше едвај забележливо.
„Да“, ќе продолжеше тој. „Тогаш едвај извлеков жива глава.“ И потоа Роно ќе ја раскажеше приказната за тоа како Тој го изненадил и отворил оган на него. Но, го погодил само во ногата. Роно полудел од болка. Не е ни чудо, бидејќи му ја распарчил коската. Но, Роно не ја загубил главата. Успеал да се крене и да побегне на три нозе. И покрај слабоста што ја чувствувал, не престанувал да трча, затоа што забележал дека го следат. Трчал без да застане додека не паднала ноќ. И тогаш си дозволил да одмори малку. Но, следното утро продолжил да трча, додека најпосле не почувствувал дека е безбеден. Потоа се грижел за себе, живеел сам, скриен од сите, чекајќи да му заздрави раната. На крајот, повторно се појавил и станал херој. Поткривнуваше, но тоа беше едвај забележливо.
Сега, кога сите беа собрани заедно на подолги периоди, се раскажуваа многу приказни, Бамби слушаше за Него многу повеќе од порано. Тие раскажуваа колку Тој изгледа страшно. Никој не можеше да погледне во Неговото бледо лице. Бамби веќе го знаеше тоа од лично искуство. Зборуваа и за Неговиот мирис, за кој исто така и Бамби можеше да каже нешто, но беше премногу добро воспитан за да се меша во разговорите на возрасните. Тие велеа дека Неговиот мирис секогаш е сосем различен, а сепак може да го препознаете веднаш, бидејќи секогаш е возбудлив, неодгатлив, мистериозен и страшен. Раскажуваа дека Тој може да оди само на две нозе и зборуваа за неверојатната сила на Неговите две раце. Некои од нив не знаеја што се тоа раце. Но, кога им се објасни, старата Нетла рече: „Не гледам ништо изненадувачки во тоа. Сè што кажувате може да направи и една обична верверица, а истите вештини ќе ви ги демонстрира и секое мало глувче“. Притоа, Нетла презриво ја заврти главата.
„Ах, не“, извикаа другите и фатија да ù објаснуваат дека воопшто не е така. Но, тешко беше да ја разубедите старата Нетла. „А соколот?“ праша таа. „А јастребот? А бувот? Тие имаат само две нозе и кога сакаат да фатат нешто, едноставно стојат само на едната и грабаат со другата нога. Тоа е многу потешко и сигурна сум дека Тој не може да го изведе тоа.“
Старата Нетла не сакаше да се восхитува на ништо што беше поврзано со Него. Таа го мразеше Него од дното на душата. „Одвратен е!“ рече таа и остана на тоа. Никој не се ни обиде да ù противречи, затоа што никој не го ни сакаше.
Но, нештата уште повеќе се заплеткаа кога почнаа да раскажуваат дека Тој има и трета рака, дека нема само две туку и трета.
„Тоа се бабини деветини“, рече Нетла одлучно. „Јас не верувам во тоа.“
„Навистина?“ се вмеша Роно. „Па, тогаш со што ми ја распарчи ногата? Можеш ли да ми го кажеш тоа?“
Старата Нетла му одговори малку невнимателно. „Тоа е твој проблем, мил мој. Тој никогаш не распарчил ништо мое.“
Тетка Ена рече: „Јас имам видено многу работи во животот и мислам дека има нешто во приказната дека Тој има трета рака“.
„Се согласувам со тебе“, учтиво рече младиот Карус. „Имам една пријателка врана…“ Застана за миг, малку засрамен, и погледна наоколу во сите околу себе, небаре му беше страв дека ќе почнат да му се смеат. Но, кога виде дека сите го слушаат со големо внимание, продолжи. „Морам да истакнам дека оваа врана е одлично информирана за сè. Изненадувачки добро информирана. И таа вели дека Тој навистина има три раце, ама не секогаш. Третата рака е всушност таа што е зла. Таа не му е прирасната како другите две, туку ја носи обесена на рамото. Враната вели дека таа може точно да каже кога Тој, или некој друг сличен на Него, ќе биде опасен. Ако Тој е дојден без третата рака, тогаш не е опасен.“
Старата Нетла се изнасмеа. „Твојата пријателка врана е малку глупава, мој мил Карусе“, рече таа. „Така да ù кажеш. Ако беше толку паметна колку што си мисли дека е, тогаш ќе знаеше дека Тој секогаш е опасен. Секогаш.“ Но, другите срни имаа различни мислења.
Мајката на Бамби рече: „Некои од Нив не се опасни. Тоа се гледа на прв поглед“.
„Така ли?“ рече старата Нетла. „Претпоставувам тогаш дека ти стоиш мирна кога ќе ги видиш и им посакуваш убав ден?“
„Се разбира дека не стојам мирна“, нежно ù возврати мајката на Бамби. „Бегам.“
А на тоа Фалина додаде: „Секогаш треба да се бега“. И сите слатко се изнасмеаја.
Но, кога го продолжија разговорот за третата рака, сите станаа сериозни и постепено почна да расте страв во нив. Зашто, што и да беше, трета рака или нешто друго, сепак беше ужасно страшно и тие не можеа да го разберат тоа. Повеќето од нив имаа слушнато само приказни. Малкумина беа тие што го имаа видено тоа со свои очи. Тој стоеше сосема мирно, во далечината, и никогаш не мрдаше. Не можеше да се објасни што правеше или како се случуваше, но одеднаш се слушаше удар како грмеж и излегуваше пламен и некаде подалеку од него некој паѓаше како покосен со распрснати гради. Сите седеа стуткани додека се разговараше за Него, небаре чувствуваа некоја мрачна, непозната сила што некако необјасниво влијаеше врз нив.
Љубопитно ги слушаа разните приказни што секогаш беа страшни, преполни со страдања и крвопролевање. Неуморно слушаа сè што се зборуваше за Него, бајки што несомнено беа измислени, приказни што сите ги чуле од своите дедовци и прадедовци. Во секоја од нив несвесно бараа некаков начин да ја ублажат таа мрачна сила или некако да ја избегнат.
„Каква разлика прави тоа колку Тој е оддалечен од вас пред да ве убие?“ праша младиот Карус.
„Зар твојата мудра пријателка враната не ти го објасни тоа?“ се потсмеваше старата Нетла.
„Не“, рече Карус низ насмевка. „Таа вели дека честопати го има видено Него, но никој не може да го објасни.“
„Да, тој исто така ги оборува и враните од дрвјата, кога сака“, рече Роно.
„И фазаните ги кутнува наземи“, додаде тетка Ена.
„Мојата баба ми кажа дека фрла со раката по вас“, рече мајката на Бамби.
„Така ли?“ праша старата Нетла. „А тогаш што е тоа што толку снажно грми?“
„Тоа е звукот кога си ја откинува раката“, објасни мајката на Бамби. „Тогаш фрла пламен и грми како да паѓа грмеж. Тој целиот е полн со оган.“
„Се извинувам“, рече Роно. „Вистина е дека Тој целиот е полн со оган. Но, муабетот за раката не е. Рака не може да предизвика такви рани. Многу поверојатно е дека нè гаѓа со заб. Заб би објаснил многу работи. Во суштината, умирате од неговото загризување.“
„Зар никогаш нема да престане да нè лови?“ воздивна младиот Карус.
Тогаш се јави Марена, младата срна. „Понекогаш се шират муабети дека еден ден Тој ќе дојде да живее меѓу нас и ќе биде исто толку нежен како и ние. Тогаш ќе си игра со нас и целата шума ќе биде среќна, а ние ќе бидеме пријатели со Него.“
Старата Нетла прсна во смеа. „Нека си седи Тој каде што е и нека нè остави на мира“, рече таа.
„Не треба да зборуваш така“, ù возврати тетка Ена.
„А зошто да не?“ налутено возврати старата Нетла. „Навистина не гледам причина за тоа. Да се спријателиме со Него?! Па, Тој нè убива уште откако знаеме за себе, нè убива сите нас, нашите сестри, нашите мајки, нашите браќа! Уште откако ќе дојдеме на свет, Тој не ни дава мир. Нè убива каде и да се појавиме. И сега сакате да се спријателиме со Него? Глупости!“
Марена погледна во сите нив со своите крупни, спокојни и блескави очи. „Љубовта не е глупост“, рече таа. „Мора да дојде до помирување.“
Старата Нетла се сврте. „Ќе одам да најдам нешто за јадење“, рече таа и замина.
ПОГЛАВЈЕ 10
Зимата се завлече. Понекогаш ќе затоплеше, но потоа повторно ќе паднеше нов снег. Веќе се имаше натрупано толку многу снег, што беше невозможно да се растрга со копитата. Уште полошо стануваше кога малку ќе станеше потопло преку ден, па снегот ќе се растопеше во вода, што потоа за време на ноќта повторно ќе замрзнеше. И потоа се создаваше тенка кора мраз што беше многу лизгав. Честопати се кршеше и острите парченца ги расекуваа нежните потколеници на срните до раскрвавување.
Неколку денови претходно имаше фатено силен студ. Воздухот беше почист и поредок од кога било и многу беше остар. Почнуваше да шуми во многу фин и висок тон. Пееше од студ.
Во шумата беше тивко, но секој ден се случуваше нешто ужасно. Еднаш враните го нападнаа малото синче на Зајакот, кое беше паднало болно, и го убија на многу суров начин. Долго време се слушаше тажното офкање на малечкото. Пријателот Зајак не беше дома и кога ја чу тажната вест, го обзеде силна болка.
Другпат, верверицата трчаше наоколу со огромна рана на вратот, која ù ја беше задала шумската феретка. Едвај успеала да побегне и да спаси жива глава. Не можеше да зборува од болка, но трчаше нагоре-надолу по гранките на дрвјата. Сите можеа да ја видат. Трчаше како споулавена. Одвреме-навреме застануваше и седнуваше, ги креваше предните шепи во очај и се фаќаше за глава, преплашена и во агонија, додека црвената крв капеше по нејзините бели гради. Трчаше така можеби цел час и тогаш одеднаш се стутка, падна преку една гранка и се струполи мртва среде снегот. Неколку сојки веднаш слетаа долу за да се нагостат.
Друг ден, пак, лисицата го растргна на парчиња силниот и убав фазан, кој беше многу почитуван и сакан во шумата. Неговата смрт предизвика големо сочувство кај голем број шумски жители, кои се обидуваа да ја утешат неговата неутешна вдовица.
Лисицата го извлечка фазанот надвор од снегот, во кој се имаше закопано, мислејќи дека ќе биде добро скриен. Веќе никој не можеше да се чувствува безбедно, бидејќи сето тоа се случи среде бел ден. Огромната немаштија, на која никако не ù се гледаше крајот, ги огорчи сите суштества и ги поттикна на суровост. Ги уништи сите нивни сеќавања на минатото, ја разори меѓусебната доверба и ги искорени сите добри обичаи што ги имаа. Во шумата веќе немаше ниту мир, ниту милост.
„Тешко е да се поверува дека еден ден ќе стане подобро“, низ воздишка рече мајката на Бамби.
И тетка Ена воздивна. „Тешко е да се поверува дека некогаш и било подобро“, рече таа.
„А сепак“, рече Марена, гледајќи пред себе, „јас непрестајно си размислувам за тоа колку убави беа работите порано.“
„Погледни“, ù рече старата Нетла на тетка Ена, „твоето срнче се тресе.“ Покажа кон Гобо. „Секогаш ли се тресе вака?“
„Да“, натажено изусти тетка Ена. „Изминативе неколку денови се тресе.“
„Искрено ми е мило што веќе немам деца“, отворено рече старата Нетла. „Да беше мое, ќе се прашував дали ќе ја преживее зимата.“
Работите навистина не изгледаа баш најдобро за Гобо. Тој беше слаб. Отсекогаш беше многу покревок од Бамби или од Фалина и остана поситен од двајцата. Неговата состојба се влошуваше секојдневно. Не можеше да ја поднесе онаа храна што сега едвај успеваа да ја најдат. Од неа го болеше стомакот. Беше мошне изнемоштен од студот и од ужасите што се случуваа околу него. Се тресеше сè повеќе и едвај успеваше да се задржи на нозе. Сите го гледаа жално.
Старата Нетла му пријде и добронамерно го потчукна. „Не биди толку тажен“, му рече таа, обидувајќи се да го охрабри. „Тоа не му прилега на еден мал срндак, а и не е добро по здравјето.“ И потоа ја сврте главата за да не забележи никој колку многу се беше растажила.
Роно, кој лежеше малку понастрана во снегот, скокна на нозе. „Не знам што се случува…“ промрмори тој и се загледа околу себе.
Сите почнаа внимателно да наслушнуваат. „Што е?“ го прашаа.
„Не знам“, повтори Роно, „но ме јаде некој немир. Одеднаш почувствував како нешто да не е во ред.“
Карус душкаше наоколу. „Не можам да намирисам ништо невообичаено“, рече тој.
Сите стоеја мирно и душкаа во воздухот. „Нема ништо. Не се чувствува никаков мирис во воздухот“, се согласија еден по еден.
„Сеедно“, настојуваше Роно, „кажете што сакате, но нешто не е во ред.“
„Се јавија враните“, рече Марена.
„Еве ги, повторно гракаат!“ додаде брзо Фалина, но и другите веќе ги беа чуле.
„Се разлетаа“, рече Карус.
Сите погледнаа нагоре. Високо над врвовите на дрвјата прелета едно јато врани. Доаѓаа од најдалечниот агол на шумата, правецот од кој секогаш доаѓаше опасноста, и се жалеа една на друга. Јасно беше дека се случило нешто невообичаено.
„Зар немав право?“ рече Роно. „Се гледа дека се случува нешто.“
„Што да правиме?“ вознемирено прошепоти мајката на Бамби.
„Да бегаме веднаш“, исплашено рече тетка Ена.
„Почекајте!“ нареди Роно.
„Ама децата“, рече тетка Ена. „Со деца сме. Гобо не може да трча.“
„Во ред“, рече Роно. „Оддалечете се со своите деца, иако не верувам дека има потреба за тоа, но сосема ве разбирам.“ Тој беше сериозен и сталожен.
„Ајде, Гобо! Ајде, Фалина! Ајде, полека. Полека. Движете се зад мене“, ги предупреди тетка Ена. Таа замина со децата.
Помина извесно време. Сите стоеја како скаменети, наслушнуваа и се тресеа.
„Како да не пропативме доволно“, рече старата Нетла. „Уште ова ни требаше сега…“ Многу беше лута. Бамби ја погледна и почувствува дека мисли на нешто страшно.
Од истата страна од која дојдоа враните, сега се појавија и четири страчки. „Внимавајте! Внимавајте! Внимавајте!“ гракаа тие. Срните уште не можеа да ги видат, но можеа да ги чујат како довикуваат една по друга и се предупредуваат: „Чувај се! Чувај се! Чувај се!“ Тогаш се доближија. Одредено време летаа исплашено од дрво на дрво, а потоа целите преплашени одлетаа подалеку.
„Гра-гра!“ закрескаа сојките. Гласно предупредуваа.
Одеднаш сите срни се собраа на купче, како да ги удрило нешто. Потоа стоеја немо и душкаа наоколу.
Тоа беше Тој.
Бран тежок мирис помина покрај нив. Немаше што да сторат. Мирисот ги исполни нивните ноздри, им ги затапи сетилата и им ги заледи срцата.
Страчките и понатаму гракаа. Сојките сè уште гласно крескаа во височините. Но, сега како да се разбуди целата шума околу нив. Сениците летаа ваму-таму, како малечки пердувести топчиња, и чуруликаа: „Бегајте! Бегајте! Бегајте!“
Косовите прелетаа како стрели над дрвјата и развлечено црцореа. Низ мрачното клопче соголени грмушки, среде белиот снег, срните забележаа малечки раздвижени сенки. Тоа беа фазаните. Потоа протрча нешто црвеникаво. Тоа беше лисицата. Но, сега никој не се плашеше од неа. Затоа што грозоморниот мирис што се ширеше сè повеќе ги исполни сите со ужас и ги обедини заедно во еден лудачки страв и еден единствен секавичен импулс да побегнат и да се спасат.
Тој мистериозен надмоќен мирис ја исполнуваше шумата со таква моќ што сите знаеја дека овој пат Тој не беше сам, туку беше дошол со многу други, и знаеја дека ќе следува бесконечно убивање.
Никој не се поместуваше. Сите гледаа во сениците, кои одлетуваа како стрели, во косовите и вервериците, кои нервозно скокаа од едно дрво на друго. Тие мислеа дека овие малечки животинки немаат зошто да се плашат, а сепак сфаќаа зошто бегаа кога се појавуваше Тој и кога ќе го почувствуваа Неговиот мирис, бидејќи ниту едно шумско суштество не можеше да го поднесе Неговото присуство.
Во тој миг доскокна и пријателот Зајак. Се колебаше, поседе во место извесно време, па повторно продолжи да скока.
„Што се случува?“ викна Карус по него.
Но, Зајакот само гледаше наоколу со полудени очи и не можеше да изговори ни збор. Беше смртно преплашен.
„Зошто воопшто прашуваш?“ тажно рече Роно.
Пријателот Зајак едвај успеа да земе малку здив. „Опколени сме“, рече безживотно. „Нема каде да се бега. Тој е насекаде.“
Во истиот миг тие го слушнаа Неговиот глас. Се слушаа дваесет, триесет крика истовремено. Извикуваа: „Хо! Хо! Ха! Ха!“ Грмеа како што грмат ветришта и бури. Тој удираше по стеблата на дрвјата како да беа тапани. Тоа беше морничаво и страшно. Надалеку се слушаше шушкањето на грмушките и крцкањето и кршењето на сувите гранки.
Тој доаѓаше.
Доаѓаше во срцето на честакот.
Одеднаш се слушна силен ѕвонлив пискот помешан со звукот на растреперени размавтани крилја. Од под Неговите нозе се издигна фазан. Срните слушаа како шумот од мавтањето на фазановите крилја станува сè послаб. Се слушна силен звук како грмеж. Па, тишина. Па, тап тресок наземи.
„Мртов е“, рече мајката на Бамби, тресејќи се.
„Првиот“, додаде Роно.
Марена, младата срна, рече: „Во овој час ќе загинат многу од нас. Можеби и јас ќе бидам една од загинатите“.
Никој не ја слушаше, бидејќи сите беа полудени од страв.
Бамби се обидуваше да размислува, но дивјачката врева што Тој ја предизвикуваше стануваше сè посилна и посилна и му ги парализираше сетилата на малото срнче. Не слушаше ништо, освен таа врева. Таа го скамени и меѓу сето трескање, тропање и врескање, успеа да си го чуе срцето, кое силно биеше. Чувствуваше само љубопитност и дури не беше ни свесен дека му се тресат нозете. Одвреме-навреме, мајка му ќе му шепнеше на уво: „Остани близу до мене“. Всушност, таа зборуваше многу гласно, но во сета врева на Бамби му се слушаше како да шепоти. Нејзините зборови „остани близу до мене“ го охрабрија. Тие го врзаа до мајка му како некој синџир, инаку без нив сигурно безглаво ќе побегнеше некаде. И тоа ги чу токму во вистинскиот момент, кога целиот беше избезумен и размислуваше само на бегање.
Погледна околу себе. Насекаде трчаа разни животинки и збунето се удираа едни во други. Неколку ласици како стрели протрчаа покрај нив. Окото едвај можеше да ги следи. Една феретка како маѓепсана ги слушаше сите крикови што ги испушташе очајниот Зајак.
Една лисица стоеше среде група размавтани фазани. Тие воопшто не ù обрнуваа внимание. Трчаа покрај неа. И таа не им обрнуваше внимание ним. Неподвижна, стоеше со истегнат врат и ги наслушнуваше викотниците околу себе, поткревајќи ги своите шилести уши и душкајќи наоколу со носот. Само опашката ù се мрдаше, бавно и напнато.
Дотрча еден фазан. Беше дошол оттаму, каде што опасноста беше најголема. Беше сосема избезумен од страв.
„Не обидувајте се да летате!“ им довикна на другите. „Не летајте, само трчајте! Не губете ја главата! Не обидувајте се да летате! Само трчајте! Трчајте! Трчајте!“
Постојано ги повторуваше истите зборови, небаре се обидуваше да се охрабри самиот себеси. Но, веќе ни самиот не знаеше што зборува.
„Хо! Хо! Ха! Ха!“ се слушнаа страшните извици. Се чинеше како да доаѓаат од непосредна близина.
„Не губете ја главата!“ вресна фазанот. Во истиот миг неговиот глас се скрши во ѕвонлив пискот и, ширејќи ги крилјата, се вивна нагоре. Бамби гледаше како праволиниски се издигнува над дрвјата, мавтајќи со крилјата. Темносините и зеленикаво-кафеавите шари на неговото тело блескаа како злато. Долгите пердуви на неговата опашка гордо мавтаа зад него. Одекна кус удар, како грмеж. Одеднаш среде лет, фазанот целиот се згрчи. Ја сврте главата кон опашката, како да сакаше да си ги фати канџите со клунот и потоа нагло тресна наземи. Падна меѓу другите и веќе не мрдаше.
Тогаш веќе никој не можеше да остане присебен. Сите трчаа безглаво едни во други. Во ист момент пет-шест фазани се вивнаа нагоре кон небото. „Не летајте!“ врескаа другите и трчаа. Грмежот испука пет-шест пати и уште неколку птици безживотно се струполија наземи.
„Ајде“, рече мајката на Бамби. Бамби погледна околу себе. Роно и Карус веќе беа побегнале. Бегаше и старата Нетла. До нив беше само Марена. Бамби тргна по мајка си, а Марена срамежливо ги следеше во чекор. Сите околу нив врескаа и пискаа. Грмеше на сите страни. Мајка му на Бамби беше смирена. Незабележливо се тресеше, но успеваше да остане присебна.
„Бамби, дете мое“, рече таа, „остани зад мене. Ќе мораме да излеземе одовде и да претрчаме преку ливадата. Ама, додека сме овде, ќе мораме да се движиме пополека.“
Вревата беше страшна. Десет, дванаесет пати прсна громот што се слеваше од Неговите раце.
„Биди внимателен“, му рече мајката на Бамби. „Немој да трчаш сега. Но, кога ќе излеземе на ливадата, трчај колку што те држат нозете. И запомни, Бамби, дете мое, не гледај во мене кога ќе излеземе таму. Дури и ако видиш како паѓам наземи, не обрнувај ми внимание и само продолжи да трчаш. Ме разбра ли, Бамби?“
Мајка му чекореше внимателно и мирно, и покрај сета врева. Фазаните трчаа горе-долу и се закопуваа во снегот. Но, по извесно време повторно скокаа и продолжуваа да трчаат. Целото семејство на Зајакот безглаво скокаше наоколу, за миг ќе подзастанеа, па повторно ќе продолжеа да скокаат. Никој не зборуваше. Сите беа избезумени од страв и стаписани од силната врева и од грмежите.
Светлина се појави пред Бамби и неговата мајка. Ливадата ѕиркаше зад грмушките. Зад нив, сè поблиску и поблиску одекнуваше страшниот тропот по стеблата на дрвјата и сè посилно и посилно се слушаше крцкањето и кршењето на сувите гранки. Силно ечеше: „Ха! Ха! Хо! Хо!“
Тогаш, пријателот Зајак и двајца негови роднини претрчаа покрај нив и излегоа на ливадата. Бинг! Пинг! Бенг! – грмеа грмежите. Бамби виде како Зајакот тресна во една евла и тресна наземи со белото меше свртено нагоре. Малку се тресеше и потоа замре. Бамби се стаписа од страв. Но, од зад него допре глас: „Еве ги! Бегај! Бегај!“
Одеднаш се чу силен звук на размавтани крилја. Следеше офкање, липање, мавтање со крилјата и дожд од пердуви. Целото јато фазани речиси истовремено се вивна нагоре. Во воздухот непрекинато одекнуваа громогласни грмежи. Се слушаа тапите тресоци на оние паднатите и силните пискотници на оние што успеаја да побегнат.
Бамби слушна чекори и погледна зад себе. Тоа беше Тој. Избиваше низ грмушките од сите страни. Се појавуваше од секаде и тепаше околу себе, со удари ги отвораше грмушките, со стапови тропаше по стеблата на дрвјата и викаше со грозоморен глас.
„Сега!“ рече мајката на Бамби. „Бегај одовде. И не движи се премногу блиску до мене.“ Со еден скок таа излезе на ливадата. Насекаде имаше снег. Бамби се стрча по неа. Насекаде околу нив ечеа грмежи. Звучеше како земјата да ќе се раздели на половина. Бамби не гледаше ништо. Само трчаше. Најпосле во него се разбуди насобраниот копнеж да побегне од сета таа врева и колку што е можно подалеку од ужасниот мирис што го задушуваше. Најпосле во него се ослободи нагонот да побегне и желбата да се спаси. Трчаше. Му се причини дека ја виде мајка си како паѓа, но не беше сосем сигурен дали е навистина таа. Имаше чувство како да му паднал некој вел пред очи од стравот од силните грмежи што паѓаа зад него.
Стравот најпосле го имаше целосно обземено. Не можеше да мисли на ништо и не гледаше ништо околу себе. Не престануваше да трча.
Ја премина ливадата. Успеа да влезе во нов честак. Зад него и понатаму одекнуваа криковите и пискотниците. Сè уште грмеше. Во гранките над него зашушка нешто и тресна. И потоа стана потивко. Бамби и понатаму трчаше.
На снегот пред него лежеше погоден фазан со искривен врат и млитаво мавташе со крилјата. Кога го чу Бамби како доаѓа, за момент престана да мавта и прошепоти: „Готово е…“ Бамби не му обрна внимание и продолжи да трча.
Купче грмушки на кои наиде го натераа да го забави темпото и да побара патека. Нестрпливо удираше со копитата по земјата. „Наваму!“ му довикна некој со задишан глас. Бамби несвесно послуша и веднаш најде премин. Но, таму некој мачно се исправи пред него. Тоа беше сопругата на Зајакот. Таа му довикна.
„Ќе можеш ли да ми помогнеш малку?“ рече таа. Бамби ја погледна и се стресе. Нејзината задна нога безживотно висеше над снегот, боејќи го црвен и топејќи го со врелата крв што капеше од неа. „Ќе можеш ли да ми помогнеш малку?“ повтори таа. Говореше како да беше здрава, речиси како да беше весела. „Не знам што ми се случи“, продолжи таа. „Не прави никаква смисла, но ете, не можам да одам…“
Среде реченица падна и умре. Бамби повторно се избезуми од страв и продолжи да трча.
„Бамби!“
Бамби се сепна и застана. Го викаше некоја срна. Повторно го чу повикот. „Бамби, ти ли си?“
Бамби го виде Гобо како беспомошно лежи во снегот. Сосема го беше напуштила снагата. Веќе не можеше ни да стои на нозе. Лежеше таму дополу закопан и млитаво ја поткрена главата. Бамби вчудовиден дотрча до него.
„Каде е мајка ти, Гобо?“ го праша сиот задишан. „Каде е Фалина?“ Бамби зборуваше брзо и нестрпливо. Стравот сè уште му го стегаше срцето.
„Мама и Фалина мораа да продолжат“, му одговори Гобо, помирен со својата судбина. Зборуваше тивко, но толку мудро и сериозно, како веќе да не беше дете. „Мораа да ме остават овде. Паднав. И ти мораш да продолжиш понатаму, Бамби.“
„Стани!“ извика Бамби. „Стани, Гобо! Доста беше одморање. Немаме ни минута за губење. Ајде, стани и дојди со мене!“
„Не, остави ме“, тивко му возврати Гобо. „Не можам да станам. Невозможно е. Би сакал да можев, но премногу сум изнемоштен.“
„Ама, што ќе се случи со тебе?“ настојуваше Бамби.
„Не знам. Веројатно ќе умрам“, кусо рече Гобо.
Вревата повторно се јави и почна да одекнува. Следуваа нови грмежи. Бамби се штрекна. Одеднаш се скрши една гранка. Младиот Карус дотрча во кас.
„Трчај!“ извика кога го виде Бамби. „Немој да стоиш таму ако можеш да трчаш!“ За миг исчезна, а неговиот необуздан трк го повлече и Бамби. Бамби воопшто не беше ни свесен дека повторно почнал да трча и дури по извесно време рече: „Збогум, Гобо!“ Но, веќе беше предалеку. Гобо веќе не можеше да го чуе.
Трчаше безглаво низ шумата исполнета со пискотници и грмежи сè додека не падна ноќ. Кога падна мрак, сè се стиши. Набрзо потоа, благ ветрец ја исчисти грозоморната реа што се ширеше насекаде. Но, возбудата остана.
Првиот пријател што Бамби повторно го сретна беше Роно. Сега поткривнуваше со ногата повеќе од кога било.
„Таму кај дабовата шума лежи лисицата и гори од треска поради раната“, рече Роно. „Само што поминав во близина. Ужасно се мачи. Од болка ги гризе снегот и земјата.“
„Да не ја виде мајка ми?“ праша Бамби.
„Не“, кусо одговори Роно и си замина.
Подоцна вечерта, Бамби ги сретна старата Нетла и Фалина. Сите тројца беа пресреќни што се гледаат.
„Да не ја видовте некаде мајка ми?“ ги праша Бамби.
„Не“, одговори Фалина. „Јас сè уште не знам ни мојата каде е.“
„Одлично. Каков хаос“, рече старата Нетла. „Толку многу се радував што веќе не треба да се занимавам со деца и сега ќе треба да се грижам за две одеднаш. Баш ти фала!“
Бамби и Фалина се насмеаја.
Разговараа за Гобо. Бамби ù раскажа на Фалина како го нашол паднат во снегот, па двајцата се растажија и почнаа да плачат. Но, старата Нетла не им дозволи да плачат. „Пред сè, најважно е да најдете нешто за јадење. Па, ова е нечуено! Цел ден немате каснато ни залак!“
Ги одведе на места каде што сè уште имаше останато лисја што сè уште не беа целосно свенати. Старата Нетла беше совршено грижлива. Таа не касна ништо, туку сè им остави на Бамби и на Фалина. Го тргаше снегот од местата под кои се криеше трева и им заповедаше: „Јадете тука! Ова е добро!“ Или ќе кажеше: „Не, чекајте. Ќе најдеме нешто подобро“. Но, одвреме-навреме знаеше и да се пожали. „Ах, просто неверојатно! Децата создаваат само проблеми!“
Одеднаш забележаа дека им се приближува тетка Ена и поитаа кон неа. „Тетка Ена!“ извика Бамби. Тој ја виде прв. Фалина прскаше од среќа и весело потскокнуваше околу неа. „Мамо! Мамичке!“ викаше таа. Но, Ена липаше и беше мртва уморна.
„Го нема Гобо“, натажено рече. „Секаде го барав. Отидов до местото каде што остана да лежи кога падна во снегот, но… таму немаше ништо… го нема… кутриот мој малечок Гобо…“
Старата Нетла промрмори. „Подобро ќе беше да му ги побараш трагите, наместо да плачеш“, рече таа.
„Немаше никакви траги од Гобо“, рече тетка Ена. „Но… имаше траги од… Него. Тој го нашол Гобо.“
Замолчи. Потоа Бамби очајнички ја праша: „Тетка Ена, да не ја виде мајка ми?“
„Не“, нежно му одговори тетка Ена.
Бамби никогаш повторно не ја виде мајка си.
ПОГЛАВЈЕ 11
Најпосле врбите ги фрлија своите реси. Сè почна да раззеленува, но младите лисја на дрвјата и грмушките сè уште беа многу малечки. Блескаа на нежното утринско сонце и изгледаа свежо и весело како дечиња кои само што станале од спиење.
Бамби стоеше пред една лескова грмушка и со своите нови рогови удираше по нејзините гранки. Тоа многу му годеше. А освен тоа, му беше и потребно, бидејќи неговите прекрасни рогови сè уште беа покриени со кожа и крзно. Се разбира, кожата мораше да се фрли и секој што беше разумен не чекаше да падне сама од себе. Бамби удираше со роговите додека најпосле не се раскина кожата и две парчиња му надвиснаа на ушите. Додека повторно и повторно удираше во гранките, чувствуваше колку многу неговите рогови се посилни од дрвото. Тоа му создаде чувство на моќ и гордост. Уште посилно почна да удира по гранките и најпосле им ја одра кората. Соголеното бело стебло набрзина доби црвеникава боја, затоа што не беше навикнато на директен допир со воздухот. Но, Бамби не обрнуваше внимание на тоа. Гледаше како успева да го соголи дрвото со секој свој удар и тоа го исполнуваше. Во близина имаше уште неколку лескови грмушки на кои беа видливи лузните од неговите поранешни удари.
„Ах, па ти речиси си пораснат“, се зачу еден весел глас во близина.
Бамби ја крена главата и се загледа околу себе. Таму седеше верверицата и пријателски го набљудуваше. Одгоре допре куса, ѕвонлива смеа: „Ха! Ха!“
И Бамби и верверицата малку се исплашија. Но, клукајдрвецот, кој стоеше на стеблото на еден даб над нив, им довикна: „Извинете, но не можам да не се насмеам кога гледам срни како го прават ова“.
„А што е тука толку смешно?“ љубезно праша Бамби.
„Ох!“ рече клукајдрвецот, „па уште од почетокот грешиш. Прво и основно, треба да се обидеш со некое поголемо дрво, затоа што од тие тенки лескови гранчиња не можеш да извадиш ништо.“
„А што би требало да извадам?“ праша Бамби.
„Бубачки“, рече клукајдрвецот низ смеа. „Бубачки и ларви. Еве вака, погледни.“ Почна да чука на дабовото стебло. Так! Так! Так! Так!
Верверицата за миг се качи до него и го прекори. „Што зборуваш?“ му рече. „Па, срндакот не бара бубачки и ларви.“
„А зошто не?“ весело праша клукајдрвецот. „Многу се вкусни.“ Фати една бубачка со клунот, ја проголта и повторно почна да чука.
„Не разбираш“, продолжи да се расправа верверицата. „Едно вакво благородно животно има сосема поинакви и повисоки цели. Со муабетиве што ги правиш само го истакнуваат твоето ниво.“
„Мене ми е сеедно“, одговори клукајдрвецот. „Ме боли уво за некакви си повисоки цели“, рече весело и одлета. Верверицата повторно слезе долу.
„Зар не се сеќаваш на мене?“ ведро го праша Бамби.
„Многу добро се сеќавам“, љубезно ù одговори тој. „Ти живееш таму горе?“ ја праша, посочувајќи кон дабот.
Верверицата расположено го погледна.
„Си ме помешал со баба ми“, рече таа. „Знаев дека ќе ме помешаш со неа. Баба ми живееше овде горе, порано, кога ти беше малечок, Бамби. Често ми зборуваше за тебе. Феретката ја уби уште одамна, минатата зима, можеби се сеќаваш.“
„Да“, одговори Бамби. „Чув за тоа.“
„Е па, подоцна татко ми се всели овде“, продолжи верверицата. Се исправи и учтиво ги потпре двете малечки шепи на белите гради. „Но, можеби си ме помешал и со него. Го познаваш татко ми?“
„Жалам“, одговори Бамби, „но досега сум ја немал таа чест да го запознам.“
„Така и си мислев“, задоволно рече верверицата. „Татко ми беше мошне нерасположен и повлечен по природа. Не се дружеше со никого.“
„А каде е тој сега?“ праша Бамби.
„Ах“, рече верверицата, „пред околу еден месец го улови еден орел. Да… И сега живеам сама овде горе. Особено сум задоволна, имајќи на ум дека сепак овде се имам родено.“
Бамби се заврти да си оди.
„Почекај“, набрзина извика верверицата. „Воопшто немав намера да зборувам за вакви работи. Сакав да ти кажам нешто сосема друго.“
Бамби застана. „Што?“ праша трпеливо.
„Е, што беше, де?“ рече верверицата. Се думаше така одредено време, па потоа одеднаш повторно потскокна и се потпре на раскошната опашка. Погледна во Бамби. „Ах, најпосле! Се сетив. Сакав да ти кажам дека роговите речиси ти се целосно израснати и дека ќе бидеш неверојатно убав срндак.“
„Навистина мислиш така?“ весело ја праша Бамби.
„Неверојатно убав“, повтори верверицата и повторно ги притисна шепите на белите гради. „Толку висок и величествен, со толку долги и убави рогови. Ретко се гледа олку убав срндак.“
„Навистина?“ праша Бамби. Толку многу се израдува што веднаш почна повторно да удира во лесковата грмушка. Наоколу се разлетаа долги парчиња кора.
А за сето тоа време, верверицата не престана да зборува. „Морам да признам дека малкумина имаат толку убави рогови на таа возраст. Речиси е невозможно. Минатото лето неколкупати те видов од далеку и скоро да не можам да поверувам дека си истото животно. Толку беше малечок тогаш.“
Бамби одеднаш запре. „Морам да одам сега“, рече набрзина. „Збогум.“ И замина трчајќи.
Не сакаше да го потсетуваат на минатото лето. Оттогаш му се случија многу тешки работи. На почетокот, откако исчезна мајка му, се чувствуваше многу осамено. Долгата зима како да траеше цела вечност. Пролетта дојде колебливо и мошне доцна почна да раззеленува сè. Бамби можеби воопшто немаше ни да преживее, да не беше старата Нетла. Но, таа се грижеше за него и му помагаше колку можеше. Ама, и покрај сето тоа, беше многу осамен.
Ужасно многу му недостигаше Гобо. Кутриот Гобо, сега беше мртов, како и многу други. Таа зима, Бамби честопати помислуваше на него и првпат вистински сфати колку тој беше добар и мил.
Ретко ја гледаше Фалина. Таа главно седеше со мајка си и беше станала неверојатно многу плашлива. Подоцна, кога најпосле се стопли, Бамби повторно почна да си доаѓа на себе. Го светна својот прв рог и многу се гордееше со него. Но, набрзо горко се разочара.
Другите срндаци го бркаа секогаш кога ќе го видеа. Разлутено го гонеа. Не дозволуваа да им се доближи и на крајот почна со секој чекор да се плаши дека ќе го фатат. Веќе немаше храброст да се покаже каде било и сосем потиштен се движеше по некои скришни патеки.
Како што летните денови стануваа сè потопли и потопли, така во него сè повеќе растеше некој чуден немир. Срцето сè повеќе му се исполнуваше со некој копнеж, кој истовремено беше и пријатен и болен. Секогаш кога случајно оддалеку ќе ја видеше Фалина или, пак, некоја од нејзините друшки, го обземаше несфатлива возбуда. Честопати, тоа се случуваше дури и кога само ќе наидеше на нивните траги или ќе им го почувствуваше мирисот. Тогаш имаше чувство како некоја невидлива сила да го влече кон нив. Но, секогаш кога ќе се препуштеше на своите нагони, си создаваше мака. Или не наоѓаше никого и, по долго талкање наоколу, мораше да си признае дека го избегнуваат или, пак, наидуваше на некој од другите срндаци, кои веднаш му се нафрлаа, го тепаа, го клоцаа и срамно го бркаа. Роно и Карус го третираа најлошо од сите. Не, тоа не беа среќни времиња.
И сега верверицата мораше во својата лудост да го потсети на тоа. Одеднаш целиот подиве и почна да трча. Сениците и врапчињата исплашено се разлетуваа на сите страни, кога тој ќе поминеше покрај некоја грмушка, и збунето се прашуваа: „Што беше тоа?“ Бамби не ги слушаше. Неколку страчки вознемирено закрескаа: „Што се случи?“ Сојката разлутено гракна: „Што ти е?“ Бамби не ù обрна внимание. Над него, една жолна скокаше од дрво на дрво и потпевнуваше: „Добар утро! Среќ-на сум!“ Бамби не ù одговори. Во шумата веќе беше светло и целата беше ишарена со сончеви зраци. Но, Бамби не го забележа ни тоа.
Одеднаш се зачу силно мавтање на крилја. Пред очите на Бамби блесна цело виножито од прекрасни бои, што најпосле застана како маѓепсан. Тоа беше Џонело, фазанот. Панично се беше разлетал, бидејќи Бамби за малку ќе го стапнеше. Пцуејќи, одлета некаде.
„Па, ова е нечуено!“ дофрли со својот вообичаен крескав глас. Бамби збунето стоеше и зјапаше по него.
„Овој пат сè излезе добро, но ова навистина беше многу невнимателно од твоја страна“, рече еден тивок, ѕвонлив глас оддолу. Тоа беше Џонелина, сопругата на фазанот. Таа беше седната наземи и лежеше на нејзините јајца. „Мојот сопруг ужасно многу се исплаши“, продолжи таа подналутено. „А и јас. Само што јас не се осмелувам да се помрднам од местово. Не би се помрднала од него за ништо на светот. Дури и да ме згазнеш, не би се помрднала.“
Бамби малку се засрами. „Длабоко се извинувам“, пропелтечи. „Не сакав.“
„Ах, не, нема гајле“, одговори сопругата на фазанот. „На крајот на краиштата, не заврши страшно. Само јас и маж ми сме малку дополнително вознемирени во моментов. Сигурно ти е јасно и зошто…“
На Бамби воопшто не му беше јасно и продолжи понатаму. Сега беше малку посмирен. Шумата пееше околу него. Сончевата светлина стана посјајна и потопла. Лисјата на грмушките и тревата наземи, па дури и самата влажна земја, почнаа да мирисаат посилно. Младешка сила го облеа Бамби и му проструи во нозете, така што чекореше малку здрвено и движењата му беа малку вештачки, небаре беше робот, а не живо суштество.
Отиде до една ниска грмушка бозел и високо кревајќи ги колената почна толку жестоко да удира со нозете наземи, што на сите страни се разлета земја. Неговите убави и остри копита, расечени по средината, ја отсекуваа тревата што растеше таму. Ги отсекуваа граорот и празот, љубичиците и кокичињата. Удираше така сè додека не раскопа сè пред себе и пред него лежеше само гола земја. Тап звук одекнуваше со секој негов удар.
Два крта, кои копаа околу заплетканите корења на едно старо зимзелено дрво, се штрекнаа, ги кренаа главите и го видоа Бамби.
„Каква глупост прави“, рече едниот крт. „Кај се видело некој да копа така?“
Другиот крт го развлече аголот од устата во потсмешлива насмевка. „Се гледа дека ништо не знае“, рече тој. „Но, така е кога некој се плетка во работи што не ги разбира.“
Одеднаш Бамби ги начули ушите, ја подигна главата, повторно ги начули ушите и ѕирна над лисјата. Зад гранките блескаше црвеникава линија и нејасно ѕиркаа рогови. Бамби за’ржи. Кој и да беше тој што се врткаше околу него, без разлика дали тоа беше Карус или некој друг, не беше важно. „Напред!“ си помисли Бамби и се стрча. „Ќе им покажам дека не се плашам од нив“, си помисли како во некој ненадеен напад на бунило. „Ќе им покажам дека тие треба да се плашат од мене.“
Грмушките зашушкаа од силата на неговиот напад, гранките крцкаа и се кршеа. И тогаш Бамби пред себе го виде другиот срндак. Не го препозна, бидејќи му се беше замаглило пред очите. Во главата имаше само една мисла – „Напред!“ Ги спушти роговите и побрза напред. Сета сила му се беше насобрала во рамената. Спремен беше да зададе удар. Тогаш го почувствува мирисот на крзното на неговиот противник. Но, не гледаше ништо пред себе, освен црвениот ѕид од неговиот бок. Тогаш, другиот срндак малку се помрдна и Бамби, очекувајќи дека ќе наиде на отпор, замавна до него во празно. За малку ќе се превртеше главечки. Се затетерави, но набрзо си дојде на себе и се подготви за нов напад.
Но, тогаш го препозна Стариот срндак.
Бамби беше толку вчудовиден што ја загуби сета присебност. Му беше срам да побегне колку што го држеа нозете, иако токму тоа го сакаше. Ама, исто така, пак и му беше срам да остане таму. Стоеше како скаменет.
„Па?“ праша Стариот срндак, смирено и тивко. Неговиот глас беше толку искрен, а сепак толку заповеднички, што го прободе Бамби директно во срцето. Не изусти ни збор.
„Па?“ повтори Стариот срндак.
„Јас си мислев…“ запелтечи Бамби, „си мислев… дека е Роно… или…“ Замолчи и срамежливо го погледна Стариот срндак. Неговиот поглед уште повеќе го збуни. Стариот срндак стоеше мирно и достоинствено. Главата сега веќе му беше целосно побелена, а неговите горди темни очи блескаа во длабок сјај.
„Зошто не ме нападнеш мене?“ праша Стариот срндак.
Бамби го погледна, исполнет со некоја необична одушевеност и потресен од мистериозен трепет. Му дојде да викне на сиот глас: „Затоа што ве сакам!“ Но, едвај успеа да изусти: „Не знам…“
Стариот срндак го погледна. „Одамна те немам видено“, рече тој. „Си станал голем и силен.“
Бамби не одговори. Трепереше од среќа. Стариот срндак продолжи да го набљудува. Потоа одеднаш се доближи до Бамби, кој многу се исплаши.
„Биди храбар“, му рече Стариот срндак.
И потоа се сврте и за миг исчезна. Бамби уште долго остана да стои на истото место.
ПОГЛАВЈЕ 12
Беше лето и беше пеколно жешко. Во Бамби повторно почна да се буди истиот копнеж што го чувствуваше и претходно, само овој пат беше уште посилен од порано. Тој му ја зовриваше крвта и му создаваше немир. Се оддаваше на далечни скитања.
Еден ден ја сретна Фалина. Сосема неочекувано ја здогледа, бидејќи во тој момент мислите му беа многу збркани, а сетилата замаглени од нескротливиот копнеж што гореше во него, што дури не ни препозна дека тоа е Фалина. Таа стоеше директно пред него. Бамби одредено време немо зјапаше во неа, па потоа воодушевено рече: „Колку си станала убава, Фалина!“
„Ме препозна, а?“ му возврати Фалина.
„Како би можел да не те препознам тебе?“ извика Бамби. „Па, израснавме заедно.“
Фалина воздивна. „Одамна се немаме видено“, рече таа. Потоа додаде: „Времето отуѓува“. Но, ова беше веќе нејзиниот вообичаен, шеговит и кокетен тон. Тоа ù беше останало.
„По оваа патека се движев со мајка ми кога бев дете“, рече Бамби по извесно време.
„Таа води кон ливадата“, рече Фалина.
„Првпат те запознав токму на ливадата“, свечено рече Бамби. „Се сеќаваш ли?“
„Да“, одговори Фалина. „Се запозна со мене и со Гобо.“ Тивко воздивна и додаде: „Кутриот Гобо…“
„Кутриот Гобо“, повтори Бамби.
Потоа почнаа да си разговараат за старите добри времиња и постојано си велеа: „Се сеќаваш ли на тоа? Се сеќаваш ли на ова?“ Обајцата увидоа дека и едниот и другиот се сеќаваа на сè и на обајцата им беше мило поради тоа.
„Се сеќаваш ли како игравме брканица на ливадата?“ рече Бамби.
„Да, чинам вака беше“, рече Фалина и отскокна како стрела. Во прв миг Бамби стоеше малку изненаден, но потоа се стрча по неа. „Чекај! Чекај!“ весело извикуваше.
„Не можам да чекам“, го задеваше Фалина. „Многу ми се брза.“ Полета со лесен скок и почна да трча во круг низ тревата и грмушките. Најпосле Бамби ја стигна и ù го попречи патот. Потоа тивко стоеја еден до друг. Задоволно се смееја. Одеднаш, Фалина скокна во воздух, небаре некој ја удрил, и повторно почна да трча. Бамби истрча по неа. Фалина трчаше наваму-натаму и вешто успеваше да го избегне.
„Застани!“ рече Бамби, целиот задишан. „Сакам да те прашам нешто.“
Фалина застана.
„Што сакаш да ме прашаш?“ љубопитно го праша.
Бамби молчеше.
„Ах, ти само се шегуваш со мене“, рече Фалина и тргна да си оди.
„Не“, како од пушка рече Бамби. „Застани! Застани! Сакав… Сакав само да те прашам… Ме сакаш ли, Фалина?“
Таа погледна во него уште пољубопитно од претходно и малку внимателно. „Не знам“, рече.
„Не може да не знаеш“, настојуваше Бамби. „Јас многу добро знам дека те сакам. Многу те сакам, Фалина. Кажи ми, те молам, ме сакаш ли ти мене?“
„Можеби и те сакам“, кокетно му одговори таа.
„А ќе останеш ли со мене?“ возбудено ја праша Бамби.
„Ако убаво ме замолиш“, весело рече Фалина.
„Те молам остани, мила моја прекрасна и најсакана Фалина“, извика Бамби сиот опиен од љубов. „Ме слушаш ли? Те молам од дното на душава.“
„Во тој случај, ќе останам со тебе“, рече Фалина нежно и истрча.
Сиот во екстаза, Бамби се затрча по неа. Фалина истрча преку ливадата и одненадеж скршна и исчезна во честакот. Но, кога Бамби тргна да ја следи во шумата, се зачу силно шушкање од грмушките и пред него се истопори Карус.
„Стој!“ извика тој.
Бамби не го слушна. Беше премногу преокупиран со Фалина. „Пушти ме да поминам“, набрзина му рече. „Немам време за тебе.“
„Губи се“, налутено му нареди Карус. „Да си се изгубил одовде веднаш! Во спротивен случај, ќе те гонам додека не го исцедам и последниот здив од твоето тело. Ти забранувам да одиш по Фалина!“
Во Бамби се разбуди сеќавањето на претходното лето кога толку сурово и често беше гонет од страна на другите срндаци. Одеднаш се разлути. Не кажа ни збор, туку само ги спушти роговите и јурна кон Карус.
Неговиот удар беше толку силен, што Карус тресна наземи уште пред да се свести што се случува. За миг скокна на нозе, но веднаш следуваше нов удар, по што се затетерави.
„Бамби!“ извика тој. „Бам..“, повторно се обиде да викне, кога доби и трет страшен удар, кој го погоди во рамото и за малку не му го пресече здивот од болка.
Карус се фрли на едната страна со цел да го избегне Бамби, кој повторно се вдаде во напад. Одеднаш почувствува огромна слабост. Во исто време му стана јасно дека ова всушност беше борба во која се работеше за живот или смрт. Крвта му смрзна од страв. Се сврте и фати да бега, а побеснетиот Бамби немо трчаше по него. Карус знаеше дека Бамби е гневен и дека безмилосно ќе го убие и тоа сосема го избезуми. Трчајќи со сета сила, скршна од патеката и со последни сили скокна низ грмушките. Мислеше само како да се спаси.
Одеднаш Бамби престана да го брка. Во сиот свој страв, Карус не го ни забележа тоа и продолжи избезумено да трча низ грмушките. Бамби беше застанал, бидејќи го чу тивкиот повик на Фалина. Ете, повторно ја чу како мачно и исплашено довикува. За миг се сврте и како виор јурна назад.
Кога стигна на ливадата, успеа само да види како Фалина бега во честакот, а Роно трча по неа.
„Роно!“ викна Бамби. Ни самиот не беше свесен дека викнал.
Роно, кој не можеше да трча многу брзо поради поткривнувањето, застана.
„Ах, па тоа бил нашиот мал Бамби“, презриво рече. „Сакаш нешто од мене?“
„Да“, рече Бамби мирно, но со сосема променет глас, во кој јасно се чувствуваа воздржаноста и совладаниот гнев. „Сакам да ја оставиш Фалина на мира и веднаш да си одиш одовде.“
„Тоа е сè?“ потсмешливо рече Роно. „Не ми се верува каков дрзок срндак си станал. Никогаш немаше да помислам дека тоа е возможно.“
„Роно“, рече Бамби сега малку поблаго, „за твое добро ти кажувам. Ако не заминеш сега, после ќе мораш да трчаш, но потоа веќе никогаш нема да можеш да трчаш.“
„Така ли?“ налутено извика Роно. „Како се осмелуваш да разговараш така со мене? Затоа што кривам ли, а? Повеќето воопшто не го ни забележуваат тоа. Или, пак, можеби, бидејќи Карус беше таков беден страшливец, си мислиш дека и јас се плашам од тебе? Пријателски те предупредувам…“
„Не, Роно“, го прекина Бамби, „јас сум тој што предупредува овде. Оди си!“ Гласот му затрепери. „Ти отсекогаш ми се допаѓаше, Роно. Отсекогаш те сметав за мудар и те почитував затоа што си постар од мене. Но, сега, за последен пат ти велам, оди си. Немам веќе трпение.“
„Штета што имаш толкаво мало трпение“, потсмешливо рече Роно. „Голема штета за тебе, момче мое. Но, без гајле, брзо ќе завршам со тебе. Нема да треба да чекаш долго. Можеби си заборавил колку пати те имам бркано досега?“
На помислата на тоа, Бамби немаше што повеќе да каже. Ништо не можеше да го задржи сега. Како подивен ѕвер се нафрли на Роно, кој го пречека со спуштени рогови. Жестоко се судрија. Роно стоеше цврсто, но се чудеше зошто Бамби не попушта. Малку го изненади неочекуваниот напад, бидејќи тој не очекуваше дека Бамби ќе го нападне прв. Загрижено ја чувствуваше огромната сила на Бамби и увиде дека ќе мора да ја вложи сета своја сила.
Додека стоеја цврсто потпрени чело на чело, на памет му падна нешто лукаво. Нагло се потргна, така што Бамби ја изгуби рамнотежата и главечки тресна нанапред.
Но, Бамби веднаш се крена на задните нозе и уште пожестоко се нафрли на Роно, уште пред тој да има шанса повторно да заземе цврст став. Се зачу силен звук на кршење и еден од роговите на Роно падна од неговата круна. Роно помисли дека му прснало челото. Искри му танцуваа пред очите и му одѕвонуваше во ушите. Во следниот миг, силен удар му го распори рамото. Го загуби здивот и се струполи наземи, а Бамби гневно стоеше над него.
„Пушти ме“, офкаше Роно.
Но, Бамби слепо удираше во него. Од очите му излегуваше оган. Се чинеше дека нема ни најмала намера да го поштеди.
„Те молам, престани“, молежливо лелекаше Роно. „Зар не знаеш дека сум куц? Само се шегував. Поштеди ме. Зар не умееш да сфатиш шега?“
Бамби го пушти без да изусти ни збор. Роно едвај се исправи. Крвавеше и нозете му се клатеа. Тивко си замина, тетеравејќи се.
Бамби тргна кон честакот за да ја побара Фалина, но таа самата излезе. Целото време стоеше на работ на шумата и следеше сè.
„Тоа беше прекрасно“, насмеано рече таа. Потоа нежно и сериозно додаде: „Те сакам“.
Пресреќни, заминаа заедно.
Наслов: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (четврт дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.
Прочитај го претходните делову од „Бамби. Животот во шумата“.
Прв дел (1 и 2 поглавје).
Втор дел (3 и 4 поглавје).
Трет дел (5, 6, и 7 поглавје)
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (5 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (6 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (7 дел) | Literatura.mk