НАСКОРО: „Како да станам моден дизајнер?“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ во издание на „Арс Ламина“

Наскоро во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе излезе од печат книгата „Како да станам моден дизајнер?“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ. Станува збор за прва книга од ваков тип на македонски јазик, којашто им излегува во пресрет на фантазијата и на желбата на оние кои сериозно сакаат да се занимаваат со модата како мошне креативна применета уметност.
Поделена е во шест тематски поглавја и систематично се осврнува кон сознанијата што секој иден моден дизајнер би требало да ги совлада, за да се стекне со знаењето и вештините на оваа дејност.
Со оваа книга идните дизајнаери постепено ќе навлезат во работниот и мисловниот процес на создавање мода. По уводното објаснување за целта на оваа книга, првото поглавје е наменето за тајните на модниот цртеж и како тој треба постепено да се совладува. Ги има сите основни информации за човечката фигура и како се совладува цртањето на модната фигура. Второто поглавје е запознавање со светот на модата, какви видови мода постојат, кому се наменети, кои се целните групи и клиентите за кои сакате да создавате и креирате. Третото поглавје е наменето на истражувањето, за собирањето инспирација, идеи и информации за она што сакаат да го креираат, а четвртото поглавје информира што сè треба да се има во работно катче, какви материјали и алатки, за да се почне со креирање и изведување модели. Петтото поглавје веќе станува малку покомплексно, тука се почетоците на совладување на основниот крој за правење и изведување на моделот што го нацртале. И на крајот, шестото поглавје – „Мојата прва колекција“ – упатува како да се почне работата како моден дизајнер.
На последните страници од книгата, вклучени се и кратки биографии и фотографии од модни колекции на тројца македонски успешни модни дизајнери, коишто успеваат да изградат светско реноме преку својата работа.
Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е моден креатор, костимограф, автор и новинар. По дипломирањето на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и музичко-забавни емисии. Истовремено работи костимографии и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театарски претстави (во Драмски театар, Кумановски театар, Битолски театар, Театар на националностите, Театар „Пралипе“ итн.).
Во 1977 година како стипендист на француската влада оди на специјализација во Франција, на Школата на синдикатот за Висока мода, по што почнува поинтензивно да се занимава со модно креирање и реализира повеќе авторски модни ревии. До 1991 година работи во ПОС „Интекс“ како моден дизајнер за македонската модна индустрија и конфекција, изработувајќи сезонски колекции наменети за саеми, производство, ревии и пропаганда. Во 1985 почнува да предава на Факултетот за ликовни уметности во Скопје по изборниот предмет „Модно креирање“, а се пензионира како вонреден професор по предметите: Модна креација, Уникатно креирање и Историја на облека на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.
Автор е на монографијата за градот Кавадарци, „Вистински приказни за вечни сеќавања: Кавадарци (1900 – 1945)“, како и на учебникот „Конструкција, моделирање и градирање на основни кроеви на уникатна женска облека“ (во коавторство со проф. д-р. Соња Ќортошева).
Во текот на својот работен век пишува и текстови за мода во македонски дневни и периодични изданија, а одреден период го уредува специјализираното списание „Текстилен информатор“.
По пензионирањето, Тодорова-Младеновиќ реализира околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како и во Археолошкиот музеј во Скопје.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.