Извадок од „Белата тврдина“ од Орхан Памук

Пловевме од Венеција кон Неапол кога се појави Тур¬ската флота. Ние бевме, сè на сè, три брода, додека редот нивни гемии што излегуваа една по една од маглата како да немаше крај. Ги загубивме смиреноста и трпението; сите на нашиот брод беа веднаш обземени од страв и крајна збу¬нетост, а нашите веслачи, повеќето Турци и Маври, почнаа да испуштаат крици на радост и воодушевување. Клунот на нашиот брод се насочи кон копното, на запад, исто како и другите два брода, но за разлика од нив, ние не успевав¬ме да ја постигнеме потребната брзина. Нашиот капетан, плашејќи се од казна во случај да биде фатен и заробен, не можеше да се натера да ја даде заповедта заробениците зад веслата да се камшикуваат. Во моите подоцнежни годи¬ни, често на ум ми доаѓаше мислата дека токму овој миг на страшливост ми го имаше сменето сиот живот.
Но, сега ми се чини дека животот ќе ми беше сменет ако тогаш се случеше капетанот да не беше одеднаш обземен од страв. Многумина веруваат дека животот не е и не може да биде предодреден, дека сите приказни, во суштината, се низа случајности. А сепак, дури и оние што веруваат дека е така, кога ќе погледнат наназад, доаѓаат до заклучокот дека извесни настани што некогаш ги сметале за случајни, всуш¬ност биле неизбежни. Сега се наоѓам во токму оваа ситу¬ација, седнат на една стара маса додека ја пишувам мојата книга, обидувајќи се во умот да ги видам боите на турски¬те гемии додека се појавуваат како фантоми во маглата; а ова се чини како најдобро време за раскажување приказна.
Нашиот капетан малку се созеде кога ги виде другите два брода како се оддалечуваат од турските бродови и исчез¬нуваат во маглата и конечно се осмели да даде заповед ве¬слачите да се бичуваат, но веќе имавме задоцнето; дури ни камшиците не можеа да ги натераат робовите да се потчи¬нат откако ја почувствуваа возбудата поттикната од жел¬бата за слобода. Пресекувајќи го густиот ѕид од магла и престорувајќи го во бранови во боја, одеднаш кон нас беа насочени повеќе од десет турски гемии. Сега, конечно, на¬шиот капетан одлучи да се бори, да се спротивстави, и тоа, според мене, не на непријателот, туку на сопствените страв и срам; заповеда робовите да се бичуваат безмилосно и нареди топовите да се подготват за стрелба, но поривот за впуштање во битка, што се разгори задоцнето, мошне брзо и спласна. Се најдовме во небрано, под дејство на си¬лен оган отстрана – и ако веднаш не се предадевме нашиот брод неминовно ќе завршеше потопен – па решивме да го кренеме белото знаме и да се предадеме.
Додека ги чекавме турските гемии, мирувајќи на непод¬вижното море, отрчав во мојата кабина, почнувајќи да ги суредувам моите работи таму, не како да очекувам неприја¬тели кои ќе ми го сменат животот засекогаш, туку како не¬колкумина пријатели кои ми се најавиле дека ќе дојдат да ме посетат, при што го отворив моето мало сандаче и почнав да пребарувам низ книгите, целиот замислен. Очите ми се наполнија со солзи додека ги прелистував страниците на една книга на која многу ù се израдував кога ја купив во Фиренца; одеднаш чув чкрипења, чекори што се движеа на сите страни, низа различни гласни звуци што допираа од¬надвор и знаев дека секој миг книгата ќе ми биде одземе¬на од рацете, но јас и понатаму не сакав да мислам на тоа, туку само на она што беше испишано на нејзините страни¬ци. Ми се чинеше како мислите, речениците, сè што беше напишано во неа, да го содржеа целиот мој минат живот што сега се плашев дека ќе исчезне. Додека во себе читав случајно избрани делови од неа − токму како да кажувам молитва − очајно сакав да ја врежам целата книга во сеќа¬вањето, за кога ќе дојдат да не мислам на нив и на маките и страдањата на кои ќе ме стават, туку да се сеќавам на бои¬те од моето минато, на ист начин како во сеќавањето да се навраќам на саканите зборови од книга што сум ја запом¬нил со задоволство.
Во тоа време бев друг човек, па дури бев и нарекуван со друго име од страна на мајка ми, свршеницата и пријатели¬те. Понекогаш во соништата сè уште ја гледам таа личност која некогаш бев или која сега верува дека некогаш бев и се будам целиот облеан во пот. Оваа личност која сега ми ги враќа сеќавањата на избледените бои, соновидните сенки на земји што никогаш ги немало, на животни кои никогаш не постоеле, неверојатните оружја што подоцна ги измис¬лувавме година за година, а која тогаш имаше дваесет и три години, која учеше „наука и уметност“ во Фиренца и Вене¬ција и која веруваше дека се разбира во астрономија, ма¬тематика, физика, сликарство… Се разбира дека тој беше вообразен: веќе запознаен со повеќето од достигнувањата од пред неговото време, тој веќе го имаше кренато носот и ги потценуваше; не се сомневаше дека може да стори по¬веќе и подобро; му немаше рамен; знаеше дека беше поин¬телигентен и покреативен од кој било. Накусо, беше едно просечно момче. Ме боли кога ќе помислам, соочен со при¬нуденоста да измислувам минато за себе, дека ова момче, кое со својата љубена зборуваше за своите страсти, за свои¬те планови, за светот и за науката, за кого беше природно тоа што неговата свршеница го обожаваше, всушност бев јас. Но, се утешувам себеси со помислата дека еден ден ба¬рем еден грст луѓе трпеливо докрај ќе го прочитаат она што сега го пишувам овде и ќе сфатат дека јас не бев тоа мом¬че. А можеби овие трпеливи читатели ќе помислат, како што тоа е случај со мене сега, дека приказната на ова мом¬че, кое се откажува од својот живот додека ги чита неговите скапоцени книги, подоцна продолжува токму од местото каде што го прави тоа.
Кога турските морнари ги фрлија скалите и стапнаа на нашиот брод, излегов на палубата носејќи го моето санда¬че со книги. А таму веќе се случуваше вистински пекол…

Извадок од книгата: „Белата тврдина“ од Орхан Памук
Едиција: Современи класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата може да се нарача онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Кникнете тука за да го прочитајте извадокот од „Истанбул: Сеќавањата и градот“ од Орхан Памук.

One thought on “Извадок од „Белата тврдина“ од Орхан Памук

  1. Пингување: Извадок од „Нов живот“ од Орхан Памук | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.