Денис Бојаров: Моите предлози на книги од „Литература.мк“ за време на #СедиСиДома


Во акцијата за поттикнување на читањето за време на изолацијата, Денис Бојаров, кој е дел од популарната книжевна фејсбук-група „Размена на книги и книжевни муабети“, се вклучи со свои седум предлози на книги од „Литература“. Тој вели:
‒ Мојата топ-листа на книги за време на #СедиСиДома е составена од седум наслови. Се извинувам, но навистина би ми било претешко да извадам некој наслов од оваа листа, а би ми било драго доколку и вие споделите мислење за овие многу значајни книги. А ако, пак, имате некој непрочитан наслов од оваа листа, претпоставувам дека ќе знаете какви одушевувачки приказни ве очекуваат.

1. „Архангел ‒ Ослободување на ѕверот“ од Даниел Бибовски

Една научно-фантастична книга, за сите возрасти, базирана на технолошки предвидувања на врвни пронаоѓачи, а воедно и студии за определени дисциплини за кои светот не чул или нема некое поголемо знаење. По завршувањето на Третата светска војна, врвните светски умови на Јужниот пол создаваат населба со многу напредна технологија, наречена Архангел. Оттука започнуваат авантурите на едно дете по име Адам и неговиот пријател змеј наречен Биви. Колку и да ви изгледа сижето фантастично, приказната го опфаќа човекот во целост во однос на неговата емоционална интелигенција, вклучувајќи ги и неговата желба за владеење, надмоќ и алчност. Одлично изработена фабула, со универзална и јасна порака низ искрената и чиста мисла на едно дете. Оваа книга е планирана и за дискусија во Клубот на читатели во рамките на фејсбук-групата „Размена на книги и книжевни муабети“.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

2. „Кралицата Елизабета“ од Сали Бедел Смит

Биографска книга напишана со високоинтелигентен авторски стил. Фасцинантна книга за една извонредна жена. Прилично долга, со многу детали и забелешки и со многу лични и интимни исповеди. Префинето опишан живот на една кралица, заедно со нејзиното семејство, нејзините причини и нејзините интереси. Портретот е претежно позитивно насликан, и покрај тоа што авторката влегува во одредени контроверзии што се издржани, се разбира. Нејзините должности како кралица ги надминуваат должностите на мајка, но, сепак, ја среќаваме како една грижлива и симпатична жена. Секогаш е многу внимателна и неутрална во однос на политичките прашања и никогаш не искажува свое мислење за премиерите, но поставува релевантни прашања за да им помогне во владеењето. Без разлика дали сте англофил или не, дефинитивно ви ја препорачувам оваа книга. Кралицата Елизабета е навистина прекрасна жена и уживав запознавајќи ја одблиску.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

3. „Ана Каренина“ од Лав Н. Толстој

Да се прочита „Ана Каренина“, значи да се грижиш за Ана и да се обидеш да ја разбереш нејзината борба. Ако работите беа поинакви, ако живееја во едно друго време, да речеме во нашето современо општество, таа и Вронски можеа да бидат среќни. Но, сепак, работите не се различни… ниту за Ана, ниту за Вронски, и тоа е поентата на приказната. Ако Ана не е хероина или маченичка во романов, тогаш што е таа? Одлуката за тоа која и што е Ана е еден од главните предизвици на „Ана Каренина“. Исклучителен класик вреден за читање и препрочитување.
Двата тома од „Ана Каренина“ се достапни за онлајн нарачка на следните линкови:

„Ана Каренина“, том 1

„Ана Каренина“, том 2

4. „Шпанската граѓанска војна“ од Хју Томас

Приказната за шпанската граѓанска војна низ призмата на Хју Томас комплетно ме воодушеви. Приказна полна со драма, храброст, свирепост и ужас, идеализам и измама. Постојано ме изненадуваат историските факти на човечките општества во однос на тоа како можат одеднаш овие општества да се распаднат, да се растргнат, и така лесно да се прибегне кон убивање на другите, чии верувања се различни. Книгава ме наведе на размисла дали, можеби, постои паралела со тековната граѓанска војна во Сирија? Онаму каде што бунтовничката страна се обидува да ја собори владата, која изгуби контакт со својот народ, но надворешните волонтери влегуваат за да ја нарушат сликата. Станав свесен дека пред оваа книга многу малку сум знаел за Шпанската граѓанска војна, и за мене ова беше една вистинска и детална историска лекција испишана во повеќе од 1100 страници.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

5. „Признавам дека живеев“ од Пабло Неруда

Да се биде еден од ретките добитници на Нобелова награда, во многу случаи, не е производ на политичко местење, туку заслужено одобрување на севкупната животна дејност и дејствување. Оваа постхумна и автобиографска книга на Пабло Неруда, која спојува пасуси што тешко можат да се избришат, ми се врати како еден вид гастрономска меморија. Пабло Неруда започнува со денот на неговото раѓање и завршува со драматична смрт на претседателот Салвадор Аљенде. Со својата долгогодишна историја како активен интелектуалец и дипломат на својата земја и нејзините принципи, од прва рака нè носи преку најважните поставки на половина свет и нè тера да триеме раменици со најрелевантните личности, уметнички и политички, од тој конвулзивен свет.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

6. „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон

Совршена книжевна кохеренција на насловот и содржината. Менсон си поставил задача да си го олесни животот и се одлучил тоа да му го открие на светот за речиси беспари. Во кратки црти, тоа е прирачник за убав живот каде што фокусот го ставаме на важните нешта. Но, кои се тие важни нешта?
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

7. „Стогодишникот кој скокна низ прозорец и исчезна“ од Јонас Јонасон

Авантурите на виталниот стогодишник Алан Карлсон, кој решава да избега од старечкиот дом, ќе ги следите со неверојатна заинтересираност. Еден поинаков старец кој отскокнува од очекуваните рамки. Толку смешна и интересна книга, што морам да ве предупредам за честите грчеви во стомакот. На крајот на краиштата, покрај тешките теми, сите ние заслужуваме малку и да се опуштиме со добра комедија, нели?
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

Морам да истакнам дека би бил сосема нефер кон вас ако ги одминам и не ви ги препорачам и следниве книги: „Моите изуми“ од Никола Тесла; „Девојката што го спаси кралот на Шведска“ од Јонас Јонасон; „Вљубувања“ од Хавиер Мариас; „Соба со поглед“ од Едвард Морган Форстер; „Океј сме“ од Нина Лакур; „Раскажувачката“ од Џоди Пико; и за љубителите на поезијата – „Дното се стеснува“ од Кирил Бисероски.
Уживајте како што уживав и јас.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.