Извадок од „Соба со поглед“ од Едвард Морган Форстер

Поглавје 2
Во Санта Кроче без бедекер

Убаво беше човек да се разбуди во Фиренца, да отвори очи среде светла и празна соба, со под од црвени плочки кои изгледаат чисти иако не се; со насликан таван на кој розови грифони и сини аморини водат љубов во шума од жолти виолини и фаготи. Исто така, беше пријатно да се раскрилат целосно прозорците, а прстите да се стиснат во непознати шарки, да се гледаат прекрасни сончеви ридови и дрвја и мермерни цркви отспротива, а блиску под прозорецот тече Арно, жубори наспроти крајпатниот брег.
На другата страна од реката мажи работеа со сита и лопати на песокот, а во реката пловеше брод, исто така со некоја мистериозна задача. Под прозорецот пројури електричен трамвај. Беше празен, внатре имаше само еден турист; но на платформите беше турканица од Италијанци кои претпочитаа да стојат. Одзади деца се обидуваа да се задржат, а кондуктерот без нималку злоба ги плукаше в лице за да се пуштат. Потоа се појавија војници – згодни, но ситнички – со ранци покриени со излитени крзна и шинели скроени за покрупни тела од нивните. Крај нив одеа офицери, кои изгледаа жестоко и неинтелигентно, а пред нив одеа момченца кои правеа премети во ритам со музиката. Трамвајот им завлезе во поворката и тешко се движеше, како гасеница среде армија мравки. Едно од момченцата падна, а од еден свод набрекнуваа неколку бели јунци. Да не беа советите од старецот кој продаваше куки за закопчување, можеби улицата никогаш немаше да се расчисти.
Многу часови можеа тукутака да поминат со вакви тривијалности и патникот кој допатувал во Италија да учи за тактилноста на делата на Џото или за корумпираноста на папството ‒ на крајот да се врати од каде што дошол сеќавајќи се само на синото небо и на мажите и жените кои живееја под него. Но, госпоѓицата Бартлет тропна и влезе, коментирајќи ù на Луси што ја оставила вратата отклучена, што се наведнала преку прозорецот сè уште необлечена, па ја брзаше да се подготви за да не им отиде денот. Додека Луси да се подготви, братучетка ù веќе имаше појадувано и во друштво на трошките од масата ја слушаше паметната госпоѓа.
Потоа почнаа разговор на позната тема. Госпоѓицата Бартлет беше малку изморена и сметаше дека е подобро утрото да го поминат во пансионот; ако Луси воопшто и сакаше да излезе? Луси многу сакаше да излезе, бидејќи ù беше прв ден во Фиренца, а се разбира дека можеше и сама да излезе. Госпоѓицата Бартлет не можеше да дозволи такво нешто. Се разбира дека таа треба да ја придружува Луси насекаде. Се разбира дека не; Луси нема да се согласи. Не! Едноставно тоа беше невозможно. Да!
Во овој момент се вклучи паметната госпоѓа.
„Ако сте загрижени поради госпоѓа Гранди, Ве уверувам дека нема зошто, бидејќи е добра личност. Со самото тоа што е Англичанка, Госпоѓицата Ханичрч ќе биде сосема безбедна. Италијанците разбираат. Мојата мила пријателка, грофицата Барончели, има две ќерки и кога не може да испрати помошничка со нив на училиште, ги праќа со морнарски капи. Сите мислат дека се Англичанки, особено зашто косите им се врзани цврсто одзади.“
Госпоѓицата Бартлет не беше убедена околу безбедноста со приказната за ќерките на грофицата Барончели. Беше одлучна дека ќе ја придружува Луси, бидејќи главата не ја болеше толку многу. Потоа, паметната госпоѓа кажа дека ќе го помине најголемиот дел од утрото во Санта Кроче и дека би била презадоволна ако Луси дојде со неа.
„Госпоѓице Ханичрч, ќе Ве прошетам по едно мое многу мило валкано уличе и ако имате среќа, ќе имаме авантура.“
Луси ù одговори дека тоа е навистина љубезен предлог од нејзина страна и веднаш го отвори бедекер да види каде се наоѓа Санта Кроче.
„Аман, госпоѓице Луси! Се надевам дека наскоро ќе ве ослободиме од бедекер. Тој гребнува само по површината на нештата. Далеку е тој од доловување на вистинската Италија. Вистинската Италија може да се доживее само преку трпеливо набљудување.“
Сето ова è се виде многу интересно, па Луси побрза да заврши со појадокот и пресреќна тргна со новата пријателка. Конечно ќе ја доживее Италија. Кокни сињората и нејзините измами ги снема како лош сон.
Госпоѓица Лавиш – така се викаше паметната госпоѓа – заврти десно крај сончевиот пат по должината на Арно. Колку е пријатно топло! Но, ветерот во страничните улички сечеше како нож, нели? Понте але грацие* беше особено интересен и споменат и во делата на Данте. Сан Минијато** – убава и исто толку интересна; распетието што бакнуваше убиец – госпоѓицата Ханичрч сигурно се сеќава на приказната. Мажите рибареа на реката. (Неточно; но на крајот на краиштата, повеќето од информациите се неточни.) Тогаш госпоѓицата Лавиш забрза под сводот со бели јунци, застана и извика:
„Мирисов! Ова е мирисот на Фиренца! Секој град, слушајте ме што ви велам, си има свој мирис“.
„Ова е убав мирис?“ праша Луси која од мајка си имаше наследено одбивност кон прав.
Ù беше одговорено „Човек не доаѓа во Италија за убавина“; „туку за живот. Бонџорно*! Бонџорно!“ се поклонуваше налево и надесно. „Погледнете ја само преслаткана количка за вино! Видете како зјапа во нас возачот, мила, проста душа!“
И така госпоѓицата Лавиш продолжи по улиците на Фиренца, ниска, немирна и игрива како маченце, но без мачешка грациозност. Луси беше пресреќна што е со некој кој е толку паметен и толку весел; а сината војничка наметка, каква што носат италијанските офицери, само уште повеќе ја расположуваше.
„Бонџорно! Верувајте им на повозрасните, госпоѓице Луси, никогаш нема да се покаете ако сте малку поучтива со оние што се на пониско скалило од Вас. Тоа е демократија. Иако јас сум радикал. Ете, сега сте шокирана.“
„Не сум!“ извика Луси. „И ние сме радикали, од глава до пети. Татко ми отсекогаш гласаше за г. Гледстоун, сè додека не стана ужасен за Ирска.“
„Разбирам. А сега сте преминале кај непријателот.“
„Ама ви се молам!… Да беше сега жив татко ми сигурна сум дека ќе гласаше радикално бидејќи Ирска сега е во ред. А затоа и стаклото над нашата влезна врата беше скршено минатите избори, Фреди е сигурен дека тоа е дело на ториевците; но мама вели дека се тоа глупости, сигурно некој скитник го скршил.“
„Срамота! Претпоставувам дека живеете во индустриска област?“
„Не, во Сари Хилс. На околу осум километри од Доркинг, гледаме накај Вајлд.“
Госпоѓицата Лавиш се заинтересира, па подзабави малку.
„Колку убава област; многу добро ја познавам. Преполна е со прекрасни луѓе. Да не го знаете сер Хери Отвеј? Нема поголем радикал од него.“
„Секако.“
„А старата госпоѓа Батерворт, филантропката?“
„Па, токму неа ù најмуваме нива! Колку интересно!“
Госпоѓицата Лавиш погледна накај тесната лента небо и промрмори: „Значи имате имот во Сари?“
„Не којзнае колку“, рече Луси плашејќи се да не си помисли дека е сноб. „Само триесет акри – една градина, цела е по надолница и неколку ниви.“

Госпоѓицата Лавиш не се згрози и ù рече дека тетка ù има исто толку голем имот во Сафолк. Италија исчезнуваше. Се обидоа да се сетат на презимето на некоја леди Луиза, која најмила куќа во близина на улицата „Самер“ претходната година, но не ù се допаднала, што било чудно за некој како неа. И тукушто госпоѓицата Лавиш се сети на презимето, одеднаш се сепна и извика:
„Спаси нè! Спаси нè, Господе! Се изгубивме“.
Секако дека веќе одамна требаше да имаат стигнато до Санта Кроче, чијашто кула јасно се гледаше од прозорецот во ходникот. Но, госпоѓицата Лавиш толку се фалеше дека ја има Фиренца на дланка, што Луси ја следеше без воопшто да внимава.
„Изгубени! Изгубени! Мила моја госпоѓице Луси, се занесовме во политички дебати и сме свртеле во погрешна уличка. Колку само ќе ни се ситат ужасните конзервативци! Што да правиме? Две сами жени во непознат град. Е ова ти е авантура.“
Луси, која сакаше да ја види Санта Кроче, предложи да прашаат за насоки.
„Ама тоа е страшливо! А тоа никако, не може, не смеете да гледате во бедекерот! Дајте го ваму; не ви давам да го носите. Ќе одиме како што нè носи патот.“
И така си одеа како што ги носеа мноштвото сиво-кафеави улички ‒ ниту пријатни ниту сликовити ‒ во источната четврт од градот. На Луси наскоро ù здодеа незадоволството на леди Луиза, па и самата стана незадоволна. И во еден волшебен момент, Италија повторно се појави. Стоеше на плоштадот „Анунцијата“ и во живата теракота ги виде божествените бебиња кои ниедна евтина репродукција не може да ги долови. Ги гледаше пред себе со сјајни ножиња брзнати од обвивките на милосрдноста и со силни бели раце истегнати кон кругот на небесата. Луси си помисли дека никогаш не видела нешто поубаво; но госпоѓицата Лавиш крикна вознемирено и ја повлече напред, изјавувајќи дека имаат застрането најмалку два-три километри од вистинскиот пат.
Наближуваше часот за почеток односно за крајот на континенталниот појадокот, па купија малку топла паста од костени од една продавничка зашто им изгледаше многу автентично. Делумно имаше вкус на хартијата во која беше замотана, делумно на масло за коса, делумно на нешто сосема непознато. Но, им даде сила да стигнат до друга пјаца*, голема и прашлива, на чијшто спротивен крај се издигаше неочекувано грда црно-бела фасада. Госпоѓицата Лавиш многу драматично зборуваше. Тоа е Санта Кроче. Авантурата заврши.

Извадок од „Соба со поглед“ од Едвард Морган Форстер
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.