Авторката на книгите за деца „Игра со глаголи“ и „Игра со именки“, Оливија Георгиевска, за време на изолацијата, покрај тоа што посветува внимание на онлајн едукацијата на своите ученици во приватната американска гимназија – Скопје (при Американскиот колеџ), каде што е професор по македонски јазик и координатор, сака да прочита и добра книга. Таа ни ја испрати својата топ 5 листа на книги од „Литература.мк“ на која се најдоа изданија за сите генерации. На прво место ги става изданијата за најмладите, следуваат книги за тинејџери, за студенти и избрани наслови за повозрасната публика.
1. „Ноќ спроти Водици“ – едиција „Шекспир за деца“
„Ноќ спроти Водици“ од Вилијам Шекспир е извонредна комична љубовна приказна. Драмата започнува со бродолом, во кој Виола, една млада аристократка по потекло, бидува раздвоена од нејзиниот брат, идентичен близнак, Себастијан, па завршува исфрлена на бреговите од Кралството Илирија. Тука започнува оваа забавна приказна со заменети идентитети и осуетена љубов. Оваа куса наративна верзија на драмата e прилагодена за помладите читатели. Децата можат самостојно да ја читаат или, пак, со помош на родителите. Исто така, може да се користи и како дополнителна литература во наставата. Лесната нарација и илустрациите во комичен стил со сигурност ќе го привлечат интересот на децата и ќе придонесат за подобар развој на нивните читачки вештини.
Станува збор за една од 8-те книги со адаптиран текст според делото на Шекспир, кои неодамна излегоа од печат во издание на („Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“) која ја препорачувам за најмладите.
Книгата е достапна за онлајн нарачка преку literatura.mk, на следниот линк.
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13647
Останатите книги од едицијата „Шекспир за деца“ може да се погледнат и нарачаат на овој линк.
2. „Фантастични раскази“ од Е.Т.А. Хофман
Овој наслов од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, го препорачувам за тинејџерите.
Многу пред своето време, идејата на Е. Т. А. Хофман да го направи во книжевноста она што Жак Кало го направил во ликовната уметност, ќе биде плоден почеток на една историја што ќе ни ги даде Едгар По и Гогољ, но и Дикенс, Бодлер и Кафка. Комбинирајќи го фантастичното со реалното, Хофман е еден од првите кои ќе ги помеша границите на овие два света на таков начин што никој нема да може да познае каде едното завршува, а другото почнува. Внимателно структуриран, овој избор од неговиот раскажувачки опус нè води од посветета на инспираторот Жак Кало, преку нултата точка на книжевната фантастика (доаѓањето на Х. В: Глук во Берлин повеќе од дваесет години по неговата смрт), низ генетичкиот код на жанрот („Музичките страдања на капел-мајсторот Јохан Крајслер“), па сè до едни од најраните обмислени излети на литературата во сферата на научно-фантастичното („Песочарот“, „Автомат“).
Секогаш со едната нога во светот на секојдневното, а со другата во оној на необичното, Хофман се нурнува во оние понори на човечкото лудило, страв и копнеж во кои подоцна, и експлицитно следејќи ги неговите чекори, психоаналитичарите ќе ја бараат суштината на тоа што значи да се биде човек.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
3. „Сè е за*бано“ од Марк Менсон
Од авторот на интернационалниот мегабестселер „Е, баш ме заболе“ доаѓа контраинтуитивен водич за проблемите со надежта. Живееме во интересно време. Материјално, сè е подобро од кога и да е, но некако сè изгледа како да е непоправливо и ужасно заебано. Што се случува? Ако некој може да ја именува нашата моментна малодушност и да ни помогне да ја решиме, тоа е Марк Менсон. Во „Сè е за*бано“, Менсон исцртува планини од психолошки истражувања базиран на безвременската мудрост на Платон, Ниче, Кант, па и на Том Вејтс, за да ги дисецира религијата, политиката, парите, забавата и интернетот. Со неговата препознатлива комбинација од ерудиција и хумор, Менсон нè предизвикува да бидеме почесни кон себеси, отворено спротивставувајќи се на нашите дефиниции на верата, среќата, слободата – дури и на надежта. Еден од најголемите модерни автори напиша уште една книга што ќе ја постави агендата на годините што доаѓаат.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
4. „Морето на изгубеното време и други раскази“ од Габриел Гарсија Маркес
Ова е предлог за сите млади луѓе. Станува збор за избор од осум раскази излеани од перото на мајсторот на магичниот реализам, Габриел Гарсија Маркес, во шеесеттите години на XX век. Од современиците наречен и „најголемиот Колумбиец на сите времиња”, овој великан на пишаниот збор е речиси синоним за највисоките достигнувања во латиноамериканската книжевност во XX век. Овој избор раскази од пораниот период на неговото творештво, пронижани со мајсторски отсликаната атмосфера на магичните, но и сурови Кариби, и тоа како го доживува тоа.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.
5. „Соба со поглед“ од Едвард Морган Форстер
Едвард Морган Форстер (1879 – 1970) е еден од најпознатите англиски романсиери на 20. век. Современик на Вирџинија Вулф, Д. Х. Лоренс и Т. С. Елиот, како и член на познатата група Блумсбери, тој бил номиниран за Нобеловата награда за книжевност дури шеснаесет пати. Негови најпознати романи се „Соба со поглед“, „Хауардс Енд“ и „Пат кон Индија“. Младата Луси Ханичрч се наоѓа помеѓу својата ригидна братучетка Шарлот, педантниот свршеник Сесил и спонтаниот Џорџ и треба да донесе одлука. Таа мора да одлучи дали да го послуша срцето или да ги следи конвенциите на викторијанското општество. Нејзиниот избор го понесува товарот на целата генерација млади жени од почетокот на 20. век. „Соба со поглед“ е третиот роман на веќе класичниот англиски романсиер Е. М. Форстер, кој до денес останува неговото најведро и најомилено книжевно достигнување кај читателската публика. Движејќи го заплетот помеѓу Италија и Англија, помеѓу Фиренца и Сари, тој успева, со блага иронија, без никаков цинизам, а со многу хумор, да зборува за сериозни теми како класата, родот, туризмот, уметноста и љубовта. Иако напишан пред повеќе од сто години, романот „Соба со поглед“ сè уште ѝ зборува на современата публика, за што сведочат многубројните реизданија и филмските адаптации.
Книгата е достапна за онлајн нарачка на следниот линк.