„Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (трет дел)

 

ПОГЛАВЈЕ 5

Времето минуваше, а Бамби доживеа многубројни авантури и стекна многу искуства. Секој нов ден му носеше нешто ново. На моменти, дури и му се вртеше во главата од што имаше толку многу работи за учење.
Сега веќе умееше да наслушнува, а не само да ги слуша нештата што се случуваа толку блиску што самите допираа до увото. Не, тоа навистина не беше никаква умешност. Сега знаеше како разумно да наслушнува сè што се мрдаше, без оглед на тоа колку е незабележливо. Го слушаше дури и најтивкиот шепот што го носеше ветрот. На пример, знаеше дека тоа што трча во соседните грмушки е фазан. Тој сосема добро го препознаваше нежното тапкање по земја што запираше повремено. Го препознаваше и звукот на полските глувци кога трчкаа напред-назад по нивните малечки патеки. Како и цупкањето на кртовите кои кога беа добро расположени, се бркаа во круг околу грмушките бозел, така што се слушаше само благо шушкање. Го препознаваше и јасниот пискав вик на соколот и од неговите изменети, лути крикови знаеше кога се приближува јастреб или орел. Соколот се лутеше од страв дека некој насила ќе му ја одземе територијата. Бамби го препознаваше и звукот на мавтањето на крилјата на шумските гулаби, како и прекрасниот, далечен шум на крилјата на патките и многу, многу други.
Сега знаеше и како да душка по малку. Наскоро ќе знае да душка исто толку добро колку мајка му… Можеше истовремено да душне во воздухот и да го анализира мирисот со своите сетила. „Ах, тоа се детелина и ливадарка“, ќе заклучеше кога ветрот ќе дувнеше од ливадата. „А таму е и нашиот пријател, Зајакот. Многу добро му го чувствувам мирисот.“
Потоа, од мирисот на лисје и земја, праз и лазарка, знаеше дека тука некаде поминува феретка. Ако го ставеше носот наземи и внимателно душнеше, ќе знаеше дека тука поминала лисица. Или, пак, ќе намирисаше дека во близина е некој од неговото семејство. Можеби се тоа тетка Ена и децата.
Сега веќе добро ја имаше запознаено ноќта и веќе не копнееше да трча толку многу среде бел ден. Сега можеше по цел ден да лежи под ладовината на зелената лединка заедно со мајка си. Слушаше како воздухот трепери од жегата и заспиваше.
Одвреме-навреме, ќе се разбудеше, ќе наслушнеше со ушињата и ќе душнеше во воздухот за да види што се случува. Сè беше како што треба. Само сениците си брбореа меѓу себе, грмушарчињата, кои речиси никогаш не седат мирни, си потпевнуваа, a шумските гулаби не престануваа да ги воспеваат нивните возбудливи нежности. Но, тоа не беше негова работа, нели? Па, повторно тонеше во сон.
Сега веќе многу ја имаше засакано ноќта. Сè беше живо, сè беше раздвижено. Се разбира, тој мораше да биде претпазлив и ноќе, а сепак не мораше постојано да внимава будно. А и можеше да оди каде му душа сакаше. И секаде каде што одеше, запознаваше некого. И другите секогаш беа помалку вознемирени одошто преку ден.
Ноќе шумата беше свечена и тивка. Се слушаше само по некој глас. Во тишината и тие звучеа гласно, но имаа поинаков призвук одошто дневните гласови и изгледаа подлабоко.
Бамби сакаше да го гледа бувот. Тој леташе толку отмено, совршено лесно и нечујно. Испушташе звук едвај колку една пеперуга, а беше толку многу голем. Имаше и многу карактеристични црти на лицето и длабоко сериозен израз. И толку прекрасни очи! Бамби се восхитуваше на неговиот цврст, сталожен и храбар поглед. Сакаше да ги слуша разговорите што ги правеше со мајка му или со некој друг. Секогаш стоеше настрана, бидејќи малку се плашеше од заповедничкиот поглед на кој толку многу му се восхитуваше. Не ги разбираше повеќето мудри работи што ги говореше тој, но знаеше дека се мудри и тоа уште повеќе го воодушевуваше и правеше да го почитува бувот.
И потоа бувот ќе почнеше да ука. „Хуу-ху-ху! Ху-ху-ху!“ ќе извикаше тој. Тоа звучеше поразлично од песната на дроздовите или на жолните, поразлично од пријателските ноти на кукавицата, но Бамби ја обожаваше песната на бувот, бидејќи ја чувствуваше нејзината мистериозна сериозност, нејзината неискажлива мудрост и нејзината необична меланхолија.
А тука беше и шумската утка, прекрасна мала птица, весела, дружељубива и љубопитна до бескрај. Обожаваше да привлекува внимание. „Уј-и-ик! Уј-и-ик“, ќе викнеше таа со страшен, пискав и продорен глас. Кога ќе ја чуе некој, ќе си помисли дека е во смртна опасност. Но, таа всушност е одлично расположена и многу се радува секогаш кога ќе успее да преплаши некого. „Уј-и-ик“, толку гласно ќе крикне што ечи на километри наоколу. Но, потоа слатко си се кикоти, иако тоа можете да го чуете само ако сте во нејзина непосредна близина.
Бамби откри дека шумската утка многу се радува секогаш кога ќе преплаши некого или кога некој ќе помисли дека ù се случило нешто лошо. И откако го дозна тоа, секогаш кога ќе ја сретнеше, Бамби не забораваше да ја праша: „Што ти се случи?“ Или, пак, низ воздишка да рече: „Леле, колку ме исплаши!“ И тогаш утката беше пресреќна.
„О, да“, ќе речеше таа, смеејќи се, „мојот крик е многу страшен.“ Ќе ги накострешеше перјето во сивкаво-бела топка и изгледаше волшебно.
Имаше и бури, неколкупати, и дење и ноќе. Првата бура беше преку ден и Бамби почувствува како го обзема страв, додека неговата лединка стануваше сè помрачна и помрачна. Му се чинеше како ноќта да го покрила небото среде бел ден. Кога разулавената профучи низ шумата, така што дрвјата почнаа да офкаат на сиот глас, Бамби се тресеше страв. А кога светнаа молњите и зафучеа громовите, Бамби целиот беше избезумен од ужас и мислеше дека дошол крајот на светот. Трчкаше зад мајка му, која збунето потскокнуваше и одеше наваму-натаму низ честакот. Тој не можеше ниту да мисли, ниту да разбере нешто. Од небото почнаа да леат силни млазови дожд. Сите побегнаа да се засолнат. Шумата како да беше празна. Но, немаше бегање од дождот. Силната поројна вода пробиваше дури и низ најгустите делови на грмушките. Сепак, по одредено време, грмежите замолкнаа и огнените секавици престанаа да светкаат низ крошните на дрвјата. Бурата си замина. Бамби сè уште можеше да ги чуе татнежите во далечината, но набрзо сосема исчезнаа. И потоа дождот се потсмири. Продолжи да капе околу него еднолично и силно уште цел час. Шумата длабоко дишеше во тишината, оставајќи ја водата да истече. Веќе никој не се плашеше да излезе. Веќе го немаше чувството на страв. Дождот го беше измил.
Бамби и мајка му никогаш не беа излегле на ливадата толку рано како таа вечер. Всушност, сè уште се немаше ни смрачено. Сонцето сè уште блескаше високо на небото, воздухот беше извонредно свеж и мирисаше посладникаво од обично, а шумата одѕвонуваше со илјадници гласови, бидејќи сите беа излегле од своите засолништа и возбудливо трчаа наоколу, раскажувајќи што се случило.
Пред да излезат на ливадата, поминаа покрај големиот даб, кој стоеше на работ на шумата, во близина на нивната патека. Секогаш кога одеа на ливадата, мораа да поминат покрај ова прекрасно големо дрво.
Овој пат, верверицата седеше на една гранка и ги поздрави. Бамби беше близок пријател со верверицата. Кога првпат ја запозна, си мислеше дека таа е некое многу мало срнче, бидејќи нејзиното крзно исто така е црвеникаво и изненадено зјапаше во неа. Но, во тоа време Бамби тогаш беше многу малечок и не знаеше ништо.
Верверицата му се допадна уште од почетокот. Таа беше длабоко учтива и многу зборлеста. А Бамби обожаваше да гледа како префинето се врти, се качува, потскокнува и држи рамнотежа. Среде муабет трчаше горе-долу по стеблото, како тоа да е ништо. Или, пак, само седеше исправена на некоја гранка што се нишаше и сосема лесно се држеше со помош на својата густа опашка, која грациозно стрчеше зад неа и ги покажуваше белите гради, ги исправаше малечките предни шепички елегантно пред себе, мрдаше ваму-таму со главата, се смееше со веселите очиња и, додека трепнеш, успеваше да раскаже еден куп смешни и интересни приказни. И потоа повторно ќе слезеше наземи, толку брзо и со такви скокови, така што би помислиле дека во секој момент ќе се струполи директно на глава.
Сега, весело ја размавта својата долга опашка и уште одгоре ги поздрави: „Добар ден! Добар ден! Колку убаво што наминавте“. Бамби и мајка му застанаа.
Верверицата се стрча надолу по глаткото стебло. „Па, среќно ли го преживеавте овој ужас? Се разбира дека го преживеавте, гледам со свои очи. Тоа е најважно.“
Повторно молскавично истрча нагоре по стеблото и рече: „Долу е премногу влажно за мене. Почекајте само малку, ќе си најдам поудобно место. Се надевам дека не ви пречи. Фала ви, знам дека нема да ви пречи. Можеме да си разговараме и вака“.
Трчкаше напред-назад по една рамна гранка.
„Многу беше лошо“, рече таа. „Страшен урнебес! Не можам да ви опишам колку многу се исплашив! Се стуткав како глувче во едно ќоше и не мрдав. Тоа беше најлошото, што морав да седам во место и да не мрдам. И цело време се надевав дека ништо лошо нема да ми се случи. Но, моето дрво е многу корисно во такви случаи. Нема сомнение во тоа, моето дрво е најпогодно. Морам да го признам тоа. Задоволна сум од него. Уште откако го имам, не сум посакала друго дрво. Но, кога беснее бура како оваа денеска, не може да не се преплашите, каде и да сте.“
Верверицата застана исправена, потпирајќи се на својата прекрасна опашка. Ги покажа белите гради и силно ги притисна двете предни шепи на срцето. И без да каже, се гледаше дека е многу возбудена.
„Сега ќе одиме на ливадата за да се исушиме малку на сонцето“, рече мајката на Бамби.
„Тоа е одлична идеја“, извика верверицата. „Многу сте мудри. Секогаш ви велам дека сте многу паметни животни.“ Со еден скок се префрли на една повисока гранка. „Најпаметно ви е во моментов да одите да ливадата“, извика таа. И потоа со лесни скокови продолжи да се качува нагоре по крошната на дрвото. „Јас ќе се качам до горе, каде што ќе можам да фатам малку сонце“, весело брбореше. „Мокра сум од глава до шепи. Ќе се качам до самиот врв.“ Не ù беше важно дали сè уште ја слушаат или не.
Ливадата беше полна со живот. Таму беше нивниот пријател Зајакот, заедно со неговото семејство. Таму беше и тетка Ена, заедно со нејзините деца и уште неколку познајници. Тој ден Бамби повторно ги виде татковците. Тие бавно излегоа од шумата, доаѓајќи од различни правци. Со нив имаше и трет срндак. Секој бавно чекореше во својата патека, напред-назад, по ливадата. Тие не обрнуваа внимание никому и дури не ни разговараа еден со друг. Бамби често погледнуваше кон нив. Беше пристоен, но и крајно љубопитен.
Потоа си правеше муабет со Фалина и Гобо и уште со неколку други срнчиња. Им предложи да си поиграат малку. Сите се согласија и почнаа да трчаат во круг. Фалина беше највесела од сите. Таа беше многу свежа и пргава и секогаш беше полна со идеи. Но, Гобо набрзо се измори. Тој многу се беше исплашил за време на бурата, поради што срцето сè уште му биеше многу силно и забрзано. Гобо беше видливо слаб, но Бамби го сакаше затоа што беше многу добар и услужлив, а секогаш беше и малку тажен, иако тоа не го покажуваше никогаш.
Времето минуваше и Бамби научи колку е вкусна тревата ливадарка, колку се нежни и слатки лисните пупки и детелините. Кога се пикаше во мајка си да цица млеко, таа честопати го одбиваше.
„Веќе не си бебе“, му велеше. А понекогаш и отворено ќе му речеше: „Бегај сега, остави ме на мира“. Понекогаш дури и се случуваше мајка му да стане среде бел ден во малечката шумска ледина и да замине без да забележи дали Бамби воопшто тргнал по неа или не. Понекогаш се чинеше, и кога чекореа по добропознатите патеки, како мајка му воопшто да не забележува дали Бамби е зад неа или заостанува.
Еден ден, мајка му исчезна. На Бамби не му беше јасно како е возможно тоа. Никако не можеше да си објасни што се случило. Но, мајка му ја немаше и Бамби првпат беше останал сам.
Талкаше наоколу, беше вознемирен и ужасно многу се исплаши и се загрижи. Очајно му беше потребна. Стоеше целиот растажен и ја довикуваше. Но, никој не му одговори и никој не дојде.
Наслушнуваше и душкаше во воздухот. Не можеше да намириса ништо. Повторно ја повика. Нежно, жално, расплакано викаше: „Мамо! Мамо!“ Но, залудно.
Потоа го обзеде чувство на очај. Веќе не можеше да стои во место и почна да чекори.
Чекореше по патеките што ги познаваше и повремено застануваше и ја довикуваше. Очаен и беспомошен, непоколебливо чекореше сè подалеку и подалеку. Многу беше потиштен.
Одеше сè подалеку и подалеку и стигна до патеки по кои дотогаш немаше чекорено. Дојде до места што му беа непознати. Веќе не знаеше каде оди.
И тогаш чу два детски гласа, кои довикуваа исто како него: „Мамо! Мамо!“ Стоеше мирно и наслушнуваше. „Тоа мора да се Гобо и Фалина“, си рече. „Сигурно се тие.“
Набрзина истрча во правец на гласовите и набрзо забележа како низ лисјата блескаат нивните црвеникави крзна. Гобо и Фалина стоеја еден до друг под една дренова грмушка и тажно довикуваа: „Мамо! Мамо!“
Беа пресреќни кога го слушнаа шушкањето на грмушките. Но, се разочараа кога видоа дека тоа е Бамби. Сепак, неговото присуство ги утеши малку. А на Бамби му беше многу мило што веќе не беше сам.
„Ја нема мајка ми“, рече Бамби.
„И нашата ја нема“, плачливо му возврати Гобо.
Натажено се погледнаа сите тројца.
„Каде ли само би можеле да бидат?“ праша Бамби. Речиси липаше.
„Не знам“, воздивна Гобо. Срцето силно му биеше и се чувствуваше ужасно.
Одеднаш Фалина рече: „Мислам дека можеби се со нашите татковци“.
Гобо и Бамби зачудено ја погледнаа. За миг ги обзеде чувство на страхопочит.
„Мислиш дека отишле да ги посетат татковците?“ праша Бамби и затрепери. И Фалина трепереше, но лицето ù доби мудар израз. Се однесуваше како да знае нешто повеќе отколку што сака да каже. Но, се разбира, таа не знаеше ништо. Не знаеше ни од каде воопшто ù падна на памет таа идеја. Ама кога Гобо повтори: „Навистина ли мислиш така?“ таа повторно доби мудар израз на лицето и рече: „Да, така мислам“.
Како и да е, тоа беше идеја за која вредеше да се размисли. Но, и покрај тоа, на Бамби воопшто не му беше полесно. Не можеше ни да размислува на тоа, премногу беше загрижен и тажен.
Продолжи да чекори. Не можеше да седи во едно место. Фалина и Гобо решија да го следат, до некаде. Сите тројца извикуваа: „Мамо! Мамо!“ Но, потоа Фалина и Гобо застанаа. Не се осмелуваа да одат подалеку. Фалина рече: „Зошто би талкале? Мама знае каде сме. Да останеме тука за да може да нè најде кога ќе се врати“.
Бамби продолжи сам. Чекореше низ честакот и стигна до една мала чистинка. Среде чистинката нагло застана. Одеднаш имаше чувство како да е скаменет и дека не може да се помести.
На работ на чистинката, покрај високата леска, стоеше едно суштество. Бамби никогаш дотогаш немаше видено такво суштество. Во исто време, во воздухот почувствува мирис каков што дотогаш немаше почувствувано. Тоа беше чуден мирис, тежок и остар. Тој мирис го возбудуваше до степен на лудило.
Бамби зјапаше во него. Тој стоеше совршено исправен, беше неверојатно тенок и имаше бледо лице, кое околу очите и носот беше сосема голо. Од тоа лице зрачеше некаков страв, некаков студен ужас. И имаше огромна моќ врз него. Мачно му беше да го гледа, а сепак не можеше да го тргне погледот од него.
Долго време суштеството само стоеше без да се помести. И потоа испружи една нога, која беше сосема високо, веднаш до лицето. Бамби не беше забележал ни дека ја има. Но, во моментот кога таа страшна нога почна да се крева во воздух, Бамби се штрекна и за миг се најде назад во честакот, од каде што дојде, и трчаше.
Одеднаш се појави и мајка му. Трчаше покрај него низ грмушките и џбуновите. Обајцата трчаа колку што ги држеа нозете. Мајката ги водеше, таа го знаеше патот. А Бамби трчаше по неа. Трчаа додека не стигнаа до нивната лединка.
„Го виде ли?“ тивко праша мајката.
Бамби не можеше да ù одговори. Немаше здив. Само кимна со главата.
„Тоа беше Тој“, рече мајката.
И обајцата ги стресоа морници.

ПОГЛАВЈЕ 6

Бамби сега честопати остануваше сам, но веќе не се плашеше како првиот пат. Мајка му ќе исчезнеше и, колку и да ја викаше, не доаѓаше. Но, секогаш се враќаше подоцна и повторно си седеше со него.
Една ноќ талкаше наоколу повторно сам и напуштен. Не можеше да ги најде дури ни Гобо и Фалина. Небото веќе беше добило светлосива боја и почнуваше да се смрачува, така што крошните на дрвјата личеа како сводови над грмушките долу. Одеднаш во грмушките зашушка нешто, силен шум ги помести лисјата и покрај него истрча мајка му како виор. Но, веднаш зад неа трчаше и некој друг. Бамби не знаеше дали тоа е тетка Ена или татко му или, пак, некој друг. Но, мајка си веднаш ја препозна. И покрај тоа што молскавично истрча покрај него, тој го препозна нејзиниот глас. Таа врескаше и на Бамби му се чинеше како тоа врескање да е дел од некаква игра, но истовремено му звучеше и малку исплашено.
Друг ден Бамби со часови шеташе низ честакот. На крајот почна да довикува. Просто, не можеше да поднесе веќе да биде толку осамен. Имаше чувство дека наскоро ќе го обземе силна тага. Па, почна да вика по мајка си.
Одеднаш, пред него стоеше еден од татковците и строго го гледаше. Бамби не го беше чул дека дошол и многу се исплаши. Овој срндак изгледаше помоќно од другите, беше повисок и погорд. Неговото крзно беше многу сјајно и имаше потемна црвеникава боја, но лицето му беше сребреникаво-сивкаво. А над неговите накострешени уши се издигнуваа високи, црни рогови, украсени со бисерчиња.
„Што си се развикал?“ строго праша Стариот срндак. Бамби трепереше од страхопочит и не се ни осмели да му одговори. „Мајка ти нема време за тебе сега“, продолжи Стариот срндак. Бамби беше сосема потиснат од неговиот заповеднички глас, но истовремено му се восхитуваше. „Зар не можеш да седиш сам? Засрами се!“
Бамби сакаше да каже дека може да седи сам и дека честопати има седено сам, но не можеше да изусти ни збор. Покорно слушаше и се чувствуваше многу засрамено. Срндакот се сврте и си замина. Бамби не знаеше ни каде ни како. Не знаеше ни дали си заминал брзо или полека. Едноставно, исчезна исто толку ненадејно како што дојде. Бамби ги начули ушите за да наслушне, но не чу ниту топот на копита, ниту шум на лисје. Па, си помисли дека Стариот срндак мора сè уште да е некаде во близина, па почна да душка на сите страни. Но, не почувствува никаков мирис. Му олесна кога сфати дека повторно е сам, но притоа почувствува и огромна желба повторно да го сретне Стариот срндак и да ја стекне неговата наклонетост.

Кога се врати мајка му, не ù кажа ништо за средбата. И веќе не ја довикуваше кога ја немаше. Додека талкаше сам наоколу, си мислеше на Стариот срндак. Многу сакаше да го сретне повторно. Сакаше да му каже: „Гледаш? Веќе не ја викам мајка ми“, за Стариот срндак да го пофали.
Но, им раскажа сè на Гобо и Фалина следниот пат кога се најдоа на ливадата. Тие го слушаа со огромно внимание и не можеа да раскажат ниту едно искуство што би можело да се спореди со тоа.
„Зар не беше исплашен?“ возбудено праша Гобо.
Ах, добро, Бамби призна дека бил исплашен. Ама само малку.
„Јас ќе бев ужасно многу исплашен“, рече Гобо.
Бамби му одговори дека не се исплашил толку многу затоа што срндакот бил величествено прекрасен.
„Тоа немаше да ми помогне многу мене“, додаде Гобо. „Ќе ми беше премногу страв и да го погледнам. Кога сум исплашен, ми се мати пред очи и ништо не гледам, а и срцето ми чука толку брзо што не можам да дишам.“
По приказната на Бамби, Фалина многу се замисли и не кажа ништо.
Но, следниот пат кога се сретнаа, Гобо и Фалина пристигнаа во големо брзање. Повторно беа сами, а исто и Бамби. „Многу долго те бараме“, извика Гобо. „Да“, рече Фалина важно, „затоа што сега точно знаеме кој е тој што си го видел.“ Бамби потскокна од љубопитност и праша: „Кој?“
„Стариот срндак“, рече Фалина свечено.
„Кој ви го кажа тоа?“ праша Бамби.
„Мајка ни“, одговори Фалина.
Бамби беше вчудовиден. „Зарем ù раскажавте сè?“ Обајцата кимнаа. „Но, тоа беше тајна“, налутено рече Бамби.
Гобо веднаш се обиде да се заштити. „Не бев јас, Фалина ù кажа“, рече тој. Но, Фалина возбудено извика: „Како тоа мислиш тајна? Јас сакав да знам кој е. Сега сите знаеме и тоа е уште повозбудливо!“
Бамби гореше од желба да чуе сè за него и тоа го смири. Фалина му раскажа сè. „Стариот Принц е најголемиот срндак во целата шума. Никој не се споредува со него. Никој не знае колку е стар. Никој не му го знае семејството. Малкумина се оние што воопшто го имаат видено. Повеќепати се ширеле гласишта дека е мртов, бидејќи никој го немал видено многу долго. И тогаш некој ќе го сретнел накратко и така знаеле дека сè уште е жив. Никој никогаш не се осмелил да го праша каде бил. Тој не зборува со никого и никој не се осмелува да му се обрати нему. Се движи по патеки што другите никогаш не ги користат. Го познава секое ќоше во шумата. И за него не постои такво нешто како опасност. Другите срндаци понекогаш се тепаат меѓу себе, понекогаш од забава или за да си ги одмерат силите, но понекогаш и мошне сериозно. Но, со години никој се нема тепано со Стариот срндак. А оние што одамна се обиделе да се борат со него, веќе не се меѓу живите. Тој е прочуениот шумски срндак.“
Бамби им прости на Гобо и Фалина што ја издрдореа неговата тајна на мајка им. Дури му беше и мило што ги дозна сите овие важни нешта за него, но му беше и мило што Гобо и Фалина сепак не ја знаеја целата приказна. Тие не знаеја дека шумскиот срндак му рече: „Зар не можеш да седиш сам? Засрами се!“ Сега на Бамби му беше многу мило што не им кажа за тоа. Затоа што, ако им кажеше, Гобо и Фалина ќе го издрдореа и тоа, а потоа целата шума ќе прикажуваше за тоа.
Таа ноќ, кога изгреа месечината, мајка му на Бамби повторно се врати. Тој одеднаш ја виде како стои крај големиот даб на работ на ливадата и забележа дека го бара. Веднаш ја виде и се стрча кон неа.
Таа ноќ Бамби дозна и нешто ново. Неговата мајка беше изморена и гладна. Не шетаа толку долго како обично. Мајката си го засити гладот на ливадата каде што Бамби најчесто пасеше. Еден крај друг си грицкаа гранчиња од грмушките, задоволно си преживаа и навлегуваа подлабоко и подлабоко во шумата.
Одеднаш се слушна гласно шушкање во грмушките.
Пред Бамби воопшто да се свести што се случува, мајка му почна гласно да вика, онака како што викаше кога беше многу исплашена или кога беше надвор од себе. „Ах!“ извика таа, па потскокна, застана и повторно викна: „Ах! Бе-е! Бе-е-е!“ Бамби се обиде да ги препознае фигурите што се приближуваа, создавајќи голема врева. Поминаа сосема блиску до нив. Личеа на Бамби, на мајка му, на тетка Ена и на другите од нивното семејство, само беа огромни и толку снажно градени, што, сосема совладан, зјапаше во нив.
Одеднаш и Бамби почна да блее: „Ах! Бе-е! Бе-е-е!“ Не беше ни свесен дека блее. Едноставно, не можеше да се воздржи. Поворката минуваше бавно. Три, четири џиновски животни, чекореа еден зад друг. Последниот беше поголем од сите. Имаше дива грива на вратот и роговите му беа како крошна на дрво. На Бамби му застана здивот кога ги виде. Стоеше и збунето блееше колку што го држеше гласот, бидејќи никогаш дотогаш се немаше чувствувано толку чудно. Беше исплашен, но на некој необичен начин. Самиот на себеси си изгледаше бедно ситен. Дури имаше впечатокот дека и мајка му се смалила. Засрамен беше, не знаеше ни зошто, а истовремено целиот се тресеше од страв. Блееше: „Бе-е! Бе-е-е!“ Некако се чувствуваше подобро кога блееше така.
Поворката замина. Веќе не можеше ни да ги чуе, ни да ги види. Дури и мајка му се стиши. Само Бамби одвреме-навреме ќе испуштеше некој ситен крик. Сè уште беше во шок.
„Смири се“, рече мајка му, „си заминаа.“
„Ах, мајко“, прошепоти Бамби, „кои беа тие?“
„Па“, рече мајка му, „во суштината, тие не се опасни. Тоа се нашите поголеми роднини, елените. Тие се снажни и многу големи. Многу се посилни од нас.“
„И не се опасни?“ праша Бамби.
„Па, не по правило“, му објасни мајка му. „Се разбира, се зборува дека се имаат случено разни работи. Сешто се зборува за нив, но не знам дали воопшто има некаква вистина во тие муабети или не. Тие никогаш не ми сториле ништо лошо мене, ниту, пак, некому што го познавам.“
„А зошто би ни сториле нешто нам, ако се наши роднини?“ праша Бамби. Сакаше да се чувствува смирено, но не можеше да престане да се тресе.
„Ах, тие никогаш не би ни сториле ништо нам“, му одговори мајка му, „но не знам зошто, исплашена сум секогаш кога ќе ги видам. Ни самата не го разбирам тоа. Но, секогаш се случува истото.“
Бамби постепено се потсмири од нејзините зборови, но остана замислен. Веднаш над него, на гранките на една јасика, шумската утка си укаше на својот вообичаен морничав начин. Бамби беше толку замислен, што заборави да глуми дека е исплашен. Но, шумската утка секако долета до него и го праша: „Зар не те исплашив?“
„Се разбира дека ме исплаши“, одговори Бамби. „Секогаш ме плашиш.“
Шумската утка слатко се закикоти. Задоволна беше. „Се надевам дека не ми замеруваш“, рече таа. „Едноставно, таква сум.“ Потоа целата се накостреши така што заличи на топче, го вовлече клунот во меките бели перје и направи мудар и сериозен израз на лицето. Беше задоволна од себе.
Бамби ù се отвори. „Дали знаеш“, рече итро, „дека јас пред малку претрпев уште поголем страв?“
„Така ли!“ незадоволно возврати утката. Потоа Бамби ù раскажа за средбата со неговите џиновски роднини.
„Не ми зборувај за роднини“, рече утката. „И јас имам роднини. Но, јас летам само преку ден, па сите ми се лути. Не, нема корист од роднините. Ако се поголеми од тебе, не ни вредат ништо, а ако се помали, не ни вредат уште повеќе. Ако се поголеми од тебе, не можеш да ги поднесеш затоа што се горделиви, а ако се помали од тебе, тие не можат да те поднесат зашто ти си горделив. Не, претпочитам да си немам работа со никој од нив.“
„Но, јас не ги ни познавам моите роднини“, рече Бамби и срамежливо се насмеа. „Јас досега ги немав ни видено, а немав ни чуено за нив.“
„Не си го троши времето на такви“, го советуваше утката. „Верувај ми“, рече и важно преврти со очите, „верувај ми, така е најдобро. Роднините никогаш не се добри како пријатели. Погледни нè нас, ние не сме во никаква роднинска врска, но добри пријатели сме и тоа е многу подобро.“
Бамби сакаше да каже уште нешто, но шумската утка продолжи да зборува: „Сум имала искуство со такви работи. Ти сè уште си многу млад, но верувај ми, јас знам подобро. Освен тоа, не ми паѓа ни на памет да се мешам во семејни работи“. Мудро преврти со очите и изгледаше толку впечатливо со својот сериозен израз на лицето, што Бамби продолжи да молчи.

ПОГЛАВЈЕ 7

Помина уште една ноќ и утрото осамна со нови доживувања. Тоа беше утро полно со роса и свежина, без ниту едно облаче на небото. Сите лисја на дрвјата и грмушките како одеднаш да добија посилен мирис. Ливадата во големи облаци ја ширеше својата миризба кон врвовите на дрвјата.
„Пип!“ рекоа сениците кога се разбудија. Го кажаа тоа многу тивко. Но, затоа што сè уште беше многу рано, веќе не кажаа ништо. Одредено време сè беше совршено тивко. И потоа, на небото одекна рапавото и крескаво гракање на враните. Враните се беа разбудиле и почнаа да си одат на посета една кај друга, на врвовите на дрвјата. Потоа се јави и страчката: „Шак-арак-шак! Зарем мислевте дека сè уште спијам?“ И потоа одекнаа стотици гласчиња наоколу. „Пип! Пип! Циу!“ Гласовите сè уште звучеа сонливо. И доаѓаа од далеку.
Одеднаш на врвот на една бука долета кос. Долета сосема горе на највисоката гранка, која високо се издигаше кон небото. Седна на неа и оттаму набљудуваше преку сите дрвја како сивото небо, изморено од ноќта, жари далеку на исток и заживува. И потоа почна да пее.
На таа далечина, неговото малечко тело личеше на ситна темна точкичка. Личеше на мртов лист. Но, неговата весела песна силно ечеше низ шумата. И таа размрда сè. Зацрцореа зебите,
а се слушнаа и црвеногушките и биљбилите. Гулабите летаа од место на место, мавтајќи силно со крилјата, кои предизвикуваа голем шум. Фазаните почнаа да пискаат, небаре ќе им прснат грлата. Звукот на нивните крилја, додека слетуваа наземи од своите гнезда, беше благ, но моќен. Непрестајно го испуштаа препознатливиот продорен крик, а потоа тивко гукаа. Високо горе на небото, соколите испуштаа радосни и остри крикови: „Ја-ја-ја-ја!“
Изгреа сонцето.
„Диу-дуи!“ се јави жолната. Таа леташе наваму-натаму меѓу гранките, а нејзиното жолто и тркалезно тело блескаше на утринското сонце како крилеста златна топка.
Бамби зачекори под големиот даб и излезе на ливадата. Целата блескаше од утринската роса и мирисаше на трева, цвеќе и влажна земја, а наоколу шумеше шепот. Тука беше и неговиот пријател Зајакот и личеше како да размислува за нешто важно. Таму, еден горделив фазан бавно шеташе, грицкаше тревки и внимателно гледаше околу себе. Темната, метално сина боја на неговиот врат блескаше на сонцето.
Еден од срндаците стоеше во непосредна близина на Бамби. Бамби досега немаше видено некој од татковците од толку блиску. Срндакот стоеше пред него, веднаш до леската и малку беше затскриен од нејзините гранки. Бамби не се поместуваше. Сакаше срндакот целосно да излезе на ливадата и се прашуваше дали би можел да се осмели да му се обрати. Сакаше да ја праша мајка си и се сврте да ја побара. Но, таа веќе имаше заминато и стоеше малку подалеку, во друштво на тетка Ена. Во истиот момент, Гобо и Фалина истрчаа од шумата. Бамби и понатаму размислуваше и не мрдаше од местото. Ако сега отиде кај мајка си и другите, ќе треба да го одмине срндакот. А нешто не му даваше да го стори тоа.

„Ах, па добро“, си помисли, „не морам прво да ја прашувам мајка ми. Стариот срндак разговараше со мене и јас не ù кажав на мама за тоа. Ќе му кажам ’добро утро‘. Не може да се навреди од тоа. Ама ако сепак се разлути, ќе побегнам како стрела.“ Бамби се бореше со сопствената одлука и постојано се колебаше.
Тогаш, срндакот излезе од зад леската и зачекори на ливадата.
„Сега“, си рече Бамби.
Но, одеднаш како да удри гром.
Бамби се стутули, не знаејќи што се случило. Го виде срндакот како скока во воздухот пред неговите очи, а потоа со поглед го следеше како со еден огромен скок, повторно трча назад во шумата.
Бамби вчудовидено гледаше. Во ушите и понатаму му одѕвонуваше звукот на громот. Мајка му, тетка Ена, Гобо и Фалина побегнаа кон шумата. И пријателот Зајакот избезумено трчаше кон шумата. Го виде и фазанот како бега со испружен врат. И тој побегна назад во шумата. Беше направил само неколку чекори, кога пред себе го виде срндакот како лежи неподвижен на земјата. Бамби преплашен застана, не сфаќајќи што значи тоа. Срндакот лежеше наземи, а од големата рана на неговото рамо речеше крв. Мртов беше.
„Не застанувај!“ му нареди еден глас до него. Тоа беше неговата мајка, која со брз галоп помина покрај него. „Трчај!“ извика таа. „Трчај колку што те држат нозете!“ Таа не забави, ами продолжи да галопира напред, а нејзината наредба го размрда и Бамби, па и тој тргна по неа. Трчаше со сета своја сила.
„Што се случува, мајко?“ праша тој. „Што се случува, мајко?“
Мајка му задишано му одговори: „Тоа… беше… тој“.
Бамби го полазија морници. Продолжија да трчаат заедно. По одредено време застанаа да земат здив.
„Што рече? Те молам, повтори што рече“, извика едно тенко гласче над нив. Бамби погледна горе. Верверицата се спушташе по гранките.
„Цело време трчам по вас“, рече таа. „Ужасно беше.“
„И ти ли беше таму?“ ја праша мајката.
„Секако дека бев таму“, одговори верверицата. „Сè уште се тресам целата.“ Стоеше исправена, потпрена на својата прекрасна опашка, ги покажуваше белите гради и обете шепи ги држеше притиснати на телото. „Надвор од себе сум од страв.“
„И јас сум мошне исплашена“, рече мајката. „Ништо не ми е јасно. Никој од нас не виде ништо.“
„Навистина?“ нервозно рече верверицата. „Јас па уште претходно го видов.“
„И јас“, извика друг глас. Тоа беше страчката. Прелета покрај нив и се смести на една гранка.
„И јас“, се чу крескање од уште повисоко. Тоа беше сојката, која седеше на еден јасен.
Неколку врани загракаа од врвот на дрвото: „И ние го видовме!“
Сите седеа наоколу и важно разговараа. Беа невообичаено возбудени и се чинеше дека се полни со гнев и исплашени.
„Кого?“ си помисли Бамби. „Кого виделе?“
„Јас дадов сè од себе“, рече верверицата, притискајќи ги шепите на градите. „Се обидов на сите начини да го предупредам кутриот срндак.“
„И јас“, рапаво писна страчката. „Колкупати само вреснав? Ама, тој не сакаше да ме чуе.“
„И мене не ме слушаше“, закреска сојката. „Сигурно десет пати викнав по него. Сакав да прелетам веднаш покрај него, зашто си мислев дека не може да ме чуе. Си реков дека ќе одлетам до леската до којашто стоеше. Но, токму во тој момент се случи сè.“
„Мојот глас веројатно е посилен од вашиот, а и јас се обидов да го предупредам“, рече враната со малку дрзок тон. „Но, господата како него не им обрнуваат многу внимание на таквите како нас.“
„Да, токму така“, се согласи верверицата.
„Тоа е. Ние сторивме сè што можевме“, рече страчката. „Сигурно не е наша вина кога потоа ќе дојде до несреќа.“
„А тој беше толку убав срндак“, тажно рече верверицата. „И згора на тоа, во најдобри години беше.“
„Гра-гра!“ закреска сојката. „Ќе беше подобро за него да не беше толку горделив и да ни обрнеше малку повеќе внимание.“
„Тој не беше нешто посебно горделив.“
„Да. Не повеќе од другите срндаци од неговото семејство“, додаде страчката.
„Значи, тогаш бил само глупав“, потсмешливо рече сојката.
„Ти си глупава“, извика враната, спуштајќи се надолу. „Немој ти да ми зборуваш за глупавост. Целата шума знае колку си глупава.“
„Јас?“ праша сојката, вчудовидена од зачуденост. „Никој не може да ме обвини мене дека сум глупава. Јас можеби честопати заборавам, но во никој случај не сум глупава.“
„Како што ќе кажеш“, рече враната свечено. „Заборави што сум ти кажала, но запомни дека срндакот во никој случај не умре затоа што бил глупав, туку затоа што никој не може да побегне од Него.“
„Гра-гра!“ закреска сојката. „Не сакам да слушам такви муабети.“ И одлета.
Враната продолжи: „Тој веќе има надмудрено многу мои роднини. Тој убива кого сака. Ништо не може да ни помогне“.
„Секогаш морате да се чувате од Него“, додаде страчката.
„Така е“, натажено рече враната. „До видување.“ Одлета и таа, а со неа и нејзиното семејство.
Бамби погледна околу себе. Мајка му веќе не беше до него.
„За што пак зборуваа сега?“ си помисли Бамби. „Никако не можам да разберам за што зборуваат. Кој е тој ’Тој‘ што зборуваат за него? Тој што го видов во грмушките исто така беше ’Тој‘, но Тој не ме уби.“
Бамби помисли на срндакот како лежи пред него, со неговото крваво и раскинато рамо. Тој сега беше мртов. Бамби продолжи да чекори. Шумата повторно запеа со илјадници гласови, а сонцето продираше со своите блескави зраци низ крошните на дрвјата. Насекаде имаше светлина. Лисјата почнаа да мирисаат. Високо горе на небото пискаа соколите, а овде долу клукајдрвецот клукаше како ништо да не се случило. Бамби не беше весел. Се чувствуваше загрозено од страна на нешто мрачно. Не можеше да разбере како другите можат да бидат толку безгрижни и весели, кога животот е толку тежок и опасен. Тогаш го обзеде силна желба да навлезе подлабоко во шумата. Шумата го мамеше во своите длабочини. Сакаше да најде некое скришно место, каде што ќе биде заштитен од сите страни со густи грмушки, за никогаш да не можат да го најдат. Не сакаше веќе никогаш да оди на ливадата.
Нешто многу тивко шушна во грмушките. Бамби нагло се повлече. Пред него повторно стоеше Стариот срндак.
Бамби трепереше. Сакаше да побегне, но успеа да се контролира и остана. Стариот срндак го погледна со своите длабоки очи и го праша: „И ти ли беше на ливадата пред малку?“
„Да“, тивко рече Бамби. Срцето му чукаше во грлото.
„Каде е мајка ти?“ праша срндакот.
„Не знам“, речиси нечујно одговори Бамби.
Стариот срндак продолжи да зјапа во него. „И ти не викаш по неа?“ рече тој.
Бамби погледна во неговото благородно, сивкаво лице, погледна во неговите рогови и одеднаш се охрабри. „Можам да седам и сам“, рече тој.
Стариот срндак го гледаше уште некое време, па потоа го праша: „Зар ти не си оној малечкиот кој не толку одамна плачеше по мајка си?“
Бамби се почувствува малку засрамено, но не се обесхрабри. „Да, тој сум“, призна.
Стариот срндак продолжи тивко да гледа во него, а на Бамби му се причини дека неговите длабоки очи сега го гледаат малку поблаго. „Вие ме прекоривте тогаш, Принцу“, возбудено извика Бамби, „затоа што се плашев да бидам сам. Оттогаш, не се плашам веќе.“
Стариот срндак испитувачки го загледа Бамби и многу благо, речиси незабележливо, се насмевна. Но, Бамби сепак ја забележа насмевката. „Благороден Принцу, што се случи?“ самоуверено праша Бамби. „Мене ништо не ми е јасно. Кој е тој ’Тој‘ за кого зборуваат сите?“ И тука застана, преплашен од страшниот поглед на срндакот, кој го натера да замолчи.
Следуваше пауза. Стариот срндак гледаше во далечината зад Бамби. И потоа многу бавно рече: „Слушај, мирисај и гледај за себе. Откриј самиот“. Потоа ја подигна уште повисоко својата рогата глава. „Збогум“, рече и веќе ни изусти ни збор. А потоа исчезна.
Бамби стоеше како скаменет и му дојде да заплаче. Но, она „збогум“ сè уште му одѕвонуваше во ушите и го тешеше. „Стариот срндак ми кажа збогум, што значи дека не бил лут“, си рече.
Бамби почувствува како го обзема гордост, како го бодри некоја длабока сериозност. Да, животот е тежок и полн со опасности. Но, нека се случи што сака, тој ќе научи да се справи со сè.
Полека зачекори подлабоко во шумата.

Наслов: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (трет дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на http://www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитај го претходните делову од „Бамби. Животот во шумата“.
Прв дел (1 и 2 поглавје) .
Втор дел (3 и 4 поглавје).

5 thoughts on “„Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (трет дел)

  1. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (втор дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (четврт дел) | Literatura.mk

  3. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (5 дел) | Literatura.mk

  4. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (6 дел) | Literatura.mk

  5. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (7 дел) | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.