Еден од најпрепознатливите готвачи кај нас и автор на книгите „Dave’s kitchen: Гответе насмеани“ и „Најдоброто од македонската кујна“, Давор Панчевски, за време на #СедиСиДома препорачува едноставни и вкусни рецепти. По идејата со сочните мафини, во оваа објава советува како да направите палачинки со три различни фила, и тоа со производи што може да ги најдете во својата кујна. Лесно ќе ги подготвите, а уште полесно ќе ги изедете.
Селекција од најдобрите рецепти на Давор Панчевски има во неговите два готвача, во издание на „Арс Ламина“. Тие се достапни и за нарачка онлајн на Literatura.mk со 30 % попуст на следните линкови:
„Dave’s kitchen: Гответе насмеани“
„Најдоброто од македонската кујна“
‒ Многумина уживаат во подготовката на палачинки, а најголемо задоволсто наоѓаат најмалите во семејството. Денеска со вас ќе споделам совршен рецепт за крцкави и ароматични палачинки. Останете до крајот на ова видео, бидејќи со Вас ќе споделам не еден, не два туку три различни фила за овој популарен рецепт ‒ вели Давор.
Погледнете го видеото, а подолу прочитајте кои состојки ви се потребни и како може да ги подготвите трите верзии на палачинките. Споделете со нас кој беше највкусн?
Потребни состојки:
250 г брашно
250 мл млеко
250 мл минерална вода
прстофат прашок за печиво
прстофат сол
2 лажички екстракт од ванила или 2 пакетчиња ванилин шеќер
2 лажици шеќер
3 јајца
120-150 мл растопен путер
Начин на подготовка:
Најпрвин потребно е да ја подготвите смесата за палачинките. Во длабок сад ставете го брашното, прстофат сол и прашок за печиво. Добро промешајте ги сувите состојки со помош на жица за матење. Во садот додајте ги јајцата, млекото, минералната вода, екстрактот од ванила и шеќерот. Продолжете да мешате со жица за матење, сè додека не добиете убава хомогена смеса. Додајте го растопениот путер во смесата и промешајте.
Сега е време да ја загреете тавата во која ќе ги печете палачинките. Кога тавата ќе се загрее убаво на средна температура, ставете од смесата за палачинките. Гответе од секоја страна по 2-3 минути. Ќе знаете дека палачинката е спремна за да се преврти кога на крајот ќе почне да се одлепува или пак ќе започне да добива златно-кафеава боја.
Мојот трик за секогаш сочни и ароматични палачинки е да ги чувам во голема чинија а одозгора да ги покријам со помош на кујснски бришач. На тој начин пареата ќе се задржи во кујнскиот бришач и палачинката нема да се затести од кондензацијата.
На крајот сакам да ви дадам три различни варијанти за тоа како да ги сервирате овие вкусни палачинки.
Првата идеја е малку невообичаена, но многу вкусна.
На секоја палачинка додека е сè уште топла сакам да ставам ½ лажичка путер и нежно да го растопам низ целата површина, а потоа да ставам неколку капки сок од лимон или портокал и на крајот да наросам малку шеќер во прав – одлична комбинација за оние кои сакаат да експериментираат со вкусовите.
Следната опција е чоколаден крем со сечкани лешници. На овој начин ќе го почувствувате силниот чоколаден вкус од кремот и крцкавиот дел од сечканите лешници.
На крајот следи една класика која секогаш останува фаворит – домашен џем од сливи.
Кој би рекол дека за толку кратко време ќе подготвите толку вкусни палачинки? Мојата тајна состојка во овој рецепт е путерот. Путерот дава арома на палачинките и придонесува за нивниот егзотичен вкус. Се надевам дека веднаш ќе ги испробате, а точните мерки на состојките ќе ги најдете во описот на ова видео.