ПОГЛАВЈЕ 3
Во срцето на шумата имаше мала лединка што ù припаѓаше на мајка му на Бамби. Таа се наоѓаше на само неколку чекори од тесната патека по која срните се движеа низ шумата. Но, не можеше да ја најде никој што не го знаеше малечкиот премин низ густите грмушки што водеше до неа.
Лединката беше мошне тесна, толку тесна што имаше простор само за Бамби и за мајка му и беше толку многу ниска што кога мајка му на Бамби ќе станеше, главата ù се криеше под гранките. Тука се преплетуваа гранки од лески, жукви и дренови и ја ловеа и онаа трага светлина што продираше низ крошните на дрвјата, така што таа никогаш не допираше до земјата. Бамби дојде на свет токму на оваа лединка. Таа беше негова и на мајка му.
Мајка му лежеше наземи и спиеше. И Бамби беше задреман, но одеднаш се штрекна и се разбуди. Стана и разгледа наоколу.
Тука, каде што стоеше, сенките беа уште подлабоки, така што речиси беше мрачно. Се слушаше како тивко мрмори шумата. Одвреме-навреме ќе се чуеше цвркотот на сениците. Повремено ќе се чуеше и јасното чукање на клукајдрвецот или невеселото гракање на страчката. Сè друго беше мирно, и надалеку и нашироко. Само воздухот вриеше во попладневната жега, а и тоа можеше да се чуе, ако слушате внимателно. А овде внатре беше и претерано спарно.
Бамби погледна надолу кон мајка си и рече: „Спиеш ли?“
Но, не, мајка му не спиеше. Таа се беше разбудила во истиот момент штом Бамби скокна на нозе.
„Што ќе правиме сега?“ праша Бамби.
„Ништо“, одговори мајка му. „Ќе останеме тука. Биди умен и легни да спиеш.“
Но, на Бамби не му беше до спиење. „Ајде“, ја молеше Бамби, „стани да одиме на ливадата.“
Мајка му ја крена главата. „Да одиме на ливадата?“ рече таа. „Сега?“ Звучеше толку зачудено, што Бамби многу се исплаши.
„Зар не можеме да одиме сега на ливадата?“ срамежливо ја праша.
„Не“, одговори мајка му и овој пат звучеше многу решително. „Не можеме да одиме сега.“
„Зошто?“ Бамби чувствуваше дека во прашање е нешто непријатно. Уште повеќе се вознемири, но истовремено умираше од љубопитност да знае сè. „Зошто не можеме да одиме на ливадата?“ праша.
„Ќе дознаеш подоцна сè, кога ќе пораснеш“, му одговори мајка му.
„Ама“, настојуваше Бамби, „јас сакам да знам сега.“
„Подоцна“, повтори мајка му, „сега си уште малечок“, продолжи нежно. „Не се разговара за такви работи со срнчиња.“ Стана мошне сериозна. „Сакал да оди на ливадата во оваа доба од денот. Не ми се верува! Такво нешто не ми паѓа ни на памет. Среде бел ден.“
„Ама, среде бел ден беше и кога бевме на ливадата претходно“, се побуни Бамби.
„Не е исто“, рече мајка му, „тогаш беше рано наутро.“
„Зар можеме да одиме таму само рано наутро?“ љубопитно продолжи Бамби.
Мајка му беше трпелива. „Само рано наутро или доцна приквечер“, му одговори. „Или во текот на ноќта.“
„Но, никогаш преку ден? Баш никогаш?“
Мајка му се колебаше. „Па“, рече по одредено време, „понекогаш, многу ретко, некои од нас излегуваат таму и преку ден… Но, тоа е само во посебни околности… Не можам да ти објаснам сега, премногу си млад… Некои од нас одат таму… Ама, изложени сме на огромна опасност.“
„Каква опасност?“ заинтересирано праша Бамби.
Но, мајка му не сакаше да разговара веќе за тоа. „Во опасност сме и тоа е сè што засега треба да знаеш, синко мој. Сè уште си премногу малечок за да ги разбереш тие работи.“
Бамби мислеше дека може да разбере сè, освен причината зошто мајка му не сакаше да му ја каже вистината. Но, не рече ништо.
„Таков е нашиот живот“, продолжи мајка му. „Иако сите го обожаваме денот, особено кога сме млади, мораме да бидеме мирни и тивки преку ден. Смееме да шетаме наоколу само во текот на ноќта и рано наутро. Разбираш ли?“
„Да“, рече Бамби.
„Па, затоа, синко мој, ќе мораме да останеме тука. Овде сме безбедни. А сега легни повторно и спиј.“
Но, Бамби не сакаше да легне. „Зошто сме безбедни овде?“ ја праша.
„Затоа што грмушките нè штитат“, му одговори мајка му. „Затоа што гранчињата на грмушките шушкаат и тенките гранчиња наземи крцкаат и нè предупредуваат. Затоа што ланските свенати лисје лежат наземи и шушкаат и ни даваат знак. А тука се и сојките и страчките кои чуваат стража и уште од далечина ни јавуваат дека ни се приближува некој.“
„А што се тоа лански лисја?“ праша Бамби.
„Ела, седни до мене“, рече мајка му, „и ќе ти кажам.“ И Бамби послушно седна и се припи до неа, а таа му раскажуваше за тоа како дрвјата не се зелени секогаш, како исчезнуваат сонцето и убавата топлина. И потоа станува студено, а мразот ги бои лисјата во жолти, кафеави и црвени, а тие полека паѓаат наземи, така што дрвјата и грмушките ги подаваат своите голи гранки нагоре кон небото и изгледаат совршено соголени. Но, сувите лисја остануваат да лежат наземи и кога ќе ги нагази некоја нога, шушкаат. И тоа значи дека доаѓа некој. Ах, колку се само љубезни ланските лисја! Тие совршено добро ја вршат својата должност и постојано се будни и вредни. Дури и среде лето ги има во голем број скриени под ниските џбунови и грмушки и уште од далеку нè предупредуваат на секоја опасност.
Бамби цврсто се притисна до мајка си. Многу му беше убаво да седи така до неа и да ја слуша како му раскажува.
Кога таа престана да зборува, Бамби се замисли. Дојде до заклучок дека добрите стари лисја се многу љубезни што толку внимателно ги чуваат од сè, и покрај тоа што сите се мртви и смрзнати и претрпеле толку маки. Се прашуваше каква ли е таа опасност што мајка му ја споменуваше постојано. Но, се измори од толку многу размислување. Околу него сè беше тивко и мирно. Сè слушаше само како воздухот трепери од жегата. И тогаш заспа.
ПОГЛАВЈЕ 4
Кога една вечер Бамби повторно излезе да шета на ливадата со мајка му, си мислеше дека веќе знае сè што има да се види и да се чуе таму. Но, се покажа дека сепак и не знае баш колку што си мислеше.
И овој пат беше како првиот. Бамби играше брканица со мајка му. Трчаше наоколу вртејќи се во круг и широкиот простор, високото небо и свежиот воздух повторно го исполнија со опојност, што целиот беше како зашеметен. По одредено време забележа дека мајка му стои мирно. Застана толку нагло среде скок, што сите четири нозе му се расчеречија. За повторно да си ја врати рамнотежата, скокна високо во воздух и потоа застана како што треба. Му се причини дека мајка му разговара со некого, но не можеше да види ништо од високата трева. Бамби љубопитно доскока до неа и виде како во високата трева под мајка му мрдаат две мали ушиња. Беа сиво-кафеави и убаво украсени со црни линии. Бамби застана, но мајката му рече: „Дојди ваму. Ова е нашиот пријател, Зајакот. Биди умен и пристоен и доближи се да те види“.
Бамби се доближи. Пред нив во тревата стоеше Зајакот. Изгледаше мошне срдечно. Неговите долги уши, кои личеа на лажички, одвреме-навреме се креваа нагоре, а потоа повторно млитаво паѓаа надолу како папсани. Бамби малку се загрижи кога ги погледна мустаќите што стрчеа остро од обете страни на устата на Зајакот. Но, тој забележа дека Зајакот има многу мил израз и мошне добродушни црти на лицето и дека срамежливо гледа наоколу со своите големи, тркалезни очи. Зајакот навистина изгледаше пријателски настроено. Моменталната загриженост на Бамби исчезна за миг. Но, за чудо, исчезна и првобитната заинтересираност што ја почувствува за Зајакот.
„Добра вечер, младо момче“, го поздрави Зајакот, со одмерена учтивост.
Бамби му возврати само со кимање со главата. Не знаеше зошто, но само кимна. Тој беше мошне љубезен и учтив, а сепак малку вообразен. Не можеше да се воздржи. Едноставно, можеби беше таков по природа.
„Каков шармантен малечок срндак“, ù рече Зајакот на мајка му на Бамби. Внимателно го набљудуваше Бамби и притоа го креваше ту едното, ту другото уво, а потоа и обете заедно, а повремено повторно ги пушташе да му клапнат, нагло и млитаво, што воопшто не му се допаѓаше на Бамби. Како тоа движење на ушите на Зајакот да му велеше дека не вреди да му посветува внимание.
Во меѓувреме, Зајакот продолжи да го проучува Бамби со своите големи, тркалезни очи. Притоа, носот и устата со величествените мустаќи непрестајно му трепереа како кога некој грчевито ги стега носот и устата, обидувајќи се да не кивне. Бамби мораше да се насмее.
И Зајакот веднаш му возврати со смеење, само што очите му станаа уште посериозни. „Ти честитам“, ù рече тој на мајката на Бамби. „Од сè срце ти честитам за синчето. Да, да, со текот на времето ќе се развие во прекрасен срндак. Се гледа уште отсега.“
Зајакот одеднаш се исправи на задните нозе, а Бамби многу се зачуди на тоа. Откако убаво разгледа наоколу со начулени уши и со растреперено носе, повторно се спушти пристојно на четири нозе. „А сега, мили мои, ќе ве замолам да ме извините“, рече најпосле. „Вечерва треба да завршам уште еден куп работи. Па, ќе ве молам да ме извините…“ Се сврте и замина потскокнувајќи, со ушите свртени наназад, така што му ги допираа рамената.
„Убава вечер“, му довикна Бамби.
Мајка му се насмевна.
„Добродушниот Зајак“, рече таа, „толку е љубезен и плашлив. Воопшто не му е лесно.“ Во нејзиниот глас се чувствуваше благонаклоност.
Бамби тргна да прошета малку, оставајќи ја мајка му да пасе на мира. Посака повторно да го сретне неговиот пријател, а сакаше да запознае и нови пријатели. Иако не знаеше што точно му недостига, постојано беше во некакво исчекување. Одеднаш, слушна како нешто шушка во далечината на ливадата и насети лесни и брзи чекори што тапкаа наземи. Погледна пред себе. Таму, на другиот крај на шумата, нешто шмугна низ тревата. Живо ли беше? Не, не беше едно, туку две. Бамби набрзина погледна кон мајка си, но таа не обрнуваше внимание на ништо и спокојно си пасеше. Таму, од другата страна на ливадата, се одвиваше некаква брканица во круг, исто како што самиот Бамби пред малку трчаше наоколу. Бамби толку многу се збуни, што во еден скок се сврте, спремен да побегне. Тогаш мајка му го забележа и ја крена главата.
„Што е?“ го праша.
Но, Бамби не можеше да зборува. Едвај успеа некако да промрмори. „Погледни онде.“
Мајка му се сврте и погледна. „Ах, гледам“, му рече, „тоа е мојата роднина. Мислам дека сега и таа има малечко. Ах, не, има две.“ Мајка му најпрвин говореше мошне весело, но потоа стана мошне сериозна. „Ах, да, Ена има две малечки“, рече таа. „Две има.“
Бамби стоеше скаменет и гледаше кон другата страна на ливадата. Таму виде животно што беше исто како мајка му. Дури сега ја забележа првпат. Забележа и дека тревата се тресе во двоен круг, но над неа се гледаа само две црвеникави грпчиња, се издигнуваа како две тенки црвеникави линии.
„Ела“, рече мајка му, „да одиме кај нив. Ќе можете да си поиграте.“
Бамби сакаше да се стрча, но бидејќи мајка му чекореше бавно, внимателно погледнувајќи и лево и десно на секој чекор, и тој го забави чекорот. Ама, сеедно, беше многу возбуден и нестрплив.
„Знаев дека кога-тогаш ќе ја сретнеме Ена“, продолжи мајка му. „Каде ли се криела досега? Сè си мислам оти знаев дека има едно детенце, но тоа воопшто не беше тешко да се погоди. Ама две!“
Најпосле и тие ги видоа нив и им тргнаа во пресрет. Бамби мораше да ја поздрави тетка му, но паметот му беше само на децата.
Тетка му беше многу љубезна. „Па“, му рече на Бамби, „ова е Гобо, а ова е Фалина. А сега, одете играјте си.“
Малечките стоеја како скаменети и љубопитно се гледаа меѓусебно. Гобо и Фалина од едната, а Бамби од другата страна. Не мрдаше никој од нив. Стоеја и зјапаа еден во друг.
„Ајде, одете“, рече мајка му на Бамби. „Ќе се спријателите за час.“
„Какво прекрасно срнче“, рече тетка Ена. „Навистина е прекрасен. Многу е снажен и има одлично држење.“
„Па, да“, одговори скромно мајката. „Морам да бидам задоволна. Но, ти имаш две, Ена!“
„О, да. Понекогаш е така“, рече Ена. „Ама знаеш, мила, јас и претходно сум имала деца.“
„Мене Бамби ми е прво“, рече мајка му.
„Не е важно“, ја тешеше Ена, „можеби следен пат и кај тебе ќе биде поинаку.“
Срнчињата и понатаму стоеја и зјапаа еден во друг. Никој не изусти ни збор. И одеднаш Фалина скокна и истрча. Стоењето ù беше станало премногу здодевно.
За миг и Бамби истрча по неа, а веднаш потоа и Гобо. Трчаа наоколу во полукруг, молскавично се вртеа и паѓаа еден врз друг. И потоа се бркаа. Прекрасно беше. Кога најпосле застанаа, целите зашеметени и речиси без здив, веќе беа добри пријатели. Почнаа да си муабетат.
Бамби им раскажа дека разговарал со љубезниот скакулец и со пеперугата.
„А си разговарал ли некогаш со златокрилиот бумбар?“ го праша Фалина.
Не, Бамби никогаш немаше зборувано со златокрилиот бумбар. Не го ни познаваше.
„Јас многупати имам зборувано со него“, рече Фалина, малку надуено.
„Мене сојката ме навреди“, рече Бамби.
„Навистина?“ зачудено рече Гобо. „Зар сојката била толку дрска со тебе?“ Гобо беше многу срамежлив и го зачудуваа голем број работи. „Како и да е“, продолжи тој, „мене, пак, ежот ме боцна во носот“, додаде тукутака попатно.
„Кој е тој еж?“ праша Бамби весело. Му се чинеше прекрасно што седи таму со пријатели и слуша толку многу возбудливи приказни.
„Ежот е ужасно суштество“, извика Фалина. „Има долги боцки по целото тело и многу е зол!“
„Навистина мислиш дека е зол?“ праша Гобо. „Никогаш не прави ништо лошо.“
„А така ли?“ како од пушка му возврати Фалина. „Па, зар не те боцнал?“
„Ах, тоа беше само затоа што сакав да разговарам со него“, одговори Гобо. „И само малкуцка ме боцна. Не ме болеше многу.“
Бамби се сврте кон Гобо. „Зошто не сакал да разговара со тебе?“
„Тој не разговара со никого“, се вмеша Фалина. „Веднаш штом му се приближи некој, целиот се мота во клопче и на него нема ништо друго, освен боцки. Мајка ни вели дека тој е еден од оние што не сакаат да имаат ништо со целиот свет.“
„Можеби само се плаши“, рече Гобо.
Но, Фалина го знаеше тоа најдобро. „Мама вели дека воопшто не треба да се дружиме со такви суштества“, рече таа.
Одеднаш Бамби доби сериозен израз на лицето и тивко го праша Гобо: „А дали ти знаеш што е тоа опасност?“
Сега и другите двајца станаа сериозни и сите тројца ги доближија главчињата на куп. Гобо се замисли малку. Убаво се потруди да се сети, бидејќи забележа со колкаво нетрпение Бамби го очекува одговорот. „Опасност“, прошепоти. „Тоа е нешто многу лошо.“
„Да“, возбудено извика Бамби. „Знам дека е нешто лошо, но што?“ Сите тројца се стресоа од страв.
Одеднаш Фалина гласно и весело извика: „Знам што е опасност! Тоа е кога треба да бегаш“. И потоа скокна и истрча. Не можеше веќе да седи таму и да чувствува страв. За миг, и Бамби и Гобо се стрчаа по неа. Повторно почнаа да си играат. Се тркалаа во шушкавата, свиленкава зелена трева на ливадата и за час сосема заборавија на сериозното прашање. По одредено време, повторно застанаа да си помуабетат. Погледнаа кон нивните мајки. Тие стоеја една до друга, пасеа малку трева и си муабетеа.
Тетка Ена ја подигна главата и ги повика децата. „Гобо! Фалина! Дојдете! Ќе мораме да си одиме сега.“
А мајка му на Бамби му рече: „Ела, време е да си одиме“.
„Само уште малку“, молеше Фалина. „Уште малкуцка само.“
„Те молам, да останеме уште малку“, молеше и Бамби. „Многу е убаво.“
А Гобо срамежливо повтори: „Многу ни е убаво… Само уште малку“.
Сите тројца зборуваа истовремено.
Ена ја погледна мајка му на Бамби. „Што ти реков?“ рече таа. „Сега нема да сакаат да се разделат.“
Потоа се случи уште нешто, а тоа беше многу повозбудливо од сè друго што Бамби доживеа денеска. Од шумата се слушна звук на копита што топотат по земјата. Гранките на дрвјата шушкаа, а сувите гранчиња наземи крцкаа. И пред Бамби да успее да ги начули ушите, нешто излета од шумата. Едно животно со силен шум и тропот истрча од шумата, а зад него дотрча уште едно. Излетаа како виор, направија голем круг околу ливадата и повторно исчезнаа во шумата, од каде што и понатаму се слушаше нивниот галоп. Потоа повторно истрчаа од шумата и одеднаш застанаа сосем мирни, на дваесетина чекори еден од друг.
Бамби ги погледна и не се ни помрдна. Тие беа сосема слични на мајка му и на тетка Ена, само што на нивните глави блескаше круна од рогови, со кафеави бисерчиња и сјајни бели врвови. Бамби беше целосно опиен. Гледаше час во едниот, час во другиот. Едниот беше помал, а помали му беа и роговите. Но, другиот беше величествен и прекрасен. Ја држеше главата високо крената горе и неговите рогови гордо се издигнуваа над неа. Тие се прелеваа од темни во светли, украсени со раскошот на многубројните црни и кафеави врвови.
„Ах!“ извикна Фалина воодушевено. „Ах!“ нежно повтори Гобо. Но, Бамби не кажа ништо. Тој беше онемен од занес. И тогаш обајцата се помрднаа, се свртеа секој на различна страна и бавно се упатија накај шумата во спротивни насоки. Величествениот мажјак сосема се приближи до срнчињата, мајката и тетка Ена. Тивко и гордо ги одмина, држејќи ја својата благородничка глава високо крената и не удостои никого со поглед.
Срнчињата не се осмелија ни да дишат, додека тој не исчезна во шумата. Се свртеа да го побараат другиот со поглед, но во тој момент зелената врата на шумата се спушти и зад него.
Фалина прва ја разби тишината. „Кои беа тие?“ извика таа. Но, нејзиното пискаво гласче затрепери.
„Кои беа тие?“ едвај чујно повтори Гобо. Бамби молчеше.
„Тоа беа вашите татковци“, рече тетка Ена со свечен тон.
Веќе никој не изусти ни збор и тука се разделија. Тетка Ена ги поведе своите малечки кон најблискиот честак. Таму беше нејзината патека. Бамби и мајка му мораа да ја поминат целата ливада и да стигнат до дабот, каде што почнуваше нивната патека. Бамби долго молчеше, но најпосле праша: „Зар не нè видоа?“
Мајка му многу добро го разбра што прашува и му одговори: „Секако дека нè видоа. Сите нè видоа“.
Бамби беше вознемирен. Му беше срам да се распрашува, но некои прашања премногу го измачуваа. „Тогаш зошто…“ почна тој, но застана.
Мајка му реши да му помогне. „Што сакаш да знаеш, синко мој?“ го праша таа.
„Зошто не останаа со нас?“
„Тие не остануваат со нас“, му одговори мајка му. „Само на минување се.“
„Но, зошто не разговараа со нас?“ продолжи Бамби.
„Тие не разговараат со нас“, му одговори мајка му. „Само повремено. Мораме да чекаме тие да дојдат кај нас. И мораме да чекаме да ни прозборат тие. Го прават тоа само кога сакаат.“
„А татко ми ќе разговара ли со мене?“ со тешко срце ја праша Бамби.
„Секако дека ќе разговара“, му вети мајка му. „Кога ќе пораснеш, ќе разговара со тебе. И понекогаш ќе седиш и со него.“
Бамби продолжи немо да чекори крај мајка си, а умот му беше обземен со појавата на татко му. „Колку е само прекрасен!“ си мислеше одново и одново. „Колку е прекрасен!“
Небаре мајка му можеше да му ги прочита мислите, му рече: „Ако преживееш, синко, ако си паметен и ако научиш да бегаш од опасности, еден ден и ти ќе станеш силен и убав како татко ти, а ќе имаш и рогови како неговите“.
Бамби дишеше длабоко. Срцето му се исполни со радост и со очекување.
Наслов: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (втор дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk на следниот линк.
Прочитај го првиот дел од „Бамби. Животот во шумата“.
Прочитај го следниот дел од книгата.
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (прв дел) | Literatura.mk
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (трет дел) | Literatura.mk
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (четврт дел) | Literatura.mk
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (5 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (6 дел) | Literatura.mk
Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (7 дел) | Literatura.mk