На 21 март (сабота), со почеток во 20 часот, ќе се одржи онлајн промоција на романот „Денот кога не се разбудив“ од Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон. Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Авторот ќе се приклучи онлајн преку својот профил на „Фејсбук“. Промоцијата ќе биде интерактивна, па во меѓувреме читателите може да му поставуваат прашања.
Книгата ќе биде достапна во книжарниците „Литература.мк“. Ќе може да се нарача и онлајн преку Literatura.mk, каде што до 24 март ќе биде со 30 % попуст.
Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Препознатлив е по популарната македонска комична телевизиска емисија „Фчерашни новости“. Уредник е на интернет-страницата „Фчерашни новости“ која објавува сатирични „вести“, кои низ хумор ги коментираат дневните политички настани во Македонија.
„Денот кога не се разбудив“ е негова втора книга, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ („Арс Ламина“ 2019 г.), но негов прв роман.
Со дебитантскиот роман тој ги предизвикува читателите да се преиспитаат себеси и својот живот, да размислат за вистински важните работи, пред да биде предоцна.
Приказната во книгата се движи околу педесет и кусургодишниот Пол, кој едно саботно утро станува од спиење и во кујната гледа непознат човек, кој всушност е ангел испратен да го спроведе до рајот. Сфаќа дека е мртов и има неколку часови да реши дали ќе оди или ќе остане. Времето го користи за посета на блиските луѓе, меѓу кои и неговата најголема љубов, Мери. Чувството е поразително – неговиот живот е комплетно промашување. Дали да се врати да ги поправи работите или да замине засекогаш?
Промоцијата првично беше закажана за 12 март во книжарницата „Литература.мк“, но поради новонастанатата ситуација со вирусот корона, настанот беше одложен.
Пингување: Пoпуст од 30 % на сите изданија на „Арс Ламина“ за сите онлајн нарачки преку Literatura.mk | Literatura.mk