„Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (прв дел)


ПОГЛАВЈЕ 1

Дојде на свет среде честакот, во една од оние малечки, скриени шумски полјани, што навидум се сосем отворени, но во суштината се затворени од сите страни. Таму имаше многу малку простор, едвај доволно за него и за мајка му.
Стоеше таму, нишајќи се несигурно на тенките ножиња и гледајќи бледо пред себе со замаглените очиња што сè уште не гледаа ништо. Му клапна главата и целиот силно трепереше. Сè уште беше сосема зашеметен.
„Какво прекрасно дете“, извика страчката.
Таа беше долетала тука, бидејќи ја привлекоа длабоките офкања што мајката ги испушташе додека се породуваше. Страчката стоеше на една гранка во близина. „Какво прекрасно дете“, непрестајно повторуваше. Затоа што не доби одговор, продолжи да си грака. „Колку е чудно што веднаш може да се крене на нозе и да оди! Колку интересно! Никогаш досега не сум видела такво нешто. Се разбира, сè уште сум млада, едвај има една година како го напуштив гнездото. Но, мислам дека е прекрасно. Толку младо дете, само што дојде на свет и во истиот момент веќе може да стои на нозе! Тоа е навистина извонредно! Впрочем, како што гледам, кај вас срните сè е толку неверојатно. Веднаш ќе може и да трча?“
„Се разбира“, одговори мајката кротко. „Но, сега ве молам да ми простите што нема да можам да си муабетам со вас. Ме чека уште многу работа, а сè уште се чувствувам мошне слабо.“
„Не берете гајле за мене“, рече страчката. „И јас немам време. Но, ваква глетка не се гледа секој ден. Ех, да знаете само колку нега им треба на нашите малечки кога ќе се испилат. Кога ќе излезат од јајцето, не можат воопшто да мрдаат и беспомошно лежат во гнездото. Ним им е потребна огромна нега, огромна, нешто што едноставно не можете да го сфатите. Колкав труд само треба да вложиме за да ги прехраниме, за да ги чуваме. Замислете си само за миг колку е мачно постојано да ловите храна за децата и вечно да морате да внимавате на нив, за да не им се случи нешто! Тие се беспомошни без нас. Зар не е така? И колку само долго време им треба да почнат да се движат, колку само долго време им треба да им пораснат пердуви и да заличат на нешто.“
„Простете“, одговори мајката. „Не слушав.“
Страчката одлета. „Глупавичка душа“, си рече за себе, „многу мила, ама глупавичка.“
Мајката речиси и да не забележа дека одлетала. Продолжи ревносно да го мие новороденото срнче. Го миеше така што го лижеше со својот јазик, го милуваше и нежно му го масираше и му го загреваше кревкото тело.
Малечкото пркна малку. Под нежните допири на нејзиниот јазик, што милно го галеше по телото, најпосле си дојде на себе и успеа да стои мирно. На неговото прекрасно црвеникаво крзно, што сè уште наместа беше бушаво, имаше убави бели точки, а неговото бебешко лиценце сè уште имаше длабоко сонлив израз.
Наоколу имаше грмушки од лески, дренови, трненки и бозје. Високите јавори, буки и дабови плетеа зелен покрив над честакот, а од цврстата, темнокафеава земја изникнуваа папрати, глушини и жалфии. Сосем долу, залепени на земјата имаше ливчиња од љубичици, кои веќе беа процветале, како и ливчиња од шумски јагоди, кои само што беа почнале да цутат. Низ густите лисје продираше светлината на утринското сонце како златен конец. Целата шума ечеше од мноштво звуци, гласови што весело татнеа во неа. Дроздот весело потпевнуваше, гулабите гугаа без престан, косовите свиркаа, трнарчињата црцореа, сениците цвркотеа. Сите тие милозвучни песни повремено ги расипуваше кавгаџиското крескање на сојките, потсмешливото гракање на страчката и пискавото и гласно брборење на фазаните. Одвреме-навреме, клукањето на клукајдрвецот ги надгласуваше сите. А над врвовите на дрвјата постојано и јасно одѕвонуваше пробојниот свиреж на соколот, а непрестајно се слушаше и зарипнатиот хор на враните.
Малечкото срнче не разбираше ниту една од многуте песни и повици, ниту еден збор од сите тие разговори околу него. Не ги ни слушаше. Сè уште немаше искусено ниту еден од сите тие мириси што се ширеа низ шумата. Го слушаше само нежното лижење на неговото крзно што го миеше, го грееше и го бакнуваше. И не чувствуваше никаков мирис, освен оној од телото на мајка му до него. Таа му мирисаше премногу убаво, па нежно се припи до неа, весело ја задушка и го пронајде изворот на храна.
Додека цицаше, мајката не престануваше да го гали. „Бамби“, прошепоти таа. Повремено, ја креваше главата, наслушнуваше и душкаше во воздухот. Потоа повторно го бакна своето срнче, спокојна и среќна.
„Бамби“, повтори таа. „Мојот малечок Бамби.“

ПОГЛАВЈЕ 2

Беше рано лето. Дрвјата стоеја мирно под синото небо, ги подаваа своите раце и ги примаа топлите сончеви зраци. На грмушките и на џбуновите долу цутеа цветови: бели, црвени и жолти ѕвездички. На многу од нив веќе можеа да се видат пупки од плодови. Повеќето од нив седеа на тенките врвови на гранките, нежно, цврсто и решително, и личеа на малечки, стиснати тупаници. Од земјата се издигнуваа шарени ѕвездички на мноштво различни цвеќиња, така што темната шумска почва зрачеше со тивка, блескава и шарена радост. Сè мирисаше на свежи лисје и цвеќе, на влажна земја и зелена гора. Кога сонцето изгреваше или кога заоѓаше, целата шума ечеше од илјадници гласови и од утро до вечер брмчеа пчелите, осите и ја исполнуваа миризливата тишина со својот шум.
Ова беа првите денови од животот на Бамби. Чекореше зад мајка си по тесна патека што поминуваше среде грмушките. Колку само беше пријатно да се чекори тука! Густите лисје нежно му го галеа телото. Се чинеше дека патеката е затворена и непроодна на десетици места, а сепак тие поминуваа низ неа со огромна леснотија. Вакви патеки имаше насекаде, се извиваа преку целата шума. Мајка му ги знаеше сите и кога Бамби понекогаш ќе застанеше пред некоја грмушка, небаре е непробоен зелен ѕид, таа секогаш, без никакво колебање и барање, наоѓаше каде поминува патеката.
Бамби постојано ù поставуваше прашања. Обожаваше да ја распрашува мајка си. Многу се радуваше кога ќе ја прашаше нешто и потоа со нетрпение чекаше да види каков одговор ќе му даде. Бамби воопшто не се чудеше што постојано и без никаква мака на памет му доаѓаа прашање по прашање. Тоа му се чинеше сосем природно и го восхитуваше. А волшебен му беше и моментот додека љубопитно го чекаше одговорот. Ако му се допаднеше, се радуваше уште повеќе. Понекогаш, се разбира, не го разбираше одговорот, но и тоа исто така му беше убаво, затоа што во главата си го претставуваше она што не го разбираше на сопствен начин. Понекогаш, пак, беше сосема сигурен дека мајка му не му дава целосен одговор, дека намерно не му кажува сè што знае. И на почетокот, дури и тоа му беше убаво. Затоа што во тие мигови остануваше една толку жива љубопитност, толку силно претчувство што целиот ќе го исполнеше со мистериозност и среќа, толкаво големо очекување, што истовремено го правеше и вознемирен и среќен и го оставаше без зборови.
Еднаш ја праша: „Мајко, кому му припаѓа оваа патека?“
„Нам“, му одговори мајка му.
„На мене и на тебе?“ повторно ја праша Бамби.
„Да.“
„На двајцата нас?“
„Да.“
„Само на нас двајцата?“
„Не“, рече мајка му. „На нас, срните.“
„Што се тоа срни?“ праша Бамби и се насмеа.
Мајка му го измерка од глава до копита, па и самата гласно се насмеа. „Ти си срнче и јас сум срна. Обајцата сме срни“, му рече таа. „Разбираш ли?“
Бамби потскокна од среќа. „Да, разбирам“, рече тој. „Јас сум мало срнче, а ти си голема срна, така?“
Мајка му кимна со главата и рече: „Ете, сега знаеш“.
Но, Бамби повторно доби сериозен израз на лицето. „Има ли и други срни тука покрај мене и тебе?“ ја праша.
„Се разбира“, рече мајка му. „Има многу.“
„Каде се?“ извика Бамби.
„Овде, насекаде.“
„Но, јас не ги гледам.“
„Ќе ги видиш наскоро“, му рече таа.
„Кога?“ рече Бамби и се скамени во место од љубопитност.
„Наскоро.“
Мајката продолжи да чекори тивко. Бамби ја следеше. И тој молчеше, бидејќи се прашуваше што би можело да значи тоа „набрзо“. Дојде до заклучок дека „наскоро“ во никој случај не значеше „сега“. Но, не беше сигурен кога тоа „наскоро“ престануваше да биде „наскоро“ и се претвораше во „долго време“. Одеднаш ја праша: „Кој ја направил оваа патека?“
„Ние“, му одговори мајка му.
Бамби се зачуди. „Ние? Јас и ти?“
„Не, ние… ние, срните“, рече мајката.
„Кои срни?“ праша Бамби.
„Сите ние“, остро одговори мајка му.
Продолжија да се движат. Бамби беше многу весел и му доаѓаше да потскокне надвор од патеката, но послушно ја следеше мајка си. Нешто зашушка пред нив, сосема долу наземи. Нешто се приближуваше кон нив со пргави движења, скриено под големите лисја на папратите и шумските чички. Жално зацвили едно тенко, пискаво гласче, а потоа повторно сè беше тивко. Лисјата и тревките, треперејќи, повторно се вратија на своето место. Ласица уловила глушец. Сега само се шмугна покрај нив, се скри некаде настрана и фати да се гоштава.
„Што беше тоа?“ возбудено праша Бамби.
„Ништо, ништо“, го тешеше мајка му.
„Ама…“ трепереше Бамби, „јас сепак видов нешто.“
„Да, да“, рече мајка му. „Не плаши се. Ласицата убила глушец.“
Но, Бамби беше преплашен до смрт. Огромен, непознат страв му го стегаше срцето. Долго време помина пред повторно да прозбори. А тогаш, праша: „Зошто го убила глушецот?“
„Затоа што…“ се колебаше мајката. „Ајде, да побрзаме“, рече таа, небаре се сети на нешто во моментот и заборави на прашањето. Почна да чекори побрзо, а Бамби потскокнуваше зад неа.
Следуваше долга пауза. Повторно чекореа во тишина. Најпосле, Бамби потиштено праша: „И ние ли еден ден ќе убиеме глушец?“
„Не“, му одговори мајката.
„Никогаш?“ праша Бамби.
„Никогаш“, одговори таа.
„Зошто не?“ праша Бамби и му падна камен од срцето.
„Затоа што ние никогаш не убиваме ништо“, едноставно му одговори мајка му.
Бамби повторно се развесели.
Од еден млад јасен покрај нивната патека се слушна силно крескање. Мајката продолжи да чекори без да ги забележи, но Бамби љубопитно застана. Горе на гранката се расправаа две сојки околу некое гнездо што го ограбиле.
„Губи се, убиецу!“ извика едната.
„Не туку гракај, глупачке“, ù одговори другата. „Не ти се плашам.“
„Гледај си ги твоите гнезда“, извика првата, „во спротивен случај ќе ти ја скршам главата.“ Беше разулавена од гнев. „Каков простотилак!“ закреска. „Каков простотилак!“
Другата сојка го забележа Бамби и скокна неколку гранки подолу за да му се развика. „Што си зјапнал, ти изроду мал?“ вресна.
Бамби преплашен побегна. Ја стигна мајка му и продолжи да чекори покрај неа, исплашено и послушно, мислејќи дека таа не забележала дека го нема.
По извесно време, ја праша: „Мајко, што е тоа простотилак?“
„Не знам“, одговори мајка му.
Бамби размислуваше извесно време, па продолжи да зборува. „Мајко, а зошто се толку лути една на друга?“ ја праша.
„Се расправаа за храна“, му одговори мајка му.
„И ние ли некогаш ќе се расправаме за храна?“ праша Бамби.
„Не“, рече мајката.
„Зошто не?“ праша Бамби.
„Затоа што има доволно храна за сите нас“, му одговори мајка му.
Бамби сакаше да знае уште нешто. „Мајко“, почна тој.
„Што е?“
„А ќе си бидеме ли лути еден на друг, понекогаш?“ ја праша.
„Не, мило мое“, рече мајката, „ние не правиме такви работи.“
Продолжија да чекорат заедно. Одеднаш пред нив стана сосема светло. Стана ужасно многу светло. Веќе немаше грмушки и ползавци – дојде крајот на патеката. Уште само неколку чекори напред и ќе излезат на светлата широчина што се простираше пред нив. Бамби сакаше да потскокне напред, но мајка му застана.
„Што е ова?“ ја праша нестрпливо, веќе видно возбуден.
„Тоа е ливада“, одговори мајка му.
„А што е тоа ливада?“ настојуваше Бамби.
Мајка му го пресече. „Набрзо ќе дознаеш самиот“, рече таа. Одеднаш таа стана многу сериозна и внимателно почна да гледа наоколу. Стоеше неподвижна, држејќи ја главата високо подигната и напнато наслушнуваше. Длабоко дишеше и изгледаше многу, многу строго.
„Во ред е“, рече таа најпосле, „можеме да излеземе на ливадата.“
Бамби потскокна нанапред, но мајката му го попречи патот.
„Почекај додека не те викнам“, рече таа. Бамби повторно ја послуша и остана мирен. „Така, одлично“, го пофали мајка му. „А сега, слушај ме внимателно што ти зборувам.“ Бамби забележа колку сериозно зборува мајка му и многу се возбуди.
„Не е толку едноставно да се шета по ливадата“, продолжи мајка му. „Тоа е многу тешка и опасна работа. Не ме прашувај зошто. Ќе дознаеш подоцна. Засега, прави точно така како што ќе ти кажам. Договорено?“
„Да“, вети Бамби.
„Добро“, рече мајка му. „Прво ќе излезам јас сама, а ти остани тука и чекај. И никако не тргај го погледот од мене. Ако почнам да трчам, сврти се назад и трчај најбрзо што можеш. Јас, секако, ќе те стигнам.“ Замолчи и се замисли. Потоа, продолжи убедливо: „Значи, трчај колку што те држат нозете. Трчај, дури и ако се случи нешто… дури и ако видиш како паѓам наземи… Не грижи се за мене, разбра? Што и да видиш или чуеш, почни веднаш да трчаш и само трчај најбрзо што можеш. Ќе ми го ветиш тоа?“
„Да“, рече Бамби тивко. Мајка му беше толку многу сериозна.
Таа продолжи да зборува. „Но, кога ќе те повикам да дојдеш“, рече таа, „не смееш да гледаш наоколу и да поставуваш прашања, туку веднаш мораш да застанеш зад мене. Нека ти влезе тоа во главата. Трчај, без застанување и без размислување. Ако јас почнам да трчам, тоа значи дека и ти треба да трчаш. И нема запирање додека не се вратиме повторно тука. Нема да заборавиш, така?“
„Нема“, рече Бамби, малку загрижено.
„А сега, јас ќе излезам на ливадата“, рече мајка му и изгледаше малку посмирено.
Зачекори напред. Бамби, кој ниту во еден момент не го тргна погледот од неа, гледаше како таа се движи напред со бавни, претпазливи чекори. Стоеше во место, целиот во исчекување, исполнет со страв и љубопитност. Гледаше како мајка му наслушнува кон сите правци, ја виде како се згрчи, па се згрчи и самиот, подготвен да скокне назад во шумата. Но, тогаш мајка му повторно се смири. Се протегна, па задоволно се сврте и му рече: „Ајде!“
Бамби потскокна напред. Го преплави толку голема радост, што за миг заборави на сите свои грижи. Во густата шума над себе можеше да ги види само зелените крошни на дрвјата. И одвреме-навреме ќе видеше и трошка сино небо.
А сега го гледаше целото синило на небото, високо и пространо, и тоа го направи многу среќен, иако не знаеше зошто. Во шумата имаше видено само тенки сончеви зраци, кои ѕиркаа од некаде, или треперлива светлина, која си поигруваше меѓу гранките. А сега одеднаш стоеше среде заслепувачкото жешко сонце што силно светеше над него. Стоеше среде сјајната жештина што го тераше да ги затвори очите, но која му го отвори срцето.
Бамби беше како маѓепсан. Целиот беше избезумен од задоволство. Беше просто полуден. Скокна високо во воздух трипати, четирипати, петпати. Едноставно, така му доаѓаше. Чувствуваше ужасна желба да рипа и да потскокнува. Весело ги испружи кревките ножиња. Дишеше длабоко и лесно. Го пиеше воздухот. Слаткиот мирис на ливадата го правеше толку многу среќен што мораше да потскокнува наоколу.
Бамби беше срнче. Да беше дете, ќе врескаше од среќа. Но, тој беше срнче, а срнчињата не умеат да врескаат, барем не како што умеат децата. Па, тој се радуваше со ножињата и со целото свое тело додека весело потскокнуваше во воздухот. Мајка му стоеше покрај него и се радуваше. Гледаше дека Бамби е полуден од среќа. Го гледаше како скока во вис и потоа беспомошно паѓа наземи на истото место. Гледаше како гледа околу себе, збунет и опиен, и повторно како скока нагоре и нагоре. Јасно ù беше дека тој ги познава само тесните шумски патеки и дека во овие неколку денови од неговиот млад живот се беше навикнал само на теснотијата на честакот. Тој не се поместуваше од истото место затоа што сè уште не знаеше како да трча слободно низ ливадата.
Па, таа ги испружи предните нозе и малку се наведна, му се насмевна на Бамби, па одеднаш силно скокна и почна да трча во круг толку брзо, што тревата околу почна да шишти.
Бамби беше исплашен и неподвижно стоеше. Дали тоа беше знак дека треба да бега назад во шумата? Мајка му му рече: „Не грижи се за мене, разбра? Што и да видиш или да чуеш, почни веднаш да трчаш и само трчај најбрзо што можеш“. Беше спремен да се сврти и да почне да трча колку што го држат нозете, како што таа му беше наредила, но во тој момент мајка му дотрча до него. Пристигна со милозвучен шум и застана на два чекора од него. Потоа се наведна исто како и првиот пат, му се насмевна и му довикна: „Фати ме!“ И повторно за миг ја снема.
Бамби беше збунет. Што сакаше да му каже? И потоа мајка му повторно се врати, трчајќи толку брзо, што му се замагли пред очите. Го поттурна со муцката по слабините и набрзина му рече: „Обиди се да ме фатиш!“ И повторно истрча како стрела.
Бамби почна да трча по неа. Направи неколку чекори. Потоа неговите чекори се претворија во лесни потскокнувања. Имаше чувство како да лета без најмал напор од негова страна. Имаше простор под неговите копита, простор под неговите нозе што лебдеа во воздух, имаше простор и уште простор. Бамби беше целиот обземен од радост.
Тревата прекрасно шушкаше и му одѕвонуваше во ушите. Таа беше мека како свила и нежно го галеше по кожата. Истрча еден круг околу ливадата. Потоа се сврте назад и истрча уште еден круг, па уште еден. Не престануваше да трча.
Мајка му стоеше во место и земаше здив. Го следеше Бамби со погледот. Беше подивен.
Одеднаш трчањето заврши. Тој престана да трча и дојде до мајка си, елегантно поткревајќи ги копитата. Весело ја погледна. И потоа задоволно фатија да шеткаат еден до друг.
Откако излезе на отворено, Бамби со целото свое тело ги чувствуваше небото, сонцето и зелената ливада. Фрли кус заслепувачки поглед кон сонцето и веднаш ги почувствува неговите зраци како топло го галат по грбот.
Почна да ја впива ливадата и со поглед и да ужива во неа. Нејзините убавини го восхитуваа со секој нов чекор што го правеше. Овде не се гледаше голата земја како во шумата. Секое нејзино делче тука беше покриено со зелена трева. Таа раскошно се лелееше и се брануваше. Нежно се виткаше под секој негов чекор и веднаш потоа повторно се креваше како недопрена. Широката зелена ливада беше ишарена со ѕвездички бели ради, тркалезни црвени и виолетови расцветени пупки детелина и блескави златни глуварчиња.
„Погледни, мајко! Види!“ извика Бамби. „Онде има еден цвет што лета.“
„Тоа не е цвет“, рече мајка му. „Тоа е пеперуга.“
Бамби восхитено зјапаше во пеперугата. Таа бескрајно нежно се одвои од едно стебленце трева и колебливо одлета нагоре. Потоа Бамби забележа дека над ливадата летаат цел рој пеперуги. Леткаа во воздухот горе, навидум брзо, а сепак бавно, нагоре-надолу, како во некоја игра, која го воодушеви. Навистина личеа на некои весели разлетани цветови што веќе не сакале да седат врзани на своите стебла и одлетале нагоре за да танцуваат во воздухот. Или, пак, на цветови што се спуштиле наземи од сончевите зраци и сè уште немаат свое место на ливадата, па пребирливо го бараат, се спуштаат надолу и ги снемува, небаре се сместиле некаде, за да се вивнат потоа повторно горе, најпрвин малку, а потоа сè повисоко и повисоко, и непрестајно бараат сè подалеку и подалеку, бидејќи сите добри места се веќе зафатени.
Бамби гледаше во сите нив. Силно посакуваше да може да види една одблизу. Сакаше да види барем една од нив, но никако не успеваше да им се приближи. Тие постојано леткаа нагоре-надолу и го исполнуваа воздухот со возбуда.
Кога повторно го спушти погледот надолу, се воодушеви од илјадниците живи животинки што ги забележа како врват до неговите копита. Трчаа и скокаа на сите страни. Ќе видеше цел збрлавен рој инсекти кои потоа веднаш исчезнуваа под тревата.
„Што се тие, мајко?“ праша.
„Тоа се мравки“, одговори мајка му.
„Види!“ извика Бамби. „Види како скока онаа тревка. Види колку високо скока!“
„Тоа не е тревка“, му објасни мајка му, „тоа е убав скакулец.“
„Зошто скока така?“ праша Бамби.
„Затоа што ние се движиме тука“, му одговори мајка му. „Се плаши да не го згазнеме.“
„О!“ рече Бамби, вртејќи се кон скакулецот кој седеше на една бела рада. „О“, љубезно повтори, „нема зошто да се плашиш, ние нема да те повредиме.“
„Не се плашам“, му одговори скакулецот со растреперен глас. „Само за момент се исплашив додека разговарав со мојата сопруга.“
„Прости што ве вознемиривме“, рече Бамби срамежливо.
„Нема гајле“, треперливо изусти скакулецот. „Штом се работи за вас, сè е сосема во ред. Но, никогаш не се знае кој сè може да помине и мора да се биде внимателен.“
„Првпат доаѓам на ливадава“, му објасни Бамби. „Мајка ми ме донесе…“
Скакулецот седеше со спуштена глава, небаре ќе напаѓа. Лицето му доби сериозен израз и промрмори: „Тоа воопшто не ме интересира. Јас немам време да седам тука и да правам празни муабети со тебе. Морам да си ја најдам сопругата. Оп!“ И скокна.
„Оп!“ рече Бамби, изненаден од високиот скок со кој исчезна скакулецот.
Бамби дотрча до мајка си. „Мајко, јас зборував со него!“ извика.
„Со кого?“ праша мајка му.
„Со скакулецот“, рече Бамби. „Разговарав со него. Беше многу љубезен со мене и многу ми се допаѓа. Прекрасен е и зелен и од страните е проѕирен. Личи како да има прикачени лисја, но лисјата не се проѕирни.“
„Тоа се неговите крилја“, рече мајка му.
„О!“ извика Бамби. „А лицето му е толку сериозно и мудро. Ама, како и да е, беше многу љубезен кон мене. А уште па и како скока! ’Оп!‘ ми рече тој и скокна толку високо што веќе не можев да го видам.“
Продолжија да шетаат. Разговорот со скакулецот многу го возбуди Бамби и малку го беше изморил, бидејќи му беше првпат да зборува со некој непознат. Почувствува глад и се притисна до мајка си за да цица.
Потоа стоеше така тивко и одредено време зјапаше замислено во просторот околу себе со еден вид весела екстаза што секогаш го зафаќаше по цицањето. И тогаш, во густата трева забележа како се движи еден шарен цвет. Бамби се загледа малку подобро. Не, тоа не беше цвет, туку пеперуга. Бамби внимателно се доближи до неа.
Пеперугата застана на една тревка и бавно затрепери со крилјата.
„Те молам, не мрдај“, ù рече Бамби.
„Зошто да не мрдам? Па, јас сум пеперуга“, му одговори таа вчудовидено.
„Ах, те молам, не мрдај, само на минутка“, ја молеше Бамби. „Многу силно посакував да те видам одблизу. Те молам.“
„Добро“, рече пеперугата. „Ќе поседам малку мирно само за тебе, ама не за долго.“
Бамби застана пред неа. „Колку си прекрасна!“ извика воодушевено. „Колку неверојатно прекрасна си, како цвет!“
„Што?“ извика пеперугата, размавтувајќи со крилјата. „Дали рече дека сум како цвет? Во нашите кругови владее мислењето дека сме поубави од цвеќињата.“
Бамби се почувствува засрамено. „О, да“, пропелтечи, „многу поубава од цвет. Прости, јас само мислев…“
„Што и да си мислел, мене баш ми е сеедно“, одговори пеперугата. Ги склопи крилјата, го свитка своето вито телце и суетно ги затресе своите нежни пипала.
Бамби како маѓепсан гледаше во неа. „Колку си елегантна!“ ù рече. „Елегантна и убава! И колку многу ти се прекрасни и бели крилјата!“
Пеперугата ги рашири крилјата, па потоа ги подигна нагоре додека не се споија како кренато едро.
„О!“ извика Бамби. „Знам дека си поубава од цвеќињата. Освен тоа, ти умееш и да леташ, а цвеќињата не можат да летаат затоа што растат на стебла.“
Пеперугата ги рашири крилјата. „Доволно е тоа“, рече таа, „што јас умеам да летам.“ И толку лесно и брзо одлета, што Бамби едвај успеваше да ја види и да го следи нејзиниот лет. Крилјата ù се движеа нежно и грациозно. И потоа слезе долу и лебдеше во воздухот пред него.
„Само поради тебе стоев толку долго во место“, му рече таа на Бамби, мавтајќи со крилјата пред него. „Но, сега си одам.“
И така Бамби ја запозна ливадата.

Извадок од книгата: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (прв дел)
Едиција: Детски класици
Издавач: „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитај го следниот дел од книгата.

5 thoughts on “„Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (прв дел)

  1. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (втор дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (втор дел) | Literatura.mk

  3. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (трет дел) | Literatura.mk

  4. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (четврт дел) | Literatura.mk

  5. Пингување: „Бамби. Животот во шумата“ од Феликс Салтен (5 дел) | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.