Јана Мишо препорачува топ 5 книги за читање дома

Авторката на популарните романи за млади: „Анаис од Монмартр“, „Скоро парижанка“ и „Јас сум Миа“, и на изданието „Како се оди во Париз: прирачник со дневник за патување“ , Јана Мишо, покрај тоа што работи на своите нови книги, обожува да чита литература од различни жанрови. Таа ни ја испрати својата предог листата со топ 5 книги кои може да ги прочитате за време на домашната изолација. Книгите се во издание на „Арс Ламина“, а се достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.

1. „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Марк Хадон


Книга што секогаш прва ќе ја препорачувам од репертоарот на „Литература.мк“ е „Чудна случка со кучето во ноќта“. Тоа е такво едно ингениозно дело, што просто си благодарен на тој што ти го препорачал откако ќе го прочиташ. Ја читав на англиски пред неклку години, ама сега сум пресреќна што е преведена кај нас и што уште повеќе луѓе што ги познавам ќе имаат прилика да ја прочитаат. Неверојатно добра, уникатна и умешно раскажана приказна. Веднаш да сте ја прочитале.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

2. „Непокорниот живот на Вуди Ален“ од Мерион Мид


Не знаев што да очекувам кога ја почнав оваа книга, и бев со блага резерва затоа што е сепак неавторизирана биографија, ама книгава беше одлично искуство. Писателката уредно истражила и се потрудила да го претстави неговиот живот од сите можни аспекти, во сите периоди, без грам пристрасност. Можеби му е фан, можеби не му е, ама грдиот судски случај е претставен без држење страна. Подемите и падовите исто. Преку собрани статии и прилози за него, со користење на јавни изјави од колеги, роднини и пријатели, Мерион Мод има завршено супер работа. Останува да видиме што ќе се совпадне со неговата автобиографија (ако некогаш му дозволат да ја издаде).
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

3. „И така ви велам“ од Џон Клиз


Во моментов ја читам „И така ви велам“ од Џон Клиз и презабавно е. Класична автобиографија, што почнува од детство (Џон Клиз се презира себеси како дете), до неговите родители, годините во школо (и до тука сум), ама Џон Клиз на секоја страница нѐ чести со цинизам и презир кон глупи работи, па цело време имаш чувство дека си добил некаков подарок читајќи го.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

4. „Сѐ е за*бано“ – Марк Менсон

Планирам да почнам да ја читам „Сѐ е за*бано“ затоа што првата, „Е, баш ме заболе“ ми остави одличен впечаток. Марк Менсон одлично се снаоѓа во овој збунувачки, хаотичен свет. Свесен е дека сите мислиме дека сѐ ни се случува нам и дека светот се врти околу нас, па се обидува да ни објасни дека „не е толку страшно, де“, плус кажува и како да не драмиме толку.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

5. „Човештина“ од Сибо

Книга што може совршено да се вклопи во ова време на самоизолација, особено со еден од расказите во неа, е „Човештина“ на Сибо. Расказите се ’Блек Мирор‘ пред „Блек мирор“, привлечни, вознемирувачки и вистински. Расказот што го спомнав е „Последните страници од дневникот“, за последниот човек на светот. Крајно незгоден и добар. Па, расказ со наслов „Зајди, зајди“ и прашање – што ако земјата престане да се врти?  каде што една медицинска сестра раскажува за многу пострашна криза од реалнава и нѐ потсетува во какви удобности уживаме сега. Тешка, возбудлива, одлична.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

ПЛУС: Слушнав дека во „Литература.мк“ ќе се продава и „Девет“ од Славимир Стојановиќ – Футро. За тоа, само ќе ви пренесам еден Фејсбук статус што го напишав под силни импресии: „Само што завршив со читање на Девет од Славимир Футро, и тоа е од оние романи, што како писател си викаш, ‘Јас вака не знам’, и скроз ти е во ред тоа сознание“.
„Девет“ е пример за тоа како приказната може да биде „вртлог од емоции“, а притоа да нема ниедна патетична нишка (освен кога авторот налага да ја видиме), без настаните да бидат тенденциозно бирани да инсистираат на соживување, без да биде „emotion porn“, туку е чиста, ненаметлива, човечка приказна. И кога викам „емоции“, не викам „спремете си паломи“, иако ми затребаа; викам спремете се за 2-3 шамари. Отсекогаш ме фасцинирала таа ненаметливост кај еден уметник, тоа отсуство од барање разбирање и потврда. Наместо тоа, Футро раскажува за лик кој животот го поминува барајќи одобрување – без да бара одобрување од читателот. Најхемингвејски, без ниеден посебен опис, само со повремено, суптилно китење, без непотребно падавичарење, без таа скапана кованица „машки солзи“, со мирен тон, течно раскажување, без претенциозност, со комплетно познавање на сите свои ликови, фантастично минималистички извезено, како да му е плакат. Ја читав во оригинал, затоа што преводот на македонски допрва треба да излезе, и топло, најтопло на свет ја препорачувам. Знам дека е март, ама некако ми се чини дека ќе ми биде најдобра прочитана книга годинава.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.